Powered By Blogger

28. 3. 2014.

Пелистер прв пат сам пролетен лидер

БИТОЛСКИОТ ПРВОЛИГАШ РУШИ РЕКОРДИ ОВАА СЕЗОНА ВО МАК-ФУДБАЛОТ
За прв пат во својата историја Пелистер е сам лидер во пролетните кола од државниот шампионат. Тежината е многу поголема одколку да се биде првопласиран во есенските кола.
Но и притисокот расте, бидејќи битолчани до сега подобро се снаоѓаа во улогата на аутсајдер, отколку како сега кога сите ривали ги гледаат од височина и не можат повеќе да се „кријат„ Овој комбиниран тим на Бочевски нема ниту големо искуство од титули и први места. Во минатото само Елмазовски, Ристевски и Мојсов освојувале првенство или Куп, а сите останати за прв пат се соочуваат со ваква ситуација. Споменатите и голманот Пашовски беа во тимот кој последен пат излезе во Европа во сезоната 2008/09. Токму Елмазовски сега апелира сите битолски структури да застанат зад проектот на пелистерци: „Мислам дека и со овој резултат се надминавме себе си. Никој не очекуваше дека можеме во оваа фаза на сезоната да бидеме на првото место. Но како играме скоро цела сезона мислам дека сосема заслужено сме таму каде што сме. Мора да гледаме само напред. Следува мечот со Гостивар и убеден сум дека ако му пристапиме како во средата во Кичево ќе славиме. Сега е големата шанса нашиот клуб да се издигне, сите да застанеме зад проектот, кој веќе втора година во Првата лига го реализираме. И фудбалски и организационо Пелистер мора да го направи потребниот скок и да се „зацементира„ на местото кое го заслужува = во самиот врв на мак-фудбалот. Ако сме единствени и професионални како до сега, не е невозможно да направиме база за и во иднина Пелистер постојано да се бори за челните позиции„ изјави Елмазовски во пресрет на денешниот тренинг, кој за фудбалерите кои настапија во Кичево, беше само рекуперација, но и блага подготовка за мечот со Гостивар, кој во двата претходни меча оваа сезона ги намачи зелените: беше 1:1 во Гостивар и 1:0 во Битола за пелистерци. 

Нема коментара:

Постави коментар