Powered By Blogger

11. 5. 2013.

Французите „коваа злато„ под Алпите

 За некој кој не создал природен проект во својата земја и опкружување да направи голем исчекор, потребно е нечије влијание. Така светскиот фудбал има многу влијанија кои оставиле трага кај некоја нова фудбалска сила. Пред 25-30 години беше чудно да се видат така добри квалитетни афрички фудбалери какви што гледаме денес.
Ако создадеме идеален тим на фудбалери од „црниот„ континент, денес тие би играле рамноправно со европјаните и со јужноамериканците. Но како тие фудбалски бисери се „избрусија„ кога инфраструктурата во Африка со мали исклучоци е таа што беше, тренерскиот кадар е скромен, пари нема како во Европа. Тогаш на сцена стапува нашиот главен актер во оваа сторија - влијанието. Француската „Ligue 1„ никогаш, скоро никогаш не била преполна со пари. Можеби само во два наврати: во раните деведесетти со милионите на Бернард Тапи во Марсеј, кога можеше да го доведе и Бекенбауер за спортски директор и Гутелс за тренер, а во дрим-тимот кој заедно го создаваа имаше место и за Водл, Бокшиќ, Абеди Пеле, Мозер, Фелер, па и Пикси Стојковиќ. Вториот француски проект изграден со пари е сегашниот ПСЖ, во кој се инвестирани катарски милиони, а тимот е некако без душа. Нема ниту еден фудбалер од школата, нема идентитет, нема приврзаност кон дресот. Затоа најчесто французите правеле проекти кои кореспондираа со доминацијата на Лион на Сантини, Улие, Пуел или Монако на Дешамп. Токму француската лига беше идеално место да се создадат голем број африкански фудбалери кои подоцна добиваат дебели плати, а клубовите ширум светот одвојуваа огромни суми за обесштетување. Само еден африкански фудбалер ја освоил златната топка. Тоа е либериецот Жорж Веа. Многумина беа блиску, а учинокот за своите клубови на Ето, Дрогба, Мила и Абеди Пеле вреди повеќе од една златна топка. Од 1970 година најнапред France football а потоа и африканската конфедерација ги избира најдобрите од „црниот континент„  Самуел Ето со четири африкански признанија за најдобар во тековната година е на врвот на вечната листа, пред Веа и Пеле со по три први места. Камерун и Гана се водечки на екипната листа на сите времиња. 
Првата голема африканска звезда во Европа беше Роже Мила. Два пати беше фудбалер на годината во Европа, а во далечната 1977 година доаѓа во Франција во Валенсијан. Во првиот клуб, како и во Монако не можеше да се пронајде, но мина во Бастија. На Корзика стана идол и одигра 113 мечеви, постигнувајќи 35 гола. Фудбалската зрелост и квалитет му дозволи да направи уште два трансфери во поголеми клубови од Бастија. Со Сент Етјен и Монпеље ги имаше најдобрите сезони во кариерата на клубски план. Но најмногу блесна во зелено-црвениот дрес на Камерун. Одигра 102 меча за Камерун, го одведе на мундијалот во Италија на стари години, го пренесе во нокаут-фазата и ако не беше несреќното судење и продолжението со Англија, Камерун ќе беше првиот полуфиналист од афричкиот континент. Танцот на Роже Мила ќе се памети како неизбришлив дел од мундијалот во 1990 година. Денес Роже Мила е директор по фудбал во камерунскиот Тонер. Неговиот сонародник Франсоа Оман Бијик, јавноста го запозна на истото светско првенство, но француските скаути го пронајдоа три години порано. Во 1987 година дојде во Лавал како голем талент. Набрзо од втората се префрли во првата лига и одигра по една одлична сезона во Рен и во Кан, па следеше неуспешен трансфер во Олимпик Марсеј, па уште Ленс и Шатроа во Франција и уште Сампдорија и мексичката Пуебла во неговата шаренолика кариера. Не остави трага како Мила, но фудбалскиот свет го запозна со голот против Аргентина - прв на тоа светско првенство на „чизмата„ Од таа генерација која им го покажа патот на африканците на големите приредби, голема звезда беше и голманот Жозеф Антоан Бел. Во Марсеј дојде на 31 година и три сезони беше еден од најдобрите голмани во лигата. Потоа во Тулон и Бордо ја заврши кариерата и му го препушти своето место на Томас Нконо. Не постои друга асоцијација за малата Либерија од Мистер Жорж - Жорж Веа. Уште во 1989 година пред големата сцена да го запознае, Веа „растураше„ кај Венгер во Монако. Во 1987 година од Тонер Јаунде ловците на таленти на Венгер му го донесоа во Монте Карло. Веа беше суво злато и десетици милиони во очите на творецот на таленти. По 47 гола за три сезони во црвено-белиот дрес на Монако, Веа минува во ПСЖ и во јануари 1996 година ја освојува златната топка за најдобар во целиот свет за 1995 година по половина сезона во ПСЖ и половина во Милан. Со „светците„ го освои првенството, играше полуфинале на Лигата на шампионите и заработи трансфер во Милан. А таму не само што дојде со препорака на златна топка, туку таа и целосна ја оправда. Милан со него стана првак под водство на Капело, Веа остана пет сезони и постигна 46 гола, еден помалку одколку во Монако. Но беше првиот африканец, крал на стрелците во силната Серие А. На залезот одработи две сезони во Англија во Челзи и Манчестер Сити, па на кратко во Олимпик Марсеј и кариерата ја заврши во Ал Џазира. Никогаш не играше на светско првенство, ниту освои Куп на афричките нации, но тоа не му сметаше да остане единствен африканец најдобар во светот. Денес велат неговиот син може да го наследи. 
Гана која во скоро па идентичен период ги лансираше Ентони Јебоа и Абеди Пеле беше сериозна закана да го превземе местото на Камерун. Пеле беше генијален фудбалер и не само заради неговото презиме. Него не го открија француските скаути, бидејќи Цирих го ангажираше уште во 1983 година. Четири години подоцна на мала врата доаѓа во Милуз, од каде по само една сезона потпиша за Олимпик Марсеј. Тапи го испрати на калење во Лил пред да го врати на „Велодром„ во најсјајните денови. Три француски и една европска титула беа дел од остварувањата на Пеле како плејмејкер во таа екипа. По исфрлањето на ОМ од Прва лига заради обид за наместен натпревар со Валенсијан, Пеле се сели во Лион. Кариерата ја „воскреснува„ во Торино, а стигна да заигра и за Минхен 1860. За Гана никогаш не играше на мундијал, но тоа го остави за неговите синови Андре и Џордан Ајев, кои денес блескаат во Олимпик Марсеј. Веројатно единствена голема африканска сила која немаше француско влијание беше Нигерија на холанѓанецот Клеменс Вестерхоф на мундијалот 1994 година и олимписките игри во Атланта 1996 година. Тоа беше веројатно најсилната генерација на црните бисери на сите времиња. Како што беше Веа за Либерија, така беше Џафет Н Дорам за Чад. Стана афрички играч на годината во 1997 година кога со Нант беше првак на Франција и подоцна мина во Монако. 36 пати го носеше дресот на оваа мала африканска нација, Чад. Една од првите звезди од Брегот на слоновата коска беше напаѓачот Ибрахима Бакајоко. Дојде во Монпеље во 1995 година и неговата кариера одеше во нагорна линија. Беше втор најдобар фудбалер на Африка како член на Олимпик Марсеј, а солидна кариера направи и во Евертон и Осасуна. Подоцна играше и за Ливорно, Месина, Лариса, ПАОК, Јанина и Олимпијакос Волос. Неговиот скор за „слоновите„ е фантастичен: 45 меча - 30 гола. Дојде време за хегемонијата во афричкиот фудбал на Самуел Ето. Никогаш не играл за француски клуб, но живееше во Париз пред да потпише за Реал Мадрид. Стана најдобар на континентот, го освои олимпискиот турнир во Сиднеј, па играше финале на Купот на конфедерации и го знаете натаму развојниот пат со кој ја покори Европа, а беше секогаш блиску да ја освои повеќе пати и Африка, барем со својот Камерун. Негов партнер во нападот беше Патрик Мбома. ПСЖ го откри во Франција, но во Шатроа ги покажа своите способности. Иако најдобрите денови ги мина во Италија, Мбома од секогаш потенцирал дека француските тренери го препознале неговиот стил да игра со грб кон голот. Мундијалот во Азија во 2002 година ни откри нова афричка сила - Сенегал на францускиот тренер експерт за африканскиот фудбал, Бруно Метсу. Тој турнир исфрли и продаде многу сенегалци, кои или играа и тогаш дојдоа во Франција. Така Ел Хаџи Диуф вгради многу голови во титулата на Ленс. Него во Франција го донесоа скаутите на Сошо, а преку Рен ги заработи сите пофалби во жолто-црвениот дрес и трансферот во Ливерпул. Соиграч и во клубот и во репрезентацијата на Диуф, му беше Папа Буба Диоп - афричката копија на Патрик Вјера. Ксамакс прв го препозна неговиот талент и го купи од Вевеј. Но во Ленс беше придодадена вредност и заработи трансфер во Фулам. Од таа генерација одличен развоен пат имаше и Калулу Фадига. Поникна во Ред Стар, а блесна во Оксер. По трансферот во Интер, заради проблеми со срцето мораше да се откаже од најелитниот фудбал. Во тој период мрежите ги тресеше и тоа во излобилство Виктор Икпеба од Монако. Дојде од Белгија, беше под палката на Тигана и заработи трансфер во Борусија Дортмунд. 
Дидие Дрогба беше новиот Веа на францускиот фудбал. До душа не освои толку многу во „Ligue 1„ но заработи голем трансфер во Челзи и играше претходно финале на Купот на УЕФА со Олимпик Марсеј и загуби од Валенсија на Бенитез. Дрогба во Франција дојде преку Ле Ман. Преку две сезони во Втората лига за Гингкамп привлече многу менаџери на трибините. На југот стана идол, а и ден-денес не крие дека е голем фан на Олимпик Марсеј. Со две први и по три втори и трети места Дрогба е еден од децениските доминатори во фудбалот на неговиот континент. Неговиот голем пријател од Гана, Микаел Ејсен му се приклучи во Челси на Моурињо, откако го мина скоро па истиот развоен пат во Франција. Го купи Бастија во 2000 година, освои се во Франција со Лион и за рекордни преку 40 милиони евра заврши во Премиер лигата. Афричките фудбалери толку беа слични со француските херои од светското првенство 1998 година, што најчесто ги споредуваа со нив. Често се раѓаа новиот Зидан, па Анри и Трезеге и слично. 
Така Емануел Адебајор од Того беше новиот Анри. Поникна во младинската школа на Мец, па мина на „Луис втори„ во Монако и стана првак. Најголемата победа му беше што го одведе Того на светско првенство и заработи дебел договор со Арсенал. Подоцна беше актер и во несекојдневното пукање, по кое можеше да загине на еден меч за Того на афричкиот Куп на нации. Многу сличен по конституција на Адебајор беше и Фредерик Кануте. Тој во младинските категории настапуваше за Франција, па се предомисли и замина да игра за Мали од каде што се неговите предци. Потекнува од школата на Лион, но многу млад замина во Англија и Шпанија и најмногу даде во дресот на Севиља. Во неговата селекција на Мали свои моменти имаа и Мохамед Сисоко и Сеиду Кеита, кои исто така израснаа во Франција. И Сисоко е роден кај „триколорите„ а дојде на големата сцена од академијата на Оксер и мина многу големи клубови низ целиот континент. Кеита е роден во Бамоко, но многу млад дојде во Марсеј и во Лориент неговата кариера не најавуваше блесок. Но се најде во одличниот Ленс кој играше во Лигата на шампионите во 2003 година и подоцна со Барса освои се што може да се освои. На кратко француското тло го почувствува и Александар Сонг, внук на познатиот Ригоберт Сонг. Ригоберт беше од школата на Мец, а Алес поникна во Бастија и многу млад замина на „Емирати„ на инсистрирање на Венгер. Во овој момент најдобар африкански фудбалер е Јаја Туре од Манчестер Сити. Ако неговиот брат Коло, се афирмираше во Белгија, тогаш помладиот Јаја Туре, иако тргна во Беверен во Монако дожиеа звездени моменти, по кои не остана незабележан од првите луѓе на Барселона. Афричкиот фудбал не е само француската врска, но таа е најсилна, највлијателна за развојот на „црниот континент„ Големиот број тренери, раното скаутирање и француските академии кои се подредени и на квалитет, но и на физичка сила на континентот стигнаа до професионализам пред шпанските и германските школи. Тука е и турнирот во Тулон кој ги обединува најдобрите од светот под 20 години. Е сега во таа приказна има и многу фалсификувани пасоши и криење на по некоја година, како во случајот на Тарибо Вест, кого исто така го откри француски тим - Оксер, но тоа е веќе друга тема. 
Дел од звездите на Африка, на големата сцена доаѓале по друг пат. Исто така правилен, но нивниот адут бил талентот и доаѓале зрели за голем клуб, а во Франција се забележува развојот на еден небрусен талент до врвен професионалец. Рашиди Јекини, Амунике и Маџер се пробија во Португалија, Окоча, Јебоа и Куфур во Германија, Кану и Мидо блеснаа во Ајакс, Санди Олисех во Белгија, Мустафа Хаџи и Лаурен во Шпанија, Асамоа Гијан во Италија, Амокачи во Англија, а египјанецот Мохамед Абутрика во Ал Али. Франција директно им помогна на афричките бисери да се изградат и да стекнат и тактично искуство за играње во најсилните лиги. Впрочем каде не може да се купи готов ас со многу пари, мора да се побара во сопствената школа или во евтиниот и до крај неоктриен рудник во Африка. Франција постојано го полни тој рудник со злато, избрусено со напорна работа и визија под Алпите и добро спакован за потребите на богатите.       

Нема коментара:

Постави коментар