Powered By Blogger

15. 5. 2013.

Ќе се појави ли новиот Лобановски?

Многумина мислат дека нашите повозрасни пријатели, родители или познаници од секогаш навивале за бившиот Советски сојуз, сега Русија и Украина, Динамо Киев или Зенит само заради симпатиите кон земјата, заради православната вероисповест, заради други надворешни влијанија. Но едно е непобитно точно. Советската фудбалска школа е една од првите и најдобро структуираните низ децениите на полупрофесионазација и целосната професионалност.
Рускиот стил долги години имаше значаен репсект низ целиот континент, а украинската хегемонија на Динамо Киев на Валериј Лобановски е една од најдобро администрирани низ историјата. Два клубски џина го одржуваа советскиот фудбал со децении и децении. Руската спорадична школа претставена преку Спартак Москва и украинската долга и скоро па непрекината до денес на Динамо Киев. И симпатиите не доаѓаат од времето на првиот европски првак за репрезентации, кој благодарение на Виктор Понедељник стигна во Москва во 1960 година или пак од првото олимписко злато четири години претходно во Монтреал. Уште три пати Советскиот сојуз играше финале на континентален собир и секогаш беше поразен. Во 1964 од Шпанија, во 1972 од Западна Германија и во 1988 година од Холандија. Во два од трите порази играа против домашната селекција и немаа сили да го зададат завршниот удар. Генерацијата на Баришевски и Оришенко под водство на Александар Пономарев не можеше ништо да стори во бриселското финале на 18 мај 1972 година, кога наспроти себе ја имаше германската машина. Два пати Герд Милер и еднаш Херберт Вимер ја испишаа најубедливата победа во финалните мечеви на европските првенства се до финалето во Киев меѓу Шпанија и Италија минатото лето. 
Првото европско клубско финале за СССР не го одигра ниту Спартак, ниту Динамо Киев, туку Динамо Москва. На 24 мај 1972 година на „Ноу Камп„ Глазгов Ренџерс и Динамо на Лав Јашин играа за трофејот од Купот на куповите. Ештреков и Матовиков само го ублажија поразот од 3:0 до 3:2. Истата таа 1972 година Советскиот сојуз донесе бронза од Олимписките игри во Минхен. Во мечот за бронзата Советскиот сојуз и Германија играа 2:2 и го поделија бронзениот медал. Блохин и Куртсилава ја донесоа предноста од 2:0, пред германците да се вратат и преку Крихе и Вогел дојдат до реми и со самото тоа по тогашните правила и до поделба на медалот. Полска стана олимписки првак, но светот ги запозна новите советски звезди Олег Блохин и Јозеф Сабо. Сјајната година бисерите од најголемата европска земја ја заокружија со второто место на европското првенство за фудбалери под 23 години и поразот во двомеч од Чехословачка (2:2 во Москва и 1:3 во Прага). Првиот советски трофеј од европските купови стигна од Динамо Киев во 1975 година и тоа под Валериј Лобановски и со новата звезда Блохин во полн ек на формата. Со неговиот гол и голот на Оришенко на 14 мај 1975 година на „Сант Јакоб„ во Базел, Динамо Киев го совлада Ференцварош на Ференц Сабо и Иштван Маџар со 2:0 и го освои Купот на куповите. Вистинската одмазда врз германците, советите ја издвојуваа во септември истата година. На олимпискиот стадион во Минхен, Блохин го порази европскиот првак Баерн на Детмар Крамер со 1:0. Неговиот гол во 66 минута беше демонстрација на техника и потентност која ретко се гледаше во тоа време, а влогот беше Супер купот на Европа. На реваншот во октомври во Киев пред 102.000 гледачи, Блохин ги постигна двата гола за севкупни 3:0 за генерацијата на Веремаев, Фоменко, Зујев, Бурјак и се разбира Блохин. Таа 1975 година украинецот Блохин ја освои златната топка за најдобар на континентот. Блохин беше 9 пати украински и три пати советски фудбалер на годината, пет пати беше крал на стрелците во лигата на СССР, играч со најмногу настапи и голови во целата држава: 122 натпревари - 42 гола. Наредната 1976 година нов репрезентативен блесок. На олимписките игри во Монтреал, советите играа пак многу допадливо, но како често во историјата на патот му застана Западна Германија која ги совлада со 2:1 во полуфиналето. Во мечот за третото место СССР на професорот Лобановски го совлада Бразил на Жулињо и Еривелто со 2:0. Владимир Онишенко и Леонид Назаренко со голови ја комплетираа украинската врска во советскиот тим, во кој пак перфектен турнир одигра Блохин. За прв пат во историјата младинците на СССР станаа европски прваци во ноември таа 1976 година со победа во двомеч против Унгарија (1:1 во Будимпешта и 2:1 во Москва). Најдобрите денови на советскиот фудбал го донесоа и првото младинско светско првенство. Во 1977 година во Тунис, СССР на Сергеј Масагуин го доби драматичното финале со Мексико по изведувањето на пенали (2:2 во регуларниот тек, 9:8 во пеналите). Владимир Бесонов беше двоен стрелец и најдобар на целиот турнир. Голманот Александар Новиков беше јунак по 20 изведени пенали. Дури и во Купот на шампионите Динамо Киев стрелаше високо. Во полуфиналето со Борусија Менхенгладбах во Киев славеа домаќините со голот на Онишенко. Но две недели подоцна Рајнер Боноф и Виткамп го уништија сонот на Блохин и другарите да излезат на мегдан со големиот Ливерпул. Две години подоцна на вториот мундијал за фудбалери под 20 година, советите го бранеа златото во Токио. И пак стигнаа до финалето. Но како најчесто во историјата имаа пак несреќа, но не да играат со домашната селекција, туку овој пат да налетаат и да го запознаат неповторливиот Диего Армандо Марадона. На 7 септември 1979 година во историско финале Аргентина на Луис Цезар Меноти славеше против СССР со 3:1 со головите на Алвес, Рамон Диаз и Марадона, откако советите поведоа преку Пономарев. Новиот селектор Сергеј Коршнунов извади серија на квалитетни советски фудбалери како Сергеј Овчниников, Анатолиј Раденко и Саша Заваров. 
Олимпијадите станаа специјалност на оваа селекција, а во тој период фудбалските турнири ги играа скоро па најдобрите репрезентации. Во Москва 1980 година СССР беше голем фаворит. До полуфиналето на стадионот на Динамо во Москва, домаќинот стигна лесно и без притисок. Но на претпоследната пречка, на 29 јули сега Источна Германија беше „пеницилинот„ за новиот селектор Олег Романцев и неговите јунаци. Волфродигер Нец во 16 минута го постигна единствениот гол на тој нервозен меч во кој на голот на домашната селекција се појави Ринат Дасаев, Кидиуатулин во одбраната, а Бесонов и Газаев во нападот. Но аутсајдерот од Источна Германија на селекторот Рудолф Краусе стигна до финале и подоцна до среброто по поразот од Чехословачка. Во малото финале СССР ја совлада Југославија на Иван Топлак со 2:0. Оганесјан и Сергеј Андрејев ги постигнаа головите во доминантната партија на советите. Генерацијата на Гудељ, браќата Вујовиќ и нашиот Никица Клинчарски остана без медал на таа спорна олимпијада во Москва. Таа 1980 година УЕФА за прв пат организираше европско првенство за фудбалери под 21 година, наместо под 23 како што се организираше претходно. И како на првото сениорско првенство и на младинскиот континентален собир СССР стана европски првак. Вечното ривалство со Источна Германија испиша ново поглавје, сега во два меча. Без голови во Берлин и гол на Анатолиј Демјаненко во Москва за првото европско злато за младинци за советите. Следуваа години во кои се коваше стратегија за нов почеток на советскиот фудбал. И пак преку главните центри Спартак Москва и пред се Динамо Киев на Лобановски. Најважниот меч во децении и децении европски натпревари на Спартак Москва беше четвртфиналето на Купот на шампионите 1981 година со Реал Мадрид. По 90 минути без голови на „Лужњики„ одлуката беше одложена за 19 март на „Сантјаго Бернабеу„ Со двата гола на Исидро во вториот дел „кралевите„ минаа понатаму, а Спартак на Јури Сјемин ја заврши својата сјајна евро-сезона. Во пролетта 1982 година Динамо пропушти уште една голема шанса да дојде во европско финале во најсилниот Куп. Елиминиран беше од Астон Вила во четвртфиналето по 0:0 во Киев и 2:0 на „Вила парк„ со головите на Шоу и Мекнаф. Украина почна да се поистоветува и со Шахтар од Доњецк, а не само со клубот-репрезентација од Киев. Шахтар стигна до четвртфиналето на КПК. Во двомеч со Порто, украинците загубија со 3:2 во гости, а во Украина беше 1:1. Морозов, Соколовски и Храчов ги постигнаа головите за советскиот претставник. Во 1985 година ФИФА му го довери младинскиот мундијал на Москва и СССР. Во генерацијата во која Бразил стана светски првак со Тафарел, Силас, Енрике и Милер, советите несреќно загубија од Шпанија во полуфиналето. Селекцијата на Сергеј Мосиагин, преку Кудојилов и Иванаускас два пати водеше, но Лосада и Гоикочеа израмнуваа за „фуријата„ По пеналите јунак беше Унзуе и шпанците дојдоа до финале. Но тој младински мундијал ги лансираше Иванаускас, Кузлев, Татарчук. Третиот европски трофеј и пак со Блохин во екипата, за Динамо Киев дојде во мај 1986 година на стадионот на Лион „Жерланд„ Во финалето на Купот на Куповите, Динамо на Лобановски го прегази Атлетико Мадрид на Луис Арагонез со 3:0. Заваров, Блохин и Јевтушенко го потпишаа големиот успех и вториот трофеј од Купот на куповите. По два месеци Динамо Киев го играше вториот европски Супер куп. Противник беше европскиот првак Стеауа во Монако, а романците беа подобри и славеа со 1:0 со голот на Хаџи во 44 минута. Во април 1987 година Динамо Киев ја имаше втората меч топка за европско финале во купот на европските финале. До финале со Баерн на „Пратер„ ги делеа 180 минути со Порто. Футре и Андре на стариот „Анташ„ ги доведоа португалците во водство, но Јаковенко со гол во 74 минута погоди за 2:1 и надеж за киевјаните. Но на реваншот Селсо и Фернандо Гомез во 11 минути постигнаа два гола и финалистот беше познат (1:2). Беланов и Михаљшченко беа новите бисери од академијата на Лобановски. Време беше за нов репрезентативен блесок. Се случи на европското првенство во Германија 1988 година. Победата над Италија во полуфиналето беше сериозна опомена за големите сили. Но во финалниот натпревар во Минхен Марко Ван Бастен се трансформираше во феномен и ги одмазди „лалињата„ на Михелс за поразот во групната фаза (1:0 со голот на Василиј Рац). Но тоа сребро беше поздравено како злато во татковината. Еден месец по поразот од Холандија, дојде второто олимписко злато за СССР, по Монтреал 1956 година. Во Сеул, Алексеј Прудникот однесе супер-талентирани момчиња кои во финалниот меч по продолжението го совладаа Бразил на Ромарио со 2:1 со голот на Добровољски. Покрај стрелецот новата генерација ја предводеа и Кузњецов, Горлукович, Савичев и Михаљшченко. 
Советите го освоија континентот и Игор Беланов од Динамо Киев стана третата златна топка од „големата мечка„  Две години подоцна СССР стана европски младински првак по втор пат во историјата. Во финалниот двомеч совладана е Југославија со две победи од по 4:2 и 3:1. Истата таа генерација во 1991 година замина во Португалија на младинскиот мундијал. Домаќинот со Руи Коста како најдобар играч го освои турнирот по подоброто изведување на пенали во финалето против Бразил (0:0 ; 4:2 по пеналите). Советскиот сојуз на Генади Костилев загуби со 3:0 од Бразил на Џоване Елбер во полуфиналето и заврши како трет со Коновалов како најдобар советски фудбалер на тој турнир. Почнува распадот на СССР и тоа и тоа како го почувствуваа и клубовите и репрезентациите кои подоцна никнаа. Спартак Москва во март 1991 година стигна најдалеку во својата историја во европските натпреварувања. Играше полуфинале со Олимпик Марсеј на Бернард Тапи. Абеди Пеле и Жан-Пјер Папен беа пресилни за русите и французите славеа со 3:1 на „Велодром„ и 2:1 на „Лужњики„ Мостовој и Шалимов заработија дебели трансфери од таа европска одисеја на Спартак, која влезе во историјата како најдалечен пат во историјата во Европа. Две сезони подоцна Спартак играше полуфинале на КПК и неочекувано беше елиминиран од Антверпен. Пјатински го постигна единствениот гол во Москва, но во Белгија Антверпен славеше со 3:1 со Радченко како единствен руски стрелец. Во сезоната 1995/96 Спартак имаше нова шанса да влезе во големата четворка, но беше елиминиран од Нант со севкупни 4:2. Сергеј Јуран и Јури Никифоров беа главни звезди на таа европска сезона на екипата на Сјемин. 
Три години подоцна во улогата на Блохин од пред две децении се појави Андриј Шевченко. По елиминацијата во четвртфиналето на Лигата на шампионите 1998 година од Јувентус, следеше нов блесок. Тандемот Ребров - Шевченко го елиминира европскиот првак Реал Мадрид наредната година и дојде до полуфинале со Баерн. По спектакуларните 3:3 на олимпискиот стадион во Киев, следеше минимален пораз од 1:0 во Минхен. Шева отиде во Милан, Лужњи во Арсенал, Ребров во Тотенхем. Брзо беше распродаден стектакуларниот млад тим на звезди на Лобановски. Истата таа година Спартак дојде до полуфиналето на Купот на УЕФА. Но за ривал го имаше Интер на Џиџи Симони и Луис Назарио де Лима Роналдо. Италијанците ги добија двата меча со по 2:1, а Тихонов и Алејничев ги постигнаа головите за руската екипа. Следеа црните години, обидите да се презиме во Европа, а репрезентациите не можеа подалеку од обично учество на големи приредби. Андриј Шевченко како играч на Милан стана четврт освојувач на златната топка од просторите на бившиот советски сојуз. Со Украина обезбеди мундијал и во Германија 2006 година стигна до четвртфиналето, елиминирајќи ја Швајцарија на пенали. Меѓу завршните четири отиде Италија која славеше со 3:0 со головите на Тони (два гола) и Замброта. Една година пред тој мундијал Русија го прослави првиот европски трофеј по распаѓањето на СССР. Го донесе армискиот клуб ЦСКА. Во финалето на Лига Европа во кое сите ја прежалија, ЦСКА славеше на „Жозе Алвеладе„ во Лисабон против домашниот Спортинг. Березутски, Жирков и Вагнер Лов беа стрелци во победата од 3:1 за екипата на Валери Газаев. Два месеци подоцна ЦСКА долго водеше со 1:0 со голот на бразилецот Карваљо и во европскиот Супер куп против Ливерпул. Но во финишот израмни Џибрил Сисе и го внесе мечот со продолженија. Таму французинот и шпанецот Луис Гарсија му донесоа победа на Ливерпул на Бенитез со 3:1. 
Три години по успехот на ЦСКА, на уште подоминантен начин Зенит на холандскиот тренер Дик Адвокат ја освои Лига Европа. Откако во полуфиналето го понижи Баерн на Клинсман со севкупни 5:1, Зенит со генерацијата на Аршавин, Денисов, Зирјанов го доби финалето со Глазгов Ренџерс во Манчестер со 2:0. По 45 дена во Монако истиот тој тим од Сант Петерсбург го освои Супер купот на Европа. Совладан беше европскиот првак Манчестер Јунајтед на Фергусон со 2:1 со головите на Погребњак и португалецот Дани. Во 2008 година Гус Хидинк направи чудо со новата генерација на руски фудбалери, главно комбинација на фудбалери на Зенит и ЦСКА Москва. Ја елиминира Холандија на европското првенство во Австрија и Швајцарија, но можеше подалеку од полуфиналето. Загуби со 3:0 од Шпанија на Арагонес, а на „Пратер„ погодија Чави, Виља и Гуиза. Наредната 2009 година сега новите големи ривали на украинскиот фудбал по смртта на Валериј Лобановски, Шахтар и Динамо Киев играа меѓусебно европско полуфинале. Влогот беше финалето на Лига Европа во Истанбул. Шахтар на Ринат Ахметов донесе 1:1 од Киев, а на крилата на Дарио Срна и Луис Адриано славеше на „Домбас арената„ со 2:1. Подоцна 20 мај 2009 година остана запишан со златни букви во историјата на Шахтар. Освоен е првиот европски куп, Лига Европа со победата над Вердер со 2:1. Бразилците Луис Адриано и Жадсон му го донесоа европскиот трофеј на романскиот тренер Мирчеа Луческу. Оваа генерација полека растеше и во август истата 2009 година во Монако ја намачи Барселона на Гвардиола во Супер купот на Европа. Голот на Педро во продолжението го одлучи неизвесниот меч во Франција. Двете екипи, Шахтар и Барса се соочија овој пат во четвртфиналето на Лигата на шампионите 2010/11. Иако играа со отворен гард, украинците не можеа подалеку од чесна елиминација. Барса беше пресилна и ги доби двата натпревари со 5:1 и 1:0. И забележавте од сите успеси недостига блесок на светските првенства. Најблиску до пиедесталот советите беа во Англија 1966 година. Во полуфиналето СССР загуби од пресилната Западна Германија со 2:1 со головите на Халер и Бекенбауер за германците, а Поркујан за СССР на селекторот Морозов и првата советска златна топка Лав Јашин на голот. Советите завршија како четврти и никогаш не го подобрија овој резултат. Уште три пати играа четвртфинале и секогаш губеа. Дури и кога го имаа првиот стрелец на турнирот во Олег Саленко за ЗНД во САД 1994 година, овие талентирани фудбалери не можеа до крајот. Можеби денес немаат изграден стил како во времето на Спартак Москва и Динамо Киев, но претставниците на источната школа имаат нов јасен проект. Сега имаат многу повеќе пари, ги инвестираат во инфраструктура, странски тренери и фудбалери. Руската премиер лига го смени и календарот, па за прв пат играше како и другите лиги од август до мај. Наредната цел ќе им биде да создадат нов носители на проектот. Симптомите укажуваат на Зенит и Шахтар, но сега конкуренцијата во домашните лиги е поголема, но и разликата со најдобрите во Европа расте. Потребен е новиот Лобановски да ја намали таа разлика и да го врати стариот советски сјај.                                  

Нема коментара:

Постави коментар