Powered By Blogger

21. 7. 2014.

Зошто Аргентина 21 година е без сениорски трофеј?

КОМПЛЕТНА АНАЛИЗА, ЗОШТО И КАКО АРГЕНТИНА И 21 ГОДИНА ОД ПОСЛЕДНИОТ СЕНИОРСКИ ТРОФЕЈ И ПОКРАЈ ПЕТ МЛАДИНСКИ СВЕТСКИ ТИТУЛИ И ДВЕ ОЛИМПИСКИ ЗЛАТА Е БЕЗ СЕНИОРСКИ БЛЕСОК?
 
Пред дваесетина години дефиницијата за аргентинскиот фудбалер кој доаѓа во Европа беше фудбалер подготвен за било кој предизвик, позитивно фудбалски дрзок, тактичко-технички поткован, со еден збор - готов фудбалер.
На 4 јули 1993 година големата фудбалска сила Аргентина за последен пат освои сениорски трофеј. Иако во меѓувреме пет пати стана младински светски првак и два пати се закити со олимписко злато и натаму чека радост на своите најдобри фудбалери. По малку заради лошото планирање, по малку заради лошиот избор на селектори, заради форсирањето на нивни миленици, успесите ја заобиколуваа оваа земја на фудбалски таленти и пасија кон играта. Еквадор беше домаќин на Copa America во 1993 година, а гаучосите дојдоа да ја бранат титулата освоена две години претходно во Еквадор со Батистута и Симеоне како главни звезди. На тој турнир кој беше последен тест за мундијалот во САД, Аргентина беше застрашувачка. Екипа која нема маана, која на теренот плени, игра допадливо, многу мечеви добива и со стравопочитта кон себе. Најтешкиот меч беше четвртфиналето со Бразил, во кое дури по изведувањето на пенали Аргентина славеше со 6:5, откако во 90 минути мечот заврши 1:1 (Лео Родригез за Аргентина и Милер за Бразил). Веројатно најлошиот меч на момците на Алфио Базиле, во кој како да се уплашија од Бразил на Ромарио и Милер и едвај дојдоа и до пенали. Но кога ја минаа таа пречка подоцна требаше да биде полесно. Полуфиналето со Колумбија во Гвајакил беше вистинска фудбалска војна. Валдерама, Ринкон, Асприлја играа на работ на регуларноста, колумбијците се покажаа како повеќе од рамноправен ривал. 120 минути без голови и пак пенал завршница. Аристазабал во шестата серија промаши за Колумбија, откако претходно 11 изведувачи беа непогрешливи. Горосито, Батистута, Симеоне, Родригез, Акоста и Борели беа така убедливи што таа пенал серија важи за една од најточните во аргентинската историја. Следуваше финалето на 4 јули 1993 година на „Монументал„ во Гвајакил и мечот со Мексико. Батистита како и на целиот турнир беше најрасположениот стрелец. По скромното прво полувреме во 63 минута од волеј го отвори резултатот. Галиндо четири минути подоцна погоди за 1:1, но судбоносно беше тој турнир да заврши со гол на Бати-гол. Фудбалерот на Фиорентина со прецизна дијагонала во 74 минута погоди за финални 2:1 и 14 титула од Copa America за „гаучосите„. Како јужноамерикански првак Аргентина пристигна во САД на мундијалот наредната година како еден од нескриените фаворити. На генерацијата која ја освои Copa America во Еквадор им се придодадоа старите мајстори од мундијалот во Италија, Марадона и Каниџа. Алфио Базиле имаше спектакуларен напад и требаше да најде место и позиција за секоја од своите многубројни звезди. Во групата Д во Чикаго и Далас, аргентинците во првите два меча беа фантастични. Иако за противник имаа послаби репрезентации од себе, играа со детска полетност, со уживање и задоволство за секој кој ги следи. Грција е совлада со 4:0 со головите на Батистута (хет-трик) и Марадона, но со голем колективен придонес во победата и на Редондо, Каниџа, Балбо, Симеоне. Следуваше мечот со Нигерија, по мене најсилната Нигерија и најсилната афричка репрезентација во историјата на мундијалите. Нигерија на холандскиот стручњак Клеменс Вестерхоф и на супер звездите Окоча, Финиди, Амокачи, Јакини, Олисех. Каниџа постигна два гола и го сврте резултатот по водечкиот гол на Сиасиа (2:1). Изби скандалот со позитивниот допинг тест на Марадона и аргентинците ја загубија хармонијата, го загубија лидерот и од тој момент не можеа да се препознаат до крајот на нивниот турнир. Со изменет состав Аргентина го загуби третиот меч во групата од Бугарија (0:2 Стоичков и Сираков) и заврши на третото место во групата. Следеше историското осминафинале со моќната Романија на Георге Хаџи, која го одигра мечот на генерацијата и ја доби ранливата Аргентина со 3:2 со два гола на Думитреску и еден на Хаџи и голови на Батистута и Балбо за Аргентина. На поразот на гаучосите му кумуваше и голманот Ислас со ефтино примен прв гол и несигурност во уште неколку ситуации. Аргентина испадна уште во осминафиналето, а светскиот Куп заврши кај лутите ривали бразилците. Базиле доби отказ и беше наследен од легендарниот Даниел Пасарела, до тој момент тренер на Ривер. 
Во 1995 година во Доха во Катар Аргентина стана светски младински првак со победата над Бразил од 2:0. Хозе Нестор Пекерман ги поведе своите фудбалери до победа со головите на Бјаџини и Гуереро, но блеснаа и Сорин и Ибагаза. Наредната Copa America беше прв тест за новиот селектор на најдобриот тим Пасарела. Во Уругвај, аргентинците дојдоа како бранител на титулата и тим во транзиција меѓу две возрасни генерации. Дојдоа Ортега, Клаудио Лопез, Алмеида, Гаљардо, но сеуште во полна енергија беа и Батистута, Балбо, Сенсини. Во групата Ц во Пајсанду, Аргентина заврши со две победи и еден пораз на второто место зад гостинот САД. Батистута и Балбо ја „средија„ Боливија со 2:1, истите стрелци убедливо го совладаа и Чиле со 4:0 и дојде мечот за првото место со „јенките„. Пасарела го смени тимот и Аргентина делуваше збркано, па загуби со 3:0 со головите на Клопас, Лалас и Виналда. Тој пораз и второто место ги одведе аргентинците до четврфинале со Бразил, исто како во Еквадор две години претходно. Сега пенал рулетот пресуди на спротивната страна. Бразил на Загало и Зико беше подмладен и на хартија многу послаб ривал од Аргентина. Балбо и Батистута два пати ја доведуваа Аргентина во водство, но Бразил преку Едмундо и Тулио два пати израмнуваа. Голот на Тулио постигнат со чиста игра со рака предизвика бура од реакции, но до пенали мораше да дојде. Симеоне и Фабри не погодија и Бразил со 4:2 успеа да слави и подоцна да дојде до финалето. Таму Уругвај имаше повеќе среќа по пеналите, а единствен кој не погоди од белата точка беше токму Тулио. Уругвај се израмни со Аргентина со по 14 трофеи од најстариот континентален турнир во светот. Поправен испит Пасарела имаше во Атланта на олимпискиот фудбалски турнир 1996 година со надоаѓачки звезди како Креспо, Клаудио Лопез и Ортега. Во полемичното финале судено од Колина, Аргентина загуби од Нигерија со 3:2 и покрај головите на Хернан Креспо и Клаудио Лопез. Амокачи и Амунике им пресудија на „гаучосите„. Во меѓувреме Пекерман ја одбрани младинската светска круна и во Малезија во 1997 година пак во јужномериканско финале совладувајќи го Уругвај со 2:1 со головите на Камбиасо и Квинтана. Фудбалери како Рикелме, Самуел, Скалони за прв пат му се претставија на светот. Две години гаучосите на Пасарела чекаа шанса за нов почеток. Играа блескаво во квалификациите за мундијалот во Франција 1998 година и со системот 4-3-3 Пасарела предизвика неверојатна иновација во аргентинскиот фудбал и им вгради таква самодоверба на своите фудбалери што светот во Аргентина гледаше прв фаворит за мундијалот кој доаѓаше. Но претходно во Боливија на огромна надморска висина мораше да се игра нов турнир на Copa America. Во групата А во Кочабамба, Аргентина почна одлично. По ремито без голови со Еквадор, со нереализиран пенал и безброј шанси, дојде клучниот меч. Против Чиле и покрај шансите, дури во последните 7-8 минути Берти и Гаљардо ги победија Салас и другарите. Мечот со Парагвај за крај беше расплет која репрезентација од кое место ќе патува во четвртфиналето. Одлучија две најстроги казни кои беа претворени во гол. Чилаверт за Парагвај во 72 и Гаљардо за Аргентина во 90 минута. Следуваше четврфиналето во Сукре против Перу во кое Аргентина беше апсолутен фаворит. Но гаучосите одиграа еден од своите најлоши натпревари. Каразас и Хидалго погодија за 2:0 и со задоцнет финиш само Гаљардо погоди за 2:1 и неочекувана елиминација на фаворитот. Бразил со Роналдо го освои тој турнир со победа од 3:1 во финалето против домашната Боливија. Разнишана беше самодовербата, но и столицата на Пасарела. Неговата строгост го отфрли од националниот дрес Редондо, се повеќе негодуваа голманите кои ги ротираше, до последен момент не знаеше кому да му ја даде капитенската лента. Дојде светското првенство и Аргентина одигра блескава Х група и три победи против Јапонија, Јамајка и Хрватска. Јапонците ги совлада Батистута (1:0), па против Јамајка на „Паркот на принцовите„ Батистута и Ортега заедно ги постигнаа сите пет гола во една од најубедливите победи на Аргентина на мундијалите (5:0). Иако во игра беше само уште првото место во групата, со резервен тим беше совладана Хрватска со 1:0 со голот на Пинеда. Највозбудливото осминафинале во Бордо ги соочи Аргентина и Англија на Глен Ходл. Во историски натпревар по 120 минути резултатот гласеше 2:2. Батистута и Занети за Аргентина и Ширер и Овен за Англија погодија на спектакуларен начин во еден од најубавите мечеви во историјата на светските првенства. Во пенал рулерот голманот на Мајорка, Карлос Роа ги одбрани пеналите на Пол Инс и Дејвид Бати и ја одведе Аргентина во четвртфиналето во Марсеј. Таму на мегдан ги чекаше Холандија на Гус Хидинк. По пеколна жештина уште еден меч за паметење. На голот на Клајверт одговори Клаудио Лопез. Се чинеше дека момците на Пасарела имаат се во свои раце по исклучувањето на Артур Нуман. Батистута ја погоди стативата, Лопез промаши зицер. Но тогаш несватливо Ортега со глава го удри Ван дер Сар и заработи исклучување. 10 на 10 во последните минути и Бергкамп го изврти Ајала и го совлада Роа за финални 2:1 и нов предвремен крај на гаучосите. Подоцна Франција стана светски првак со убедливите 3:0 во финалето на Стад д Франс против Бразил. Пасарела беше заменет со Марсело Биелса, кој во тој период имаше извонреден рејтинг во јужноамериканскиот фудбал. Првата проверва му беше Copa America во Парагвај 1999 година. Во групата Ц во Луке, Аргентина го освои второто место зад Колумбија и тоа по вина на еден човек - Мартин Палермо. Напаѓачот на Бока промаши три пенали во клучниот меч за првото место во групата, кој Колумбија го доби со 3:0 со головите на Кордоба, Конго и Монтањо. Претходно Мартин „Локо„ Палермо постигна два гола во победата од 3:1 над Еквадор и уште еден во триумфот од 2:0 над Уругвај. Трет турнир во шест години костурот ја соочи Аргентина со Бразил во четвртфиналето. Хуан Пабло Сорин уште во 10 минута ги доведе момците на Биесла во водство, но Ривалдо со два магични потези во 32 и 48 минута на Бразил му донесе полуфинале и подоцна титула со победата од 3:0 во финалето против Уругвај (2 гола на Роналдо и 1 на Ривалдо). Во Колумбија 2001 година изненадувачки Аргентина не се појави. Фудбалерите на Биелса добиваа смртни закани, па и покрај тоа што организаторот ги зголеми мерките на сигурност, аргентинската федерација одлучи да не учествува на Copa America, која подоцна ја освои Колумбија со победата 1:0 со голот на Иван Кордоба во финалето против Мексико. Бранителот на титулата Бразил се посрамоти и загуби од Хондурас во четвртфиналето. По еден шампионат во кој не ја мина групата, Аргентина на Пекерман по трет пат во осум години стана младински светски првак на домашен терен во Аргентина. Совладана беше Гана со 3:0 со головите на Колото, Савиола и Макси Родригез. 
Најголемиот тест за новиот селектор Биелса беше Светскиот Куп, кој за прв пат се одржа во Азија, во Јапонија и Јужна Америка. Моќниот тим на Аргентина во системот 3-4-3 на Биелса беше спој на генерација која заминува и генерација која доаѓа. Во групата Г аргентинците на стартот играа против Нигерија и ја совладаа со 1:0 со голот на Батистута. Но клучниот меч беше против Англија желна за реванш за поразот во Бордо и за црвениот картон на Бекам по дуелот со Симеоне. Колина досуди пенал по стартот на Почетино врз Овен, а Дејвид Бекам го совлада Пабло Кавалеро и на Англија му донесе победа од 1:0. Одеднаш силниот тим на Аргентина со новите звезди низ европските клубови Занети, Самуел, Креспо, Ајмар и веќе проверените Ортега и Батистута мораше да ја победи Шведска. Андерс Свенсон во 59 минута изненадувачки ги доведе „викинзите„ во водство, па и покрај израмнувачкиот гол на Креспо во 88 минута, Аргентина не ја мина групата иако имаше многу моќен тим кој ја погреши физичката подготовка и во Јапонија дојде уморна и помалку застарена. Подоцна мундијалот го освои Бразил со Роналдо како најдобар стрелец. Следеше нова селекторска промена. 
Дојде Хозе Пекерман и доби долг договор да го освежи националниот тим. Посебно заради тоа што имаше повеќе време бидејќи Copa America наместо во 2003 се одржа во Перу во 2004 година. Претходно на младинскиот мундијал во ОАЕ, Аргентина на Уго Токали и на Маскерано, Кавенаги, Ромеро, Забалета загуби во полуфиналето од подоцнежниот првак Бразил со 1:0 со голот на Дуду. Таму веќе нови асови беа Рикелме, Кили Гонзалез и Савиола. Во групата Б на Copa America во Перу во 2004 година гаучосите го декласираа Еквадор со 6:1 со хет-трик на „Ел Конехо„ Савиола. Но брзо потоа загубија од Мексико со 1:0 со раниот гол на Моралес и мораа да го совладаат Уругвај за четвртфинале. Очекувано многу поквалитетната Аргентина славеше против комшиите со 4:2 со два гола на изненадувањето Фигуероа. Следеше четвртфинале против домашниот Перу во Чиклајо. Долго време се играше тврдо и израмнето пред Карлитос Тевез да го постигне единствениот гол во 60 минута. По подолго време Аргентина беше во полуфиналето на мегдан против Колумбија која беше најмлада репрезентација на турнирот. Овој пат уште полесно момците на Пекерман победија со 3:0 со нов гол на Тевез, гол на Лучо Гонзалез и Сорин. Ги чекаше големото финале против подмладениот Бразил на Карлос Алберто Пареира во Лима. На теренот разликата беше огромна. На голот на Кили Гонзалез, возврати Луизао со глава, но кога Делгадо погоди во 87 минута аргентиците почнаа да слават. Длабоко во судиското надополнување Адриано со врвно ремек дело од свртување израмни на 2:2 и пенал серијата мораше да решава за победникот, исто како и во четвртфиналето во 1993 и 1995 година. Тафарел ги одбрани пеналите на Д Алесандро и Хајнце и на Бразил му донесе седма титула од Copa America, во моментите кога никој на тоа не се надеваше. Тагата ја залечи олимпискиот фудбалски турнир во Атина, каде златото го освоија токму аргентинците водени од Биелса со победа во финалето над Парагвај со 1:0 со голот на Тевез. Доминацијата на Аргентина во младинскиот фудбал се испреплетуваше со сениорските неуспеси. На мундијалот за фудбалери под 20 години во Холандија, аргентинците на Франциско Фераро предводени од Меси станаа светски прваци со победата над Нигерија од 2:1. Можноста за трофеј „гаучосите„ изненадувачки ја имаа и на Купот на конфедерациите во Германија 2005 година. Момците на Пекерман среќно ги минаа мексиканците во полуфиналето и дојдоа до финален двобој со Бразил во Франкфурт. Бразилците со Адриано, Кака и Роналдињо го прегазија аргентинскиот тим за кој ублажи Ајмар, а подоцна Рикелме ја доби сребрената топка за втор најдобар фудбал веднаш зад Адриано. Гледливиот фудбал на Пакерман дојде на испит во Германија на мундијалот на кој аргентинците имаа џокер од ракавот - Лионел Меси. Младата звезда на Барса на инсистирање на селекторот не доби шпански пасош и остана да игра за најдобрата аргентинска репрезентација. Во групата Ц во Гелзенкирхен, Аргентина ја „збриша„ Србија и Црна гора со 6:0 со спектакуларен фудбал и пет различни стрелци: Макси Родригез (два гола), Камбиасо, Креспо, Тевез, Меси. Победени беа и слончињата на Дрогба со 2:1 со головите на Креспо и Савиола, а ремито со Холандија без голови беше доволно за првото место во групата. Во тешкото осминафинале со Мексико, момците на Пекерман победија со 2:1 со златниот гол на Макси Родригез - еден од најубавите во историјата на мундијалите. Дојде време за големите одлуки на мундијалот и четвртфиналето со Германија во Берлин. Херојскиот скок на Ајала ги доведе аргентинците во водство, пред Клозе со голема доза на среќа и умешност да израмни. Меси го изгледа цел меч од клупата, а решаваа пеналите како и најчесто во поновата аргентинска историја. Јенс Леман го извади ливчето со податоци кој-каде шутира и ги прочита Ајала и Камбиасо и ја одведе Германија во полуфиналето, а ја прати Аргентина дома. Уште една блескава генерација остана со кратки ракави, а мундијалот подоцна го освои Италија. 
Коко Базиле се врати на селекторското место, веќе во поодминати години, но репрезентативците го почитуваа и го сакаа. Главниот тест му беше Copa America во Венецуела 2007 година. Новиот селектор дозволи во кампот на репрезентацијата да дојдат и девојките и сопругите на фудбалерите. Во Маракаибо во групата Ц на турнирот, Аргентина се најде во групата со Парагвај, Колумбија и САД. Креспо, Ајмар и Тевез против американците најавија дека ова можеби е моментот за прекин на деценискиот пост. Победа од 4:1 и залет за продолжението на турнирот. Рикелме беше главен архитект во победата со огромна доза на спектакл против Колумбија (4:2). Кога и Маскерано погоди за минимална победа од 1:0 против Парагвај, јасно беше дека во Аргентина се оди по планот. Перу беше збришан од патот уште во четврфиналето исто како во 2004 година. Само што сега резултатот беше 4:0 со два гола на Меси. И додека Бразил се мачеше и едвај по пеналите го совлада Уругвај, Аргентина уште поубедливо го надигра Мексико со 3:0 со головите на Хајнце, Меси и Рикелме и како фаворит влезе во големото финале. Но на големо изненадување момците на Карлос Дунга целосно ги прочитаа аргентинците и му одржаа голема лекција. Баптиста, автоголот на Роберто Ајала и гол на Дани Алвес на прелесен начин му ја донесоа осмата титула на „кариоките„ и го оставија Базиле со многу дилеми. Селекторот ветеран остана на своето место уште една година, пред да биде сменет со Марадона по лошиот старт на квалификациите за мундијалот во Јужна Африка. Во меѓувреме пак голем успех на надежите кои станаа светски прваци пак водени од Токали во Канада во 2007 година со победата во финалето против Чешка со 2:1 со головите на Агуеро и Зарате. На олимпискиот турнир во Пекинг, Аргентина сеуште не го назначила Марадона за селектор, па Серџо Батиста ги поведе надежите до ново злато. Во финалето против Нигерија стрелец на единствениот гол беше Ди Мариа и по втор пат во 20 години, Аргентина го освои олимпиското злато. А имаше и асови в џеб како Меси, Агуеро, Маскерано, Рикелме. 
Но Диего Армандо Марадона колку и да беше голем играч, како стручњак имаше секогаш збркани идеи. Никогаш не го повторуваше истиот тим, повикуваше премногу фудбалери, како и многу претходници повикуваше миленици и тоа кога-тогаш мораше да однесе некоја жртва. Во групата Б, релативно лесна како и во Франција 1998 година, аргентинците ги добија сите три меча, играјќи помалку или повеќе убедливо, но со евидентни проблеми со балансот, посебно во средниот ред. Маскерано трчаше за тројца, а недостигаше еден прав Ајала или здрав Самуел како одбранбен лидер. Хајнце со гол од прекин ја порази Нигерија (1:0), па Игуаин со хет-трик против Јужна Кореја го обезбеди осминафиналето (4:1), за Демикелис и Палермо да ја дотолчат и Грција (2:0). Како и пред четири години во Германија, мексиканците стоеа на патот до четвртфиналето. Тевез со два гола (еден од очигледен офсајд) и Игуаин ги испратија мексиканците дома и како и во Берлин, на Аргентина му понудија меч за полуфинале со Германија. Но Јоаким Лоу добро ги забележа лимитите во одбраната и организацијата на играта на Аргентина и по брзиот гол, само го торпедираа противникот. Голот на Томас Милер ги остави јужноамериканците без одговор, со долг посед, но без реализација. Клосе со уште два гола и Арне Фридрих ја декласираа селекцијата на Марадона, кој подоцна по кавга со Грандона беше отпуштен. За нов селектор беше назначен неговиот помошник Батиста, а јужноафричкиот мундијал заврши за прв пат во витрините на Шпанија. 
Новиот селектор не можеше да посака поубаво деби. Copa America дојде во Аргентина и раната од Венецуела и натаму печеше. На дебито во Ла Плата, Аргентина едвај се провлече против Боливија, откако Агуеро израмни по водството на Рохас (1:1). По ремито со Колумбија (0:0) сите фрлија сомнеж врз квалитетите на тимот на Батиста. Триумфот од 3:0 против Костарика со два гола на Агуеро и еден на Ди Мариа го „угасна пожарот„. Но дека лошо одиграната група не беше случајна потврди четвртфиналето со Уругвај и поразот во Санта Фе по изведување на пенали. Игуаин израмни по голот на Перез, но урусите целосно ја прочитаа Аргентина и издејствуваа пенали. Муслера во третата серија го прочита Тевез и со оглед на тоа што сите изведувачи погодија, Уругвај продолжи понатаму и подоцна го освои трофејот. 
Батиста беше сменет и на негово место дојде бившиот тренер на Естудијантес, Алехандро Сабеља. Оспоруван, со не најмодерни принципи, со збркан избор и без стриктен систем на игра, ја донесе Аргентина како прва низ квалификациите (во кои не играше Бразил) до мундијалот во Бразил како фаворит од сенка. Му одговараше што пак наиде на добра ждрепка и лесна група и како што често знаев да кажам, Аргентина низ три пријателски меча ја бараше вистинската формација и стартен тим. Од почетниците 3-5-2 против БиХ кои не личеа на ништо, до финалните избалансирани 4-4-2 со Меси и Игуаин во нападот и Лавеци кој се жртвуваше во средниот ред. Парадоксално повредата на Ди Мариа му даде потребен баланс на тимот на Сабеља. Но по победите во кои аргентиците како да одеа по жица против Швајцарија, Белгија и Холандија, дојде финалето против стариот должник Германија. Сега Сабеља се повеќе веруваше во својот тим, во својот избор. Аргентина го имаше мечот на „Маракана„ во свои раце. Иако често во овие две децении имаше посилен тим, сега го имаше највредниот трофеј на дофат. 
Но долго ќе се паметат промашувањата на Игуаин и Паласио и голот на најмладиот во финалето, Марио Геце. И Сабеља ќе биде минато, во пензија ќе одат многу актери од бразилскиот мундијал, а и 21 година Аргентина која има и талент и каризма да биде победник е без сениорски трофеј. Наредните шанси се Copa America во Чиле во 2015 година или јубилејната Copa America во САД во 2016 година по повод еден век од овој континентален турнир.                 

Нема коментара:

Постави коментар