Powered By Blogger

3. 5. 2013.

Факторот Мино Рајола...

Некогаш пред 20-30 години скоро никој не знаеше како се викаат менаџерите, агентите на професионалните фудбалери. Не дека не биле важни, но секогаш нивната работа била далеку од очите на јавноста. Далеку од медиумите, далеку од кулоарите. Денес таа категорија е најпривилегована. Тоа се звездите, без нив не се може. Кога ќе анализирам колку значат денес во професионалниот фудбал, не знам што барам во седмата сила.
Веднаш прекоманда, скапа гардероба, очила за сонце и секако би комуницирал на било кој јазик на светот кога во прашање е темата фудбал. Но има еден менаџер кој не е облечен по најновата мода, кој нема врска со италијанскиот стил од каде што потекнува, кој има линија слична како Цацко, но токму тој е главен фактор во денешниот фудбал. Се вика Мино Рајола и сигурно е највлијателниот човек надвор од тревникот во модерниот фудбал. Мино има 45 години, роден е во близина на Салерно и во бизнисот со фудбалери влезе сосема случајно. Наместо продажбата на пици во центарот на Амстердам „дебелиот„ Рајола си пронајде подобра варијанта. Иако посредувал при трансферите на голем број холандски фудбалери од Холандија на „чизмата„ во деведесетите (Рој, Бергамп, Јонк, Винк, Крек) големиот трансфер за Мино, требаше да се случи во новиот милениум. Додека играл за Ајакс, Златан Ибрахимовиќ често ја посетувал неговата пицерија. Мино еднаш му рекол: „Дај јас да се грижам за твојата кариера, веднаш ќе видиш до каде ќе стигнеш...„ Од тој случаен муабет настанала алката која и ден денес, Рајола ја врзува со најдобрите европски фудбалери. Планот за првиот голем трансфер Мино го зацврстил со една од најмаркантните личности во светот на клубскиот фудбал - Лучијано Моџи. Колку и да не го сакаш, да го презираш неговиот стил, сепак Моџи беше мајстор на својот занает. Човек кој ќе го доведе Марадона во Неапол, па ќе го открие Џанфранко Зола  од третолигашот Торес, ќе го потпише Зидан за 5 милиони или дури Давидс за без пари од конкурентниот Милан. Ете тој човек дефинитивно умее. Моџи и Рајола го натераа Ибра да издејствува инцидент со Рафаел Ван Дер Варт и да го принуди Ајакс сериозно да ја разгледа до тој момент прениската цена за обештетување од 15 милиони евра колку што понуди Јуве. За сметка на тоа Ибра и Рајола требаше да добијат бонус при личните услови. И токму така беше. Ајакс немаше повеќе енергија да ги следи каприците на Ибра и Мино и ја прифати фрлената ракавица од Италија. 
Така беше остварен првиот голем трансфер, а Рајола си ја отвори вратата во големиот фудбалски свет. Веќе го имаше Недвед во Јуве, го доведе и Ибра и повлијателен од Рајола во торинскиот клуб беше само Моџи. Фудбалерите од „Ере дивизие„ му стана специјалност. Го продаде на мала врата Максвел во Интер, за да заработи повеќе од наредниот премин од Сан Сиро во Барса. Сличен му беше и третманот со Зденек Григера во Јуве и со Марк Ван Бомел за кого доби повеќе пари, иако клубовите не плаќаа обештетување за плејмејкерот. Но со текот на времето Мино Рајола забележа дека „колачот„ е многу поголем кога во игра влегуваат трансфери од Серие А, па во другите континентални лиги. А Ибра беше само добро изманипулираниот трик за запознавање на моќниот менаџер. Денес една деценија по трансферот на Ибрахимовиќ во Јуве, истиот фудбалер сменил неколку дреса и со 106 милиони евра обештетување е фудбалерот за кого се потрошени најмногу пари. Интер, Барса, Милан, ПСЖ е развојниот пат кој Ибра го изоде со титули на сите страни, а со тоа Мино Рајола задоволно триеше раце и ја креваше цената. Неговата стретегија беше тесно поврзана со медиумите. Во Италија улогата на спортските весници, порталите, па и приватните радиа е огромна. Тука Рајола „нападна„ со сите сили. Добро знаеше дека секоја изјава, секоја закана, секој гол вреди милиони и милиони евра и често плаќаше за насловна страна во Кориере или Газета, се појавуваше намерно пред ТВ камерите за изјава во стилот „Ибра е подобар од Меси и Кристијано заедно...„ а целта беше само да се привлече вниманието, да се напумпа атмосферата и да се доближи финалната цел. Напоредно со златната „кокошка„ од Малме, Мино Рајола потпиша репрезентирање на Алесандре Пато и Марио Балотели. Целта беше идентична како со швеѓанецот. Препознавање на млад талент со темперамент кој дозволува медиатичка звезда, правилен развој и тајминг за трансфер за кој Рајола не може да погреши. 
Така го смести Балотели на „Итихад„ за 24 милиони фунти, токму по тројната круна на Интер во која Балотели не вгради многу труд и квалитет. Но Рајола знаеше да го искористи факторот што Марио стана медиатички „стар„ и секој друг трансфер го стави во втор план тоа лето 2010 то. Од првото посредување при трансферот на Рајкард во Спортинг во 1988 година, Рајола знаеше што прави. Денес Мино е фактор кој не се обидува да препознае некој нов Ибра, некој Недвед кој подоцна ќе стигне до Златната топка. Сега 5-6 агенти работат за Рајола и најдобрите бисери на европскиот фудбал (барем од Холандија и Италија) не можат да му побегнат. Денес Мино бира со кого ќе работи и рецептот добро го знае. Планско работење со седмата сила, афирмација и тајминг кој не смее да биде погрешен и трансферот не гине. Посебно што сега зад себе има една дузина на трансфери со кои секој би се гордеел. Само минатото лето за Ибра, Балотели, Ван Дер Вил и младиот Саламон во Бреша, Рајола ги продаде своите фудбалери за обештетување од вкупно 49,5 милиони евра и годишна плата од 21 милион евра за сите четворица фудбалери. Е сега пресметајте колкав е процентот за Рајола, барем оној официјалниот. А сигурно Галијани и Леонардо го „бонусирале„ што ги избра нивните клубови за Ибра и Балотели. Ета така работи Мино Рајола, еден од главните фактори во европскиот фудбал. Сигурно во главата му се врти нова идеа за летен трансфер, бидејќи веќе под своја капа ги има и Пол Погба, Блес Матуиди, Михтаријан и уште многу други главно многу млади фудбалери.
Слична е сторијата за Хорхе Мендез кој го има истиот рецепт за латинските фудбалери. Португалецот ги репрезентира главно португалските и јужноамериканските фудбалери. Соработува со многу повеќе фудбалери од Мино Рајола, но за разлика од „дебелиот„ не потпишува само со млади асови, туку важна му е националноста. Кога ги имаш зад себе Фиго, Кристијано, Моурињо, подоцна се тече како подмачкано. Во три клуба Мендез работи како дома. Во Бешикташ, Атлетико Мадрид и Реал Мадрид има близу 40 клиенти, што ќе каже дека зборот во овие клубови и тоа како му тежи. Неговиот шаблон за игра со медиумите е ист како на Рајола, само што тој изгледа баш по моделот на прав менаџер. Како Џејмс Бонд. И Мендез никогаш непотребно не зборува за јавноста. Пред микрофон е само кога нешто навистина мора да каже. Но добро, покритие му се имињата на луѓето кои ги репрезентира, тие се бренд, а во последно време Мендез е поголем бренд од сите нив. Голем број звезди тропаат на неговата врата за потпис како би ги отвориле вратите на Челзи или Реал Мадрид каде Хорхе го обожаваат. И така приказната на влијателни менаџери се сели од име до име. Ернесто Бронзети е пред пензија. Работи само како консултант на Флорентино Перез за шпанско-италијанскиот пазар. Без некои работи да преминат преку него, нема ниту Т од трансфер. Така Ривалдо, Роналдо, Роналдињо од Шпанија во Милан, Кака во спротивен правец, Вјери од Јуве во Атлетико се неговите директни конекции. И таа група на успешни луѓе и на Балканот зема се поголем замав. Генијалци како споменатите уште не се назираат, иако Фали Рамадани е на вистинскиот пат. Последниот случај Јоветиќ може да го лансира македонецот со албанско потекло во нов Мино Рајола. Иако во Германија и Русија, Рамадани плива како риба во вода. Е сега после ова приказна размислете дали би се менувале со нив. Луѓето кои ретко ги гледаме на ТВ, а кои ги влечат главните конци во оваа прекрасна игра. Тоа е факторот М, факторот кој го менува фудбалот....       

Нема коментара:

Постави коментар