Powered By Blogger

8. 3. 2014.

Неделното дерби вреди шест, а не три бода

МАКСИМАЛНА МОБИЛНОСТ ВО БИТОЛСКИОТ ТАБОР ПРЕД НАТПРЕВАРОТ НА „ПРОЛЕТТА„ В НЕДЕЛА ПОПЛАДНЕ ВО СКОПЈЕ
Со најсилниот состав и желни за реванш за есенскиот, според битолчани незаслужен пораз од 1:2 под Тумбе кафе, избраниците на Драган Бочевски вчера го изработија претпоследниот тренинг пред „вечното дерби„
Денес по утринскиот, кој ќе го доближи стартниот состав на охридскиот стручњак, битолската експедиција ќе замине за Велес, каде ќе биде концентрирана во ноќта наспроти мечот со Вардар. Во плановите за првите две скопски гостувања зелените сметаа на најмалку 1 бод од првите два меча со Работнички и Вардар и со таа надеж втор пат во осум дена ќе гостуваат на националната арена „Филип втори„ во главниот град. Филип Миленковски кој во првиот дел од сезоната најчесто играше во средниот ред, сега по заминувањето на Томе Китановски во Универзитатеа Крајова, ја покрива бековската позиција по левата страна. Тој е еден од петмината кој беа во тимот кој минатата сезона го совладаа Вардар со 0:1 во меч за бодови сред Скопје. И овој пат е оптимист иако нема споредба помеѓу овој и минатогодишниот Вардар: „Самата помисла за „вечното дерби„ на нашиот најголем стадион, со нашиот најсилен состав и „Чкембарите„ на трибините, не мотивира. Оваа недела напорно работевме и се обидовме да го избришеме од главите мечот со Работнички. Тоа не беше вистинскиот Пелистер. Верувам дека ова е вистинскиот меч да покажеме дека можеме да бидеме и оваа пролет, тимот кој беше изненадување во текот на првата полусезона. А се сеќавам и на кој начин загубивме во Битола, кога иако постигнавме два регуларни гола, еден не ни беше признат. Сите овие фактори се нашата причина во Скопје да одиграме најдобро што можеме. Впрочем поинаку со ваков Вардар не можеме да се надеваме на успех, само со најдоброто што можеме да го понудиме„ истакна Миленковски во пресрет на мечот. Од битолскиот табор Елмазовски, Мојсов и Ристевски го носеле и зелениот и црвено-црниот дрес, па и освојувале трофеи во вардаровиот дрес. Токму од нивното искуство треба да тргне подготовката на пелистерци за овој меч. А и традицијата не е на нивна страна, па само на секое трето гостување во Скопје бркаат позитивен резултат, а имаат многу повеќе порази од победи во директните пресметки за бодови. Збиеноста на првенствената табела налага Пелистер да брка бодови и заради опасноста да биде минат од неколку екипи и наместо кандидат за Европа, да падне поблиску до дното одколку до врвот. Затоа неделното дерби не вреди три, туку шест бода.

Нема коментара:

Постави коментар