Powered By Blogger

10. 5. 2013.

Небеско-синото се врати во мода

Во една прилика големиот Ариго Саки ја објаснуваше италијанската филозифија на фудбалската игра. Неговата теза почнуваше многу подлабоко, многу повеќе од спортскиот фактор „Не е лесно да се смени идентитен и менталитет на една изградена нација. Нашиот начин на живот, нашата надворешна политика, нашиот национален став е дефанзивен, претпазлив. Па таков ни е и фудбалот. Со баланс, со организација, но дефанзивен„ велеше Саки.
И логиката ќе ја пронајдете во многу примери од секојдневниот живот, во секој натпревар, турнир. Стратегијата секогаш била силна страна на италијанците. Но ако „азурите„ се такви какви што се, каков идентитет има една репрезентација која зад себе има три милиони навивачи, само три милиони. Нација која самата себе си се нарекува мајка и татко на предвоениот фудбал. И нација која има четири светски титули. А не е Италија. Во секоја енциклопедија пишува дека само Италија четири пати освоила светско првенство. Но ако случајно сте се нашле од другата страна на реката Ривер Плата и им кажете дека тие два пати биле најдобри во светот, тие, Уругвајците ќе ви се налутат. Нашата приказна е поврзана со Уругвај. Две светски и две олимписки злата кога мундијалите не постоеа, па олимпијадите беа најголема смотра на овој спорт - тоа се четирите мундијали за Уругвај. Во Париз 1924 и во Амстердам четири години подоцна, уругвајските фудбалери им ја понудија први својата магија на европјаните. И од тогаш од нашиот, стариот континет постојано ги бараа „урусите„ на нова турнеа низ Европа. Како циркус. Беа така доминантни и забавни и ѓаволски тешки да се игра против нив. Првите блесоци надоврзани со првиот мундијал и со легендарното „Мараканасо„ во Рио го изградија Уругвај како единствено фудбалска нација. Со само 3.200.000 жители, Уругвај на светот му понуди свој тип на фудбалери. Ако бразилците се волшебници, германците се војници, италијанците се натпреварувачи, какви се уругвајците? Нивниот профил не се карактеризира секогаш со талент, со сува техника, со латинска магија. Уругвајците никогаш нема да ве издадат. Нивниот микс е срце и посветеност. Еден вид комбинација меѓу аргентински и италијански фудбалер. Само што нивната школа одсекогаш исфрлала многу квалитетни дефанзивци и напаѓачи. И по некој фантазист, но генерално играчите за врска не се нивниот адут, барем не тие креативните кои се паметат. Но нашата приказна на уругвајците во професионалниот фудбал, кога светот повеќе не ги гледаше како изненадување, ја почнуваме со еден таков, со фантазиста. Со човекот кој остави трага на два континенти и еден од ретките вродени капитени. Енцо Франческоли е еден од најславните изданоци на школата на Вондерерс за кого играл од 1980 до 1982 година. Брзо стана легенда на Ривер Плата и Европа тропаше на вратата. Почна да го освојува нашиот континент во Франција, во Расинг клуб Париз и во Олимпик Марсеј. Заминува од Тапи пред Франција да ја прослави својата единствена клубска европска титула. Но не згреши, бидејќи во Италија со Каљари и Торино станува голема легенда и култен играч кој никогаш не може да се заборави. Кариерата ја заврши во Ривер, со статус на фудбалер кој е мозок на теренот, па дури и идол на подоцна совршениот Зинедин Зидан. 73 пати играл за Уругвај, поголем дел од нив со капитенската трака. 
Кога Енцо пристигна во Италија таму веќе „растураше„ Рубен Соса. Од школата на Данубио, во Европа дојде во Сарагоса, но во 1988 година се пресели во Лацио. Пред Панчев минува во Интер, каде блеска четири сезони по ред. Во финушот на кариерата минува по една сезона во Борусија Дортмунд и Логроњеа. За Уругвај настапи 46 пати со одличен мундијал во 1990 година. Од истиот клуб како Франческоли Вондерерс од Монтевидео израсна и плејмејкерот кој често беше во сенка на Франческоли, Пабло Бенгоечеа. Блескаше во Севиља, со негова помош Уругвај ја освои Copa America на домашен терен на легендарниот „Сентенарио„ во 1995 година. Кариерата ја заврши во Пењарол за кого играше цели десет години. Никогаш не блесна колку што најавуваше неговиот талент. На тој јужноамерикански турнир експлодираа две имиња кои целосно ја одсликуваат уругвајската фудбалска филозофија. Срце, плуќа и многу каризма. Марчело Отеро и Густаво Појет беа на почетокот на кариерата. Одиграа перфектен турнир и заработија европски трансфери. Отеро од Пењарол заврши во Виченца и одигра три одлични сезони. Подоцна во шпанска Севиља и аргентинскиот Колон никогаш не го покажа талентот од најмладите денови. Сличен развоен пат имаше и Густаво Појет. Од уругвајската Ривер Плата млад заминува во Зарагоза со која го освои националниот куп и Купот на Куповите во легендарното финале со Арсенал и голот на Најим лобувајќи го Симан. Еден е од ретките уругвајци кој се вклопи во островскиот стил на игра. Четири сезони во Челзи и три во Тотенхем му понудија многу симпатии, еден FA куп и менаџерска кариера. Од генерацијата која ја израсна Оскар Вашингтон Табарез (некогашниот тренер на Митко Стојовски во Овиедо), најбрзо во Италија, во тогаш најсилната лига на планетата, пристигна Даниел Фонсека. Брз и мобилен напаѓач кој направи сјајна кариера на чизмата. Како и Енцо и Дарио Силва, поените ги собираше во Каљари на „Сант Елиа„ Имаше време да ја освои и наполитанската публика во ерата пост Марадона, но цената најмногу му порасна во Рома. Во тандем со Балбо и со подршка на Џанини, постигна многу голови. И заработи трансфер во Јуве, каде со Марчело Липи како тренер, освои две титули првак на Италија, пред да се врати во Јужна Америка во Ривер и матичниот Национал. 
Добрите уругвајски напаѓачи лесно наоѓаа ангажман во Европа. Кон крајот на минатиот век квантитетот го потисна квалитетот. Вицешмапионската титула од Copa America во Парагвај во 1999 година  ни ги откри Марсело Залајета и Федерико Магаљанеш. Првиот како тинејџер на Данубио млад пристигна во Јуве од Пењарол. Долго време чекаше шанса, заминуваше на калење во Емполи и Севиља, но за старата дама од најголема корист беше како џокер. Сеуште се паметат неговите голови во Лигата на шампионите со Барса и Реал. По заминувањето на Липи со кого освои три скудета и кај Капело имаше добар третман, но мораше да побара клуб каде ќе игра постандардно. Преку Наполи, Болоња, Перуџа и Кајзери се враќа назад во Пењарол. 47 пати играше за Уругвај со неколку антологиски голови. Магаљанеш исто како и Залајета беше лансиран од Пењарол и заврши во Италија во Аталанта. Кратко на него сметаше и Реал Мадрид, но само два пати заигра за „кралевите„ пред да биде отфрлен во малите клубови. Расинг Сантдандер, Венеција, Торино, Севиља, Ејбар, Дижон, Мерида беа останатите станици на неговата кариера. Премалку за тоа што ветуваше на таа Copa America во Асунсион. 
Но затоа трага и тоа неизбришлива остави најголемиот глобтротер меѓу уругвајските напаѓачи, Себастијан  Локо Абреу. „Лудиот„ како што сите го викаат е дете на Дефенсор. Многу млад екслодира во Сан Лоренцо и веројатно прерано замина во Депортиво на Хаво Ирурета. Галицијците не веруваа премногу во него покрај Паулета, Макај, Тристан и го испратија на серија на одстапки. Преку Гремио, пак Сан Лоренцо, Национал, Круз Азул, Клуб Америка, Текос, Монтереј, Тигрес, па Ривер Плата. Лудувањата на Абреу го одведоа и во Беитар во Ерусалим, во грчкиот Арис, во Реал Сосиедад, во Ботафого и пак назад дома во Национал. Не постои фудбалер од оваа земја кој толку често го менувал дресот. Но за Уругвај играше секогаш најдобро. Од 1996 до 2012 година собра 70 настапи и секогаш беше пример за сите останати „уруси„ Да го имаше талентот на Ел Чино Рекоба и Абреу ќе завршеше далеку, во некој гигант. Но Алваро остана синоним за недоречен талент кој можеше да стигне до врвовите на оваа игра. Пристигна во Интер од Национал. Дебитираше покрај Роналдо, одстапките во Венеција и Торино на Интер му покажаа каков талент ангажираше. Но во сите тие 248 мечеви за сино-црните можеше да се види дисконтинуитетот на еден уругвајски гениј, кој ја немаше главата на Франческоли да ја испише историјата. Неговиот гол со Австралија во баражот за мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја е еден од најзначајните голови во помодерната историја на оваа фудбалска земја. Една несреќна сообраќајна несреќа прерано ја заврши кариерата на одличниот напаѓач Дарио Силва. И тој многу рано во Каљари наоѓа „одскочна даска„ за својата кариера. По скромниот настап во Еспањол, ескплодира во Малага и Севиља пред како фудбалер на Портсмут да ја заврши кариерата на 34 години. Третото место на Copa America во 2004 година во Перу, најдобар негов спомен од 49 настапи за Уругвај. 
Од наредниот континентален собир во Венецуела во 2007 година, Уругвај имаше нова звезда. Четвртото место и несреќниот пораз на пенали од Бразил беше неуспех за првиот светски првак. Но го добија Форлан. Како младинец на Пењарол, брзо е забележан од скаутите на Индепедиенте. Манчестер Јунајтед инвестира многу во него, но односот со Фергусон и разликата во стиловите, оставија трага врз неговиот европски почеток. Па затоа со Виљареал во три сезони и тоа како Европа го запозна. За трофеи мораше да ги почека зрелите години. Лигата на Европа со Атлетико Мадрид во Хамбург со неговите два гола против Фулам, беа само најава. По два месеци стигна Суперкупот против Интер на Бенитез, па мундијалскиот избор за МВП во Јужна Африка и легендарното четврто место на Уругвај (најдобар пласман по освојувањето на СП во Бразил 1960 година). Во тандем со Суарез беше незадржлив за одбраните и на следната Copa America во Аргентина во 2011 година. Промашувањето Интер го одпочна процесот на надолната линија во неговата кариера. Сега игра во Бразил во Интернационал од Порто Алегре и тоа за многу солидни пари. Неговиот партнер од нападот во последните 4-5 години е вистинска напаст за противничките играчи. Не паметам друг уругвајски играч, кој се изградил како играч во Холандија. Така Луис Суарез, по Национал како 19 годишник доаѓа во Гронинген. Брзо потпиша за Ајакс на Франк Де Бур и со 81 гол на 110 меча станува легенда и освои едно домашно првенство и како докажан јужноамерикански првак го менува Фернандо Торес во Ливерпул. Контроверзен, но пеколен во стилот и интерпретацијата на фудбалот. 
Од нешто постарата генерација, како вечна резерва во националниот тим се издвои едно робусно момче, кое поникна во 1986 година во младинските категории на Прогресо. Како и Абреу, Валтер Пандијани го одбра Депортиво Ла Коруња за прва европска станица. Подобро мина од својот претходник, но по две сезони бараше нов предизвик во Бирминген Сити, па во Мајорка, Еспањол, Осасуна и Виљареал. Три пати го освои Купот на шпанскиот крал со три различни екипи: Депор, Мајорка и Еспањол. Со каталонските сино-бели беше дел од епското финале на Купот на УЕФА во Глазгов со Севиља, по кое андалузијците славеа по пенал рулетот. Забележавте дека поновата историја ни лансира најчесто уругвајски напаѓачи како главни виолини. Денес најмногу на цена е Едисон Кавани. Во секој момент на преодниот рој се очекува „бомба„ по која ќе го смени клубот. Како и многу други и тој беше лансиран од Данубио и во Италија „пливаше„ како риба во вода. Во Палермо одигра 109 меча и постигна 34 гола. Со Наполи за прв пат заигра во Лигата на шампионите, го освои италијанскиот Куп, беше најдобар стрелец во лигата. Го нападна и го собори рекордот на Марадона, а ова лето скоро сигурно ќе ја наполни касата на Де Лаурентис. Приказната може да ја продолжиме и со Регеиро, со Фабиан О Нил,Шевантон, Моралес, со Фабијан Естојаноф и уште многу други. На оваа група на голгетери повеќе со срце одколку со мината школа, ќе го придодадеме вториот уругвајски продукт. Челичен дефанзивец. Пример за таков беше Паоло Монтеро. По Пењарол многу млад доаѓа во Серие А во Аталанта. Неговото мото беше топката може да мине, но противникот никако. Во групата на одлични напаѓачи недостигаше дефанзивен лидер. Монтеро беше баш таков. 61 пат играше за Уругвај и остави трага скоро во секој меч за „урусите„ Се разви во одличен дефанзивец во Јуве на Липи со кого освои четири скудета и играше три финалиња на Лигата на шампионите. Во Сан Лорензо и Пењарол ја заврши кариерата, но како во деветте сезони во клубот од Торино, не беше на ниту едно друго место. 
Негов наследник во репрезентацијата на небеско сините беше Диего Лугано. Во дрим-тимот на Сао Паоло на Мурисо Рамаљо од 2003 година пристигна и веднаш ја доби капитенската трака, како еден од ретките уругвајци во Бразил. Лугано ги освои сите можни трофеи. Славеше и во Copa Libertadores, го доби и Ливерпул на Бенитез во мундијалот за клубови. Подоцна беше столб на одбраната на Фенербахче, па кратко во ПСЖ и Малага. Како и Монтеро, за Уругвај секогаш го даваше најдоброто од себе. Преку 70 пати го балансираше тимот на одлични дефанзивци и уште подобри напаѓачи. Таков е уругвајскиот фудбалски прототип. Врвни и до смрт борбени војници, кои за националниот тим секогаш се надминувале. Кога би произведувале и добри организатори на игра, добри фудбалери за врска, добри визионери на играта „урусите„ би биле и повеќе од четири пати светски прваци. Но како што вели Саки, начинот како играш е како си научил и тоа е слика на начинот на кој фунционира целиот систем, целото општество, целиот спорт. Во Уругвај никогаш и со никого не би се менувале со стилот и фудбалерите. Посебно не сега кога се јужноамерикански шампиони, четврти во светот и конечно учествуваа на олимпијада, прв пат од Амстердам 1928 година. Ако има некое финале и некој не сака да го игра, знаете кој секогаш ќе се одзвие на предизвикот. Уругвајците секогаш „гинат„ за небеско сината боја. А таа пак е во мода.          

Нема коментара:

Постави коментар