Powered By Blogger

28. 3. 2014.

Позитивниот дух од Кичево може да го однесе Пелистер далеку

НИКОГАШ ВО ИСТОРИЈАТА НА МАК-ФУДБАЛОТ, ПЕЛИСТЕР НЕ ВЛЕГОЛ ВО МЕСЕЦ АПРИЛ КАКО ЛИДЕР
Веројатно заедно со победата по калливиот терен во Автокоманда против Металург, триумфот во средата во Кичево е симбол за најкомплетниот Пелистер оваа сезона.
Брзо се избришани од мислите двата мачни мечеви со Македонија Ѓ.П. од кои пелистерци ќе го паметат само резултатот. За разлика од тие два изедначени натпревари, против Напредок момците на Бочевски прекинаа една долга црна серија, создадоа 20 тина зрели или помалку зрели шанси за гол, изведоа 12 корнери, имаа 24 удари кон голот, нереализираа 2 пенали и на крајот сепак постигнаа 3 гола. Од духот од овој меч, битолчани треба да се надоградат и да го задржат континуитетот пред одлучувачките директни дуели. В недела следува Гостивар под Тумбе кафе, а сите знаеме како по снежниот терен во декември минатата година, пелистерци се мачеа се до 89 минута, кога Воденичаров го постигна победоносниот гол против неделниот ривал. Токму истиот тој Воденичаров кој со 4 пролетни гола, директно им донесе 9 бода на зелените. Ги има вкупно 7 во првенството, а еднаш беше стрелец и во Купот, но со оглед на тоа што ретко играше како стартер во есенскиот дел, неговиот просек е импресивен - гол на секои 70 минути. Ќе беше уште подобар ако ги реализираше двата пенали, кои му ги одбрани Никола Зердески во средата. В недела против гостиварчани Бочевски не може да смета на Владица Брдаровски кој мора да паузира, заради акумулација на жолти картони. Веројатно шанса ќе добие еден помеѓу Кирил Динчев и Миле Петковски. Радува формата на Љубенов, кој беше најдобриот поединец на теренот во Кичево и со одличниот момент на Љамчевски и Анастасов, сега охридскиот тренер е на слатки грижи кои двајца од овие тројца одлични фудбалери да ги стави во стартниот тим в недела. Во Битола се подгрева атмосферата и навивачите полека почнуваат да „сонуваат„ но целта на управата е да го наметне правилото, натпревар по натпревар. Само така ќе ги остави на страна калкулациите на бодови и комбинаториката за која е сеуште рано да се зборува. На дневниот ред е само Гостивар и само со победа на овој меч, битолчани сигурно ќе останат подолго од претходниот пат сами на врвот. Кога во ноември го совладаа Работнички во Битола, веќе наредната недела го предадоа врвот. Никогаш Пелистер во април не бил лидер, а тежината е многу поголема кога си прв на табелата на 50 дена до крајот на сезоната. Но поголем е и притисокот, а Пелистер треба да докаже дека може со него да се носи. 

Нема коментара:

Постави коментар