Powered By Blogger

28. 5. 2013.

Малку од Ван Гал, малку од Хејнкес, малку од Замер...

КАКО БАЕРН СТРПЛИВО И ПЛАНСКИ ЈА ПОКОРИ ЦЕЛА ФУДБАЛСКА ЕВРОПА 
Одеднаш преку ноќ, една од најмалку комерцијалните екипи во Европа, една од екипите која има етикета на голем клуб веќе одамна, но не е медијатичка како екипите од латинскиот свет и Премиер лигата, стана екипа за која се интересираат сите.
Одеднаш сите знаат се за Баерн Минхен. Сите знаат кој и како е најзаслужен за европската пролет, за веројатниот покер од титули, за доминацијата на баварците во клубскиот фудбал на континентот. И како тоа губитникот од пред една година во сите натпреварувања, Јуп Хејнкес, стана тренер над тренерите. Бидејќи да не заборавиме дека лани, не пред 10 години, Баерн го загуби финалето на Лигата на шампионите дома во Минхен, од екипа која беше најмалку две класи инфериорна. Бидејќи лани во Берлин црвените од Минхен „поцрвенеа„ од срам по поразот од Борусија Дортмунд со 5:1. А во шампионатот пак беа втори како во сезоната 2010/11. И само во една сезона со засилувања од типот на Данте, Манџукиќ, Мартинез, Шакири и Пизаро, машината од Баварија го сврти запчаникот за 180 степени. Но работите не се резонираат така. Ниту Јуп беше незнајко лани, ниту сега е најдобар во светот. Впрочем за човек кој пред некое време прослави 50 години во фудбалот, кој мина низ сито и решето во две фудбалски сили како Германија и Шпанија, искристализирано мислење секој вистински аналитичар или навивач треба да има многу порано одколку овие две негови години на враќање во Баерн. Бидејќи Јуп беше голем уште во осумдесеттите кога ја водеше Борусија Менхенгладбах, во која се прослави во играчките денови. Во Шпанија остави големи траги во секоја од трите екипи кои ги водеше: Тенерифе, Атлетик Билбао и Реал Мадрид, на кого му ја донесе првата европска титула по 30 години. Па назад во Германија и блесоци скоро насекаде во Ајнтрахт, Баер Леверкузен, Шалке 04 и во два наврати во Баерн. Можеби само во проколнатата Бенфика не беше оној правиот. Но ова не е сторија за Хејнкес, туку за контурите на успехот на овој Баерн, на овој Супер Баерн. 
Кога пред пет години управата на Баерн која е составена од големи маркантни фигури, му ја довери фудбалската структура на Луј Ван Гал, знаеше дека прави радикален рез. Од германските принципи на размислување на теренот, до холандскиот пример на контрола на работите на тревникот и доминација. Но двата стила се компитабилни. И тоа како. Токму со тие два стила Баерн ја создаде денешната своја група на фудбалери кои во колектив ги најави Ван Гал, а ги склопи Хејнкес. Контроверзниот холанѓанец како и во Ајакс и во Барса, и во Германија сакаше да има целосна контрола на академијата на клубот, на талентите на германскиот бренд. Од таму ги ископа продуктите кои перфектно се вклопија во системот 4-3-3, кој неслучајно е систем со кој секогаш играла Холандија, а и со кој денес игра и Хејнкес. Бидејќи интелегентните луѓе не го отфрлаат добро направеното од својот предходник, туку го надградуваат. Таков е примерот и со нашите два актери во приказната Луј Ван Гал и Јуп Хејнкес. Ван Гал ги откри Алаба, Милер, Бадштубер и Крос. Скоро на идентичен начин како што пред 12,13 години од Ла Масиа ги пронајде Валдес, Пујол, Чави и Иниеста. Ништо случајно. Се добро планирано и со одлична комуникација со своите соработници, Ван Гал го создава мозаикот. Уште во тоа време се сеќавам на неговите изјави дека кој сака може да се надева, но Томас Милер сигурно ќе биде стартер. А и така беше. Експлодира во Баерн, па кај Јоаким Лоу стана незаменлив и беше прв стрелец на мундијалот во Јужна Африка. Така довербата холанѓанецот му ја вгради на младиот Милер, кој е пример за фудбалер каков што тренерите секогаш сакаат во своите екипи. И по истиот пример беше откриен Крос, па пратен на калење во Баер Леверкузен, за денес да биде назад во базата, со статус на главен креатор во централната тројка на баварците. За Бадштубер и да не говориме. Играч со така скромна моторика да игра со топката во нозете како Куман во најдобрите денови е невозможно. Но токму видео материјали од Роналд Куман, тренерот на Баерн секојдневно му праќал на Бадштубер да го зајакне неговиот морал и да му го покаже патот. Алаба беше изненадување за сите, па и за Ван Гал. Таквиот напредок никој не го предвидуваше. Но Ван Гал не беше светец. Далеку од тоа. Неговиот добро познат карактер му створи многу непријатели во амбиентот. Човек кој ќе може да ги избрка од тренинг Румениге и Хенес кои се негови работодавци, си ја бара бељата. А Хенес и Румениге не биле бравари, со секој респект за браварите, туку фудбалери и тоа добри, кои добро знаат што работат. Така пукна тиквата меѓу Ван Гал и управата на Баерн. Дел од фудбалерите му го свртија грбот, а и арбитражата во финалето на Лигата на шампионите во 2010 година во Мадрид не беше оптимална. Против Интер беше премолчен очигледен двоен пенал заради игра со рака на Мајкон во казнениот простор на италијанците. Но тоа никој од петте судии не го забележа а резултатот сеуште беше 0:0. Со малку повеќе среќни околности и без изворедниот Жулио Цезар на голот, работите поинаку ќе се одвиваа за Баерн. 
Но заврши ерата на Ван Гал и дојде Хејнкес, кој беше мудар да го надгради она што Ван Гал го остави. Континуираниот продолжен посед на топка, кој го играат со врзани очи холанѓаните, го направи уште подиректна игра со таргет-мета, противничкиот казнен простор. Наместо повеќе хоризонтални додавања, воведе повертикална игра и напаѓач од кого почнува одбраната. Клучен момент беше физичката подготвеност која оваа сезона јасно им даде право на баварците како да дојдат за гради пред другите во пролетните месеци. Начинот на кој работеа во зимската пауза и постојаната ротација на првенствените мечеви, го донесоа Баерн таму каде што е. Последниот трет битен фактор во приказната е од лани новиот спортски директор Матијас Замер. Не дека Нерлингер беше лош, туку Замер доби поголеми ингеренции, комплетно одврзани раце околу трансферите и посебна конекција со Хејнкес како човек од фудбалот. И Замер беше врвен тренер и освои титули со Штудгарт и Борусија Дотмунд.  Првиот негов чекор беше да направи баланс во екипата. Тој баланс го донесе Чави Мартинез. Баскиецот падна в очи со преголемата сума која беше платена за него. Сите се прашуваа: Па вреди ли овој фудбалер 40 милиони евра? Но тоа е погрешниот резон. Правилно е да се резонира што донесе во пар со Швајнштајгер, шпанецот во средниот ред, а финанските директори на Баерн нека си израчунаат дали им се враќа инвестицијата или не. Вториот чекор на Замер е Гвардиола, за кого смета дека е идеален тренер за создавање на германска Барселона. Но проектот за иднината на Замер одеше напоредно со проектот на Хејнкес за сегашноста. Во некоја друга лига кога ќе се објави информација дека во декември се менува тренерот за јуни, веднаш може да настане „вулкан„ од реакции. Но во Германија знаеа што прават. Напоредно со Гвардиола беше договорен Марио Геце, кој е откритие на Замер во секој поглед. И како фудбалер и како личност. И карактерно Замер е таков што ретко се експонира, ретко говори пред седмата сила, а знае што сака во својата струка. Тој е човекот кој ја подреди германската школа која ги даде плодовите во Озил, Кедира, Ројс, Шурле, Бендер и слично. Сега истиот процес го надоградува во Баерн. Само што имаше одлична подлога од Ван Гал и Хејнкес. 
И да не заборавиме дека има нешто и од „браварската служба„ Хенес и Бекенбауер лично инсистираа на доведување на Мануел Нојер, кој со сигурност е новиот Оливер Кан и голман за повеќе од една деценија гаранција на голот на Баерн и Германија. И така од повеќе умови, парче по парче, создаден е овој Баерн кој денес влева страв насекаде. Малку од Ван Гал, малку од Хејнкес, малку од Замер. По малку од сите и мозаикот е комплетен. Оваа добитна комбинација можат да ја спроведат и останатите големи екипи. Барем оние кои имаат правилна хиерархија, оние кои ангажираат тренери визионери, а не тактички роботи и се разбира оние кои имаат доволно зелени банкноти да го одврзат кесето. Намерно факторот пари го оставив за крај, бидејќи тој фактор не беше најважен во создавањето на новиот модерен доминатор на европскиот фудбал - Баерн Минхен.  

Нема коментара:

Постави коментар