Powered By Blogger

20. 11. 2013.

Дали Европа и натаму е водечкиот фудбалски континент?

ПОЛЕКА СЕ НАЗИРА ХОРИЗОНТОТ КОН БРАЗИЛ, НО КОЈ КОНТИНЕНТ Е ФАВОРИТ ЗА ЗЛАТНАТА БОГИНКА НА 204 ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА МУНДИЈАЛОТ?
Вечната битка меѓу Европа и Јужна Америка е лајтмотив на фудбалските љубители скоро цел еден век. Голема изедначеност ќе пронајдат статистичарите скоро во сите клучни споредби меѓу двата најфудбалски континенти. 10-9 за Европа во освоени светски првенства и 27-26 за Јужна Америка во светски клубски титули, јасно ја покажуваат израмнетоста во најважните соочувања на континентот на талентот и забавата и на овој нашиот многу помодерен, избалансиран, тактички позрел.
Но разликата во парите е огромна. Американскиот континент не може да се доближи до сумите кои се вртат во Европа, во парите кои клубовите ги трошат за обештетување и за годишни плати. Но и покрај таа разлика на теренот, сеуште постојат важни детали кои ги прават јужноамериканските клубови и репрезентации компетитивни, па во некои споредби дури и подобри. Денес во Бразил се концентрирани парите и моќта на клубовите од целиот континент. Со растот на економијата во оваа земја, сега веќе не заминуваат по секоја цена бразилските таленти во Европа. Кога ги имате Роналдињо и Пато назад во својата лига, расте и интересот на спонзорите, клубовите продаваат повеќе и ја полнат касата. Така денес за да можете да купите одличен бразилец од Бразилерао ќе треба добро да го одврзете кесето. Ништо под 20 милиони евра. Дури и самите фудбалери добиваат високи плати, а некои скоро и да немаат потреба да размисливаат за Европа. Нејмар во Сантос имаше статус како Бекам во најдобрите денови. По Роналдињо највисока плата на континентот, 10 спонзорски договори од кои годишно заработува најмалку 5 милиони долари. Знаеме колку пари плати Челзи за Оскар, ПСЖ за Лукас Моура, Шахтар за Бернард, како понуди пристигнуваат за Фред иако има преку 30 години, како Леандро Дамјао не може во Европа за под 30 милиони евра и слични примери. Денес првак на Јужна Америка е Атлетико Манеиро на Роналдињо и на одличниот тренер Кука. Оваа екипа има проблеми со континуитетот, но со инвидуалци како Жилберто Силва, Хесус Датоло, Диего Тардели, Фернардињо, Жо, Ричарлидсон и секако Роналдињо може секого да победи. До душа да се совлада Баерн на мундијалот за клубови во Мароко изгледа како невозможна мисија. Ретко кој би се одложил на Атлетико Минеиро, но никој не типуваше ни на Коринтијанс на парагваецот Гереро минатата година, па го доби и тоа лесно и заслужено Челзи. Покрај бразилските клубови рапидно расте рејтингот и на клубовите во Мексико. Тоа се двете најбогати лиги, а каде што се парите, таму ќе го препознаете и квалитетот. На пример падот на аргентинската лига е видлив, а главна причина за тоа е економскиот пад, кој го чувствуваат „гаучосите„ веќе цела една деценија. Клуб Америка е во овој момент најквалитетната и најбогата екипа во Мексико. Со Москера, Леал, Хименез, Молина, Самбуеса овој клуб има и резултати и потенцијал за десетици милиони во клубската каса по нивна продажба во Европа. Или Сантос Лагуна со Фигеороа, Куевас, Ороско, Рентериа и Кросас. Ако некој јужноамерикански фудбалер денес гледа највисока заработка, гледа прво во Бразил и Мексико. Дури потоа во Европа. Нешто што во време на големата јужноамериканска економска криза беше невозможно. Денес како последица на растот на школите и доброто програмирање во Јужна Америка, скоро половина континент игра главна улога на големите приредби. Не беше случајно што пред три години во Јужна Африка сите пет јужномарикански селекции минаа во осминафиналето, како и Мексико, што процентуално е преку 30%. И во Бразил наредната година треба да се очекува нешто многу, многу слично. Дури и предусловите се дека скоро сите шест јужномарикански репрезентации се посилни од петте од пред три и пол години. Единствената измена е Еквадор место Парагвај, но тоа малку менува во хиерархијата на латинските сили. Генерално премногу филозофираме со анализа, споредба на играчкиот кадар, нагаѓања и слично. Мундијалот е многу тежок ментален турнир. Тоа се на крај на краиштата само седум натпревари како и сите други. Теоретски мундијал се освојува и со само 2-3 победи во регуларниот тек. Не мора да се добијат сите 7 меча. На пример Аргентина 1990 година доби само два меча во регуларните 90 минути, па играше финале. Или пак во одбратен контекст - Бразил на Дунга беше хирушки прецизен во Јужна Африка, но две грешки на голманот Цезар го расипаа впечатокот. Се што сега говориме, споредуваме е минливо. Каква ќе биде хемијата во тимот, физичката спрема, среќните околности околу повредите на клучните фудбалери, па и многу често во блиското минато судиските грешки, деталите, пенал рулетот. Впрочем Бразил 1994 и Италија 2006 станаа светски прваци по изведување на пенали, на златото на Аргентина во 1978 година му претходеше сомнителен натпревар во групната фаза (Аргентина - Перу), а и Германија 1990 стана светски првак со гол од пенал во финалето. Понекогаш имате ситуација да победите се и сешто како Бразил на Сколари 2002 година (седум од седум) но тоа ниту беше најсилниот Бразил (не беше дури ни меѓу првите кандидати), ниту ќе биде запаметен како Бразил кој играше најубав фудбал. Но победи, а Сколари знае како се победува и со клуб и со репрезентација. Поентата ми е што иако сите анализираме, уште сме рано од одмотување на мозаикот, кој дури во мај ќе го назира патот кон „златната богинка„ До тогаш само по некоја предпоставка како оваа мојата ќе добие на тежина дури откако ќе завршат националните првенства во мај и ќе се наближува рокот за пријава на 23-та фудбалери од секоја репрезентација. Мојот тип е дека пак не очекува мундијал со доминација на јужноамериканските селекции, со тоа што овој пат има и дебела традиција во податокот што никогаш европска селекција не освоила светско првенство кога домаќин била земја од Америка. 
Еве да одиме по обратен редослед. Од Европа Германија и Италија се веројатно најголемите адути на нашиот континент, плус Шпанија која мислам дека е компетитивна дури откако Диего Коста за дебели пари преку ноќ се одлучи да игра за Шпанија, а не за родниот Бразил. Европскиот првак знае дека Негредо, Виља, Торес, Солдадо, Љоренте се добри напаѓачи, но Диего Коста е категорија над сите нив. И со тоа што ќе игра за Шпанија, нема да игра за Бразил на кого му фали како леб насушен гол играч како Диего Коста, се менуваат работите. Значи Германија, можеби Италија и Шпанија во зависност од мотивацијата и уморот на некои фудбалери од клубската сезона. Старите гиганти и новиот модерен доминатор. Во сите други не верувам, ама баш ни малку. Холандија има одлични инвидуалци, но одбрана како „швајцарско сирење„ а големите турнири се добиваат со инвидуална и колективна одбрана. Холандија денес нема елитен централен дефанзивец, само скромни бекови, а и Снајдер, Ван дер Варт и Робен го дадоа најдоброто од себе во минатото.Ван Гал им е единствениот адут. За Англија не ни помислувам да зборувам. Никогаш не ни била и нема да биде некаков си кандидат. Нема играчки кадар, нема врвен селектор, нема добар биланс кога игра во Јужна Америка. Со еден збор, ни самите англичани не веруваат дека можат да станат светски прваци, па зошто би верувал јас. Дури и за европските селекции од втор ред како Швајцарија, БиХ, Грција, Хрватска, Русија, Португалија, необичната Франција, па и толку извиканата Белгија сметам дека ова првенство ќе биде многу негативно, за некои од оваа група дури и фатално. Едно потенцијално изненадување веројатно ќе се појави, но за подалеку од четвртфинале искрено не верувам. Од друга страна имаме шест јужноамерикански селекции и Мексико, кои се многу комплетни и скоро сите (можеби со исклучок на Аргентина) доаѓаат со долгогодишен проект, одлична селекција, правилен избор на селектор и слично. А и не се само овие седум селекции. Тука се и САД, Хондурас и Костарика и нивното доближување до мундијалот е подложно на друг тип на анализа, но дека се „топовска храна„ тоа одамна не се и сигурно имаат свои сметки во Бразил. 
Еве видете ја Колумбија. Иако по долги години се враќа на светските првенства, Колумбија пред две години целиот систем на национални репрезентации му го довери на Хозе Пакерман. Бившиот аргентински селектор, одличен визионер, љубител на офанзивен, но и добро избалансиран фудбал, мина перфектни квалификции. Колумбија денес е за 200% поголем  произведувач на големи фудбалски имиња во Европа, за разлика од пред 10-15 години. Во овој момент првиот светски напаѓач Радамел Фалкао е додадена вредност на оваа репрезентација, која посебно во нападот има безброј решенија. Со години голот го чува Оспина од Ница, одбранбениот зид го сочинуваат Запата, Переа и Јепес и експлозивните странични фудбалери Армеро и Зунига од Наполи. Ако некаде може да се пронајде маана на овој колумбиски тим е зачетокот во организацијата на играта. Имаат ли доволно креација во редот за врска? Гуарин, Санчез и Агиљар во средината и Џејмс Родригез и Квадрадо на крилните позиции се исто така перфектна симбиоза. А шлагот на тортата доаѓа со напаѓачите. Покрај недопирливиот Фалкао, за едно место покрај него ќе се борат Џексон Мартинез, Муриел, Тео Гутиерез, Квинтеро, Ибарбо, Рамос и Карлос Бака. Играчки ростер да го фати страв секој противник. Дополнителна тема е во каква форма ќе дојдат клучните фудбалери во јуни наредната година и ментално колку ќе веруваат дека можат далеку во Бразил. Тука е главната работа на Пакерман. А за квалитет имаат за извоз. 
Скоро идентична е приказната на Чиле. Уште една репрезентација со многу талент, физичка и груба игра и за разлика од Колумбија адут повеќе во искуството и континуитетот. Контурите на оваа чилеанската репрезентација ги постави Марсело Биелса. Чуден и методичен стручњак со опсесивна посветеност пред се во тактичките варијанти. Но Биелса ја заврши својата мисија со пласманот во втората фаза во Јужна Африка, а на негово место дојде Хорхе Сампаоли. Авторитетни квалификации, надограден играчки кадар и стартни 11 кои не се плашат да играат баш против секого во светот. Голот со години го чува Клаудио Браво од Реал Сосиедад. Одбранбениот ред им е најмалку искусен дел од тимот, но Исла, Хара, Мена и Гери Медел се искусни и сите сличен профил на фудбалери. Средниот ред и нападот скоро да немаат недостатоци. Давид Пизаро и Артуро Видал во организацијата на играта, Кармона, Валдивиа, Мати Фернандез и младите Марсело Диаз од Базел и Фелипе Гутиерез од Твенте ќе му создаваат грижи на селекторот кого да избере. Како и во случајот на Колумбија напаѓачите се најмногубројни. Алексис Санчез е новиот Салас, а покрај него еднакви шанси за стартно место имаат Еду Варгас, Босежур и Пиниља. Изградена репрезентација, која со малку среќа може да испише историја.
Со самата „лична карта„ како првак на Јужна Америка и четврта сила од последното светско првенство, Уругвај на Оскар Вошингтон Табарез си обезбедува улога на фаворит од сенка. Детално анализирано тоа не е истата селекција и мака мачеше и во овие квалификации, за преку бараж да го види Бразил. Двете големи звезди во последната деценија Диего Форлан и Диего Лугано се во залез на кариерата и можеби ќе бидат дел и од ова светско првенство, но се ни одблиску во посакуваната форма и не ја прават разликата на теренот како во Јужна Африка. Целиот тим со исклучок на напаѓачите го чувствува тој пад, но „урусите„ традиционално се мотивираат кога играат во Бразил. Позитивната дрскост, дуел играта, колективната одбрана се целосно нагласени кога станува збор за оваа селекција. Во оваа два милионска фудбалска сила стои тезата дека им недостига еден креативец „а ла Франческоли„ за да бидат комплетни. Ретко која селекција може да се пофали со напаѓачки тандем како Суарез - Кавани. Двајцата во најдобрите години од кариерата и на врвот на формата вредат преку 120-130 милиони евра. А кога има потреба од трет шпиц тука се Стуани, Абел Хернандез и споменатиот Форлан, кој може да игра и како плејмејкер зад споменатите двајца и како алтернатива за еден од нив. Костурот на тимот е супер искусен. Ако Колумбија и Чиле имаат генерација која доаѓа или созреала, Уругвај има група на фудбалери која минала низ се и сешто и посебно се мотивира кога игра со големите фудбалски сили. Муслера на голот е гаранција, а пред него Диего Годин, Лугано, Касерес, Скоти. Фучиле, Макси Переира, Коатес и Агирегарај ќе се борат за 4 места. Средниот ред е физички, на мускули, со многу трк, но без чиста креација. Затоа улогата на Форлан која му ја дава Табарез, се уште не е за занемарување. Гаргано, Кристијан „Севоја„ Родригез, Алваро Переира, Диего Перез, Аревало Риос, Алваро Гонзалез, Лодеиро и Гастон Рамирез е изборот од кој селекторот треба да го најде потребниот „филтер„ во средниот ред. Но оваа фаза е голем прашалник, кој го диктира и системот на игра меѓу логичниот 4-3-1-2, до најверојатните 3-4-3 како што играат „урусите„ во последно време. Џокер може да биде брзоногиот полушпиц Гонзало Кастро од Реал Сосиедад, кој штотуку зачекори во националниот тим. Селекција против која на никого не му е комотно да игра и која секогаш и секаде може да ве победи додека трепнете.     
    
Најслаб рејтинг меѓу шесте латински сили од американскиот континент има Еквадор. Националното првенство во оваа земја не е меѓу најкомпетитивните во Јужна Америка, па големите надежи или брзо доаѓаат во Европа или среќа бараат во младинските школи на аргентинските или бразилските екипи. Емелек е водечка екипа со напаѓачите Боланос и Хименез како главни звезди. Голем пад за разлика од последните сезони има Барселона од Гвајакил, која е само во средината на табелата. А јужноамериканскиот првак пред три сезони Лига де Кито, каде што играат парагвајците Вера и Бенитез скоро да се бори за опстанок, а не за врвот. Селекторот Еиналдо Руеда чекор по чекор направи компактен тим без многу звезди, но со креација и талент веројатно повеќе и од Уругвај, но тоа европското што го имаат „урусите„ го немаат жолтите од Еквадор. Цврстината на одбранбениот ред, брзата транзиција и директната игра кон противничкиот гол се недостатоците на овој млад тим, кој уште има голем простор за напредок. Тешко е да се пронајде лидер на еквадорскиот национален тим, иако одскокнува името на Антонио Валенсија од Манчестер Јунајтед. Ахилова пета на овој тим е голманската позиција каде Максимо Бангера е првиот избор, иако се наметнува и Александер Домингез. Двајцата бранат во домашното првенство. И целиот одбранбен ред се млади фудбалери кои играат до еквадорската лига и за нив ова е прв голем турнир. Такви се Арази, Паредез, Баги, Кампос и новото засилување на Фортуна Дизелдорф, Кристијан Рамирез. Најискусен во оваа зона е Валтер Ајови, кој играше и на мундијалот во Германија, каде Еквадор ја мина првата фаза, што е голем успех. Средниот ред кој е фудбалски непредвлив е најсилниот адут на оваа репрезентација. И не само заради квалитетот и искуството на Валенсија, враќањето на ветеранот Едисон Мендез (екс ПСВ) и чувството за гол на Кристијан Нобоа од Динамо Москва. Новата звезда е 22 годишниот Ренато Ибара, кој мина во холандскиот Витесе и пред него е голема кариера. Сегундо Кастиљо и Џеферсон Монтеро го комплетираат средниот ред, полн со квалитет и техника. Нападот се потпира на Фелипе Каиседо, кој игра во Локомотив, но во континуитет ги тресе противничките мрежи и за Еквадор (15 гола) За второто место во нападот кандидатура истакнуваат Енер Валенсија, Хаиме Ајови, Жоао Рохас или Фидел Мартинез. Потенцијално изненадување треба да биде Кристијан Суарез, кој настапува во мексичка Пачука. Голем пех беше смрта на Чучо Бенитез пред неколку месеци, што драстично ја падна фудбалската пасија во Еквадор и овој фудбалер и со играта и како личност ќе им недостига на еквадорците. Се на се, Еквадор е непознаница ако се гледа финалниот дострел, но целта треба и мора да биде минување на првата фаза, ако се знае дека во ждрепката ќе бидат потчинети во четвртиот барабан.
Во голема конфузија, големата фудбалска сила Аргентина ја организираше својата сегашност и иднина во последните 6-7 години. По Пакерман 2006 година, планот на „гаучосите„ не се гледаше јасно ниту со Марадона, ниту со Батиста, па ни сега со Сабеља. Едвај минати квалификации, само четвртфинале на Копа Америка организирана токму кај нив дома, па непласирање на Олимписките игри во Лондон и слично. Аргентина нема веќе најсилна лига на американскиот континент и само Естудијантес ја освоил титулата во Копа Либертадорес од аргентинските клубови во последната деценија. Дури и каде најмногу доминираа, во младинските категории, аргентинците се околу врвот, но не и на самиот врв. Впрочем светски прваци под 17 и 20 години се Нигерија и Франција, што ќе каже повеќе физички, отколку креативни репрезентации. Организацијата на играта не била секогаш силна страна на аргентинците. Нивниот темперамент често креирал игра на инвидуалци, на мотивација, на гол повеќе од противникот. Со оглед на тоа што не произведуваат така често добри дуел играчи или елитни дефанзивци и сега Аргентина ќе мора да се потпре на својот напад, кој ако не е најсилен во светот, сигурно е со најмногу солуции. Не е претенденциозно да се каже дека играта на селекцијата на Сабеља зависи од формата и здравјето на Лео Меси. Непреморен, сигурно мотивиран и тактички растеретен, Меси му треба на неговата репрезентација наредното лето, иако многумина се сомневаат дека и тоа ќе биде доволно. До сега во категоријата на легенди, кои скоро па сами ја довеле својата репрезентација до финале се Марадона (1986), Гаринча (1962), Роберто Баџо (1994) и Зинедин Зидан (2006) Во оваа категорија лесно може да влезе и Меси, познавајќи ги неговите перформанси кои се единствени и незадржливи. Токму заради Меси, кога е комплетна неговата репрезентација игра систем 4-2-3-1 со Меси веднаш зад единствениот напаѓач, кој најверојатно ќе биде Игуаин. За останатите две места фаворити се Агуеро и Ди Мариа. Солуции се Лавеци, Паласио, Икарди и евентуално ако биде повикан Тевез. Арсенал на напаѓачи каков што веројатно нема никој во светот. И како квалитет, и како компитабилност, и како алтернативи. Но како слегуваме надолу се забележуваат лимитите на Аргентина. Незаменлив во дефанзивниот ред за врска е Маскерано, а најсериозен кандидат за негов партнер е Евер Банега. Сабеља се обидува да направи баланс, но меѓу овие 6 офанзивни фудбалери, само Максерано знае да брани и често може да дојде до ситуација да биде приморан да трча за повеќе од еден фудбалер. Затоа заради дефанзивен баланс опција се и Лукас Биља и Фернандо Гаго. Системот на игра не им одговара на фудбалери како Пасторе, Рики Алварез, Гаитан или Ламела. Само доколку Сабеља игра поинаку и тие би имале шанси за поголема минутажа. Вака остануваат алтернатива за Меси, за кого веројатно ќе бидат планирани скоро сите минути на мундијалот. Во текот на квалификациите свои минути дочекаа и Ди Санто, Соса, Аугусто Фернандез, повратникот Макси Родригез. Многу квантитет, но средниот ред на Аргентина не е на нивото на оној од 1998 или 2006 година. Но Сабеља верувам дека ќе пронајде достоинствен избор во редот за врска, но не сум толку убеден кога станува збор за одбранбената линија. Денес Аргентина нема дефанзивен лидер како Ајала, Занети, Самуел, како некогаш Пасарела или Руџери. Има многу солидни фудбалери, но не и такви кои се целосна гаранција за цел еден турнир. А до сега никој не станал светски првак, а да не одиграл добра колективна и инвидуална одбрана. Токму во начинот на кој заеднички се бранат е адут на „гаучосите„ Сабеља најверојатно „конците„ на последната линија ќе му ги довери на Езекиел Гарај, кој е солиден фудбалер, но не и феномен. Во конкуренција за останатите места како централен дефанзивец се Федерико Фернендез, кој е само резерва во Наполи, Кампањаро од Интер, ветеранот Колочини, Ансалди од Зенит, Отаменди од Порто и Ронкаља од Фиорентина. Изненадување може да биде талентираниот 25 годишен Сантијаго Верџини, кој стана првак на Аргентина со Њуелс на Тата Мартино, а сега игра во Естудијантес. Изборот на бекови е исто скусен, па Забалета и Рохо (евентуално Клементе Родригез) се наметнуваат како изнудено решение. Рокада на Ронкаља десно или Кампањаро лево се резервна варијанта. Ниту голманската позиција не дава гаранции за најголеми дострели. Ромеро најверојатно ќе биде првиот избор, иако не се хиерархиски далеку ниту Андухар, ниту Устари. Генерално Аргентина е на слично високо ниво како со Марадона во Јужна Африка, но со поискусен ростер, во кој се видливи недостатоците. Не е искучена можноста за светска титула, но во овој момент има најмалку 2-3 покомплетни селекции. Но тие го немаат Меси, а тој може да биде разлика во голем дел од изедначените средби на мундијалот.       
Бразил скоро во сите комбинации, а посебно сега кога е домаќин е  фаворит број 1. Беше и пред четири години, кога можеби и ќе беше по шести пат светски првак, да не беше второто полувреме против Холандија, во тоа кобно четвртфинале, до кое „кариоките„ стигнаа со убедлива игра и одлична стратегија на Дунга. Од тогаш направија груба грешка со менување на стратегијата сред два мундијали. За селектор дојде Мано Менезес, кој комплетно ја подмлади репрезентацијата, а во Бразил ако немаш резултати дури и на пријателски натпревари, немаш ништо. Катастрофалната Копа Америка во Аргентина и поразот од Парагвај на пенали и поразот во финалето на Олимписките игри во Лондон од Мексико (2:1) беа гревовите на Менезес. Меѓу сличен експеримент со Леонардо и искусниот, скап и слободен Луис Фелипе Сколари, Бразил се реши да игра на сигурно. Биг Фил велат е европски тренер. Не дека го заборава спектаклот, но играта во два правци му е приоритет. Сеуште има бразилци кои не го прифаќаат, има такви кои го бараат Муриси Рамаљо (кој меѓу другото е врвен тренер), но Сколари си го „купи„ мирот до мундијалот со перфектниот Куп на конфедерациии, завршен со убедливото финале против Шпанија. Бразил денес не е целосно комплетна репрезентација, но наликува на тим кој веројатно брзо ќе стигне до таа перфекција. Како што кај Аргентина в очи паѓа дефанзивната нестабилност, кај Уругвај недостатокот на креација, во Бразил како леб недостига врвен голгетер. Со цел респект за Фред, Хулк, Жо или Леандро Дамјао, ниту еден од нив не е ниту Роналдо, ниту Ромарио, па ниту Луис Фабиано. Затоа Сколари има 8-9 месеци да го најде правиот избор во неговиот систем 4-3-3, во кој голем дел од местата се пополнети. Цезар на голот и одбрана со Даниел Алвес, Давид Луис, капитенот Тиаго Силва и Марсело се стратните пет ако физички бидат во ред. Дури и алтернативите во последниот ред се од светска класа: Диего Алвес на голот, Мајкон на десен бек, Данте или Кастан како централни дефанзивци, Фелипе Луис или Адриано како лев бек. Подобро веројатно нема никој на оваа планета. Во редот за креација Бразил има доволно време да ја најде идеалната тројка во средниот ред, во која избор има меѓу 5-6 имиња, со 2-3 потенцијални изненадувања. Рамирез, Паулињо и Оскар се фаворити, но како втори опции тука се Хернанез, Луис Густаво, Фернандо и Лукас Леива. Вилиам и Бернард можат подеднакво добро да играат и во организацијата на играта и на некоја од страничните позиции во нападот. Исто како и Оскар. Како два странични напаѓачи сигурна опција е Нејмар лево, а најприродно десно изгледа Лукас Моура. Но формата на играчот на ПСЖ и неговото неискуство е голем знак прашалник, па Биг Фил тука често се обидува со Хулк. Четворица фудбалери кои од сенка чекаат повик се оние кои многу повеќе адути имаат на стара слава, одколку на моментална форма. Но до јуни 2014 ништо не се знае. Можеби токму Роналдињо, Кака, Робињо или Пато ќе биде џокерот на Бразил. И најголемата дилема е онаа почетната. Кој ќе биде централниот напаѓач на Бразил и како ќе се носи со тоа бреме? Идеален беше Диего Коста, но ја знаете неговата приказна, без хепи-енд за најфудбалската земја. Притисокот што игра на домашен терен и што се освен шестата светска титула е неуспех, бразилците веќе го знаат. Имаат многу искусни фудбалери, селектор кој веќе го минал овој пат и цела една нација зад себе. Не се перфектни, но „кариоките„ се веројатно по сите нормативи фаворит број 1. Или број 1 заедно со Германија. Така подобро звучи. Медиумскиот притисок врз Нејмар како да му годи, па како и во Барса и во дресот на Бразил блеска.
Во оваа категорија Мексико има посебно место. Не се од Јужна Америка, но како да се. Имаат латинска крв, неспорен талент, но големо безредие, кога е во прашање националната репрезентација. Барем онаа најдобрата. Единствената со која Мексико не станал светски првак. Момчињата до 17 години се светски вицешампиони од ОАЕ оваа година, а пред две години беа светски прваци во истата категорија кога беа домаќини. Плус го освоија олимпискиот турнир на доминантен начин. Но во овој циклус А репрезентацијата смени 4-5 селектори, баражот со Нов Зеланд го играше само со фудбалери од домашното првенството, нацијата загуби доверба во своите фудбалери. Но време за поправање на впечатокот има и тоа колку што сакаш. Сега селектор е Мигел Херера и ако федерацијата не направи хара-кири тој ќе ја води селекцијата која се нарекува „три„ на мундијалот. Толку голема конфузија направија мексиканците во овие две години квалификации што не се назира нивниот тим, нивните механизми, системот на игра. Но како инвидуалци можат да играат рамноправно со секого, па и со најдобрите. Мрежата треба да им ја чува Очоа од Ајачио, иако Корона од Круз Азул веќе собра драгоцено искуство и преку 30 настапи за националната репрезентација. Рафаел Маркез во скоро 35 година од животот е лидер на одбраната, која најмногу му одговара кога покрај него е подржана со уште два централни дефанзивци, како Маркез би се движел и во средниот ред како плејмејкер. Нешто што Агире го лансираше на мундијалот пред 8 години со Мексико. Останатите двајца треба да бидат Хектор Морено од Еспањол и Родригез. Свои опции чекаат Нило и Лопез, а изненадување може да биде Пол Агилар од Клуб Америка. Ветеранот Салсидо, Ајала и Едвин Хернандез ја комплетираат одбраната од бековските позиции. Турболентен и на моменти престар последен ред, но фудбалот кој го игра Мексико им одговара на времешните Маркез и Салсидо. Во средниот ред најкреативен фудбалер е Андрес Гвардадо од Валенсија, но тоа не е оној Гвардадо од  Депортиво ла Коруња, каде блескаше. Веројатно го погреши клубот. Кристијан  Хименез, ветеранот Арсе, Хавиер Акињо од Виљареал и најстариот Херардо Торадо, па Херера од Порто, младиот Васкез се опциите за почеток на мечот во линијата за врска. Но до наредниот јуни свои шанси имаат помладите и реално помодерни фудбалери од мексичката лига: Мендоза, Пења, Монтес или Џонатан дос Сантос од Барселона ако навреме се опорави од тешката повреда. Во креацијата голема помош ќе даде и начинот на кој игра Џовани Дос Сантос. Фудбалерот на Виљареал е првата звезда и најталентираниот фудбалер, кој е многу компитабилен со Чичарито Хернандез како тандем кој може да биде побрз и поснаодлив од секоја одбрана. Олимпискиот јунак Орибе Пералта, Марко Фабиан, ветеранот Де Нигрис и Раул Хименез се останатите напаѓачи, кои веројатно во нормални услови ќе чекаат шанса од клупата. Вака од око, збркано изгледа мексичкиот избор на фудбалери, но и покрај „бурата„ има доволно време да се избере најдоброто. Но мора и да се констатира дека Колумбија, Уругвај, Чиле, Еквадор, Бразил и Аргентина имаат предност во конструкцијата на тимот, воиграноста, можеби и во инвидуалците. Но да повторам она што го истакнав на стартот. Од индициите во средината на ноември, до топлиот јуни има уште многу, многу фудбал. Уште многу среќни и помалку среќни моменти, има декемвриска ждрепка, има костур на натпревари, има судии и на крајот на краиштата - има натпревари. Ако се беше како на хартија ќе беше однапред предвидливо. Затоа фудбалот е колективна игра, каде најлесно помалку квалитетна екипа може да победи поквалитетна. Веднаш Грција 2004 ми паѓа на памет. Замислете сега некоја Грција во кошарката, ракометот, одбојката.... Франција 2002 беше најкласичен пример колку е мала разликата од светската круна до бездната и пустошот. Како светски и европски прваци и победници на Купот на конфедерации дојдоа во Јапонија и Јужна Кореја со најдобриот во светот Зинедин Зидан, најдобриот во Премиер лигата Роберт Пирес и тројцата најдобри стрелци во лигите во Франција, Италија, Англија - Џибрил Сисе, Давид Трезеге и Тјери Анри. И како кула од карти, Рожер Лемер го загуби Зизу, Пирес и Сисе не ни патуваа во Азија заради сериозни повреди како последица на напорните сезони и наместо да се прошетаат „галските петли„ не ни постигнаа гол, експресно се вратија дома и нивната генерација во 50-60% се распадна и замина во легендата. Тој пример е само еден од многу показатели што се носи светското првенство. Детали, среќа, квалитет, инвидуалности.... И се разбира менталниот фактор. Кој што е можно побрзо расчистил во својата глава дека тоа се седум натпревари до титулата како и сите други, кој побрзо ја извадил од главата целата конфузија од очекувањата на нацијата, на навивачите - тој направил голема работа. Но кој ќе биде тој? Би сакал овој текст во јули наредната година да го избришам или да го искинам и да добиеме пак европски светски првак. Но се ми се чини дека стариот континент ќе почека барем до Русија 2018 година.
Тоа е што се однесува во репрезентативниот фудбал во Јужна Америка и нивната дистанца, близина или далечина со нашата Европа. А клубскиот кој некогаш беше исто така изедначен, сега е помалку изедначен. Илузорно е да се очекува дека со сите звезди кои му ги продава на Европа, американскиот континент може да се надигрува и да победува колку Европа. Но понекогаш победува. Се уште ни еден тајкун не инвестира во Бока, во Сао Паоло или Пењарол, во Клуб Америка или Ривер. Одамна се само добри сеќавања подвизите на Насионал од Монтевидео кој со двата гола на Осталоза го надигра ПСВ во интерконтиненталниот куп 1988 година. Или Сао Паоло кој во 1992 и 1993 ги доби финалињата против Барса на Кројф и Милан на Капело. Но тоа беше Сао Паоло на Раи, Милер, Кафу, Леонардо и Тонињо Серезо. Па сензацијата Велез Сарсфилд на Карлос Бјанки во финалето против Милан 1994 година со Трота и Туру Флорес како звезди. Се сеќавам со насмевка на Бока на Рикелме и Палермо и победата над галактичкиот Реал Мадрид на Дел Боске во 2000 година. Истата таа Бока Јуниорс која го доби и пенал рулетот со Милан 2003 година со Скелото, Доне, Бурдисо, Батаља и голманот јунак Пато Абонданзјери. Бразилците во 2005 и 2006 година ги славеа Сао Паоло и Интернасионал. Првите го добија финалето против Ливерпул со 1:0 со голот на Минеиро, а Интернасионал ја доби Барса со 1:0 со голот на Фернардињо и блесокот на Пато. Сите се сеќаваме на голот на парагваецот Гереро и титулата за Коринтијанс против Челзи во декември 2012 година. Но како времето доаѓа, наместо како пред 20-30 години секоја година да се менува континентот кој ќе слави, сега Јужна Америка на секои пет години може да се надева дека ќе го види пехарот. И тоа пак од улога на аутсајдер. Фаворити секогаш ќе бидат Реал, Баерн, Манчестер Јунајтед,Барса, ПСЖ, Јуве, Манчестер Сити, Челзи...А некогаш како на пример во 1996 година на Јувентус на Зидан и Дел Пјеро знаеа да му се спротистават звездите на Ривер Плата: Бонано, Сорин, Франческоли, Ортега, Круз, Гаљардо и Салас. Па вие утврдете кој е тука фаворит, а кој аутсајдер. До Бразил 2014 теми за анализи, претпоставки и предвидувања колку што сакаш. Но кој континент е водечки во пресрет на мундијалот?   

Зоран Мишевски

Нема коментара:

Постави коментар