Powered By Blogger

13. 5. 2013.

Не сите бразилци знаат да играат самба

Кога сте професионален фудбалер од Бразил, а такви има неколку милиони, нивните сништа секогаш се сведуваат на едно - еден ден да го облечат жолто-синиот дрес на најфудбалската нација, да играат за Бразил макар 1-2 минути, да ја испеат химната, да се помолат, да го бакнат грбот на петкратниот светски првак.
Такви има милиони желби, а само најдобрите стигнуваат да играат самба, а има безброј такви кои не само што не играле, туку не научиле да играат. А има и една помала категорија која среќата ја побарале на друга страна, па наместо самба играат некоја друга игра, фадо на пример. Ова е сторија за таа категорија на фудбалери кои секогаш оделе по вистинскиот пат, но националниот дрес на „канарињата„ не го намирисиле или само периодично биле дел од националниот тим. Се сеќавате на големиот голгетер во Бундеслигата Џоване Елбер. Роден во Лондрина, не минал нормален процес на созревање во ниту еден голем клуб во Бразил, туку први неговиот талент го виделе скаутите на Милан. Но тие не го препознале тоа што го купиле и Елбер на 20 години мораше во швајцарскиот Грасхоперс да ја бара својата среќа. Просекот од скоро гол по натпревар, го однесе во Штудгарт како дел од спектакуларното трио со Балаков и Фреди Бобиќ. Во најдобрите денови Елбер не беше само напаст за противничките одбрани, туку беше и спектакуларен. Неговите голови, неговиот начин на кој се презентираше и 41 гол на 87 натпревари за Штудгарт го привлекоа големиот Баерн. А баварците посебно со Отмар Хицфилд на клупата не грешат. Дебело го платија, но во тимот со Шол и Ефенберг, сега веќе зрелиот бразилец пливаше како риба во вода. Освои се што може да се освои, постигна преку 90 гола и тропаше на вратата на националниот тим. Но во тоа време за Бразил играше неприкосновениот Роналдо, во тандем со Ривалдо и ветеранот Бебето. Тука беше и Едмундо од Фиорентина а надоаѓаше и супер-звездата Роналдињо. Во такво опкружување невозможно беше Елбер да го најде своето место во националниот тим. Во 1998 година Елбер дебитираше за Бразил на пријателски натпревари и постигна 7 гола на 15 меча, но тоа не беше доволно да се задржи во одбраното друштво на Лобо Загало и подоцна Луис Фелипе Сколари. А неговиот прв контакт со репрезентацијата на Бразил беше ветувачки. Постигна 6 гола на младинското светско првенство во 1991 година, кога во финалето Бразил загуби од Португалија на Руи Коста. Подоцна Елбер замина во Лион, па во Борусија Менхенгладбах и заврши со титула во Крузеиро, но веќе беше предоцна за амбиција во националниот тим. 
Во истиот тој период вратите за националниот тим му беа затворени и на Сони Андерсон. Уште еден расен голгетер кој се роди во погрешно време, во времето на неповторливиот Роналдо. Како дете на Васко де Гама и Андерсон како Елбер тргнува во европска слава од Швајцарија. Сервет го купува на 18 години од Гварани и со 31 гол во две сезони, купува билет за „Велодром„ во пост Бернард Тапи ерата. По една солидна сезона го купува Монако на Тигана, со кого станува национален првак и за прв пат игра во Лигата на шампионите. Луј Ван Гал го препознава неговиот талент и крај Клајверт го купува во Барса. Иако во Европа следеа разочарувања со Барса, Сони освои две последователни првенства на Шпанија и со улогата на џокер ги освојува каталонците. Во тој период по 2000 година следуваат првите препораки кај Сколари да биде алтернатива на Роналдо. Кога во Лион Андерсон станува прва звезда во супер-тимот на Жак Сантини дојде и вториот настап за Бразил. Првиот беше во 1997 година во пријателски меч со Јужна Кореја. Но сега Сколари го повика за Уругвај и Чиле. Но само 7 настапи за Бразил и новиот бразилски талент Адријано лесно му го превзема местото како замена за Роналдо. Андерсон завршува во Виљареал и во Катар, а за Бразил со само епизодни настапи и 1 гол. Два пати за селекцијата под  17 и шест пати под 20 години, му останаа добар спомен од деновите минати во Франција. Како соиграч на Андерсон во Барса и Џовани Силва де Оливеира аспирираше за нападот на Бразил. Дури и заигра на еден мундијал во 1998 година во Франција. Но како се движеше неговиот развоен пат, сите очекуваа Џовани да биде стандарден крај Роналдо. Барса го доведе од Сантос и со 18 гола за каталонците можеби и заслужи повеќе од 20 настапи за Бразил, но селекторите предност му даваат на другите полу-шпиц играчи како Ривалдо, Леонардо, па и Жунињо. Подоцна Џовани стана легенда на Олимпијакос, а заврши во Сантос. Денес е скаут на грчкиот клуб во кој беше еден од најсаканите странци. Бразилците во Португалија најбрзо доаѓаат до пасош од ЕУ, а и најлесно се вклопуваат во европската реалност. Можеби затоа по примерот на Деко и Пепе се почесто, бразилци го облекуваат дресот на Португалија. 
Еден од таа група кој место самба игра фадо е напаѓачот Лиедсон. Во ниту еден момент не беше блиску до дресот на Бразил, но во португалската лига остави дебела трага. Од Коринтијанс дојде во Спортинг Лисабон и стана клубска легенда со девет сезони и 113 гола во зелено-белиот дрес. Во последната деветта сезона доби повик од селекторот Кеирош и седум пати го носеше зелено-црвениот дрес. Лиедсон пак се врати во Бразил и сега е на одстапка од Коринтијанс во Порто. Од школата на Коринтијанс во Германија и Италија блесна Паоло Серџо. Креативен и поливалентен шпиц, кој секаде каде што играше остави трага. Прво во Баер Леверкузен направи свое име, се продаде во Рома и одигра две сезони. Но кулминација на неговата кариера му беа трите сезони во Баерн. Дојде неполн месец по поразот на „Камп Ноу„ од Манчестер, но брзо постигна многу голови за освојувањето на титулата по две сезони во Милано. Иако формално скоро и без минута стана светски првак кај Карлос Алберто Переира во 1994 година како играч на „фармацевтите„ Паоло Серџо пак беше повикан во бразилската репрезентација во 2001 година од Сколари. Одигра 13 меча и даде само 2 гола и клубската кариера му беше многу пати подобра од репрезентативната. А ако головите беа најдобра можна препорака тогаш кариера од сништата требаше да направи Марио Жардел. Високиот напаѓач беше атипичен бразилски шпиц играч. Од Гремио во 1996 година мина во Порто и во четири сезони освои четири шампионски титули и во сите беше најдобар стрелец во лигата со импресивни 130 гола на 125 меча. Подобро не може. Повикот на Загало мораше да стигне. Во 1996 година дебитираше против Русија по повредата на Роналдо, а турниски одигра само неколку минути на Copa America 2001 година. По Порто, блескаше и во Галатасарај каде покрај нормалните домашни титули, го освои и Купот на УЕФА против Арсенал и европскиот Суперкуп против Реал Мадрид. Од таму одигра блескави две сезони со Спортинг со 53 гола на 49 меча. Сите негови понатамошни клубови беа со скромен број настапи и далеку од националниот тим. Болтон, Анкона, Њу Олд бојс, Алавес, Гојас, Беира-мар, Анортозис, па во 2010 и Черноморе за една богата кариера полна со голови и трофеи. За Бразил собра 10 парчиња од мечеви и постигна 1 гол. 
Иако со многу поголема цена и во посилни клубови слична е приказната и на Марсио Аморозо. Кога некој од Гварани во 1992 година ќе замине во Јапонија, во Токио верди, вратата на националната репрезентација ќе му биде не затворена, туку заклучена. Но Аморозо се прослави во Италија, во семејството Поци кое го забележа и му ја даде клучната улога во системот на Удинезе на Спалети. Покрај Бироф беше одличен и заработи трансфер во Парма. Кај „млекарите„ стана прв стрелец во лигата и заигра за Бразил. На Copa America 1999 година играше малку, но  го освои трофејот покрај феноменалните Роналдо и Ривалдо. Одигра 19 меча и постигна 9 гола во тој период меѓу два милениума. А неговата кариера го однесе во Борусија Дортмунд на Замер со која ја освои салатарата. По две сезони во Бундеслигата се пресели во Малага. Играше скромно, па се врати во Сао Паоло, доби шанса полусезона во Милан, играше и во солунски Арис, а во 2011 година кариерата ја заврши во Гварани. Кога во 1998 година во Вердер дојде еден необично граден напаѓач од Бразил со име Аилтон никој не типуваше на него. Атипичниот кариока му ја донесе титулата на зелените од северот на Германија и постигна 88 гола во пет сезони за екипата на Томас Шааф. Два пати се најде на широкиот список на Сколари, но далечен беше неговиот прв настап за Бразил како што беа далечни неговите перформанси по заминувањето од Вердер. Скромен во Шалке, лош во Бешикташ, па на кратко во Хамбургер и Црвена Звезда. Следеа Грасхоперс, Дуизбург, Металург Доњецк, Алтах, Инрдриген и серија на третолигаши за во 2012 година Аилтон да ја заврши кариерата во Хасиа Бринген во петтата лига во Германија. 
Сличен блесок од една сезона во Германија имаше Единалдо Батиста Графите. И тој стана првак во зелениот дрес, но на Волзбург под водство на Феликс Магат. Од Сао Паоло дојде во Европа во францускиот Ле Ман. По две сезони минува во Волзбург и во втората сезона станува првак и најдобар стрелец во лигата во тандем со Един Џеко. Следува дебито во Лигата на шампиониоте и во националниот дрес. Со Република Ирска во 2010 во Лондон, Дунга му даде можност да дебитира за Бразил, но одигра само 4 меча и постигна 1 гол. Беше дел од ростерот за мундијалот во 2010 година, но не одигра ниту минута. Блиску до славата во националниот дрес беше и фудбалерот за врска Маркос Асунсао, кој за Бразил одигра само 11 мечеви со 1 постигнат гол. Посебно во периодот минат во Рома и Бетис, специјалистот за слободни удари блескаше. Континуитетот му беше најголем проблем. И секако пресилната конкуренција од Емерсон, Џилберто Силва, Жунињо Пернабукано. Магионичарот од Депор, Џалма Диас Феитоса попознат како Џалмиња одигра само 14 меча за Бразил, а имаше сезони во кои личеше на најдобриот Роналдињо. Најчудниот пример во оваа наша категорија е Афонсо Алвес. Од  Атлетико Минеиро мина во Шведска. Стариот континет го запозна во дресот на Ергрите и Малме. Но како и Жардел постигна повеќе голови од натпревари, во дресот на Херенвен. Заработи дебел трансфер во Мидлзбороу и беше големо разочарување. Во тој период во 2008 година со Дунга како селектор дебитираше во жолтиот дрес. Одигра 8 меча и постигна 1 гол, но самбата не беше за него. Во Ал Саад и Ал Рајан неговата кариера тргна во надолна линија. И вакви примери за бразилци кои никогаш или ретко играле самба има колку што сакаш. И сите тие се би дале, па и нивните одлични кариери за да бидат макар еден ден Роналдо, Ромарио, Кака, Роналдињо. Но затоа Бразил е нешто друго. Прва опција е мундијал, втора квалификации за мундијал, па трета пријателски натпревари. Нема небитен меч кога се носи „канарињата„ а таа ја носат само тие кои ја играат самбата со заврзани очи.     

Нема коментара:

Постави коментар