23.03.2014.

Инфаркт завршница и победа за славје на пелистерци

ПАК СО МНОГУ КАРАКТЕР, СРЕЌА И ГОЛОВИ НА БУГАРСКИТЕ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ, ПЕЛИСТЕР СЛАВИ ПРОТИВ „ЛАВОВИТЕ„
Прва лига - 23 коло
Пелистер - Македонија Ѓ.П. 2:1 (0:0)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 1500
Главен судија: Mарјан Ецкоски (Охрид)
Асистенти: Кирил Негриески и Симе Грданоски (Струга)
Делегат: Васко Зајков (Валандово)
Стрелци: Ковачев во 89 и Воденичаров во 90 минута за Пелистер, Ѓурѓевиќ во 80 минута за Македонија Ѓ.П.
Жолти картони: Магловски, Миленковски (Пелистер), Мециновиќ, Колеќески (Македонија Ѓ.П.)
Црвени картони: нема

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Магловски, Ковачев, Динчев (од 64м. Марковски), Христов, Мојсов (од 73м..Љубенов), Елмазовски (од 81м. Анастасов), Миленковски, Љамчевски, Воденичаров

Македонија Ѓ.П.:
Алексовски, Мециновиќ, Вељаноски, Ѓурѓевиќ, Јанчевск, Аврамовски, Грујовски (од 81м. Бојку), Колеќески, Адем (од 90м. Стојковски), Рамадан, Најдовски

Играч на натпреварот:
Петар Љамчевски (Пелистер)
            Домашниот тренер Бочевски направи две, а гостинскиот Секуловски три замени за разлика од стартните тимови пред пет дена во последниот меѓусебен дуел на овие ривали. По осум минути игра првата голема шанса ја имаше Љамчевски, чиј што удар со пета заврши крај стативата на „лавовите„ Аврамовски две минути подоцна се обиде на сличен начин со ножички, но Пашовски без проблем одбрани. Во 15 минута 35 годишниот Елмазовски фантастично пласираше, но совладаниот Алексовски го спаси конструкцијата пречката. Гостите играа многу солидно и полесно стигаа до голот на битолчани. Така на два пати Аврамовски и еднаш млако Јанчевски се обидоа да го отворат резултатот. Темпото беше бавно, предвидливо и ниту една екипи не надвладеа над другата во целото прво полувреме. Во финишот Миленковски „фати„ волеј и Брдаровски прекрасно инвидуално мина со шут преку голот. Со таква инерција резултатот не се менуваше. Продолжението почна пак со полушанса на Љамчевски и недоволно силен и прецизен негов шут.Од 64 минута Бочевски драстично го засили нападот, откако на местото на бекот Динчев го внесе напаѓачот Благојче Марковски. На средина од вториот дел по мајсторијата на Љамчевски, Миленковски изби пред Алексовски и шутираше од мртов агол, но гостинскиот голман со нога одбрани. Шанса доби и Љубенов во последните 15-20 минути на местото на Ѓорѓи Мојсов. Но од единствената опасна акција по Пашовски, на десет минути до крајот гостите поведеа. Фахрудин Ѓурѓевиќ биеше од работ на шеснаесетникот во спротивниот агол на голманот Пашовски. Во збрката од иницијатива на зелените, гостите од Ѓорче Петров ја дочекаа својата шанса, која се базираше на контранапад или инвидуален потег. Но мечот како тогаш да започна. Магловски не успеа најдобро да бие во 86 минута во големата мешаница пред гостинскиот голман. Пелистер изведе девет корнери, но ниту еден не донесе плод. Затоа во 89 минута Љамчевски прекрасно спушти до Ковачев, кој натрча и од само 3-4 метри ја втурна топката во небранетата мрежа. Само што тргнаа од центарот домаќините ја изведоа најубавата акција и пак Љамчевски беше додавач, а Воденичаров ефектно со глава ја сврте топката со поблискиот агол и го матира немоќниот Алексовски. Во инфаркт финиш со истиот резултат и истите стрелци од мечот во вторникот, Пелистер ја совлада Македонија Ѓ.П. и го продолжи сонот за Европа, па потајно и за титулата. 
       
Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)

И во двата натпревари моите фудбалери покажаа дека фудбалот се игра до последната минута. Покажавме карактер, верба во своите можности и мислам дека и затоа заслуживме среќата да ни се насмевне. Честитки за моите фудбалери. И противникот одигра одлично и организирано и немаше да биде незаслужено да однесе некој бод.
          
Марјан Секуловски
(тренер на Македонија Ѓ.П.)

Мислам дека го плативме данокот на неискуството и тоа скапо не чинеше. Моите фудбалери повторно одиграа солидно, но и физичката состојба и тоа како остави трага. Во последните 10 минути дури седум мои фудбалери бараа замена, а не можев сите да ги заменам.   

Мала група на „Лавови„ под Тумбе кафе, која не го виде пресвртот

            Во 16 минута од средбата мала група од 20-30 навивачи на Македонија Ѓ.П. „Лавови„ пристигна на малата трибина на градскиот стадион во Битола и во текот на останатиот дел од мечот постојано ја бодреа својата екипа. Како и во вторникот близу 1500 гледачи го следеа скромното надигрување на Пелистер и Македонија Ѓ.П. Кога го напуштија стадионот уште беше 0:1, но во неверојатен финиш Пелистер постигна два гола, а навивачите на жолто-црвените не ги видоа головите.

  

Нема коментара:

Постави коментар