Powered By Blogger

1. 3. 2014.

Пелистер поразен без „испукан куршум„

НАЈЛОШОТО ИЗДАНИЕ НА ПЕЛИСТЕРЦИ ОВАА СЕЗОНА, КАЗНЕТО СО ЧЕТИРИ ГОЛА И ТЕЖОК ПОРАЗ ОД РАБОТНИЧКИ
Прва фудбалска лига - 20 коло

Работнички - Пелистер 4:0 (2:0)

Национална арена „Филип втори„ - Скопје. Гледачи: 100
Главен судија: Горан Спиркоски
Асистенти: Илчо Јорданоски и Златко Митрески (сите од Прилеп)
Делегат: Борче Мирчевски (Тетово)
Стрелци: Илијоски во 36 и 43, Маневски во 50 и Тодоровски во 85 минута минута за Работнички
Жолти картони: Миленковски (Пелистер)
Црвени картони: нема

Работнички:
Стојчев, Најдоски, Тодоровски, Вујчиќ, Маневски (од 70м. Трајчевски), Силјановски, Велковски (од 77м. Петров), Петровиќ (од 67 Сулејманов), Милушев, Илијоски, Илиевски

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Мојсов, Ковачев, Миленковски,  Христов, Анастасов, Елмазовски (од 63м. Мустафов), Љамчевски (од 46м. Марковски), Љубенов(од 82м. Ристевски), Воденичаров

Играч на натпреварот: Блаже Илијоски (Работнички)

                По одлично време за фудбалски натпревар Пелистер од националната арена „Филип втори„ го започна пролетниот дел со обид да се врати во фудбалска Европа. Драгарски не успеа да се опорави и на негово место како централен дефанзивец Бочевски го постави Мојсов. Веќе во петтата минута домаќините ја имаа првата шанса кога по центаршутот на Тодоровски, од левата страна топката ја врати Вујчиќ, а за малку задоцни Маневски. Се играше 21 минута кога Милан Илиевски изведе корнер, највисоко скокна Милушев и биеше со глава, но неговиот удар заврши крај стативата. Првата закана на битолчани беше млакиот шут на Елмазовски во 23 минута, кој лесно го скроти Стојчев. Бугарскиот голман беше невнимателен во 34 минута, па малку недостигаше Петар  Љамчевски тоа да го казни. Најубавата акција во првиот дел се случи во 36 минута. Борче Маневски мина по левата страна, центрираше во срцето на казнениот простор, таму се придодаде меѓу двајцата централни дефанзивци Блаже Илијоски и ја втурна топката крај немоќниот Пашовски. Работнички поведе и се осоколи. Во самиот финиш на полувремето, дебармаалци го зададоа завршниот удар во овој натпревар. Најнапред Пашовски со прекрасна парада го одби ударот на Маневски, но во продолжението на акцијата, Тодоровски додаде до Илијоски, кој ја прими топката на петерецот и од свртување со левата нога ја погоди битолската мрежа. Прелесно мотивираниот Работнички на Игор Ангеловски го „скрши„ отпорот на бледиот тим на Пелистер. На почетокот на второто полувреме Драган Бочевски го внесе Благојче Марковски на местото на Љамчевски и зелените го сменија системот на игра и напаѓаа со двајца класични напаѓачи, како би се вратиле во натпреварот. Но многу брзо стигна потврдата на домашната победа. Откако во 48 минута Борче Маневски од волеј биеше високо преку голот, само минута подоцна ја погоди и мрежата. Акцијата беше погрешна офсајд стапица на битолчани, по која Илијоски биеше, Ковачев од самата гол-линија ја одби топката, а Маневски од 3-4 метри ја смести во мрежата за убедливи 3:0. Во 63 минута откако домаќините преку Тодоровски имаа шанса и за четврт гол, во игра влезе Бурхан Мустафов на местото на Илир Елмазовски. Домаќинот лесно го приведе мечот кон крај, а Пелистер остана без реакција. Летаргијата ја разби Љубенов со добро изведен слободен удар од 30 метри, но неговиот сонародник Стојчев беше сигурен. Во 78 минута Илијоски изби сам пред Пашовски и можеше одличниот меч да го заокружи со хет-трик, но шутираше крај голот на битолчани. Во 85 минута по акцијата на Илијоски и неговиот удар, гостинскиот голман Пашовски одби, а Благоја Тодоровски од неколку метри ја запечати судбината на битолчани. Две минути подоцна пак се затресе гостинската мрежа, но овој пат Илијоски беше во недозволена позиција. Прелесно екипата на Работнички ги прокнижи првите пролетни бодови, а Пелистер како сеуште да е на одмор, делуваше тотално отсустно и не го ни испоти квалитетниот тим на Ангеловски.            

  

Нема коментара:

Постави коментар