Powered By Blogger

11. 7. 2014.

Меси + Нејмар + Суарез = ПРОБЛЕМ

НАЈСИЛНОТО НАПАЃАЧКО ТРИО НА МОДЕРНИОТ ФУДБАЛ ИЛИ НОВ ПРОБЛЕМ ЗА РЕНОВИРАНАТА БАРСА
Веста на денот, ако не и на летото на трансфери во светскиот фудбал официјализирана е денес. „Златната копачка„ на Европа, Луис Суарез ќе го предводи нападот на и така моќната Барса. Неверојатен медиумски оддек, трансфер на годината, па дури и најдобро трио на модерниот фудбал Меси - Нејмар - Суарез.
Барса доведе еден од најдобрите светски напаѓачи, ако не и најдобриот во последните две години. Но мојата дилема е многу повеќе дали и како ќе функционира тимот и нападот на Барса, со новите интерпретатори и со новиот тренер. Барса е повеќе од специфична средина и би се сложил со Стоичков кој денес рече: „Не разбира многу фудбал тој кој што го продал Алексис Санчез„ Чилеанецот е врвен и модерен шпиц, скоро без маана, можеби единствената е што многу попрактичен е во системот на неколку други европски гиганти одколку во Барса, каде секогаш ќе биде во сенка на Меси, па и на Нејмар и ако одигра одлична сезона како последната. Но Санчез е минато, а Суарез треба да репрезентира класичен напаѓач на казнениот простор, иако умее и сака да игра и 20 метри поназад како полушпиц или втор шпиц, а дефинитивно подобро игра одбрана и од Меси и од Нејмар. Но поенатата е колку ќе биде компитабилно оваа трио кај Луис Енрике, со неговите идеи, со неговиот авторитет да се справи со овие три ега. Веројатно и со уште 20 ега, но овие три се најзначајни. Првата дилема е структурална. Барса има комбинирано нова управа и претседател по скандалот со Росел, нов тренер и стручен штаб, нов голман, веројатно нова одбрана, освежен среден ред и поинаку конструиран напад. Се на се, многу новини, а тоа само по себе ќе однесе период на запознавање, воигрување на механизмите, за некои новајлии и на системот на Барса. Систем кој нема да претрпи многу измени, но една забележителна новина се наметнува. 
Но пред за тактичките новини, за новиот предводник. Луис Енрике Мартинез Гарсија беше каризматичен, спортски дрзок фудбалер скоро и спротивен од неговата генерација шпански фудбалери – „меки„ и на нога и на карактер. Но тренер е нешто сосема друго, ново, поинакво. Водењето на Барса Б со солидни резултати му беше првата препорака за превземање на сениорска екипа, а „ефектот Гвардиола„ и инвестирањето во млади тренери го одведе во Рома. Она што имав можност да го видам, да го чујам од италијанската критика, новинарската фела, а и од директниот контакт со Маркос Лопез кој како скаутинг тренер работеше со Енрике во Рома, се работи за поинаков тренер од сите други. По мене не најдобар тренер за Барселона. Можеби адут му е што го познава амбиентот, Зубизарета и дел од сенаторите кои ќе бидат околу него како Пујол и Еузебио, но тактичко-техничките идеи во Италија, каде фудбалската тактика е доведена до совршенство е етикетиран како второразреден тренер, ако не и уште полошо. Посебно видливо беше дека има проблеми со реакција за време на средбите и работа со балансот на екипата. Дефанзивниот дел секогаш му беше три пати послаб од офанзивниот. Во досегашниот дел од кариерата тешко може да се опише како тренер. Нема свој, искристализиран стил, не е класичен шпански тренер кој се гради на контрола на играта, а ниту е дефанзивец со оглед на искуството во Серие А. Епизодата Селта тешко може да биде меродавна, со оглед на тоа што не беше ни добар, ни лош - едноставно непостојан исто како и екипата која ја водеше. А и тајмингот на минување во Барса е помалку обратен. Лани неговата Барса го одбра Тата Мартино пред него, а сега му дава втора шанса. За мене нема дилеми дека Тата е подобар тренер од Луис Енрике, но дали е подобар и за Барса? Е тука, можеби помладиот има свој адут во ракавот. Да се вратам на Суарез. Неговото доаѓање нема да го менува системот на игра кој ќе остане 4-3-3, но оската на екипата ќе биде целосно нова. На голот очекувам Тер Штеген да добие предност пред Браво, благодарение на играта со нога, за која Тер Штеген е меѓу најдобрите, ако не и најдобар во светот. Впрочем го одбра голман, и тоа врвен голман - Андони Зубизарета. Балансот во одбраната допрва ќе се дефинира бидејќи покрај Пике и Жорди Алба, Барса ќе доведе уште еден централен дефанзивец и нов десен бек место Дани Алвес. Барта ќе остане солуција, Маскерано ќе игра почесто во средниот ред. Организацијата на играта ќе претрпи најмногу проблеми. Недостатокот на Чави, поинаку ќе го конструира средниот во кој клучна улога ќе има Иниеста, но овој пат само како дел од централната тројка, а не и офанзивен страничен фудбалер. Очекувам иако не во прв избор, многу средби заедно да играат и Бускетс и Маскерано во средниот ред, но во основа конструкцијата на средниот ред треба да биде Бускетс - Иниеста - Ракитиќ. 
Хрватот е многу солидно засилување, но не мислам дека во системот на Луис Енрике е правиот играч. Дефинитивно за таа позиција со овој тренер подобар избор беше Тони Крос, кој е подиректен фудбалер од Ракитиќ, а и трча повеќе во двата правци. Среден ред Бускетс - Иниеста - Крос дефинитивно изгледа подобро. Добра опција за напаѓачкото трио е што сите тројца можат да играат на сите три позиции, и по страните и како единствен истурен напаѓач. Најголемата новина ќе биде позицијата на Меси, кој не верувам дека ќе има целосна слобода во нападот како во ерата Гвардиола и Виљанова. Меси како во Аргентина главно ќе дејствува зад шпицот (Суарез) и претпоставувам дека нема да постигнува толку многу голови како овие последни неколку години. Нејмар лево, Меси десно и Суарез централен шпиц е почетниот лајтмотив, со свесното влегување на Меси во средината, за простор по таа страна за офанзивниот десен бек. Тука карактерот на трите звезди може да биде главен проблем. Посебно голем проблем е Меси. Но не Лионел, колку Хорхе. Таткото на Лео не е во најдобри односи со ниту еден член од бордот на директори на Барса и веќе две години пречесто го уценува клубот, тестирајќи до каде може да оди. Барса се наоѓа на спортско-маркетиншки крстопат од што да се одрекне. Од Нејмар нема ниту логика, ниту желба. Од Меси имаше понекое размислување, но контраефектот од медиумите, од сосиосите и навивачите не им дозволува ни да размислуваат на таа тема. Штом го купија Суарез и покрај суспензијата очигледно сакаат таков профил на шпиц и ќе мора понатаму со оваа трио. Трио кое ќе има достојна прва замена во Педро, а потенцијално изненадување може да биде Деуфелоу. И ако потенцијален проблем може да се јави во нападот, во средниот ред, Барса тотално погрешно го водеше случајот Чави. За човек и персоналитет како Чави да си замине и покрај две години од договорот, треба да е нешто што не може да се премолчи. А Росел, па сега и Бартомеу не го подготвија најдобро теренот кога ќе дојде овој момент - ќе замине Чави. Продажбата на Тиаго Алкантара, инвестирањето во Алекс Сонг и лошото водење на случајот Фабрегас, доведе Барса да ја загуби својата препознатливост со тики-така играта. Затоа Луис Енрике ќе бара подиректна игра, помалку хоризонтални, а повеќе вертикални пасови, почести удари од дистанца и генерално многу повеќе удари кон противничкиот гол. Фудбалот на контрола никогаш не им гине. 
Факторот Дани Алвес е уште еден не баш лесно решлив проблем. Дани е далеку од статусот на еден од најдобрите десни бекови во светот. Нема ниту енергија, ниту тактички баланс, далеку е од одговорност, а не е ни мотивиран повеќе во Барса. Продажбата му е лекот. Но Квадрадо кој е врвен млад играч не е вистинската замена. Барем не на позиција на десен бек. Квадрадо во Фиорентина играше по десната страна во 3-5-2 системот, кој кај Енрике ретко ќе се спроведува. Затоа Квадрадо како десен бек, посебно крај Алба и неговите карактеристики лево, нема да успее. Ако Барса го купи Квардадо, тоа може да биде само алтернатива за 4-3-3 на местото на Меси, а не како бек место Алвес. Монтоја дефинитивно повеќе ќе игра, но на каталонците им треба вистински десен бек, а такви нема баш многу на пазарот. И изборот на партнер на Пике не е едноставен. Хумелс би бил идеален, но јасно е дека е недостапен. Тиаго Силва исто така. Мехди Бенатиа од Рома по мене е најдобриот светски дефанзивец во перспектива, ако не и баш денес. Но Барса не е во предност за негов потпис. Маркињос кој беше цела сезона резерва во ПСЖ е реално достапна опција, но дали е решение? И ако европскиот првак Реал веројатно ќе има 9 или 10 исти фудбалери во стартниот тим кој играше минатата сезона, Барса ќе има најмалку 5 и нов тренер. Тоа ќе си ја плати цената, посебно ако се знае дека Суарез нема да ги мине подготовките со екипата, Меси ќе има само три недели одмор, а нему најмногу му требаат добри базични подготовки, бидејќи меѓу повредите и уморот, Меси денес физички е далеку од најдобриот Меси. Денес не чуди што на многу негови мечеви е фудбалерот со најмалку истрчани километри и со чести блек-аут периоди во мечот. Ако во Барса имаат трпение со Луис Енрике можеби и ќе се сложат коцките и Реал ќе биде сеуште блиску, но денес Меси, Нејмар и Суарез се исто толку проблем, колку и додадена вредност. Кој знае како ќе биде штом мозаикот биде комплетен... 

Нема коментара:

Постави коментар