Powered By Blogger

8. 5. 2013.

Амиго, Дон Алфредо е број 1 и точка...

Веројатно откако постои светот, откако постои оваа прекрасна игра се водела вечната полемика. Пеле или Марадона. Или можеби Кројф, тука е Меси, да не го заборавиме Ди Стефано. Ами Зидан? И уште Роналдо, Платини. Кајзер Франц и Пушкаш и уште мал милион дилеми. Кој е најдобриот?
Можеме ли да ги ставиме на вага, едниот со другиот, па со третиот? На крај на краиштата кои се критериумите по кои се бира најдобриот? Талент, кариера, учинок или баш се заедно. Па дури и имиџот, однесувањето, негувањето и на најмалите детали. Но нема да ја отворам темата кој е најдобар. За неа има мал милион теории. Ретко кој ја имал таа среќа да ги гледа и доживее баш сите великани. Кој е тој најкомпетентен да ја направи вечната ранг листа? А дефинитивно не е тоа ниту најсовремениот компјутер. Бидејќи ако беа само резултатите во прашање, ќе видевме кој има најмногу голови и трофеи и собирање, одземање, ќе дојдевме до некој одговор. Проста равенка. Но ова не е математика. Повеќе е ребус. Ако можеме да поделиме клубски со репрезентативен фудбал, јас веднаш ќе го издвојам мојот фаворит - Алфредо Ди Стефано. И тоа без да сум ги доживеал неговите славни денови, како тоа што денес го доживуваме сите на пример со Меси. Но исто како да сум го доживеал. Е тука почнува една сосема поинаква приказна. Сеуште бев на почетокот на оваа моја професија и на еден мој тогаш вообичаен одмор во Хрватска, во Истра наидов на една многу необична средба. Целта ми беше да се одморам од спортот и да го оставам на страна барем 9-10 дена. Можеби само тенискиот турнир во Умаг ме интересираше и нормално водените спортови. Но како што често секојдневно бива, од некои работи не може да се побегне. Па во група на познаници седеше еден повозрасен господин, уште самиот поглед му изгледаше мудро. Јас многу помлад од него срамежливо му открив дека ја работам или се обидувам да ја работам истата работа како и тој. До тогаш никогаш не сум чул за Звонимир Магдиќ - Амиго, колумнист на „Спортске новости„ и известувач за многу други медиуми. Блиска специјалност, меѓународен фудбал - посебно приврзан кон јужномаемериканскиот, конректно аргентинскиот стил. Подоцна научив мнигу детали за него, го читав редовно, но тогаш не знаев кој е и што преставува во Хрватска. Но еден муабет го води Амиго со него цел живот. На нашата вечна полемика, тој има едноставен одговор: „Дон Алфредо е најдобар од сите и од Марадона и од Пеле и убеден сум во тоа како што сум убеден дека утре е нов ден„ велеше Амиго. Велеше и со говорот на телото, веќе ги убедуваше сите. 
Меси тогаш беше во Розарио веројатно во детските дилеми дали да го одбере фудбалот и се пресели во Европа или не. Но и тогаш и денес да изберете најдобар, а тоа да не е Марадона или Пеле, или беше храброст или беше лудост. А Амиго не беше луд. А беше сигурен. Не објаснуваше многу зошто, како, но Дон Алфредо и точка... беше неговата теза. Доволно беше како тоа го кажуваше, па секој да почне да побара некој детал за Ди Стефано. Секој обичен вљубеник, а камо ли јас кој сакав да знам се за него. Бидејќи беше јунакот на цела една епоха. И не мораше ниту да игра на светското првенство да го импресионира Амиго, едноставно беше тотален фудбалер. Дваесет години пред Кројф и неговиот тотален Ајакс на Ринус Михелс. Пред да ја отворам лабораторијата и да побарам дел од невозможното, по некој цел натпревар на Ди Стефано, морав да го „скенирам„ Звонимир Магдиќ. Наидов на серија на текстови за јужноамериканскиот фудбал, многу баш за „плавата стрела„ како што го нарекуваа аргентинецот. Замислете аргентинец, а подобар од Марадона, па сега и од Меси. Но навистина имаше таков. Амиго имаше редовен фељтон во „Ногомет„ пишуваше едноставно, достапно. Читајќи го па и по една кратка средба, човек добива впечаток дека одамна го познава. А тоа е добар комплимент за авторот. Да се дојде до снимки од цели натпревари на Реал Мадрид во тоа време во 50,60 години беше невозможна мисија. Исечоци, детали тоа ДА. Но најмногу вредеа живите сведоштва, тие како на Амиго. И сите, па дури и големиот Марадона, спуштаа капа за Дон Алфредо. Само Пеле арогантно ликуваше: „Нека одлучат аргентинците, кој е најдобар меѓу нив, па со мене некако го споредуваат„ велеше О Реј. Но за Ди Стефано секој добро упатен во фудбалскиот свет ќе ви каже - КРАЛ и тоа крунисан. Па и некој што се родил во новиот милениум, само штом ќе ја прочита почесната титула од Реал Мадрид, ќе заклучи дека Ди Стефано е некаков вид на легенда. 
Реков дека клубскиот фудбал му беше во таква нагорна линија од Ривер, па се до Еспањол каде што ја заврши кариерата, што немаше ниту една дамка. Како Џордан. Секогаш и секаде најдобар. И не само со сведоштва и со факти. Две титули првак на Аргентина со Ривер Плата, три пати со Милионариос најдобар во Колумбија, осум Ла Лига титули во Шпанија со „кралевите„ и уште недостижни пет европски круни со Реал. Сите како протагонист. Како „прва виолина„ И тоа во тим со милион звезди со Пушкаш и Хенто, со Рајмонд Копа, со целата шпанска репрезентација во таа ера. Два пати ја освои златната топка во 1957 и 1959, четири пати беше најдобар во Шпанија, шест пати беше најдобар стрелец во лигата, а не беше класичен центарфор. Беше од гол до гол, како што пишуваше Амиго. Сите други, па и Марадона беа од половина терен, до противничкиот гол, само Дон Алфредо беше од гол до гол. И стигна до 484 гола на 661 меч. Импозантно. Како денес Меси и уште повлијателно. Но тогаш му фалеа две работи. Репрезентативна консакрација и маркетиншки ветер во грб, како што подоцна имаше Пеле, па и Кројф во седумдесеттите. Зошто и Гаринча беше екстра, ама сите говореа за Пеле. А баш тој Гаринча по природен талент беше број 1, можеби на сите времиња. Но не е се во талентот. А Ди Стефано ги спои сите потребни работи, освен овие две. Со Аргентина ја освои Copa America во 1947 година на 21 година. Во финалето дебакл ја снајде Колумбија кој беше поразен со 6:0, а Ди Стефано си поигруваше со ривалите на стадионот во Гвајакил, Еквадор. Изгледаше како идеален почеток, како со Ривер. Но неговата репрезентација не беше омилена. Не беше ни така моќна како Реал Мадрид. Лакрдијата која ја доживеа на мундијалот во Англија 1966 година и мечот со домаќинот, никој во Аргентина и ден-денес не ја заборавил. Но Ди Стефано тогаш веќе не ни помислуваше да игра за Аргентина. Доби шпански пасош и десет години по освоениот континентален Куп со Аргентина, го облече дресот на „црвената фурија„ Одигра 31 меч за Шпанија и постигна 23 гола, некои одлучувачки и многу убави, но трага на големите натпреварувања не остави. Да биде контроверзијата поголема, 4 пати играше и за Колумбија во 1949 година, но само на ревијални мечеви. Подоцна правилото беше дефинирано, да може професионалец да игра само за една сениорска репрезентација. 
Но Ди Стефано секогаш бил преполн со контроверзии. Дури и тогаш кога Ривер и Милионариос кои го поседуваа неговиот договор потпишаа и со Реал и со Барса. И одлуката беше соломонска. Една година во Реал, па една во Барса. Само што во првата сезона за „лос бланкос„ беше толку лош, што каталонците се откажаа од секоја опција за него. Се откажаа и зажалија и тоа дебело. Можеби со Ладислав Кубала во тоа време и нашиот аргентински јунак, наместо Реал, неговиот лут ривал ќе беше најтрофеен на сите времиња. Зошто Реал не беше тој ист клуб, пред да дојде Ди Стефано и после него. Стана со негова голема помош. А и тренерската струка му одеше од рака. Иако тоа е сосема друга тема и не мора врвен фудбалер да биде врвен тренер, Ди Стефано 22-23 години беше професионален шеф на струката. Од Елче 1968 година, па се пак до Реал Мадрид 1991 година. Цел еден век со бубамарата. А имаше и тренерски потфати за издвојување. Првак на Шпанија и Куп на Купови со Валенсија, па на Аргентина со Бока Јуниорс,  па серија на финалиња со Реал и еден Супер-куп. Не е полна витрина како играчката кариера, но е подобро и тоа како од тренерските кариери на Пеле, Марадона и Платини заедно. Но добро да се вратиме на нашиот пријател Амиго. Ди Стефано не му е првото детално откритие. Уште во 1976 година Диего Марадона со 16 години дебитираше за репрезентација на Аргентина против Австрија во Виена. Амиго прв го „сними„ во своите извештаи за „Спортске новости„ и го нарече „мали зелени„ И предвиде: „Овој мали зелени ќе го покори светот„ И така и беше. И додека во светот сите го знаат како „el pibe d oro„ или едноставно Диего, на овие простори, посебно во Хрватска секогаш ќе биде „мали зелени„ А негов кум, секогаш ќе му биде Звонимир Магдиќ. Човекот кој во татковината го викаат татко на фудбалските фантазии. Амиго видел се во животот, барем што се однесува до фудбалот. 
Пишува дека не го изненадила ниту тики-така играта на Барса, бидејќи тој тоа го видел кај австриската репрезентација уште во раните 20 години, а Амиго е роден 1930 година, четири години по легендарниот Ди Стефано. Денес сигурно и Амиго се радува на веста од Мадрид. На свадбените звона кои тропаат на вратата на Дон Алфредо. Воопшто не е важно што избраничката на неговото срце е 50 години помладата Џина, инаку негова секретарка. Таа учествувала и тоа како во пишувањето на автобиографијата на аргентинецот. Значи го знае Ди Стефано баш како Звонимир Магдиќ. Со што не може секој да се пофали.  Дон Алфредо со 86, а Амиго со 82 години со подеднаква пасија уживаат во оваа прексрасна игра. И веројатно двајцата аплаудираат што пред некој ден Меси го постигна 345 гол во кариерата, со што го мина Марадона, а има само 25 години. Зошто Меси е како Ди Стефано. Од гол до гол. Но Амиго, Ди Стефано е број еден и точка...  

Нема коментара:

Постави коментар