Powered By Blogger

7. 5. 2013.

Стариот морнар и натаму ги дрибла брановите и пиратите

Замислете си истата оваа фудбалска мапа да беше пред 20 години. Пред босмановото правило. Пред скоро цела Европа да стане една држава. Замислете сеуште да постоеше правилото на три странци во секоја екипа. Да се играа со истата страст сите три европски купа, а не вака два, и тоа едниот преценен, а другиот потценет Куп, а третиот го нема.
Дури и да можеше да се имплементира правилото за трансфери од земјите на источниот блок, дури после 28 година. Така врвниот фудбал уште би бил романтичен, а не комерцијален како денес. Така не само европските купови, туку и националните првенства би биле силни. И националните купови, исто така. Денес најсилните лиги често се натпреварување на две, најмногу три екипи за титулата. Реал, Барса, Баерн, Манчестер, Милан, Јуве. И тоа е тоа. Ретко кој ќе влета во одбраното друштво. Страста се загуби за 200%. А со старите правила се ќе беше поинаку. Дистанцата меѓу големите и оние помалите ќе беше помала, одколку денес. Но да не одиме во приказни и претпоставки без основа. Тоа време нема да се врати. Времето на 40-45 натпревари по сезона е заменето со 60-65 меча. Периодот на исчекување на секој меч со денови и денови е заменет со фудбал секој ден, па и на секој час. ТВ платформата достигна максимум. Фудбал има повеќе од вести на сите медиуми. Знаете кој се профитираше од целиот нов систем. А многу помалку се зборува за тие кои загубија. Пред неколку дена големиот Ајакс ја прослави третата последователна титула. Во време на бура на отворено море, како стар морнар Ајакс ги дрибла брановите. Преживува и победува. А пиратите се менуваат и менуваат. Од Флорентино, Лапорта, семејството Глејзер, Абрамовиќ, милионите на Керимов во Анжи,катарскиот капитал во ПСЖ, Крањоти и Танци и уште десетица други. Тие пирати се обидоа да го потиснат Ајакс не во втор, туку во трет план. Комерцијално, дури и во една голема мера успеаа. Но Ајакс е голема култура на живот, не е само обичен фудбалски клуб. Кога во октомври бев гостин во Амстердам на големиот меч Ајакс - Реал Мадрид видов некои детали кои ја зацврстуваат мојата теза дека Ајакс и покрај европскиот пад, бил и ќе остане гигант. Некогаш Реал Мадрид беше постојан пациент, кога гостувал во Холандија. Денес на теренот нема конкуренција меѓу двата клуба. Но само кога ќе го видите ВИП салонот во предвечерјето на мечот, ќе видите што се означува Ајакс. Ретко сум се нашол во ситуација да бираш на едно место која легенда побрзо да го побарам за интервју. Ван Дер Сар или Крол, Ван Ханеген (кој меѓу другото е легенда на Феенорд) или Овермарс, Реп, Блинд или Бергамп. И така во круг. 
Јас и неколку колеги од Италија и Шпанија ја имавме честа да направиме обиколка на легендарната „Арена„ водени од носителот на спортскиот проект на денешниот Ајакс, спортскиот директор Марк Овермарс. Не беше многу зборлест, не откриваше премногу, но беше љубезен и професионален. Но многу работи се сменија од ерата на Ван Гал, до сегашната тројна титула на неговиот ученик Франк Де Бур. Ќе се сетите на една од најсилните машини во последните 20-30 години - Ајакс на Луј Ван Гал. Две финалиња и едно полуфинале во серија, една титула, серија на фудбалери од највисок ков и пред се, игра и стил кои пленат, кои те тераат да го гледаш тој стил. А кој не можел да се обиде да го копира тој стил, таа портокалова машина. Нема да ви зборувам за ајаксовиот Оксфорд, за тоа како скаутите „ловат„ ги едуцираат најмладите и ги имплементираат во системот на Ајакс. Тоа го знаете сите. Но како Ајакс се носеше со новиот комерцијален фудбал, кој никогаш не го прифати и нема и во иднина да го прифати. За тоа ќе ви раскажам. Впрочем, за тоа ретко кој пишувал. Насловните страни сега се за Манчестер Сити, за Роналдо и Ибра, за лудориите на Балотели. Веќе создадениот дрим-тим на Ван Гал освои европска круна во Виена против Милан, а веќе мораше да го продаде Денис Беркамп во Интер за 19 милиони евра, една година претходно. Големиот Денис го освои Купот на Куповите со Ајакс против Торино и претседателот на Интер, Пелегрини побрза да го ангажира. Наместо Бергамп, Ван Гал ги купи Богард од Спарта, Рајзигер од Гронинген и ги прекомандува Клајверт, Мусампа и Вутер од Ајакс Б во првата екипа. А таму не играше било кој. Ван Дер Сар, Рајкард, Давидс, Зидорф, Кану, Литманен, Блинд, Финиди, Овермарс. Звезда до звезда и најважно, компитабилни кај Ван Гал. Освојувањето на европската круна беше аларм дека европските гиганти ќе нападнат и ќе ги однесат талентите на Ајакс, а босмановото правило уште не дошло. Зидорф во Сампдорија за 6, Финиди Џорџ во Бетис за 12, Кану во Интер за 5 милиони евра беа операции кои не можеа да се избегнат. Но во тие две-три години Ван Гал знаеше дека без секого се може, затоа што во Европа конкуренцијата не беше како денес. Виџге, Хукстра, Шолтен, Мелшот, Дани, Бабангида и Ајакс издржа уште едно финале и едно полуфинале. Но два пати пречка беше Јуве на Липи. Дојде комерцијализацијата и Ајакс мораше да ги минува најтешките мигови. Нема таленти како претходно, бидејќи нивата еднаш раѓа така плодно како под Ван Гал. А и тој прифати нов проект, замина во Барса и однесе многу повеќе од контурите на Ајакс. Овермарс во Арсенал, Литманен и браќата Де Бур во Барса, и Клајверт, Рајзигер, Давидс и Богард во Милан го завршија целосното продавање на една од најталентираните генерации во историјата на оваа игра. Веројатно после Ајакс на Ринус Михелс и Јохан Кројф, најсилната екипа на Ајакс во историјата. Одеднаш замина се од стариот Ајакс, а наследниците беа неколку нивоа под нивното. Дојде Михаел Лаудруп на стари години од јапонскиот Кобе, дојде Шота Арвеладзе од Турција, па Санди Олисех, па Бени МекКарти и Енди Ван Дер Мејде. Целта беше да се игра Европа и да се освојува „Ере дивизие„ Но тоа сега беше полесно да се каже, одколку да се направи. ПСВ па некогаш и другите имаа посериозни проекти врзани за Роналдо, Ван Нистелрој или Кежман, а Ајакс таква надоаѓачка звезда немаше. Мораше да се чека генерација и да се продава скапо, тоа евтино што се купило и вредновало. Така Лаудруп ја заврши кариерата во Ајакс во 1999 година, а како замена за него дојде грузииецот Ѓорѓи Кинкладзе од Манчестер сити за 9,5 милиони евра. Каква иронија. Кинкладзе место Лаудруп. Најдобро можно отсликување каков беше тој Ајакс на влезот на новиот милениум. 
Беа продадени и Олисех во Јуве и МекКарти во Селта, а нивните места ги зазедоа гркот Машлас кој дојде од Витесе и Арон Винтер кој се врати од Интер. Но тој Ајакс со младиот тренер Роналд Куман ги правеше првите чекори да израсне една нова квалитетна генерација. Купени беа голманот Лобонт, Брајан Лаудруп , година подоцна и Ибрахимовиќ од Малме за 8 милиони евра. Токму околу високиот швеѓанец и Кристијан Киву кој дојде од Крајова за 3,5 милиони, се создаваше новиот проект Ајакс. Наредното лето дојдоа Галашек и Бергдолмо и Ајакс ја врати титулата. И презими во Европа. Играше историско четвртфинале против Милан и минута-две фалеа да дојде пак во големата четворка, 5-6 години по последното полуфинале со Ван Гал. Продажбите продолжија. Касата ја наполнија заминувањата на Гронкјар во Челзи, Арвеладзе во Глазгов Ренџерс и Кинкладзе во Дерби Каунти. Кулминираше генерација на Ибра со нова титула и со одличен настап до втората групна фаза на Лигата на шампионите. Швеѓанецот беше задржан уште две сезони, а пред него на пазарот завршија сите од тимот на Куман. Киву во Рома за 19, Ван Дер Мејде во Интер за 14 милиони евра, Мидо во Олимпик Марсеј за 8 милиони. Остана Ибра со повратникот Литманен и новата генерација на звездички како Снајдер, Ван дер Варт и Де Јонг. Недоволно за нова титула. Време беше да се продаде и Ибрахимовиќ, но за за него прескромни 17 милиони во Јуве. Заминаа и Пасанен, Ван Дам и Сонк. Замина и Куман. Проектот на Ајакс му беше доверен на многу тренери кои не оставија трага. Тен Кате, Јол, Ван Бастен ја прифатија „фрлената ракавица„ иако знаеа дека Ајакс нема тим ни за домашна титула. Замена за Ибра беше Каристеас од Вердер за 6 милиони и новите квалитетни младинци Бабл, Мадуро и Емануелсон. Гркот брзо разочара и Ајакс издвои 10 милиони евра од Херенвен да го донесе Клас Јан Хунтелар. Дојдоа и скандинавците Розенберг и Линдегард. И се врати титулата и нов солиден настап во Лигата на шампионите. Но ништо повеќе од солиден. Продадени беа Ескуде во Севиља, Ван дер Варт и Де Јонг во Хамбургер, Сонк во Борусија Менхенгладбах, Максвел во Интер, Лобонт во Фиорентина. Неизбежно чистење на квалитетот за добри пари и дебел плус во клубскиот биланс. Се врати на крај од кариерата Јап Стам од Милан, Перез дојде од АЗ Алкмар, а школата на Ајакс ги исфрли Ван Дер Вил и Вертонген. 
Новите бисери на Ајакс созреаа и неизбежно беше ново продавање во летото 2007 година. Реал Мадрид плати 28 милиони за Снајдер, Ливерпул 20 милиони за Бабл, замина и Мадуро во Валенсија, Том дел Мул во Севиља и Григера во Јувентус. Ајакс новиот почеток го означи со купувањето на Луис Суарез од Гронинген и ветеранот Луке од Њукасл Јунајтед. Продажбата на Хунтелар во зимата 2009 година во Реал Мадрид за 29 милиони евра ги натера челниците на Ајакс да издвојат 18 милиони евра за Миралем Сулејмани од Херенвен. Една од ретките погрешни операции за вложената сума и учинокот на фудбалерот. Атлетико Мадрид го купи Хејтинга, Розендал го напушти Амстердам без обештетување, замина и чудното засилување Исмаел Урсаиз. Во спротивен правец од Шпанија дојде Олегур Пресас и тоа како европски првак со Барса за 4 милиони евра. Купен беше аргентинецот Дарио Цвитанич, а академијата ги лансира младиот Блинд и белгиецот Тоби Алдерверелд. Дојде младиот тренер од клубската академија Франк де Бур и кога пред нос му го продадоа Томас Вермален во Арсенал за 14 милиони евра, не мирисаше на добар почеток. Ајакс го купи Дени Де Зеув и од Херта без пари дојде Пантелиќ. Лигата драматично опадна во квалитет и Ајакс се пронајде себе си. И продаваше и ја освојуваше „Ере дивизие„ и имаше по некој блесок во Европа. Купен беше Ел Хамдауи од АЗ Алкмар одкако оваа екипа со Ван Гал стана првак. Платен беше скоро 6 милиони евра и ги оправда очекувањата. Но во споредба со претходникот Суарез кој во зимата 2011 година замина за „Енфилд„ за 29 милиони евра, беше уште недораснат. 
Во 12 месеци Де Бур успеа да состави структура и покрај тоа што замина и Де Зеув во Русија, Вертонген во Тотенхем, Ван дер Вил во ПСЖ. А замените беа многу поефтини. Тео Јансен, повратникот Бабл од Хофенхајм, Исак Куенка и талентираниот Де Јонг. Но симбол на тројната титула на Ајакс на Де Бур е капитенот, данецот Јан Ериксен. Седум години во клубот, ја дочека својата шанса, го понесе Ајакс до победи против Манчстер Јунајтед и Манчестер Сити во две години и веројатно скапо ќе биде продаден ова лето. Прв кој заминува е Сулејмани, кој без ниту евро во касата на Ајакс оди во Бенфика. Нетипично за проектот на Ајакс во комерцијалниот фудбал. Купен за 18 милиони да заминува за џабе. Но има и такви операции на пазарот. Стариот морнар под Франк Де Бур пак има идентитет. Веројатно не за долго, додека не дојдат пиратите и ги однесат Сијам де Јонг, Ериксен, малиот Блинд и серијата на таленти од академијата. Нова ера како таа на Ван Гал на хоризонтот не се гледа. Брзо ќе го однесат и Де Бур, кој веќе стекна име и кредибилитет. Ќе дојде некоја нова идеа која може да стигне најмногу до нивото на Ајакс на Куман или овој на Де Бур. Повеќе за жал не даваат големите. Но и без тоа Ајакс ќе остане култура на живот, на една идеа за која на сите ни доаѓа топла насмевка кога ќе помислиме на неа. Затоа што Ајакс и како стар морнар е помлад од сите нас.          

Нема коментара:

Постави коментар