Powered By Blogger

18. 7. 2014.

Скриената вистина за Антонио Конте!

СЛУЧАЈОТ КОЈ Е ТОП ТЕМА ВО СВЕТСКИОТ ФУДБАЛ ОВАА НЕДЕЛА - КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА РАЗДЕЛБАТА НА КОНТЕ СО ЈУВЕ?
Иако е несвојствено за било кој клуб, посебно не за гигант како Јувентус, да направи тренерска рокада на вториот ден на подготовките за новата сезона, ете и тоа се случи. Слично како Камачо во Реал пред преку десетина години, кога на наредбите на Флорентино одговори: „Благодарам многу, јас нема да бидам дел од оваа ваша игра„.
Се спакува и без ни малку емоции кон клубот кој му даде се, си замина. Случајот со Антонио Конте е поинаков, многу поинаков. Посебно што официјално објаснување нема, а можеби и нема да има. Секој фудбалски љубител, посебно навивач на Јувентус, се прашува: Зошто Конте замина, зошто баш сега? Одговорите кои ги лансираат официјалните лица и некои новинари се полувистините и не секогаш детални. Суштината на проблемот лежи многу подлабоко, многу поназад во успешните три сезони на Јуве, во карактерот на Конте, но и карактерот на Андреа Ањели. По неколку исцрпни анализи и директни контакти со италијанските добро упатени новинари, пред се Тони Дамашели, кој живее и работи во Торино и го знае Јувентус до најмалиот детал, мојот став е јасен. Конте си замина или спогодбено го раскина договорот заради недостаток на моќ, заради тоа што не доби поголеми ингеренции, заради тоа што не му дадоа да биде Фергусон на Јуве, бидејќи во Италија (посебно во Јуве) тренерот е тренер, а за другите структурални работи решаваат спортскиот директор и неговиот тим. Се разбира во соработка со тренерот, но сигурно не во прво лице еднина како во Англија. Конте е неверојатен тренер. Единствен, најдобар, неповторлив. Ако тренерите се делат на добри и лоши, Конте не е ни во едната, ни во другата категорија. Тој е предодреден. Неговиот подвиг да го донесе Јуве за прв пат до три врзани титули во Серие А (за прв пат по втората светска војна во клубот) после две седми места е резултат кој тешко може да се парагонира со нешто друго. Посебно ако се знае дека тимот е конструиран без многу вложувања, со интелегенција на пазарот, со континуиран напредок од сезона во сезона. Зошто Пирло,Погба и Љоренте за 0 евра, Видал и Тевез за 10тина милиони, Барзаљи за 300.000 евра е генијално менаџирање на пазарот. Но најголемата маана на Конте е неговата претерана амбициозност. 
Штом Јуве се врати во Европа, деноноќно мислеше како тимот да го донесе блиску до завршницата на Лигата на шампионите. Дури и во втората негова година во Јуве, а воопшто прва во Европа беше сензационален. Јуве го „исшамара„ европскиот првак Челзи и достоинствено испадна од Баерн во четвртфиналето. А тој Баерн беше приказна за себе и екипа која немаше ни проближно рамна на себе во Европа. Од тој момент односот на Конте со управата почна да се влошува. Конте инсистираше на засилувања на квалитет, а не на квантитет, а Мaрoта и Паратичи пак беа претпазливи со расфрлање на пари. Дури и ремек дело е да се доведат Тевез, Погба и Љоренте за 10 милиони. Но за тоа време Реал, Челзи, Барса, ПСЖ, Манчестер Сити го подигнаа квалитативното ниво и летвичката во Лигата на шампионите беше висока. И се ќе беше во ред ако инструкциите од централата или директно од Андреа Ањели не се клубот да ги зголеми своите приходи до 300 милиони евра годишно без Лигата на шампионите, па потоа да тргне по европскиот поход. Тука лежи причината зошто Јуве кој е силно профитабилен во Италија и Европа, кој има 200% поголеми приходи со изградбата на „Јувентус стадиум„ секогаш внимава како ќе настапи на пазарот. Ањели нема никогаш да извади 70-80 милиони за еден играч, посебно не до моментот кога клубската каса ќе ја наполни со лимитот 300 милиони. Вистинската цел на Јуве е да го „набилда„ клубскиот буџет до ова ниво како би му конкурирал на клубовите чии сопственици се тајкуни или Реал и Барса кои опстојуваат и покрај нелегалните долгови од преку 400,500 милиони. Амбициозноста на Конте се коси со клубската стратегија. Во една прилика неговата изјава „Не можеш да влезеш во ресторан со 10 евра кога ручекот чини 100 евра„ челниците лошо ја прифатија. Во март оваа година кога веќе беше извесно дека Јуве ќе ја освои третата титула, Конте побарал разговор со Мaрoта и му рекол: „Нашиот циклус завршува. Не знам дали ќе можам да ја мотивирам екипата. Можеби тоа ќе може да го направи некој друг„ Од тој момент ништо повеќе нема да биде како што беше. Филозофијата на Конте е дека една конструирана екипа лимитот го достигнува до третата сезона. Подоцна е тешко да се оди нагоре. Завршува сезоната и Конте инсистрира дека уште не знае дали ќе ја води екипата и покрај уште една година договор. Во тој момент не е тајна дека имал средба со Галијани и Берлускони, но само информативна средба, далеку од некој детален договор за премин во Милан. На сличен начин разговарал и со Арсенал и Манчестер Јунајтед. Нешто поконкретен беше само Монако. По завршувањето на сезона на сцена стапува Ањели кој во разговор со Конте му гарантира стабилност на постоечкиот ростер, засилувања и раст на екипата. Иако двојбен, Конте прифаќа да остане само заради договорот кој е потпишан за да се почитува. И заради Ањели кој го одбра пред три години со скромно тренерско искуство во Серие А. Вистината е и дека Конте сакаше од прва рака да одлучува и околу трансферите. Нешто што во Италија е невозможно. Всушност, освен во Англија каде улогата на менаџерот е клучна, никаде тренерот нема такви овластувања и ингеренции. Во Италија практиката е тренерот да посочува смерници, идеи, но не и да го има последниот збор околу играчите кои ќе дојдат или ќе си заминат. Плус тука се шансите кои се укажуваат во секој преоден рок или неодоловите понуди. 
Така Конте бараше тип на играчи како Алексис Санчез, Квадрадо или Ди Мариа, но нивната тројна вредност е 150 милиони евра, а Јуве во три преодни рока не потрошил толку пари. Штом Мората и Паратичи отидоа во друга насока, Конте знаеше дека неговиот збор не вреди повеќе од тренерскиот и покрај трите титули и исфорсира спогодбена разделба. Ретка ситуација во која преамбициозноста на Антонио Конте го надвладеа дури и неговиот потпишан договор до 2015 година. Зошто сега а не во мај по славјето за третата титула е најчестото прашање. Конте не успеа да добие повеќе ингеренции, поголема моќ и пресече заблагодарувајќи му се само на Ањели, а не на Мaрoта, Паратичи и Недвед. Јуве загуби тренер кој во пет сезони како тренер освои пет први места, со Сиена, Бари и Јуве. Тренер кој собори рекорди кои уште долго ќе останат (титула без пораз во првата сезона и 102 бода од можните 116 во третата) и миленик на публиката како никој до сега. Нема дилеми дека во Европа можеше повеќе од групната фаза во Лигата на шампионите и полуфинале на Лигата на Европа, но и денес е јасно дека 6-7 екипи имаат поголем буџет и нешто подобар ростер од Јуве во Европа. Од тоа стартно место како фаворит број 6,7,8 ќе тргне и со Алегри во новата сезона. Впрочем Јуве е и натаму во вториот шешир пред ждрепката, а наредниот чекор е да се доближи меѓу носителите. Најголемата придобивка под Конте е што Јуве го свати најважниот сегмент на играта денес - интензитетот. Каков и да е квалитетот на играчите и на екипата, денес мора да се игра со силен интензитет, јако темпо, многу трчање. Во спротивно залуден е и квалитетот. Многу натпревари во Италија во овие три години Јуве доби на интензитет, на динамика, бидејќи Конте знаеше колку може неговиот тим, а колку останатите. Во Европа каде сите играат ист интензитет, нијансите во квалитет одлучуваат. Тука се и дилемите на фановите на Јуве, кога знаат дека екипите на Алегри се потпираат многу повеќе на квалитет, тактичка поставеност, среденост.
Јуве не може повеќе да биде апсолутен фаворит пред сезоната да почне, бидејќи и покрај тоа што Макс Алегри е врвен тренер, секоја промена, а посебно тренерската носи некоја жртва. А конкурентите на Јуве имаат веќе „зацементирани„ тренери како Бенитез и Гарсија и веројатно ако не се подобри од Алегри (Бенитез дефинитивно е и подобар и поискусен) тогаш сигурно се постабилни на својата позиција една година повеќе. Мисијата на Ањели е јасна. Јуве мора да продолжи да победува во Италија, да го подига нивото на приходи и потоа да го нападне европскиот врв. Бидејќи едногодишен блесок како Борусија Дортмунд или Атлетико Мадрид не е целта на Јуве. Тие сакаат постојано да се во големата четворка, петка на тимови. И да не треперат дека некој богат шеик ќе им ги купи најголемите звезди. И понекогаш и тие да потрошат една вреќа пари, зошто не секогаш можат да добијат бинго, како Погба од Манчестер за 0 евра. А денес вреди 60,70 милиони. Само Ањели во овој Јуве е незаменлив, и не само заради презимето. Сите останати, па и најдобриот - Антонио Конте можат да се заменат. Кој знае дали баш со Макс Алегри?...     

Нема коментара:

Постави коментар