Powered By Blogger

20. 3. 2015.

Демаскирана самопрогласената најсилна лига на светот

АНАЛИЗА - Каде денес во Европа гравитира Премиер лигата?
Деновиве веќе стана главна тема. Сите го знаат тоа што со години го најавував, што беше јасно, евидентно. Сега и фактите се тука и процесот на островот започна. Што се случува со најскапиот фудбал на светот. Зошто Премиер лигата нема свој претставник во четвртфинале на еден од двата купа, прв пат во две децении? Зошто го губи приматот, па го губи дури и второто рејтинг место на УЕФА од Германија?
И не е само овогодинешниот дебакл. Во последните три сезони, Англија има едно полуфинале од можните 12. И тоа среќно донесено од Демба Ба и Челзи минатата година во четвртфиналето со ПСЖ. Значи едно место во големата четворка од 24 можни места. Премалку, ужасен биланс. Аларм на очигледна криза. Да почнеме од почеток. Европските купови не се комплетен и најрелевантен показател за квалитетот на националните првенства. Но се единственото место каде се натпреваруваат клубовите од тие првенства. Затоа мораме да почнеме од тука. Анализата се однесува на последните 10 сезони, вклучувајќи ја и оваа, во која јасно се гледа дека Англија никогаш не била најсилно првенство во светот, никогаш немала влијание на подолг период во евро куповите во модерната ера, никогаш немала повеќе успеси, победи и трофеи повеќе од останатите. Особено не од шпанците кои се водечки со години. Англискиот типичен фудбал доминираше во осумдесеттите. Тоа е неспорно. Следи хегемонијата на италијанското првенство и екипите од Серие А, кои од 1988 до 2000 година ја покорија Европа и веројатно го изградија митот за најсилна лига било кога и да е. Претходно, а и подоцна до денес како Серие А во деведесеттите години со 18 екипи во лигата, првенство не постои. Не случајно Италија е единствената земја со освоени три Купа во иста сезона, со серија на италијански финалиња во Лигата на шампионите и УЕФА Купот.
Од 2000 година почнува доминацијата на шпанската Ла Лига, која од година во година е се поизразена и поизразена. Кулминираше минатата сезона кога ниту една екипа од остатокот на Европа не успеа да елиминира шпанска екипа во двата купа. Испаѓаа само кога ќе се сретнеа меѓу себе. За волја на вистината 2-3 сезони благодарение на еден од двата Купа, англичаните запретија, но нивниот прогрес беше брзо прекинат главно заради моќта и напредокот на Реал и Барса и секако на Баерн. Луѓето често не знаат да разликуваат атрактивност, динамика, гледливост и квалитет. Затоа и честа е илузијата дека во Англија се игра најквалитетниот фудбал. Тоа е далеку од вистината. И како се развиваат работите нема брзо да стане реалност. Во Англија финансиската моќ во последните 15 години неверојатно порасна. Три четвртини од клубовите во Премиер лигата се купени од странски тајкуни, ТВ правата вртоглаво достигнаа двојно поголема вредност од тие во Италија и Шпанија (иако и натаму поединечните ТВ права на Барса и Реал се најголеми) и логично беше да се очекува и скокот Англија од втора да стане прва лига во Европа по квалитет. Но наместо прва, стана трета. Барем така велат бројките. Најубавата работа во Англија е колективната распределба на ТВ правата. „Колачот„ убаво се дели што и малите клубови добиваат добра сума на пари. Така светот се смееше кога лани Кардиф Сити, кој испадна од Премиер лигата од ТВ правата доби повеќе од шпанскиот првак Атлетико Мадрид.
Но не е се до парите. А и во тоа е убавината на спортот. Инаку како секоја година кошаркарскиот фајнал-фоур го освојува аутсајдерот (Макаби и два пати Олимпијакос) или слично е и со ракометниот фајнал-фоур, каде победуваа Фленсбург и Хамбург. И во фудбалот е слично. Борусија Дортмунд го елиминира Реал и го здрма Баерн, а беше пред банкрот само 3-4 години пред тоа. И Атлетико Мадрид го делеше една минута до првата европска круна против „галактичките„ на Перез. И добро е да биде така. Бидејќи во фудбалот парите се важни, но има и други важни детали во рецептот за успех. На пример школите. Разликата меѓу најмоќната лига на светот, шпанската и англиската Премиер лига во производството на фудбалери, во академиите, во развојот на момците со природен талент е огромна. Денес Шпанија му пркоси на Англија главно со школите на сите клубови и се разбира со школите и парите на гигантите Реал и Барса. Бидејќи да се разбереме, овие два клуба можат да купат кого и кога сакаат. Не случајно во последите години ги купија редоследно најдобрите фудбалери во Премиер лигата: Роналдо, Бејл, Суарез. Тоа во обратен правец не може така лесно да се случи. Англичаните главно купуваат од Реал и Барса, кога овие ќе му ја отворат вратата на некои од своите бивши асови. А и на теренот е веќе видлива огромната разлика. Историјатот на меѓусебните мечеви во европските купови во последните 10 години, само на овие од елиминационен карактер, е скоро двојно подобар за шпанците.
Англиско - Шпански елиминациони дуели во европските купови во последните 10 сезони

Англија - Шпанија 10:18

ЛШ - 2014/15 - Барселона - Манчестер Сити 2:1, 1:0
ЛШ - 2013/14 - Барселона - Манчестер Сити 2:1, 2:0
ЛШ - 2013/14 - Атлетико Мадрид - Челзи 0:0, 3:1
ЛШ - 2012/13 - Реал Мадрид - Манчестер Јунајтед 1:1, 2:1
СУПЕР КУП 2012 - Атлетико Мадрид - Челзи 4:1
ЛШ - 2011/12 - Челзи - Барселона 1:0, 2:2
ЛЕ - 2011/12 - Стоук - Валенсија 0:1, 0:1
ЛЕ - 2011/12 - Атлетик Билбао - Манчестер Јунајтед 3:2, 2:1
ЛШ - 2010/11 - Барселона - Арсенал 1:2, 3:1
ЛШ - 2010/11 - Барселона - Манчестер Јунајтед 3:1
ЛШ - 2009/10 - Барселона - Арсенал 2:2, 4:1
ЛЕ - 2009/10 - Атлетико Мадрид - Фулам 2:1
ЛШ - 2008/09 - Ливерпул - Реал Мадрид 1:0, 4:0
ЛШ - 2008/09 - Виљареал - Арсенал 1:1, 0:3
ЛШ - 2008/09 - Барселона - Челзи 0:0, 1:1
ЛШ - 2008/09 - Барселона - Арсенал 2:0
ЛШ - 2007/08 - Барселона - Манчестер Јунајтед 0:0, 0:1
ЛЕ - 2007/08 - Атлетико Мадрид - Болтон В. 0:0, 0:1
ЛШ - 2006/07 - Барселона - Ливерпул 1:0, 1:2
ЛШ - 2006/07 - Челзи - Валенсија 1:1, 2:1
ЛЕ - 2006/07 - Севиља - Тотенхем 2:1, 2:2
ЛШ - 2005/06 - Евертон - Виљареал 1:2, 1:2
ЛШ - 2005/06 - Реал Мадрид - Арсенал 0:1, 0:0
ЛШ - 2005/06 - Арсенал - Виљареал 1:0, 0:0
ЛШ - 2005/06 - Барселона - Арсенал 2:1
ЛЕ - 2005/06 - Севиља - Тотенхем 2:1, 2:2
ЛЕ - 2005/06 - Севиља - Мидлзбороу 4:1
ЛШ - 2004/05 - Барселона - Челзи 2:1, 2:4
Дури и инерцијата оди натаму што разликата меѓу Реал и Барса и англиските гиганти е се поголема, а не помала. Најчесто споменуваниот факт за Ла Лига е тоа дека се работи за првенство на два клуба, дека другите се недоволно квалитетни и такви разно-разни приказни. Секако дека тоа не е точно. Скоро сите шпански клубови оставиле трага во одреден период од европските купови во новиот милениум. Дури и ако се вратиме поназад, откако постои групната фаза на Лигата на шампионите, Шпанија ја претставувале 13 екипи (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Атлетик Билбао, Реал Сосиедад, Валенсија, Севиља, Бетис, Селта, Виљареал, Малага, Депортиво Ла Коруња, Мајорка), а Англија само 8 (Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Арсенал, Тотенхем, Челзи, Лидс Ј, Блекбурн, Њукасл Ј). Во овој период од 23 години, Шпанија има 8, а Англија 4 европски титули. И во УЕФА Купот (Лига Европа) споредбата не постои. Од Англија само Челзи и Ливерпул имаат по една титула и Фулам и Мидлзбороу по едно финале. Шпанците имаат доминација во вториот квалитативен Куп со три трофеи за Севиља, две за Атлетико Мадрид, една на Валенсија, па финале на Атлетик Билбао, на Еспањол, ако се вратиме малку поназад и трофеј за Сарагоза, финале за Алавес и слично. Во Суперкупот на Европа, само во новиот милениум дистанцата е 8:2, а два пати се играло и шпанско финале на Суперкупот. Тука дилеми нема. Шпанија е далеку напред и во однос на споредбата во европските купови и во споредбата внатре во шампионатите. Бидејќи во Англија скоро да е невозможно во последните 10-15 години друга екипа да влезе во големата четворка-петка на тимови (Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Ливерпул, Челзи, Арсенал). Остатокот на лигата е категории подолу. Само еднаш и тоа Тотенхем, успеа да го разбие таканаречениот плеј-оф на лигата. Другите се скалила назад. Да не говорам за оние екипи од втората половина на лигата кои квалитативни воопшто не напреднале и покрај приливот на пари. Пред четири сезони бевме сведоци како Германија ја скокна Италија и му украде едно место во Лигата на шампионите. Така покрај Шпанија и Англија, сега и Бундеслигата има 4 претставници во Лигата на шампионите или вкупно 7 во двата купа. Сега присуствуваме на нов скок. Кон средината на април на Баерн или Волзбург му треба едно реми за Германија да ја мине Англија и да биде втора на петгодишната рејтинг листа на УЕФА, која денес изгледа вака:

1. Шпанија 96.142
2. Англија 80.391
3. Германија 78.558
4. Италија 67.676
5. Португалија 61.049
Значи скокот на Германија преку Англија е евидентен. Ако ја споредиме само оваа година, тогаш Германија има 15.000 наспроти 13.571 на Англија, а на врвот се Шпанија со 16.357 и Италија со 16.166. Уште потрагично ќе биде наредната година, кога ќе се избришат резултатите на англиските клубови во сезоната 2010/11 и голем број бодови ќе исчезнат. Затоа и не чуди што годинава по овој систем на рангирање во групната фаза на Лигата на шампионите само Челзи е носител од англиските клубови, Арсенал е во втор, а Манчестер Сити и Ливерпул во трет шешир. А и истата таа анализа која ја направивме меѓу шпанските и англиските екипи во последните 10 години, направена со германски и ангиски тимови, земајќи ги само елиминационите мечеви, не оди во прилог на премиерлигашите.
Германско - Шпански елиминациони дуели во европските купови во последните 10 сезони

Германија - Шпанија 8:6

ЛШ - 2013/14 - Арсенал - Баерн 1:1, 0:2
ЛШ - 2013/14 - Манчестер Јунајтед - Баерн 1:1, 1:3
СУПЕР КУП - 2013 - Баерн - Челзи 2:2 (5:4)
ЛШ - 2012/13 - Арсенал - Баерн 1:3, 2:0
ЛШ - 2011/12 - Баерн - Челзи 1:1 (3:4)
ЛШ - 2010/11 - Шалке 04 - Манчестер Јунајтед 0:2, 1:4
ЛШ - 2009/10 - Баерн - Манчестер Јунајтед 2:1, 2:3
ЛЕ - 2009/10 - Фулам - Волзбург 2:1, 1:0
ЛЕ - 2009/10 - Фулам - Хамбургер 0:0, 2:1
ЛЕ - 2008/09 - Хамбург - Манчестер Сити 3:1, 1:2
ЛЕ - 2006/07 - Баер Леверкузен - Блекбурн 3:2, 0:0
ЛШ - 2004/05 - Баерн - Арсенал 3:1, 0:1
ЛШ - 2004/05 - Ливерпул - Баерл Леверкузен 3:1, 3:1
ЛШ - 2004/05 - Баерн - Челзи 3:2, 2:4

Уште еден релевантен податок доаѓа од институтот за спортска статистика во Франкфурт. Шпанската Ла Лига петта сезона е избрана за најдобра во светот. Зад неа е Италија, па дури трета Англија, следуваат Аргентина и Германија. Значи ни во табелата на УЕФА рејтингот, ниту по таа на институтот за статистика, Англија никаде не е прва. Да се вратам на школите. Од екипите од горниот дел на табелата во Премиер лигата, екипа која со некаков си успех а водена од островски менаџер е само Ливерпул со Брендон Роџерс. Сите останати имаат менаџери странци: Моурињо, Пелегрини, Ван Гал, Почетино, Куман, Мартинез и слично. Како табелата оди надолу ги забележувате клубовите водени од островски менаџери: Пардју, Алардајс, Хјуз, претходно беа Ламберт и Реднап. Едноставно секогаш е така. Британските менаџери не се комплетни, тактички се тенки и ако ги немаа успесите на Сер Алекс Фергусон во модерното време, ќе немаа скоро ништо. Затоа нивната школа на тренери ја оплеменија Венгер и Моурињо, Улие и Бенитез, Манчини, Анчелоти и Ди Матео, Пелегрини. Од секогаш ја повторувам изјавата на Рафаел Ван дер Варт, кој за споредбата меѓу Реал и Тотенхем и Шустер и Реднап, рече дека табла има и во Мадрид и во Лондон во соблекувалната. Но не служи за иста намена. Во Мадрид служи за тактика, во Лондон за шеги. И тоа е тоа. Гвардиола, Дел Боске, Бенитез, Ирурета, Хуанде Рамос, Лаудруп, Луис Енрике, Лопетеги добиваат европска димензија, а нивните колеги од островот само британска. Добро е што Дејвид Мојс го скрши мразот, како некогаш Сер Боби Робсон и Тери Венејблс, кои сепак се величини за сегашната англиска менаџерска фела. Вечна тема ќе биде кој и како е подобар, која е разлика меѓу едни и други, но фудбалот затоа еволуира и има промени. Така парите кои влегуваат во Англија лесно можат да донесат нов пресврт, иако во догледно време не верувам дека некој од тронот може да ја симне Шпанија. Германија граби со големи чекори, се враќа со нешто помали Италија, Франција се наметнува како симпатично изненадување, Португалија е константна. Се додека има натпревар, споредбата ја дава натпреварот, статистиката, бројките. А и кога симболично ќе го извадите најдоброто од секое првенство пак ќе наидете на шарени одговори.
Првенство со најмногу голови: Шпанија
Првенство со најголема посета: Германија
Најдобро организирано првенство: Германија
Најдобро распоредување на ТВ правата: Англија
Најбезбедно првенство: Германија
Најмедиатичко првенство: Шпанија (Италија)
Најрегуларно првенство: Англија (Германија)
Првенство со најдобра инфраструктура: Германија
Првенство со најдобар финансиски фер-плеј: Германија 

Нема коментара:

Постави коментар