Powered By Blogger

11. 11. 2014.

Ни Роналдо, ни Меси, туку Диего Симеоне

КОМУ ЗЛАТНАТА ТОПКА И КОМУ ЗЛАТНАТА КЛУПА ОВАА ГОДИНА?
Се наближува изборот за најдобри во годината која изминува во светот на фудбалот. Популарната „Златна топка„ еволуираше во многу политичко и комерцијално наградување, а новиот систем во кој се споија ФИФА и „Франс фудбал„ се покажува како најголемо промашување во последните години.
Комбинацијата на гласови на капитените и селекторите и престижните спортски весници, не само што не дава потранспарентен избор, туку го прави истиот уште поконфузен и уште поедноличен. Последните неколку години во кои фудбалот е поделен на два модерни феномени како Меси и Роналдо и остатокот на фудбалските професионалци е уште поочигледен пример. Човек кога ќе погледне по 20 години каков е пласманот во изборот од 2008/09 до ден-денес, ќе помисли овие двајца мајстори освоиле се и сешто и го покориле светот. До душа точно е дека се силно доминантни, но во цел овој период фудбал играа(т) и другите. Шпанија и Германија станаа светски прваци, Шпанија уште еднаш беше европски првак, Челзи и Баерн ја освоија Лигата на шампионите, Баерн дури и тројната круна, Атлетико го направи подвигот на деценијата, но пак изборот се сведува на Меси или Роналдо. Погрешно што попогрешно не може да биде. Ги анализирам детално гласањата на фудбалерите и не можам да се изначудам. Капитените, па дури и селекторите си гласааат за милениците, за соиграчите или бившите соиграчи, 7-8 аргентински селектори низ светот редовно гласаат за Меси, бразилци или португалци за Роналдо, неколку залутани за некој аутсајдер од типот на Чаби Алонсо и така секоја година. Каде е тука транспарентноста, професионалноста, сериозноста на изборот.
Да не говорам дека оние кои гласале малку понормално, најчесто гласаат по општ став, а не за тековната година. Затоа треба еднаш за секогаш да се стави крај на оваа фарса. Фудбалерите треба да се остават да го прават тоа најдобро што го знаат, а новинарите или стручна комисија составена од бивши фудбалери да има мониторинг на целата ситуација. Само така можеме да го добиеме најкоректниот избор за најдобар за тековната година, најдобар за тие минати 12 месеци, за таа сезона и слично. Конкретно оваа година повторно се судираме со тезата: последици од мундијалот или од клубската сезона. Некогаш кога светското првенство беше убедливо на пиедесталот на интересот и приоритетите немаше дилеми: Матеус 1990, Ромарио 1994, Зидан 1998, Роналдо 2002, Канаваро 2006. Денес не важат повеќе магијата на Иниеста, головите на Милер, одбраните на Нојер. Дури и за најдобар играч на мундијалот беше прогласен - Меси! Тој барем одигра коректно добар мундијал, но за најдобар сепак не заслужи. Исто како што Кристијано Роналдо не заслужи да биде МВП на шпанската лига, во сезона во која неговиот Реал Мадрид беше трет, а првакот Атлетико наместо да ги собере сите награди, гледаше како фудбалерите на професионалната шпанска лига се глупираат: Кејлор Навас - најдобар голман, Серхио Рамос - најдобар дефанзивец, Лука Модриќ - најдобар фудбалер за врска, Кристијано Роналдо - најкорисен фудбалер. Не треба да се биде паметен да се утврди дека вака поставени работите, човек ќе помисли дека гласале малолетните синчиња или ќеркички на фудбалерите. А кога гласаат оние кои гледаат малку подалеку од носот, изборот изгледа вака: Тибо Куртоа - најдобар голман, Диего Годин - најдобар дефанзивец, Коке - најдобар фудбалер за врска и Диего Коста - најдобар напаѓач и најкорисен фудбалер. 
Точно е дека денес многумина не можат да разграничат што е национално првенство, а што европски Купови, но кога грешките се гигантски тогаш подобро во иднина да не се гласа. Зошто за изборот за најдобри во Лигата на шампионите дилеми немаше: најдобар играч и стрелец - Кристијано Роналдо, но за во Ла Лига, ни одблиску. Но играчите на Атлетико не продаваат така добро и така обемно дресови како „кралевите„ а да не говориме за тренерите, за кои потребен е посебен осврт. Да се вратиме на изборот за „Златната топка„ По овој критериум во кој 2+2 никогаш не се 4, еден геније како Арјен Робен нема никогаш да ја освои наградата, па дури и во години како оваа кога ја заслужува. А ја заслужуваа и Снајдер по тројната круна и Рибери по истиот подвиг минатата година, но наградите ги освоија Меси и Роналдо. Време е да се стави крајот на оваа фарса и по редослед германските фудбалери да го наполнат врвот на листата за оваа година. Бидејќи ако тројната круна на Баерн и германското финале не беа доволни, светската круна на Германија и подоцна европската младинска за фудбалери под 20 години, се потврда за трендот кој доаѓа. 
А и Бундеслигата оваа сезона има убедливо најдобри бројки во Европа по првата неполна половина од Лигата на шампионите и Лигата на Европа. На ранкингот на УЕФА ја минува Англија и веќе е клубска сила број 2 во Европа зад Шпанија. Но нема да ме чуди да се случи пресврт како лани, кога Роналдо ја доби наградата само заради тоа што ја однесе Португалија на мундијалот. На сите останати полиња имаше и инвидуално и колективно подобри од него. А подоцна на истиот мундијал Роналдо и Португалија беа само туристи и пак Роналдо е фаворит број 1. Па нели се сумираат вредностите во тековните 12 месеци, се сумираат меѓу другото и 17 гола во Лигата на шампионите, но и поразите и понижувањата во Бразил. Но темата за фудбалерите не е единствена. Кој и да биде оваа година многу веројатно ќе биде погрешен избор. Уште полош е третманот за кодексот на однесување и номинациите или неноминациите на фудбалери кои го извалкале својот имиџ во тековната година. Меси кој баш оваа година имаше скандал со затајување на данок (многу повеќе Хорхе од Лео Меси) сепак е во потесниот круг, а „канибалот„ Суарез кој беше најдобар фудбалер и стрелец на Премиер лигата и со Роналдо ја подели „златната копачка„ верувале или не, не е ниту меѓу 24 номинирани. Во тој контекст одат работите и оваа година. Нема да бидам изненаден и ако тренер на годината биде Анчелоти или Моурињо, а не Јоаким Лоу или Симеоне. 
Јас изборот за најдобар фудбалер ќе го прескокнам, бидејќи секој избор е залуден, но за тренер на годината ќе се произнесам. Подвигот на една подзаборавено голема екипа како Атлетико Мадрид оваа година нема така брзо да се заборави. И не само оваа, бидејќи кога во есента 2012 година на местото на Манзано, дојде Чоло Симеоне тимот на Атлетико беше многу сличен како оној, кој овој мај играше во Лисабон и беше на 1 минута до најголемиот подвиг во историјата на Лигата на шампионите. И тогаш кај Манзано беа Куртоа, Хуанфран, Годин, Миранда, Раул Гарсија, Тиаго, Габи, Арда и уште неколкумина. Но разликата во овој случај ја направи човекот на клупата. И тоа не на еден меч, или на еден турнир, туку на три години полни со континуиран прогрес. И тоа без нивниот прв адут Фалкао, кој беше продаден едно лето пред годината на дефинитниот подвиг. Бидејќи не беше лесно ни да се освои Лига Европа во Букурешт против Атлетик Билбао (3:0), да се растури европскиот првак Челзи во Монако (4:1), да се освои Купот на Кралот против галактичкиот Реал на Моурињо и тоа на „Бернабеу„ Но шлагот беше титулата во најсилната лига на светот, против Барса и Реал на свемирски артисти на играта и без пораз во ниту еден директен дуел со нив беше уште еден подвиг за Рипли. Невозможното беше за 1 минута од возможно. По Порто, Милан, Барселона и Челзи, четири бивши европски прваци „легнати на земја„ од раката на Симеоне и тоа до финале без пораз, дојде и најтешката пречка. Реал Мадрид беше исто надмудрен, прочитан и совладан, но фудбалот има и такви моменти како голот на Рамос, тие на Солскјар и Шерингам на „Ноу Камп„ па на Дрогба во Минхен и слично. И затоа е фудбалот убав. И веќе е нефункционално прашањето: Дали Реал заслужено ја освои Лигата на шампионите? Па, на кого му е грижа? Во фудбалот само разултатот е валиден. По заслуги не се бројат головите. Можеби во боксот кога судиите решаваат победа на поени, можеби таму има заслуги, но во фудбалот нема. И кругот уште не е затворен, бидејќи Чоло му го „грабна„ Суперкупот на Шпанија на уште позасилениот европски првак и го совлада втора година по ред на „Бернабеу„ во Ла Лига, трет пат ако го броиме и финалето на Купот 2013 година. Најголемиот комплимент за Симеоне е фактот што сите екипи, кога играат против Атлетико Мадрид не можат да го извадат најдоброто од себе. Бидејќи секогаш играш колку што противникот ќе ти дозволи. А Симеоне ги прави противниците послаби од тоа што се. Затоа и многу полесно ќе ги преброди продавањата на Виља, Фелипе Луис, Куртоа, Адријан и Диего Коста. Затоа во годината во која светот 5-6 сезона по ред се прашува Меси или Роналдо, јас ќе кажам - Диего Симеоне. Златна, сребрена и бронзена топка за Чоло. Конструиран како стратег во „Коверчано„ со примеси на најфункционалните фудбалски и тренерски школи, италијанската и шпанската, Симеоне ги прескокнува пречките со хирушка прецизност. Расинг Аваланеда, Естудијантес, Сан Лоренцо, Катанија и скокот од просечноста меѓу звездите со единствената екипа во модерниот фудбал која стана шампион и освои уште 3-4 трофеи без пари. И со идеи на тренер кој гледа многу далеку и многу зрело. Приказната на Симеоне ме потсеќа на таа на Јирген Клоп, кој на сличен начин, без пари, со идеи и фудбал од бајките ја врати Борусија меѓу гигантите понижувајќи ги и најголемите. И Клоп беше добар на зборови, а наградите одеа кај другите. Кај оние кој имаат подебели договори, оние кои зборуваат повеќе пред новинарите, оние кои се сликаат најчесто. Затоа ниту Пеп, ниту Жозе, ниту Карло, туку Чоло. Барем по мојот избор. Иако респектот за мундијалот и германското злато нема да го заборавам и на Јоаким Лоу ќе му се поклонам.         

Нема коментара:

Постави коментар