Powered By Blogger

15. 3. 2014.

Загина фудбалската легенда Петар Милошевски

ОГРОМНА ТРАГЕДИЈА ГО СНАЈДЕ БИТОЛСКИОТ И МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ ПО НЕНАДЕЈНАТА СМРТ НА ПЕТАР МИЛОШЕВСКИ
Фудбалската јавност, Битола, но и цела Македонија деновиве е во шок. Спортска Македонија со огромна тага ја прими веста за трагичната смрт на директорот на фудбалската репрезентација и еден од најдобрите фудбалски голмани кои некогаш сме ги имале.
Петар Милошевски синоќа загина во тешка сообраќајна несреќа на клучката од автопатот Крива Паланка - Куманово кај кумановска населба Карпош половина час пред полноќ. Сообраќајката се случила кога џип управуван од 62-годишниот Ж.Б. од кумановско Мaлотино, кое се движело од Куманово кон Крива Паланка, директно се судрило со автомобилот марка „Пежо" во сопственост на ФФМ кое било управувано од претседателот на федерацијата Илчо Ѓорѓиоски, кој е полесно повреден, а во возилото освен Милошевски, биле уште две лица кои се здобиле со тешки повреди. Тешко повреден е и возачот на џипот. Милошевски и Ѓорѓиески се враќале од хуманитарен фудбалски натпревар за помош на 13-годишно момче. Петар Милошевски е роден во Битола, на 6 декември 1973 година. Кариерата ја почна во Пелистер каде што беше активен крај голот три години, од 1994 до 1997. Потоа направи трансфер во Вардар. Една сезона беше доволна за квалитетите на Милошевски да излезат на површина, по што следуваше ангажманот во Турција во екипата на Трабзонспор.Таму одигра 60 натпревари и по две сезони премина во составот на Малатијаспор. Три години и 62 натпревари на голот на турскиот тим. Следниот трансфер го реализираше во 2004 година, кога потпиша за Ачабат Себатспор. По една година и 12 меча за овој тим, Милошевски ја напушта Турција и се сели во Кипар. Во Енозис, Милошевски се задржува најдолго во својата кариера, седум сезони и 131 настап. По ангажманот во Кипар, нашиот легендарен голман се повлекува од активното играње фудбал во 2012 година, по што беше назначен за директор на фудбалските репрезентации на Македонија. Работата во куќата на фудбалот му претставуваше огромна чест и задоволство. Пред една година, на 21 март 2013 година, беше во родниот град за потпишувањето на Договор за изградба на фудбалско игралиште со вештачка подлога. Милошевски остави неизбришлива трага во македонскиот фудбал, во нашата национална репрезентација и со 59 настапи во дресот со црвено-жолти бои е на седмото место на вечната ранг-листа. Секаде почитуван како голем спортист, џентлмен, човек што имаше само добар збор за соиграчите, за ривалите, за помладите. Неговите колеги и соработници денес останаа без зборови, сите во неверување и со голема болка во срцето. Пандев, Пачовски, Седлоски, Џиџи, Хаџиевски, Шаќири и уште многу други. Веста за трагичната смрт веднаш беше пренесена и во Турција и Кипар, но и во соседните земји. Се огласи и Фудбалската федерација на Македонија. Замина човекот со големо срце! Оптимист со ведар дух, голем работник и фудбалска легенда во секоја смисла! Роден битолчанец, првиот голман на македонската фудбалска репрезентација, со голем број на репрезентативни настапи, до самиот крај на својата кариера, фудбалер кој секогаш беше на располагање на репрезентацијата, таа за него беше пред сѐ друго, вистински Македонец, лидер, човек за секоја почит. Петар Милошевски, до последен момент остана доследен на своите принципи, висока моралност и спортски фер плеј, и како таков ќе го помниме. Човек со карактер, големо срце и вистински херој!

Нема коментара:

Постави коментар