Powered By Blogger

30. 12. 2013.

Ѓоко Илијовски нов тренер на исландскиот Хотур

МЛАДИОТ БИТОЛСКИ ТРЕНЕР, ЃОКО ИЛОЈОВСКИ СО АНГАЖМАН ВО ИСЛАНДСКИОТ ТРЕТОЛИГАШ ХОТУР
Бившиот тренер во младинските категории на Пелистер, а во еден период и на сениорската екипа 43 годишниот Ѓоко Илијовски веќе една година работи во „ладниот„ Исланд. Во клубот Хотур кој пред две сезони беше прволигаш, а потоа две години по ред испаѓаше во понизок ранг на натпреварување, одлучија да направат голема реорганизација.

Фатон Таировски на проба во Швајцарија

УШТЕ ЕДЕН МЛАД ТАЛЕНТ ОД ШКОЛАТА НА ПЕЛИСТЕР СО ПОНУДА ЗА ПРОБЕН ТЕСТ ВО ЗАПАДНА ЕВРОПА
Младиот 16 годишен фудбалер на Пелистер Фатон Таировски, кој настапува за кадетската и младинската екипа на Пелистер која се наоѓа на самиот врв на табелата во својот шампионат, во новата година го очекува нов предизвик.

Новогодишен коктел на РК Пелистер

ЗАВРШНА ЦЕРЕМОНИЈА НА РК ПЕЛИСТЕР И НАЈАВА ЗА ПРОЕКТОТ ВО 2014 ГОДИНА
Новиот управен одбор на РК Пелистер организираше новогодишен коктел на кој беа поканети сите ракометари на сениорската екипа, стручниот штаб, голем дел од оперативците во клубот, ветераните и легендите на клубот и новинарите. Еден убав обичај за завршување на сезоната, со оглед на тоа до сабота момците тренираа под водство на новиот тренер Томче Петрески, кој беше официјализиран како наследник на Ристо Костадиновски. Деновиве се очекува клубот и официјално да премине во рацете на ГП Пелистер и најуспешниот претседател во историјата на клубот, Силјан Мицевски. Со самата иницијатива за негово враќање, извесно беше дека клубот ќе застане на здрави нозе и организационо ќе наликува на ракометен гигант.  Претседателот на управниот одбор Сашо Павловски најави подобри денови за славниот битолски клуб: „Во завршна фаза е трансформацијата на клубот и во првите денови од новата година очекувам дека официјално ќе бидеме РК Пелистер АД. Забележувате дека организационо се екипираме и верувам дека сме на вистинската патека. Од почетокот наша идеа беше да ги обединиме клубските легенди и ракометните работници и верувам дека со склоп на нивните квалитети и потребите на клубот, има место за сите заеднички да соработуваме„ заклучи  Павловски.
На иста маса сегашниот стручен штаб плус Стевче Стефановски, Абдула Јусуфовски, Цане Крстевски, Златко Димитровски беа дел од коктелот, а веројатно клубот ќе пронајде адекватни активности за нив во новата спортска структура. Играчкиот кадар ќе биде драстично засилен и со 3-4 нови ракометари од странство, Пелистер ќе биде поконкурентен во новата 2014 година. Првата голема цел е да се врати местото на клубот во некој од европските купови и секако да ја анимира битолската публика во што е можно поголем број да ја исполни спортската сала „Младост„ во натпреварите од Суперлигата.

28. 12. 2013.

Ристевски потпиша за Славија Софија

БИТОЛСКИОТ ДЕФАНЗИВЕЦ КОЈ СЕ НАМЕТНУВА И ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, АЛБАНИЈА ЌЕ ЈА ЗАМЕНИ СО БУГАРИЈА
Младиот 23 годишен дефанзивец Кирче Ристевски ја заврши својата неколку годишна приказна во Албанија и се сели во бугарската лига. Довчерашниот капитен на албанскиот Балиш по завршувањето на првиот дел од шампионатот како слободен играч го напушти овој клуб и мина во бугарската екипа Славија од Софија.

27. 12. 2013.

Браво за хуманите „Чкембари„

ПРЕКРАСНА ХУМАНА ИНИЦИЈАТИВА НА НАЈСТАРАТА НАВИВАЧКА ГРУПА ВО МАКЕДОНИЈА
Нова хуманитарна акција на навивачката група „Чкембари„ Во соработка со македонската православна црква, денес битолските навивачи донираа храна и новогодишни пакетчина на неколку битолски семејства, на кои тоа им е неопходно.

Главевски како додадена вредност на пролетниот Пелистер

РОБУСНИОТ НАПАЃАЧ ВО УЛОГА НА ПРВО ЗАСИЛУВАЊЕ НА ПЕЛИСТЕР ВО ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК 
Периодот на заслужен одмор по есенскиот дел од Првата фудбалска лига, сите фудбалери на Пелистер го користат за одмор и полнење на батериите пред напорниот дел на подготовки кои започнуваат на 15 јануари. Исклучок е Благојче Главевски, кој комплетно се опорави по операцијата на лигаментите на левото колено и од стартот на подготовките ќе му се стави на располагање на тренерот Бочевски.

26. 12. 2013.

Јанев потпиша за РК Пелистер, пак по шест години

НОВИОТ ТРЕНЕР НА ПЕЛИСТЕР, ТОМЧЕ ПЕТРЕСКИ ГО ДОБИ ПРВОТО ЗАСИЛУВАЊЕ ЗА ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
27 годишниот кружен напаѓач од Неготино, Дарко Јанев е нов член на Пелистер. Корпулентниот ракометар од денес му се приклучи на битолскиот суперлигаш откако постигна согласност од клубската управа и ги мина лекарските прегледи.

24. 12. 2013.

Фудбалот и малите спортови во забележителен прогрес

СПОРТОТ ВО БИТОЛА ВО 2013 година

ПЛИВАЊЕТО, КУГЛАЊЕТО, ШАХОТ, МОТО-КРОСОТ ДОНЕСОА МНОГУ РАДОСТИ ВО НЕОЛИМПИСКАТА 2013, КОЈА СЕПАК ЌЕ СЕ ПАМЕТИ ВО ФУДБАЛСКАТА РЕНЕСАНСА

Фудбалерите на Пелистер презимија на делба на првото место
Силјан Мицевски се врати на чело на РК Пелистер
Пливачот Иван Симоновски освои вреќа медали и собори многу рекорди
Влатко Богдановски седми пат стана државен првак во шах
Четири злата за академијата ЗА-НЕД-ДО на СП во Атина
Кугларот Соколовски сребрен со репрезентација на СП во Унгарија



Ракометната школа „Јуниор„ на меѓународен турнир во Грција

-->
ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД, ШКОЛАТА НА ЗАРКОВ И МАРКОВСКИ ПОКАНЕТА НА ТУРНИР ЗА МЛАДИ КАТЕГОРИИ ВО ДУКАС
Ракометната школа „Јуниор„ од Битола, која ја водат бившите репрезентативци Иван Марковски и Александар Зарков деновиве ќе учествува на традиционален меѓународен турнир за млади категории, кој ќе се одржи во грчкиот град Дукас.

Филип Миленковски во Мјанмар?


СТРУКТУРАЛНИ И ИГРАЧКИ ПРОМЕНИ ВО БИТОЛСКИ ПЕЛИСТЕР САМО ВО НАЈАВА
Во очекување на дефинирање на своите позиции за вториот дел од шампионатот, во Пелистер се децидни дека нивна цел е да го задржат ростерот кој одигра одлична пролет. Голем дел од тие фудбалери имаат постоечки договор со битолскиот прволигаш, но по добриот прв дел од шампионатот, има и се повеќе фудбалери кои се на цена. Еден од нив е и Филип Миленковски, кој се уште има договор со Пелистер до крајот на сезоната, но има повеќе од реална опција за продолжување на кариерата во далечниот Мјнамар „Во овој момент постои само интерес и ништо повеќе. За деталите ќе знам многу повеќе во наредните неколку дена, а потоа ќе знам каде ќе играм во новата година„ ни рече Миленковски, кој како и останатите фидбалери на Пелистер се наоѓаат на заслужен одмор до 15 јануари, за кога е закажана првата прозивка во 2014 година. И Стенио Жуниор е во очекување на својата иднина. Во деновите кога ја слави својата венчавка со неговата долгогодишна девојка Луана, 22 годишниот бразилец до крајот на старата година ќе знае каде ќе игра во новата. Опции има две: или да го испочитува првичниот договор на Пелистер со Литекс и да игра во зелениот дрес до крајот на овој шампионат или на обострано задоволство да биде продаден.

19. 12. 2013.

Новевски мак-фудбалер на годината


ПО ВТОР ПАТ ВО КАРИЕРАТА, НИКОЛЧЕ НОВЕВСКИ НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛЕР ВО ТЕКОВНАТА ГОДИНА
Членот на германскиот клуб Мајнц, дефанзивецот од Битола Николче Новески е избран за фудбалер на 2013-та година во македонскиот фудбал, соопшти Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Тој ги доби најголемиот дел од гласовите на навивачите кои гласаа преку веб сајтот на ФФМ, но и гласовите на клубовите општинските фудбалски сојузи.

Савевски со отказ од Омонија

ЛЕГЕНДАРНИОТ БИТОЛСКИ ФУДБАЛЕР, А СЕГА ТРЕНЕР ПО 18 МЕСЕЦИ ДОБИ ОТКАЗ ОД ТРЕНЕРСКОТО МЕСТО ВО ОМОНИЈА
Битолскиот тренер Тони Савевски синоќа е разрешен од функцијата шеф на стручен штаб на кипарскиот прволигаш Омонија, со одлука на Бордот на директори на клубот. Клубот се одлучи да ја прекине соработката со Савевски по лошите резултати на тимот, кои беа заокружени со последниот пораз од 2-0 од директниот конкурент за титулата АПОЕЛ.

18. 12. 2013.

Браќата Љамчевски на цена


МЕЃУ ОДМОРОТ И ПОНУДИТЕ, ДВА БРАЌА А ОВАА ЕСЕН ГОЛЕМИ РИВАЛИ, ВО ФУДБАЛСКА ДИЛЕМА

Паузата меѓу есенскиот и пролетниот дел, фудбалерите ја корстат за краток одмор, разгледување на можностите за смена на клубските бои и полнење на батериите пред продолжувањето на натпреварите. Таков е случајот со браќата Љамчевски, кои во претходните три месеци беа лути ривали на теренот, а сега двајцата не ја знаат својата иднина. Главната причина се понудите кои пристигнуваат до нив и можноста да направат скок во кариерата.

17. 12. 2013.

Томче Петрески, нов тренер на РК Пелистер?

ЕДЕН ОД ЧЛЕНОВИТЕ НА ЗЛАТНАТА ГЕНЕРАЦИЈА, ДЕНОВИВЕ ЌЕ БИДЕ НАЗНАЧЕН ЗА ТРЕНЕР НА РК ПЕЛИСТЕР 
Иако нема потврда од клубот, деновиве ќе биде обелоденета тренерската смена во РК Пелистер. На местото на Ристо Костадиновски, кој беше предводник на зелените на само четири средби, кормилото ќе му биде доделено на Томче Петрески. Бившиот репрезенативец, живее и работи во Битола, еден период тренираше екипа од Косово, а по кратката епизода како предводник на ЖРК Пелистер во Првата лига, ќе биде промовиран во прв тренер на машката екипа.

15. 12. 2013.

Пелистер во очекување на дефинирање на клубската стратегија

ФУДБАЛЕРИТЕ СИ ЈА ЗАВРШИЈА СВОЈАТА РАБОТА, СЕГА НА РЕД Е АДМИНИСТРАТИВНО СТАБИЛИЗИРАЊЕ НА БИТОЛСКИОТ ПРВОЛИГАШ
Од петокот фудбалерите на Пелистер се на заслужен одмор и уживаат во „плодовите„ на успешната есен, во која под водство на Драган Бочевски освоија 34 бода и презимија на делба на првото место. Главната цел на битолчани е до крајот на годината да ги дефинираат следните чекори околу клубската стратегија, евентуалниот влез на нов капитал во клубот, а потоа и фудбалскиот проект.

Фудбалерите на Пелистер во тимот на есента

СТИГНУВААТ СЕРИЈА НА ПРИЗНАНИЈА ЗА ДОБРИОТ ПРВ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА НА ФУДБАЛЕРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР
Со оглед на тоа што како никое друго првенство во Европа, скоро четири месеци трае паузата меѓу првиот и вториот дел од шампионатот, има доволно време за анализа, избор на најдобрите и оние помалку добрите. Во знакот на првите четири екипи на табелата: Хоризонт Турново, Вардар, Пелистер и Работнички минаа изборите на идеалниот тим на првите 19 кола од првенството на Македонија. Во изборот на единствениот дневен спортски весник „Македонски спорт„ двајца фудбалери на Пелистер се најдоа меѓу 11 најдобри по позиции. Тоа се дефанзивецот Христијан Драгарски и напаѓачот Стенио Жуниор.
Според веб порталот www.supersport.com.mk дури тројца фудбалери од битолскиот прволигаш се во тимот на есента. Тоа се дефанзивецот Владица Брдаровски, фудбалерот на врска Ѓорѓи Мојсов и шпиц играчот од Бразил, Стенио Жуниор. Ова е уште една потврда дека фудбалерите на Драган Бочевски се на цена и максимално се вреднува тоа што тие го направија во претходните три месеци.   

14. 12. 2013.

Пелистер неискусно му ја подари победата на струмичани

СО МНОГУ ЛОШ ФИНИШ, ПЕЛИСТЕР ПРОКОЦКА МОЖНОСТ ДА ГО ПОРАЗИ СИЛНИОТ И ИСКУСЕН СТРУМИЧКИ СУПЕРЛИГАШ
Пелистер - Зомимак М 16:17 (10:9)

Спортска сала „Младост„ - Битола. Гледачи: 1500
Судии: Ѓоко Начевски и Славе Николов (од Скопје)
Делегат: Марјан Начевски (Скопје)
Црвен картон: Младеновски (Зомимак М)

13. 12. 2013.

Среќен „Петок 13 ти„ за Стенио Жуниор

НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ ОВАА ЕСЕН КАЈ ПЕЛИСТЕРЦИ „РИПНА В ТАВЧЕ„ САМО ЕДНА НЕДЕЛА ПО ВРАЌАЊЕТО ОД МАКЕДОНИЈА
Една недела откако се врати од Европа во родната Форталеза во Бразил, 22 годишниот Стенио Маркос де Фонсека Салазар Жуниор денес го има најсреќниот ден во животот.

Пелистер го намачи Кожув и сред Гевгелија

КАКО И ВО ВТОРОТО КОЛО ВО БИТОЛА, И ВО ГЕВГЕЛИЈА БИТОЛЧАНИ ГО НАМАЧИЈА ВИЦЕШАМПИОНОТ
Кожув - Пелистер 76:66 (21:17, 19:21, 17:17, 19:11)

Кошаркарите на Кожув многу потешко од очекувањата го скршија отпорот на Пелистер и стигнаа до триумф над „фенерџијата“ на прволигашката табела (76:66). Битолчани скоро цел натпревар одолеваа на налетите на актуелниот вицешампион, кој го отвори мечот со одлична серија 15:2, но потоа им овозможи на гостите уште до крајот на првата четвртина да се вратат во натпреварот.

Возачите на ЛТД тренираат во Грција


МОЖЕБИ ВО ПРОЛЕТ И ЛЕТО, МОТО-КРОСОТ Е ПОАКТУЕЛЕН, НО ТРЕНИНЗИТЕ СТАРТУВААТ ВЕЌЕ ВО ЗИМА
Мото-кросот не фунционира најдобро по ниски температури и со големи студови. Иако во Битола деновиве е мошне студено и ништо, сепак мотициклистите веќе ги “запалија“ моторите и ги започнаа подготовките за наредната сезона 2014

10. 12. 2013.

Maкедонското дерби во Албанија за Кире Ристевски

НОВА ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО АЛБАНСКАТА ЛИГА НА БАЈЛИШ НА КАПИТЕНОТ КИРЕ РИСТЕВСКИ
Бајлиш на домашен терен со 1:0 славеше во дуелот со Партизан Тирана, второпласираната екипа во Албанската „Супер Лига“ Нашиот интернационалец, битолчанецот Кирче Ристевски го одигра целиот натпревар во одбраната за домаќините и беше еден од најзаслужните за оваа мошне важна победа на тимот на Бајлиш.

9. 12. 2013.

Есенски подвиг на Пелистер и Бочевски

НАСМЕВСКИ, ЗАДОВОЛСТВО И ИМПРЕСИИ ПО НАЈДОБРИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ НА ПЕЛИСТЕРЦИ ВО КЛУБСКАТА ИСТОРИЈА
Со победата од 4:0 против Напредок во неделата, Пелистер зад себе ја остави најплодната есен во однос на освоени бодови, а и ретко кога можел да се пофали со така високо место на првенствената табела.

8. 12. 2013.

Срамен пораз на пелистерци во Радовиш

НОВИОТ СУПЕРЛИГАШ СЛАВИ ПОДВИГ ПО ГОЛЕМАТА ПОБЕДА НАД ПЕЛИСТЕР ВО 13 КОЛО
Радовиш - Пелистер 16:14 (11:8)

Во натпревар кој тешко се коментира и анализира, самиот краен исход говори многу нешта. Пелистер во предпсоледниот натпревар во 2013 година загуби на гости од Радовиш со 16:14. Човек да не знае што е поневообичаено, поразот од новиот суперлигаш или само 14 постигнати гола, од кои во вторите 30 минути избраниците на Ристо Костадиновски постигнаа само 6 гола.

Најава за европски Пелистер наредната пролет

НАСМЕВКИ И ЗАДОВОЛСТВО КАЈ ПЕЛИСТЕРЦИ ПО „ШЛАГОТ НА ТОРТАТА„ И ПОБЕДАТА ПРОТИВ СЕКОГАШ НЕЗГОДНИОТ НАПРЕДОК
По најубедливата победа оваа есен, видливо беше задоволството на лицето на предводникот на Пелистер, охриѓанецот Драган Бочевски. За прв пат по шест години, зелените презимуваат со преку 30 бода и пак меѓу водечките три екипи во лигата. Кога последен пат тоа го остварија настапија во европските купови.

Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)

Одличната есен, фудбалерите ја заокружија со убедлива победа, Сакам да им честитам и да им се заблагодарам на фудбалерите кои и покрај заморот и проблемите, се надминаа себе си и потврдија дека нашите планови за европски Пелистер полека заземаат вистинска смисла. Се наоѓаме на вистинскиот пат и треба работата да ја завршиме на пролет.
 
Горазд Михајлов
(тренер на Напредок)

Честитки за фудбалерите на Пелистер кои повеќе ја сакаа победата и ја заслужија. Не би сакал да го коментирам судењето, но ситуацијата која му претходеше на првиот гол имаше голема улога во конечниот резултат. Можеби имаше пенал за Напредок при 0:0, но сепак победата на домаќинот е апсолутно заслужена.
Пелистер и Чкембарите не го забораваат својот водач

Вчера мина една година од ненадејната смрт на еден од водачите и основачите на навивачката група „Чкембари„ - Атанас Смилков Кенан. Мечот почна со едноминутно молчење, како почит за човекот кој даде многу за навивачкото движење во Битола, а во еден период беше и комесар за безбедност на ФК Пелистер.

Блесок на зелените за крај на одличната есен

СО ПЕТТАТА ПОБЕДА НА ПОСЛЕДНИТЕ ШЕСТ МЕЧА, ПЕЛИСТЕР ТРИУМФАЛНО ЈА ЗАВРШИ ОДЛИЧНАТА ЕСЕН
Прва фудбалска лига - 19 коло
Пелистер - Напредок 4:0 (1:0)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 1000
Главен судија: Никола Костенчев
Асистенти: Џенан Хајдари и Дејан Димитријевиќ (сите од Скопје)
Делегат: Штерјо Ѓеорѓиев (Скопје)
Стрелци: Мојсов во 27 и Воденичаров во 73 и 80, Алтипармаковски во 86 минута за Пелистер
Жолти картони: Љубенов (Пелистер), Зердески, Раичевиќ (Напредок)
Црвени картони: нема

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски (од 85м. Георгиев), Ковачев, Драгарски, Китановски, Елмазовски, Мојсов, Љамчевски (од 81м. Трајковски), Миленковски (од 70м. Воденичаров), Љубенов, Алтипармаковски

Напредок:
Ристовски, Мирчески, К. Степановски, Балажи, Маркоски, Цветаноски, Петрески, Мојсовски, Вељановски (од 64м. Кркељиќ), Раичевиќ, Димоски  (од 76м. Клечкароски)

Играч на натпреварот:
Петар Љамчевски (Пелистер)
По сончево време, но и тежок терен Пелистер и Напредок пред себе ги имаа последните 90 минути во фудбалската есен, а тие обично се најтешки. Уште во втората минута домаќините требаше да поведат, но само доколку теренот беше сув. Миленковски се проби по левата страна, биеше и го совлада Ристовски, но топката заглави во калта на само еден метар пред гол линијата и голманот на Кичевчани успеа да стигне. По првиот домашен корнер, Мартин Ковачев убаво скокна и биеше со глава, но за малку крај дирекот. Во 18 минута Владица Брдаровски центрираше од десната страна до главата на Алтипармаковски, кој биеше крај дирекот. Првата закана гостите од Кичево ја имаа во 22 минута кога Куштрим Балажи шутираше од 30 метри, но непрецизно и без потреба Пашовски да интервенира. Нешто попрецизен беше Ристе Маркоски две минути подоцна, но капитенот на Пелистер без проблеми го скроти шутот. Скоро идентично беше на спротивната страна во 25 минута кога Китановски се закани, но Бојан Ристовски беше буден. Овие удари беа најава за отворањето на резултатот. Цветаноски не реализира убава можност пред битолскиот гол во 27 минута и Љамчевски поведе контранапад. Додаде до Ѓорѓи Мојсов кој од работ на казнениот простор со левата нога пласираше и на ефектен начин во спротивниот агол ја погоди целта. Еврогол за радост на околу 1000 љубители на фудбалот под Тумбе кафе. Се играше 42 минута кога Елмазовски силно шутираше од слободен удар, но топката заврши некој метар покрај левата стратива на гостинскиот голман. Во првата од трите минути од судиското надополнување, Дејан Цветаноски имаше убава инвидуална акција, по која биеше во блокот на Драгарски и Напредок пропушти можност да израмни. Отворено прво полувреме, во кое двете екипи имаа свои опции, а еден инвидуален потег го одбележа овој дел од средбата.
Второто полувреме започна со голема шанса за втор гол на пелистерци. Петар Љамчевски во празно го пронајде Миленковски, кој изби сам пред Ристовски и наместо да бие, се одлучи да проигра кон Алтипармаковски, но топката беше предолга и  Пелистер пропушти голема шанса за зголемување на водството. Во 55 минута Кире Степановски од ненадеж дојде на пет метри осамен да израмни, но биеше премлако и можноста пропадна. Една минута подоцна по центаршутот на Мојсов, во срцето на казнениот простор се придодаде Илир Елмазовски и биеше од волеј и кога сите ја видоа топката во мрежата, таа заврши сантиметри крај дирекот. Во 64 минута Алтипармаковски украде една топка на средината на теренот, додаде до Љамчевски, кој одлично шутираше од 16-17 метри, но неговиот удар заврши над пречката. Гостинскиот тренер Михајлов го засили нападот со влегувањето на Кркељиќ на местото на Тони Вељановски, во 70 минута Бочевски го внесе Димитар Воденичаров на местото на Филип Миленковски. Одлуката ја донесе како и против Гостивар, штотуку влезениот Воденичаров. Агилниот Петар Љамчевски мина по десната страна, центрираше по земја, топката не ја расчистија гостите и Воденичаров во првиот контакт со топката од само еден метар ја втурна топката во празната мрежа. Две минути подоцна и Марјан Алтипармаковски излезе сам пред Ристовски, но не ја исконтролира најдобро топката и шансата пропадна. Но токму Алтипармаковски беше инспиратор на акцијата за третиот гол на зелените. Младиот напаѓач на битолчани центрираше од десната страна, Воденичаров ја исконтролира топката и ефектно со петта ја втурна топката во небранетата мрежа. Гостите ги стигна уморот и Алтипармаковски од 9-10 метри од десната страна, пласираше во спротивниот агол и по четврти пат го принуди Ристовски на капитулација. Најубедлива победа на Пелистер оваа есен и заокружување на серијата од 16 бода на последните шест меча оваа есен.  

7. 12. 2013.

Лирија брзо го „наполни„ Пелистер

ПАК НА УБЕДЛИВ НАЧИН КОШАРКАРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР, ПОРАЗЕНИ ВО СПОРТСКАТА САЛА „МЛАДОСТ„ ОД СИЛНАТА ЛИРИЈА
Пелистер - Лирија 56:87 (10:28, 9:15, 16:23, 21:21)

И првиот натпревар од вториот круг на државниот шампионат во кошарка, битолски Пелистер го почна со пораз. Многу силната екипа на Лирија од скопската населба Сарај, многу брзо го реши прашањето на победникот. 18 разлика на крајот на првата и 24 на крајот на втората четвртина, реално кажуваат каква е разликата во квалитет меѓу двете екипи.

Започна државното првенство во карате

БИТОЛА ОВОЈ ВИКЕНД ДОМАЌИН НА НАЈДОБРИТЕ КАРАТИСТИ И КАРАТИСТКИ ОД МАКЕДОНИЈА ОД ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА
Во организaција на карате федерацијата на Македонија, која ги испрати најдобрите македонски судии, деновиве спортската сала во гимназијата “Јосип Броз Тито“ се одржува државното првенство во карате во организација на општинскиот сојуз на училишен спорт од Битола и Федерацијата за училишен спорт.

6. 12. 2013.

Констенчев на центарот против Напредок

СПОРЕД ОЧЕКУВАЊАТА СКОПСКИ СУДИЈА ЌЕ СУДИ ПРОТИВ НАПРЕДОК
Младиот скопски судија Никола Костенчев по втор пат во сезоната е делегиран да ја дели правдата на меч на Пелистер. Последниот натпревар во првиот дел од шампионатот против Напредок в недела, ќе има комплетно скопска судиска четворка.

5. 12. 2013.

Заморот и повредите ги стигнаа пелистерци, кога најмногу требаше


ПО 25 АВГУСТ И ПОРАЗОТ ВО ШТИП, ПЕЛИСТЕР НА ПОСЛЕДНОТО ГОСТУВАЊЕ ВО 2013 ГОДИНА, ПОВТОРНО ПОРАЗЕН
Елиминацијата од националниот Куп за сметка на Работнички е првиот голем удар за Пелистер во периодот на серија на позитивни резултати. Како и пред четири сезони, минималната победа од 1:0 во Битола, не беше доволна да се обезбеди полуфиналето.

4. 12. 2013.

Кобни последни 15 минути за пелистерци во Купот

СЛИЧНО КАКО ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ, ПАК РАБОТНИЧКИ КОБЕН НА ПАТОТ КОН КУП ТИТУЛАТА ЗА БИТОЛСКИ ПЕЛИСТЕР
Куп на Македонија - Четвртфинале (втор натпревар)
Работнички - Пелистер 2:0 (0:0)

Национална арена „Филип втори„ - Скопје. Гледачи: 500
Главен судија: Горан Спиркоски
Асистенти: Илчо Јорданоски и Зоран Костоски (сите од Прилеп)
Делегат: Марјан Стојкоски (Прилеп)
Стрелци: Имери во 77 и К. Велковски во 86 минута за Работнички
Жолти картони: Петровиќ, Силјановски (Работнички), Драгарски, Миленковски,Елмазовски, Китановски  (Пелистер)
Црвени картони: нема

Спиркоски пак им носи среќа на пелистерци?

ИСТИОТ СУДИЈА ОД ПРВАТА ЧЕТВРТФИНАЛНА СРЕДБА, ЌЕ СУДИ И НА ВОЗВРАТНОТО ЧЕТВРТФИНАЛЕ
Судијата кој ја делеше правдата на првиот меч помеѓу овие две екипи пред еден месец, Горан Спиркоски од Прилеп пак е делегиран од ФФМ за делење на правдата на возвратниот меч од четврфиналето на Купот. На првата средба Спиркоски заради два жолти картони го исклучи Христијан Драгарски. Кога последен пат Пелистер играше на националната арена „Филип втори„ минатата сезона против Вардар, исто така судеше Спиркоски и покажа на белата точка за Пелистер, па Елмазовски подоцна го реализира пеналот за победа на зелените против Вардар. Дали и овој пат Спиркоски ќе донесе среќа за битолскиот прволигаш?

3. 12. 2013.

Со дилемата Стенио Жуниор до последен момент


НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ НА ПЕЛИСТЕРЦИ НЕИЗВЕСЕН ДО САМИОТ ФИНИШ ЗА ДЕНЕШНИОТ МЕЧ НА НАЦИОНАЛНАТА АРЕНА „ФИЛИП ВТОРИ„
Во потрага по шестото полуфинале од Купот на Македонија, фудбалерите на Пелистер уште вечерва патуваат за Скопје, каде против Работнички втората половина од четвртфиналето ја почнуваат со минимални 1:0 од првата средба.

2. 12. 2013.

Кобна последна минута за пелистерци

СЕ ВРАТИЈА ОД -18, НО КОШАРКАРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР ПРИМИЈА СЕДУМ ПОЕНИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 90 СЕКУНДИ И ПРЕТРПЕА ПОРАЗ ОД КАРПОШ СОКОЛИ
Пелистер - Карпош Соколи 74:77 (11:27, 24:19, 20:14, 19:17)

Како и многу често оваа сезона и кога ќе одиграат повеќе од солидни три четвртини, кошаркарите на Пелистер поразени го напуштаат теренот заради лошиот влез и пристап во мечот.

Голема транформација на Пелистер на гостувањата

СО РЕМИТО ПРОТИВ ШКЕНДИЈА, ПЕЛИСТЕР ЗАВРШИ ГОЛЕМА РАБОТА И ГИ ЗАКЛУЧИ ГОСТУВАЊАТА СО САМО ЕДЕН ПОРАЗ - ОНОЈ ВО ШТИП
На 9 декември минатата година, исто така во снежен амбиент, Пелистер во Тетово одигра 0:0  со Ренова во последното есенско коло од минатиот шампионат, што беше единствено реми во 10 гостувања во првиот дел од ланскиот шампионат. Од можните 30 бода, зелените освоија само 1 и ја загубија самодовербата дека можат да сторат нешто повеќе надвор од Битола. Токму во Тетово и пак по многу тежок терен по снежниот викенд под Шара, Пелистер ги заврши гостувањата за бодови во тековниот шампионат, со реми без голови против Шкендија.

ФОТО: Заедничка вечера на фудбалерите на Шкендија и Пелистер

КАКО И ШТО ДОЛКУВА НА ДВА ГОЛЕМИ КЛУБОВИ СО НАЈГОЛЕМА ПОСЕТА ВО ТЕКОВНИОТ ШАМПИОНАТ, ШКЕНДИЈА И ПЕЛИСТЕР СО ЗАЕДНИЧКА ВЕЧЕРА ОО МЕЧОТ
ФК Шкендија ја потврди својата амбиција професионално да го води својот клуб и конкретно на мечот со Пелистер, битолчани можеа во тоа и да се уверат. Витешката борба на тешкиот терен многу коректно ја поднесоа актерите во мечот, за што треба само да им се честита.

1. 12. 2013.

Текстилец брзо победен сред Битола

ПОЛЕСНО ОД ОЧЕКУВАЊАТА ВО БИТОЛА ПОРАЗЕН Е ШТИПСКИ ТЕКСТИЛЕЦ, СО ОТПОР САМО ВО ПРВИТЕ 10 МИНУТИ
Пелистер - Текстилец 31:25 (18:8)

Спортска сала „Младост„ - Битола. Гледачи: 500
Судии: Никола Пауновски и Оливер Спировски (Струга)
Делегат: Васко Ајдаревски (Кичево)

Пелистер носи голем бод од под Шара

ПАК ПО НЕВЕРОЈАТНО ТЕШКИ УСЛОВИ, ПЕЛИСТЕР ОДИГРА „ЛАВОВСКИ„ И ДОНЕСЕ БОД ОД ТЕТОВО ПРОТИВ ШКЕНДИЈА
Прва фудбалска лига - 18 - коло
Шкендија - Пелистер 0:0

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 4000
Главен судија: Константин Влахо
Асистенти: Тони Стојановски и Игор Ширилов (сите од Скопје)
Делегат: Зоре Мојсоски (Македонски Брод)
Стрелци:
Жолти картони: Мустафи, Бајрами, Зекири (Шкендија), Брдаровски, Христов, Елмазовски, Драгарски (Пелистер)
Црвени картони: нема