Powered By Blogger

25. 5. 2013.

Кога Купот вреди повеќе од првенството

Велат дека во модерниот фудбал во Европа има два начини на резонирање. Првиот е дека сите трофеи се со иста важност, трофеј си е трофеј. Но вториот резон е оној во кој повеќето веруваат. Денес постојат два големи трофеи: Европската титула од Лигата на шампионите и титулата од националните првенства (барем во најсилните 6-7 лиги) се единствените големи трофеи, а сите останати Купови, Лигата на Европа, Лига купови, Суперкупови се мали трофеи.
Но таквата поделба најмногу трага остави врз националните Купови. Ги остави како сираче, без преголем влог, најчесто со комбинирани тимови на гигантите, без голем финансиски плус. Така големите клубови често безболно испаѓаат или калкулираат со резервен тим се до завршните натпревари. Ќе се сложите дека со таа нова модерна платформа, губат сите. Губат таканаречените мали тимови кои живеат да извлечат некоја голема „зверка„ а таа подоцна ќе дојде без најголемите звезди. Губат навивачите кои наместо на Меси наидуваат на Тељо, место Руни го добиваат Велбек и слично. Во Германија и Англија финансискиот колач и парите од ТВ правата дури и за Купот го вратија кредибилитетот на најмасовното натпреварување. Но пред се повеќе логика има нивниот систем на еден натпревар, кај англичаните и евентуален repley. Но Купот од секогаш имал нешто повеќе. Секогаш оставал незаборавни мечеви кои се паметат, сензации од прв ред, мечеви кои ја оставаат вербата од Купот на Кралот, или оној на кралицата, или стариот трофеј на Маршалот и еден мал милион на натпреварувања, каде Давид може да го победи Голијат. Само што се вратив од Мадрид од една прекрасна сторија, која ги има сите симптоми од типичните Куп средби, плус и финале и тоа градско дерби во финале. Во земја како Шпанија финалето се играше многу повеќе од 90 или 120 минути. Се играше цела една недела пред и после, се играше низ градските улици на големиот Мадрид обоен во бело или црвено-бело. Се играше низ десетици радио станици кои во Иберија имаат големо влијание. И сигурно ако од денешна перспектива ги прашате навивачите на Атлетико Мадрид не би менувале ништо од тоа како историјата напишала. Не би менувале ни преку 30 порази во 14 години за петочното „мараканасо„ на Бернабеу. Не би менувале ништо ниту од развојот на настаните. Победа со пресврт во домот на најлутиот ривал, со песна на армијата „колчонерос„ кои го пеат името на Диего Чоло Симеоне, а ривалите Моурињо и Роналдо предвреме исклучени, па дури и не се осудија да го примат медалот од Кралот Хуан Карлос. Ништо не би смениле. Како во добро режиран филм на Скорцезе. Со кулминација и расплет за уште наредни 14 години да не победуваат. Вистинската победа црвено-белите ја издвојуваа. Одигран е мечот кој долго ќе се памети. И тоа не по дефинитивниот излез од Мадрид на Жозе Моурињо, туку по вербата во враќање на култот на националниот Куп и се разбира ривалството на финалистите. Но во Шпанија ѓаволски тешко било еден нисколигаш да стигне до финале, а потоа да го освои трофејот. Прва пречка е системот на два меча, со што веднаш е многу тешко да се минат неколку пречки во 180 минути, а да не наидете на поквалитетен ривал. А на „кралевите„ поразот оваа сезона ни одблиску не му е прво фијаско. И посебно не на домашен терен, на „Бернабеу„ Во 1992 година истите ривали од овогодинешното финале играа за трофеј на истиот терен, како и во мај оваа 2013 година. Шустер од слободен удар во 7 и португалецот Паоло Футре во 29 минута ги постигнаа головите за финални 2:0 за екипата на Атлетико Мадрид на Луис Арагонес. А против себе го имаше Реал Мадрид на Лео Бенхакер и на Бутрагењо, Хаџи, Луис Енрике, Мичел и Хиеро. По мечот Футре изјави дека не би го менувал тој Куп трофеј ни за пет шампионски титули. Подоцна исто сценарио се случи десет години подоцна кога на 6 март 2002 година, Депориво Ла Коруња на Хавиер Ирурета го порази Реал Мадрид сред „Бернабеу„ со 2:1 со головите на Серхио и Тристан, а Раул погоди за „белите„ Пак на хартија Реал на Дел Боске беше дрим-тим со Фиго, Зидан, Раул, Гути и Роберто Карлос. Две години подоцна скоро двегодишната апстиненција од победа во Купот на кралот продолжи со поразот на олимпискиот стадион во Барселона во незаборавно финале со Сарагоза. Бекам и Роберто Карлос офанзивно го отворија мечот на Реал на Карлос Кеироз, но Сарагоза дојде до шестата и до денес последна Куп титула, најнапред благодарение на Дани, па на Виља од пенал и мечот при 2:2 влезе во продолжение. Тогаш аргентинецот Галети со гол во 111 минути го потопи Реал Мадри и му наби комплекс во Купот, кој беше прекинат дури во 2011 година и победата во финалето над Барса во Валенсија со голот на Кристијано Роналдо. А Купот во Шпанија секогаш нудел интересни финалиња. Мајорка на Хектор Купер беше блиску до трофејот на „Местаља„ против Барса на Ван Гал во 1999 година, но по пеналите поуспешни беа каталонците. И малиот Рекреативо стигна до завршниот натпревар во Елче во 2003 година, го загуби од Мајорка на Самуел Ето. Астурискиот Спортинг Хихон два пати играше финале на почетокот на осумдесеттите и два пати загуби од Реал Мадрид со 2:1 и 3:1. Последен второлигаш кој играше за пехарот од Купот на кралот беше Реал Мадрид Кастиља, кој загуби од „постариот брат„ Реал Мадрид со 6:1 во финалето на „Бернабеу„ во 1980 година. Со мали исклучоци со истиот систем на двомеч се до финале на 180 минути на терените на финалистите или како во последните 5-6 години единствено финале, Купот се играше и во Италија. Изненадувањата во италијанскиот Куп долго време беа тешко возможни. Прволигашите се приклучуваа дури во пролетните натпревари, во шеснаесеттина или осминафинале и најчесто со диригирана ждрепка се избегнуваа фаворитите. Така последното егзотично финале го играа Наполи и Виченца во мај 1997 година. По 1:0 за азурно сините на „Сан Паоло„ финалето со јужноамерикански стил го одлучи уругваецот Марсело Отеро кој со два гола донесе 3:0 по продолжение и голем трофеј и подоцна Европа за Виченца на „Ромео Менти„ стадионот. Со Руд Гулит на крајот на кариерата во Сампдорија во финалето на Купот во сезоната 1993/94 за противник им дојде Анкона во година на испаѓање од Серие А. По 0:0 во северна Италија, Самп славеше со 6:1 на „Мараси„ и не дозволи сензација. Едно од најубавите куп финалиња и тоа беа миланските екипи или Јуве беше финалето со 10 гола во двомеч во мај 1993 година. Торино на Емилијано Мондонико и Рома на Земан одиграа пиротехнички меч, по кој на Торино ниту 3:0 од својот „Комунале„ не му беа гаранција за трофејот. Казагранде блескаше, но Џанини и Балбо имаа свои сметки и Рома го доби реваншот со 5:2 и за сламка не направи сензација. Титулата замина под алпите, а наредната година Торо стигна до финалето на КПК, каде загуби од Ајакс на Ван Гал. 
Во Германија скоро секоја година има по една таканаречена мала екипа која стигнува до финалето во Берлин. Така во мај 2011 година второлигашот Дуизбург излезе на мегдан со Шалке 04 на Раул. Но да се елиминираат Кајзерслаутерн или Енерги Котбус и да се игра со „кралско плавите„ во финале не е исто. Завршниот натпревар беше преголем залак за „зебрите„ и Шалке славеше со 5:0 со два гола на Хунтелар и по еден на Дракслер, Ховедес и Хурадо. Во 2004 година уште еден епизодост во Бундеслигата Алеманија Ахен стигна до завршниот натпревар. Тимот на Вердер на Томас Шааф имаше сериозен ривал во жолто-црните кои се враќаа во мечот но загубија со 3:2 со два гола на Боровски и еден на Класниќ. Вердер слична Куп победа имаше со Ото Рехагел во најдобрите денови во 1994 година. Тогаш против малиот Рот-Вајс Есен „зелените„ славеа со 3:1 со головите на Бајерздорфер, Херцог и Руфер.  Бившиот клуб на Тони Мицевски, Енерги Котбус стигна до финалето во мај 1997 година. Тимот на Едуард Гајер беше аутсајдер против Штудгарт на Јоаким Лоу. Со двата гола на Елбер „швабите„ го добија тоа финале со 2:0 и наредната година со Митко Стојковски како засилување од Овиедо, стигнаа до финалето на КПК каде загубија од Челзи на Зола и Вијали. Најчудниот случај за Куп подвиг го направи аматерската екипа на Херта, која во јуни 1993 година излезе на мегдан против Баер Леверкузен на српскиот тренер Степановиќ. „Фармацевтите„ тешко го скршија отпорот на аутсајдерот и со голот на Улф Кирстен во 77 година стигнаа до трофејот. 1985 година е најсјајната година во историјата на Баер Ирдриген. Финале во Берлин и тоа против Баерн Минхен на Удо Латек. Младата екипа од Ирдриген на тренерот Карл-Хајнц Фелдкамп славеше со 2:1 со головите на Фелцер и Шафер, откако Хенес ги доведе баварците во водство. А за Баерн во тоа финале покрај Дитер Хенес играа и Матеус, Сорен Лерби, Роланд Волфарт и младиот Михаел Румениге. Ернст Хапел во најдобрите денови во Хамбург, лесно дојде до Куп финалето на 20 јуни 1987 година. Но наспроти себе имаше еден млад тим кој излезе пред 76.000 гледачи во Берлин минувајќи го најтешкиот пат. Штудгартер кикерс ги елиминира Фортуна Дизелдорф и Ајнтрахт, но во финалето иако поведе, не можеше до пехарот. Хамбургер славеше со 3:1 со головите на Бајерсдорфер, Калц и автоголот на Шлотербек. За градско дерби во финале на германскиот Куп мора да се навратиме во летото 1983 година. И малкумина би погодиле дека за титулата во Купот играа Келн и Фортуна Келн. Помладиот клуб од Келн во повторен натпревар ја елиминира Борусија Менхенгладбах, но во финалето „јарците„ на Ринус Михелс со голот на Пјер Литбарски славеа со 1:0 на „Мингерсдорфер„ во Келн. Дури и бившиот клуб на Дарко Панчев Фортуна Дизелдрф освои две Куп титули како аутсајдер во 1979 и 1980 година. Првата од тие две титули, Фортуна на Типенхауер ја освои со победата по продолжение против Херта со 1:0. Тимот предводен од Руди Бомер постигна гол преку Саел во 116 минута и го освои трофејот против силната „германска стара дама„ во финалето во Хановер.
Најстарото натпреварување во светот FA Купот во годините по втората светска војна често бил подложен на изненадувања. Но и исто така тогаш многу често и најголемите клубови ја губеле категоријата. Победата на Виган на Роберто Мартинез само три дена пред клубот да испадне од најсилната категорија оваа сезона, е одсликување на целата историја на ова прекрасно натпреварување. Голот на Вотсон во последната минута не беше постигнат против било кого, туку против Манчестер Сити, кој во таа сезона влезе како шампион на Англија. Во мај 2010 година во кожата на Виган се најде Портсмут на Аврам Грант против неговиот бивш клуб Челзи, сега воден од Карло Анчелоти. Дидие Дрогба во 59 минута го постигна единствениот гол на средбата и ги потопи надежите на „помпис„ Но затоа две сезони претходно Портсмут го освои трофејот од FA Купот со победа во финален меч против второлигаш. Со голот на Кану во 37 минута, Портсмут на Хари Реднап ги совлада велшаните од Кардиф. Специјалистот за финални мечеви Рафаел Бенитез со Ливерпул во мај 2006 година го одигра супер-драматичното финале на „Милениум„ во Кардиф против Вест Хем „Чеканите„ водеа со 2:0 и 3:2, но Жерард во 90 минута го внесе мечот во продолжение. Пепе Реина ги одбрани ударите на Замора, Кончески и Антон Фердинанд и титулата замина на „Енфилд„ а мечот се памети и ден-денес. На 17 мај 1997 година на „Вембли„ во италијанското финале на англискиот Куп, Челзи го доби Мидлзбороу. Ди Матео и Хјутон ги постигнаа двата гола за „сините„ за победа против Раванели и Феста (2:0). Манчестер Јунајтед под Алекс Фергусон ретко губел финалиња на островот. И ако да се загуби од Арсенал на Венгер и Челзи на Моурињо не беше сензација, во 1995 година кога пехарот заврши кај „карамелите„ беше неочекуван исход. Евертон на Џо Ројл со голот на Ридаут во 30 минута ги совлада „црвените ѓаволи„ на Кин, Инс и Хјус со 1:0. Последното финале кое по старите правила мораше да се преигра при нерешен резултат се случи на 20 мај 1993 година. Само пет дена по првиот меч и 1:1 на Арсенал и Шефилд Вендздеј, двете екипи мораа пак на мегдан. Јан Рајт во 34 минута ги доведе „тобџиите„ на Џорџ Греем, но Крис Водл во 68 израмни и по 210 минути немаше победник, па следеа продолженија. И кога сите ги предвидуваа изведувачите на пеналите, Линиган во 119 минута погоди за 2:1 за Арсенал и последната титула пред ерата на Венгер. Претходно два меча му требаа на Манчестер Јунајтед да го освои Купот на кралицата во двомеч со Кристал Палас. По 3:3 во 120 минути таа 1990 година, вторите 90 минути донесоа многу поинаков натпревар и само еден гол на Ли Мартин во 59 минута за победа на Манчестер Јунајтед. Емоциите кои водат во продолжение па и до пенали, не носат во финалето во 1987 година каде Ковентри Сити беше тотален аутсајдер против Тотенхем на Дејвид Плит. Со автоголот на Мабут во 95 минута стоперот на Тотенхем го поништи својот гол за 2:1 и му донесе победа на сините од Ковентри.  
Најчести се Куп изненадувањата во Франција. Таму неретко на Стад Д Франс играле и полупрофесионални и аматерски екипи, а некои нисколигаши излегувале и во европските купови. Така во последното финале трофејниот Лион се намачи на 28 април минатата 2012 година да го добие финалето со третолигашот Кевили. Раниот гол на Лисандро Лопез беше единствен во тоа финале пред скоро 80.000 гледачи. Последниот клуб кој не е прволигаш, а го освоил Купот на Франција е Гингкамп. Тогаш во 2009 година овој клуб од мал град во северна Франција го совлада Рен со 2:1. Блиску до сличен подвиг беше Шатроа во 2004 година. Тогаш како второлигаш овој клуб се избори за финале во Париз со ПСЖ „Светците„ славеа со минимални 1:0, во изедначен меч, во кој и Шатроа имаше свои шанси. На влезот во новиот милениум тогаш моќниот Нант два пати играше финале на Купот и два пати имаше за противници екипи од второлигашката конкуренција. На 15 мај 1999 година „канаринците„ го совладаа Седан со 1:0, а идната година во драматичен финиш го надиграа четвртолигашот Кале (2:1). Авр во 1959 година беше првата екипа која го освои Купот, а не беше во Првата лига. Во тогашното финале го совлада Сошо во повторениот меч со 3:0, откако во првите 90 минути немаше победник (2:2). Во Португалија ретки се големите финални мечеви во кои не играат големите Порто, Бенфика или Спортинг. Можеби уште Боависта во минатиот век и сега Брага ја реметат доминацијата на големата тројка. Академика од Коимбра својот прв и единствен трофеј го освои во мај 2012 година со победата во финалето над Спортинг со 1:0. Ова како и сите финални средби од 1978 година се играат на националниот стадион „Жамор„ во Лисабон. Претходно Виторија Сетубал во 2004 година ја изненади Бенфика и со 2:1 го подигна пехарот во главниот град. Последното финале во кое не играле клубови од Порто или Лисабон се одигра на 16 јуни 1999 година. Тогаш Беира-Мар славеше со 1:0 против Кампомајорензе и го освои својот единствен Куп. Се додека постоеа повторените финалиња, еден дуел посебно ќе се памети. На 3 јуни 1990 година, само една недела откако Естрела Амадора и Фарензе одиграа 1:1, двете екипи се сретнаа во нови 90 минути во Лисабон. Естрела Амадора славеше со 2:0 и тоа и до ден денес е единствен трофеј во историјата на овој клуб. Во Португалија скоро невозможно беше екипа од понизок ранг да дојде до големото финале. Посебно со правилата за два натпревари се до финалето. Од 1987 година Купот на Холандија својот завршен меч го има на „Де Кујп„ во Ротердам со исклучок на финалето во 2010 година кое се одигра во Амстердам. Како и во Португалија и во земјата на лалињата, подвиг тешко е можен. Така гигантите обично стигнуваат до крајот во Купот, иако на патот до финалето често има по некое сопнување. Така АЗ Алкмар го освои последниот холандски Куп со победата над ПСВ на Дик Адвокат со 2:1 со головите на Махер и Алтидор. Единствен македонец кој го освоил Купот на Холандија и постигнал гол во финалето е Горан Попов. Струмичанецот во 2009 година го постигна првиот гол во победата над Твенте со 5:4 по пеналите, откако мечот заврши 2:2. Бившиот клуб на Ѓорѓи Христов НЕЦ Нијмеген стигна до завршниот натпревар во 2000 година. Но Рода беше пресилна и со головите на Питерс и Ван Дер Лур го доби мечот со 2:0. Последен второлигаш кој играл финале бил Хелмонд во 1985 година, но загуби од Утрехт со 1:0 со голот на Ван Лен во 90 минута. По втората светска војна, само прволигаши го освојувале националниот Куп на Холандија, што е редок податок во другите национални купови. 
Рускиот Куп е меѓу најмладите во Европа. Воспоставен е во 1992 година, скоро идентично со македонскиот. Прв победник е Торпедо од Москва со победата на пенали против ЦСКА Москва. Со исклучок на две титули кои заминаа за Сант Петерсбург и една за Грозни, најчесто Купот остануваше во Москва. Терек Грозни трофејот го освои во 2004 година, кога со голот во судиското надополнување на Федков со 1:0 беше совладан тимот на Крила Совјетов. Блиску беше Ротор од Волгоград, но загуби на пенали од Динамо Москва во 1995 година. Слично мина и бившиот клуб на Лазо Липовски, Анжи Махачкала во 2001 година. Пак го донесе мечот со Локомотив Москва до пенали, но таму поуспешни беа фаворитите. Пеналите беа кобни и за клубот во кој еден период настапуваше македонскиот напаѓач Стевица Ристиќ. Амкар од Перн загуби од ЦСКА Москва во 2008 година со 4:3, откако Дринчиќ и Дујмовиќ во регуларниот тек два пати израмнуваа за Амкар. Второлигашот Сибир од Новосибирск беше најблиску да стане единствен клуб кој го освоил Купот, а не бил во тој момент прволигаш. Во Ростов на Дона во неинтересно финале во април 2010 година Зенит славеше со 1:0 со голот на Широков. Слична е приказната и на малиот московски второлигаш Кимки. Овој клуб од истоименото предградие на Москва, во 2005 година излезе на мегдан со ЦСКА. Бекот Жирков го постигна единствениот гол за нов трофеј на најтрофејниот шескратен победник во Купот ЦСКА. Украинецот Илија Цимбалар влезе во историјата како стрелец на првиот гол во финалето на Купот на својата земја. На 31 мај 1992 година тој го постигна единствениот гол во мечот на националниот стадион во Киев, меѓу Черноморец Одеса и Металист Каркив. Тој трофеј на Черноморец е само еден од четирите трофеи кој замина на друга адреса, а не кај фаворитите Шахтар или Динамо Киев. Черноморец го повтори успехот две години подоцна во 1994 година, во мечот со најмала посета во едно украинско Куп финале - само 5.000 гледачи. По пеналите Черноморец ја доби Таврија, откако голови немаше во текот на 120 минути. Потоа дури 14 години се чекаше на трофеј на таканаречен мал клуб. На „Дњипро арената„ во 2008 година Ворлска Полтава го совлада тимот на Шахтар со 1:0 со голот на Васил Сачко во 50 минута. Година подоцна Таврија го освои својот единствен Куп трофеј со победата во финалето против Металург Доњецк со 3:2. Во цел овој период од 21  финале само пет екипи го освојувале трофејот на украинскиот куп. До завршниот меч стигнувале и Металург Запорожје, Дњипро, ЦСКА Киев, Кривбас, второлигашот Нива Виница во 1996 година и Карпати Лвов, но тоа им бил крајниот дострел.
Во Белгија националниот Куп најчесто бил работа за големите прволигашки екипи. Во 2006 година последен пат таканаречена мала екипа стигнала до трофејот. Клубот на нашиот Александар Трајковски, Зулте Варегем, кој доаѓа од едно мало белгиско село го освои Купот со победа од 2:1 против Мускрон. Во 2003 година малиот Луверез го освои најмасовното натпреварување со победа во финалето на Сент Труден со 3:1. Сите овие успеси добиваат на вредност заради системот на натпревари во Купот, во кој екипите минаа безброј филтри и играа групни натпревари се до финалето. Андерлехт е екипата која најчесто играла во финалниот натпревар. Но како во 1997 година никогаш не налетал на толку големо изненадување како во 1997 година кога играше со Жерминал Екерен на канаѓанецот Радзински. Мечот заврши нерешено 2:2, а во продолженијата славеше помалиот клуб од Антверпен со 4:2. Последен второлигаш кој го освоил Купот е Лиеж (не многу попознатиот Стандард Лиеж) во 1990 година. На легендарниот „Хејсел„ Лиеж го доби Жерминал Екерен со 2:1, само три години по поразот од Мехелен (сегашниот клуб на Томе Пачовски) во финалето 1987 година. Купот на Шкотска живо чудо е, ако не е игра на големите олд-фарм ривали. Дури и пречесто ако ждрепката ги судрила пред финалето, победникот од тој меч го освојувал трофејот. Ретко Хартс, Хибернијан, Данди Јунајтед или Килмарнок имале по некој блесок. Последното финале во 2012 година беше едно од ретките во кое се играше градско дерби, а не беше она од Глазгов. Хартс го декласираше Хибернијан со 5:1 со два гола на Скачел.Во 2010 година необичното финале на „Хемпдон парк„ го играа Данди Јунајтед и Рос Каунти. Славниот клуб од Данди лесно го доби предизвикот од втората лига со двата гола на Конви славеше со 3:0. Последното финале кое беше одлучено по изведување на пенали се случи во мај 2006 година. Хартс и Гретна играа 1:1 по 120 минути. По пеналите клубот од Митлотјан славеше со 4:2 и ја задржа доминацијата на премиерлигашите. Во 1996 година никој не очекуваше финале на Килмарнок и Фалкирк, во меч во кој најпознат актер беше судијата Хју Далас. Пол Рајт во 20 минута го постигна единствениот гол за трофеј на тимот на Килмарнок. Кога големот Сер Алекс Фергусон го водеше Абердин овој клуб не само што беше достоен ривал на клубовите од Глазгов, туку три години по ред ги победуваше Глазгов и Селтик во финалните мечеви. Во 1982 година дури по продолжението Абердин до скрши отпорот на „ренџерите„ и ги совлада со 4:1 со голови на Алекс МекЛиш и Гордон Страхан. Една година подоцна пак на „Хемпдон парк„ стигна Абердин и пак ривал му беше Глазгов Ренџерс на Џон Грег. Со голот на Ерик Блек во 116 минута пак Абердин со гол во продолжение дојде до финална победа и големиот пехар. Хет-трикот Ферги го комплетираше на 19 мај 1984 година и пак по продолженија. Само што сега страдаше Селтик на Дејвид Хеј. Ерик Блек ја најави победата, но ирецот Пол Мек Стеј со гол во 86 минута го внесе мечот во дополнителни 30 минути. Таму одлучи голот на Марк МекГи во 98 минута. Среќата ги следеше фудбалерите на Абердин и кога Фергусон замина за „Олд Трафорд„ бидејќи во 1989 година по изведувањето на пенали Абердин на Алекс Смит го доби Селтик дури по 18 изведени казнени удари. Претходно голови немаше 120 минути. Во Купот на Шкотска место за малите тимови од понизок ранг едноставно нема. Ретко, еднаш во цела една деценија некој успева да ја расипе монотонијата на финалиња на гигантите.  
Во Грција во последните две сезони финале на Купот играше Атромитос, но два пати губеше, од АЕК со 3:0 во 2011 и од Олимпијакос со 2:1 по продолжение во 2012 година. Последен неатински клуб кој го освоил Купот на Грција е Лариса во 2007 година. На стадионот „Пантесалико„ Кожлеј и Антуше ги постигнаа двата гола во победата над Панатинаикос со 2:1. По многуте атински дерби финалиња, последниот солунски дуел се играше на „Тумба„ на 17 мај 2003 година. ПАОК го доби Арис со 1:0 со голот на Георгијадис во 24 минута. На 29 април 1998 година на стадионот „Караискаки„ се случи едно од најголемите Куп изненадувања. Малиот Паниониос со голот на Налицис во 53 минута, му го одзеде Купот на Панатинаикос. 1987 година беше годината на трофејот на ОФИ Крит по изведувањето на пенали. Во финале против Ираклис, 1:1 беше конечниот резултат со 4:2 по пеналите за ОФИ. На 26 мај 1980 година за прв пат Купот го освои второлигаш и за прв пат екипа која не е од Атина или околината или Солун. Касторија (бившиот клуб на Ѓоко Хаџиевски) го доби Ираклис со 5:2 за најголемата сензација во историјата, одиграна на стадионот „Никос Гумас„ 
Турскиот Куп до 1990 година беше игран во два меча на терените на двата финалисти. Но главните изненадувања почнаа подоцна, кога се играше единствено финале. Кајзериспор го освои Купот во 2008 година со победа по подобро изведување на пенали против Генчербирлиги (0:0 во регуларниот тек). Тоа беше првото финале во 20 години во кое не играше ниту една екипа од големата турска четворка (Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ и Трабзонспор). Претходно во 1988 година Сакаријаспор го освои Купот со двомеч победа против Самсунспор (бившиот клуб на Ѓоре Јовановски) со 2:0 и 1:1. Најинтересната куп сторија од ривалството на Галата и Фенер се одигра на 11 мај 2005 година. Жолто-црвените на Георге Хаџи го декласираа лутиот ривал предводен од Кристоф Даум со 5:1. Рибери, Аташ и хет-трик на Хакан Шукур беа стрелци за Галатасарај, а Лусиано за Фенербахче. Девет години порано двете екипи играа меѓусебен Куп двомеч. На „Али Сами Јен„ Галатасарај славеше со 1:0, а на „Сукру Сарочоглу„ со истиот резултат возврати Фенербахче. Мечот влезе во продолжение, каде Галатасарај израмни со голот на Абдула и го освои Купот. Во 1983 година на мегдан против Фенербахче во финалето дојде второлигашот Мерсин. Сепак преголем залак за нив беше да се победат жолто-плавите. Два порази од по 2:0 и 2:1 за Мерсин и титула за екипата од азискиот дел на Истанбул. Анкарагуку ја разби доминацијата на истанбулските клубови и во 1981 година го освои Купот со победа над Болуспор со 2:0 и 1:1. Титулата во 1969 година „слета„ и во Измир. Гезтепе го совлада Галатасарај со вкупни 2:1 по продолжение на возвратниот натпревар во Истанбул на стадионот „Инону„   
Легендарниот Куп на Маршалот траеше од 1947 година и првото финале и победата на Партизан над Наша крила со 2:0, до 1991 година и триумфот на Хајдук над европскиот првак Црвена Звезда со 1:0 со голот на Ален Бокшиќ. Македонија освои еден трофеј преку Вардар во 1961 година. Црвено-црните го добија Вартекс со 2:1 со головите на Николовски и Илиевски и влегоа во историјата на југословенскиот фудбал. Неколкуте четвртфиналиња на Силекс, легендарниот меч на Пелистер со Хајдук, дополнително одигран заради маглата на аеродромот во Сплит, се останатите мак-блесоци во југословенскиот Куп. А само една екипа која играла во Втората лига го освоила Купот. Сигурно ќе се сетите на Борац од Бања Лука и подвигот со Црвена Звезда во 1988 година. Генерација на Пикси Стојковиќ загуби со 1:0 (стрелец Лупиќ), а легендарната нишка десетка промаши пенал. Многу други клубови кои не значеа многу на ју-мапата, играле до самиот крај на куп натпреварувањето. Така црногорскиот Бор го загуби финалето во мај 1968 година од Црвена Звезда со 7:0. Во едно од ретките белградски дерби средби, да не играат црно и црвени белите во финалето на Купот во 1957 година, Партизан го совлада Раднички од Белград со 5:3 (Валош, Месарош, Калоперовиќ, Милутиновиќ и Зебец стрелци за Партизан). Споменатата победа на Вардар над Вартекс, беше првото Куп финале без присуство на екипа од големата четворка. Наредната 1962 година пак изненадување. Во финалето стигнаа ОФК Београд и Спартак, а романтичарите го кренаа пехарот со победата од 4:1 (двоен стрелец Сава Антиќ). Првото повторено финале го одиграа хрватските ривали Динамо и Хајдук во 1969 година во Белград. По 3:3 на првата средба, ден подоцна „модрите„ славеа со убедливи 3:0 (Белин, Зампата, Вабец). Во 1978 година трофејот на маршалот доживеа уште едно многу егзотично финале. Ријека го освои трофјот на стадинот на ЈНА во Белград со победа против Трепча по продолженија (Радовиќ стрелец во 91 минута). Изненадувањата продолжија по распадот во новите држави. Прв победник на Купот на Хрватска е Инкер Запрешич со победата во двомечот со Динамо со 1:1 и 1:0. Дури во 1998 година се одигра првото финале во кое не беа инволвирани Динамо или Хајдук. Осјек го подигна преодниот пехар со победата во финалето во еден натпревар против Цибалија со 2:1. До денес се менуваа финалистите, од Истра, Славен Белупо, Шибеник, Вараждин или Локомотива, но Купот го освојуваа Хајдук или Динамо и во два наврати Ријека.  Во првиот Куп на нашиот северен сосед кој често го менуваше името, сега под Куп на Србија и Црна Гора во 2003 година, финалисти беа Сартид од Смедерево и Црвена Звезда, а по продолженијата славеше клубот од Смедерево. Наредната година блиску до подвиг беше Будучност Банатски двор, но загуби во мај 2004 година од црвено-белите. Но во третото последователно финале некогашниот европски првак, пак дозволи сензација. Железник го освои купот во 2005 година со минимални 1:0 против Црвена звезда. Од наредната 2006/07 Србија и Црна Гора се разделија и играа две напоредни натпреварувања. Во српскиот куп Црвена Звезда и Партизан се менуваа во освојувањето на Купот, се до мај оваа 2013 година, кога Јагодина со 1:0 ја доби Војводина во овогодинешното финале. До тој момент до финале стигнуваа Земун, Севојно или Борац Чачак, но ништо од трофејот.  
И за крај сме дома. Во нашиот македонски фудбалски Куп. Веројатно најслабиот или еден од најслабите во Европа. И во квалитет и во организација и во скоро сите детали. Кај нас сеуште ниту еден клуб од пониска категорија не играл финале. Најблиску беше струшки Караорман, кој во пролетта 2011 година воден од Антонио Ничевски беше блиску до финале со Слога Југомагнат. Но Митко Стојковски и Миле Димов го поправија впечатокот на Пелистер, кој стигна до финалето и подоцна го свои натпреварувањето. Во шест од првите седум финалиња играше скопски Вардар и најчесто го добиваше финалниот натпревар. Првиот аутсајдер кој го освои Купот беше Цементарница во мај 2003 година, во сигурно најубавото финале до денес. Мечот со Слога Југомагнат заврши 4:4 во меч со безброј пресврти. Чаирчани беа фаворити, но по пенал рулетот титулата замина на Цементарница. Најизненадувачкото финале го играа Башкими и Маџари Солидарност во 2005 година. Тоа финале ќе се памети по двата евро-гола на Бруно Пресилски и титулата за кумановските зелени. Наредната година во меч со уште еден прекрасен гол, овој пат на Филип Ивановски во 90 минута, Македонија Ѓорче Петров ја совлада Шкендија на Неџат Хусеин со 3:2. Најчесто финалните мечеви се играа на најголемиот стадион во Скопје, но кога беше избран друг стадион како во 2000 година, се случи голеада. Како никогаш во историјата Слога Југомагнат на Ѓоре Јовановски ја прегази Победа сред Прилеп со 6:0, што и ден-денес е највисока победа на финалните средби. Изненадувањето од никаде, Милано од Куманово, во своите најдобри денови со Ѓоре Јовановски на клупата стигна до финале со Работнички на Беквалац во 2008 година. Дебармаалци беа подобар ривал и славеа со 2:0. Од тогаш Тетекс игра три финалиња во четири години и може да стане првиот тим го испаѓа од Лигата, а ќе го освои Купот и ќе игра во Лига Европа во сезоната 2013/14. Заедничка карактеристика на скоро сите финални мечеви на македонскиот Куп е дождот и лошиот квалитет на фудбалот. Но и кај нас како и скоро насекаде низ Европа, понекогаш Куп титулата е подрага од таа првенствената. Тоа е трофејот кој подолго останува во сеќавањето и повеќе се слави. И со фудбалската транзиција тоа веројатно така ќе остане и децении и децении во иднина.                             

Нема коментара:

Постави коментар