Powered By Blogger

5. 5. 2013.

Јуве, па Милан и сите други со брзина на желката

Со оглед на тоа што Дарко Панчев во Серие А играше само 19 натпревари (а како играше, можеби и ги гледал повеќето средби од најдобро место), а Пандев со преку 300 натпревари повеќе бил актер на тревникот, одколку гледач, можам да се самопрогласам како повеќе од компетентен да говорам за ова првенство.
До сега застанав на 106 меча во живо, на стадион, од најдоброто место, од Серие А, Копа Италија, настапите на италијанските клубови во Европа, националната репрезентација. Се од А до Ш, како и секој збор од химната на Мамели, како и секој детал поврзан со некогаш најсилната лига во светот, денес сеуште тешка да се игра и да се интерпретира, но во во обид да се санира се што нанесе финансиската криза, старата инфраструктура, скандалите, незаконското работење на тајкуните и сите аномалии кои „чизмата„ ги претрпе овие последни деценија дена. Значи повеќе од Панчев дефинитивно, подетално и аналитички без ни малку дилема. А мене најмногу ми недостигаа шампионатот на седумте „сестри„ на седумте гиганти, на тајкуните како Крањоти, Танци, Чеки Гори, Сенси. Тие кои ја направија конкуренцијата во лигата многу повеќе од Милано и Торино. Но тие кои сега се или со последици од затвор или се мртви, а нивните компании пропаднаа или не се ни приближно профитабилни како некогаш. Значи не било се како што треба. Принципот сите пари од ТВ правата да се земат однапред, да се троши тројно повеќе од што ќе се заработи и да се мешаат сметките на приватните корпорации со клубовите, доведоа до ова ниво. Доведоа место Крањоти, Лацио да го води Лотито, Фиорентина да ја санираат браќата ДеЛаВале по години на тонење, па дури и во трета лига. А некогаш не беше доволно да се има Батистута и Ефенберг за да се остане во лигата. Замислете таа Фиорентина мораше во Серие Б, заради силната конкуренција. 
Денес разликата во квалитет меѓу врвните и средните и малите екипи е огромна. По принципот големите риби ги јадат малите и во Серие А, приказната со година ја читаме. Во доцните осумдесетти и деведесетти со правилото за тројца странци во секој клуб, во пост ерата на декретот на Маргарет Тачер, не постоеше друга лига слична како италијанската. Лига во која Јуве со Мелер, Хеслер и Баџо беше само четврт, лига во која Интер со германското трио Бреме, Матеус и Клинсман блесна само една година а по обичај секоја наредна беше во Купот на УЕФА. Лига која во 1991 година ги даде сите освојувачи на европските купови. Незапаметениот феномен го комплетираа Милан во Лигата на шампионите, Интер победувајќи ја Рома во финалето на Купот на УЕФА и Јуве како победник на Купот на Куповите. Но босмановото правило ги начна, а новиот милениум и споменатите причини ги дотолчија италијанците. Еден од сегашните проблеми е надвор од дометот на клубовите. Италијанскиот закон не дозволува стадионите кои ги граделе, па и реновирале општините да му припаднат на клубовите. Дури Јуве пред 5-6 години го доби стариот „Деле Алпи„ на 99 годишна концесија со јасна стратегија и договор со мал милион клаузули, кој мора да го испочитува. Сите останати плаќаат кирија, не можат да инвестираат во објектите кои наликуваат на стадионите во бивша Југославија - големи зидини, без комерцијален простор, без можност објектот да работи 24 часа. Само двочасновна забава за време на натпреварот и тоа е тоа. Но така клубовите губат милиони и милиони кои се обидоа да ги вратат на полулегален начин. Прво со манипулацијата со ТВ правата, а потоа и со серијата скандали, обиди за „шминкани„ натпревари и слично. Значи ако Ерос Рамацоти в недела пее на Олимпико, кој знае во каква состојба ќе биде тревникот за финалето на Купот. И Лацио и Рома и италијанскиот олимписки комитет кој своите простории ги има на стадионот, тука не можат ништо да сторат. Еволуција. Време е италијанската спортска структура да ги смени законите или во спротивно клубовите ќе посегнат по градење на нови стадиони, а тоа во превод би значело 10-15 години екстра плаќања за да се врати инвестицијата во стадионот. Или со други зборови, толку време без големи амбиции за трофеи. А тоа во Милан, Јуве и друштво е цел еден век. Никој не би им дозволил таква апстиненција. Можеби само Интер, тие баш знаат како е да се биде долу. 
Скандалот „Калчополи„ само најмногу крена врева, избрка стотици милиони евра, одтргна голем број силни професионалци од остатокот на континентот, ги намали платите, ги скрати успесите на клубовите во Европа. Но проблемите почнаа порано. Почнаа со фалсификуваните пасоши, со втората лига без кредибилитет, со притисокот врз судиите, со сите мали детали со кои се губи и не се говори за квалитетот. Време беше за нов почеток. Денес 6-7 години од случајот кој требаше да биде година нула на италијанскиот фудбал, малку клубови го качуваат вистинскиот пат. Поголем дел од нив или го погрешиле патот или како стара желка имаат уште многу до врвот. Во Италија постојат два вида на менаџирање. Првиот склон на бизнис 100%, а вториот фамилијарен. Нормално многу попозитивен е првиот, иако и вториот често носи други поволности. Јувентус и Милан беа и сеуште се одсликување на тие два стила. Јуве е безмилосниот бизнис строј. Нема кој нема цена, секој може и веројатно треба да биде продаден за интересот на клубот. Така беше со Моџи, но и многу порано со Бониперти како претседател. Скоро секогаш кога директно во управниот одбор бил вклучен некој од семејството Ањели, Јуве работел како бизнис-печатница за пари. Бркал и полна каса и трофеи. Нешто како приказната за Порто, само што во Италија се е десет пати поголемо, потешко, поконкурентно. Значи Вјери купен за 2, а продаден за 25 милиони, Зидан од 5 до 65, Баџо, Раванели, Соуса, Вијали и уште многу други се само демонстрација дека менаџерскиот тим кој го водеше клубот имаше јасни идеи. И денес Јуве така размислува. И така и треба. Андреа Ањели е главата, Марота мозокот, а Конте срцето на проектот. Заедно се душата на веројатно единствената екипа која во моментот патот го искачува со нормален од. Сите останати се како приказната за желката и полжавот. Значи нема незаменливи, обештетување имаат сите, јасни резони околу годишните плати се поставени и Јуве скоро и да е во плус, што во Италија секогаш и бил. И тоа многу често, скоро секогаш единствен. Милан е друга приказна. Берлускони не е финансиски експерт како цело семејство Ањели, кое занаетот го ковало на универзитетот на Флорида. Силвио секогаш резонирал семејно. Можеби и често стопирал големи финансиски придобивки, но тој не мисли секогаш со глава, најчесто со срце. Берлускони - Галијани е тимот кој го направи Милан од просечен клуб во гигант. Ако ги одземеме трофеите во ерата од 1982 година до денес, Милан ќе беше нешто како Рома, најмногу како Арсенал, Атлетико. Но за нивна среќа тој период, тие 30 години не можат и не смеат да се избришат. Сега од денешна перспектива сигурно наместо семејно, Галијани требало да менаџира покруто. Како во случаите Кака и Шевченко. Секој има цена, па и во тој момент најдобрите во светот. Па Ферги го продаде Роналдо и наредната година играше финале на Лигата на шампионите и стана првак на Англија. Но Милан затаи со Сидорф, Неста, Инзаги, Замброта, Емерсон, Гатусо, Пирло и уште многу други и наместо постепено да им бара замени, ги продаде сите во еден преоден рок. Скоро преку ноќ, Милан стана од највозрасен до најмлад тим во Италија. Денес со Ел Шарави, Балотели, Де Шиљо, Абате, Монтоливо има генерација за наредните 10 години. Но тоа не оди баш така. Продажбата на Пирло беше избрзана и непрофитабилна. Слично како со Давидс во деведесеттите, подарен му беше фудбалер - суво злато на конкурентот, со трајни последици. Милан често купува комерцијално. И додека Јуве често пред секој преоден рок планира што им треба и на кое место ќе купува, Милан најчесто лови шанси. Ако им треба бек, парите брзо можат да се пренасочат за напаѓач, бидејќи Барса го ослободи Ривалдо и затоа што тој ќе продаде многу дресови. И по истото сценарио и Роналдо, Роналдињо, Вјери, Креспо, Шевченко назад од Челзи, Робињо, некогаш и Роберто Баџо и Марсио Аморозо и секој кој ќе им падне на памет. Со тоа се добива само инсант резултат, а на долги стази само нездрава конкуренција и многу фрустрации. 
Сосема поинаков проект е благодарение на Леонардо, прво да се стигне до бразилските таленти и да се гради иднината врз нив. Бидејќи мора да признаеме дека Пато, Кака и Тиаго Силва, секој за десетина милиони евра е бизнис во стилот на Јуве. Но така добро завршената работа измешана во соблекувална и со Ривалдо и со Руи Коста и со Зидорф и Пирло не носи многу здрава атмосфера. Затоа континуитетот никогаш не бил сојузник на Милан. Биле повеќе пати прваци на Европа, одколку на Италија со Карло Анчелоти. Имаат екипа која не може и со најмалите да трча и да се мотивира како провинциски тим. Како што може да се транформира Јуве. И да се вратиме на денешниот Јуве. Единсвената екипа од „чизмата„ која денес има иднина. Има и Милан, но само ако го остави Алегри на клупата и купува шампиони само каде што му треба, а не за продажба на дресови и задоволување на таблоидите во модненскиот град на модата. Јуве го најде Конте како центар на својот проект. Не беа компитабилни претходно ни Раниери, ни Дел Нери, ни Ферара. Што има Конте, а што немаа претходниците? Не е важно кој каков тренер е, кога имате некој кој е предодреден да биде тренер. Таков е Конте. Беше солиден фудбалер, каризматичен, прав капитен. Но и кога играше, беше тренер. Знаеше дека тука на клупата е, таму каде најдобро се чувствува. Нешто од Липи, нешто од Капело, но многу свои работи внесе Конте во тренинг центарот „Виново„ Дојде со етикетата млад тренер, но не и без искуство. Да се освојат Серие Б шампионатите со Бари и Сиена беше искуство за цел живот. Бидејќи во Италија дури и четвртолигашите имаат тренери со одлична тактичка обука. Да се освои титулата во Втората лига може да биде потешко одколку да се мине прв низ целта во Серие А. Таму нема некојси Пирло, Маркизио, Вучиниќ. Па и Моурињо мина милион години како асистент, па Виторија Сетубал како одскочна даска, за денес да биде тоа што е. Така оди развојниот пат. Не како Страмачони, директно од никаде, од младинската екипа на „Сан Сиро„ Тоа кога-тогаш ќе ги открие сите лимити, па и ако искусниот Бепе Барези го имате како десна рака. Но да се вратиме на Конте. Ако со години во Јуве се вртеа истите приказни дека фудбалерите се склони на повреди, тренинг центарот е премногу влажен и други алиби приказни, Конте го смени медицинскиот тим и доведе нов тим на кондициони тренери. Тука играше на сигурно. 
Се сеќавате на данскиот експерт за физичка спрема Бангзбо. Липи го доведе во Јуве уште пред 15 години од нордиската репрезентација на Данска. Ефектот пред се при рекуперацијата беше веднаш видлив. Впрочем денес скоро сите знаат кој што тренира, рекуперацијата е многу значаен сегмент. Токму од тој тим на Бангзбо, Антонио Конте го состави тимот на соработници. И уште подобро што тие беа италијанци, кои учеле струка во Скандинавија. Од секогаш Јуве својот костур го базирал на домашен капацитет, како во теренот, така и надвор од него. Миланските екипи купувале многу повеќе. И со смената на тренинг методите, дојде и специјалниот план за рекуперација на Пирло, кој претходно во Милан играше во стилот, еден меч добро, три меча пауза заради повреда, па пак еден меч добро. Јуве изготви специјална програма за Пирло, знаејќи дека денес тој има скоро 35 години и не е повеќе оној Пирло од мундијалот во Германија. Дека не е секогаш во парите, покажаа грешките на Јуве до две зони од теренот во преодниот рок. Секој кој ќе дојдеше после Моџи, ќе беше споредуван со него. Па така и младиот Алесио Секо и сегашниот спортски директор Бепе Марота имаа безброј пукања во празно. Пред да го направат добитниот триаголник Пирло - Маркизио - Видал, кој вредеше само 11 милиони, старата дама потроши една вреќа пари за Тиаго, Алмирон, Полсен, Диего, Филипе Мело, Аквилани и не постави структура за подолг период. Слично беше и во одбраната. Се купуваа Жорж Андраде, Мелберг, Легротаље, така да требаше многу пари да се најдат најдобрите во тој момент на пазарот. Па Барзаљи кој е најдобар дефанзивец на лигата која е на истек чинеше под милион евра од Волзбург, а Бонучи дојде на мала врата од Бари. Значи овој Јуве кој ја врати славата која ја имаше пред „Калчополи„ не е створен со десетици милиони евра. Трет најскапо платен фудбалер во ростерот уште е Виченцо Јакинта, кој не играл официјален меч за Јуве една и пол година. А плата од скоро 5 милиони евра годишно, редовно си добива. И тоа како плод на погрешната политика и избор на фудбалери претходно. Значи нити Амаури, Јакинта, Бориело, Красиќ вредеа толку колку што беа платени. Па ниту сега Вучиниќ, Џакерини, Лихштајнер и Асамоа се така ефтини како што изгледаат. Само се функционални за системот на Конте. 
Јуве има преку 50 фудбалери меѓу 17 и 21 година на одстапка или полусопственост низ италијанските помали клубови. За сите други освен за Милан, кој повеќе несвесно од плански направи млад тим и тим полн со италијански фудбалери, овој проект на Јуве ќе биде далечен. Ќе биде заради недостатокот на свој стадион, заради намалените приходи, заради недоволно квалитетните школи. А законите во Италија не дозволуваат преку ноќ да се појават катарски милиони и да го направат, на пример Киево, нов Челзи. Затоа сите ќе почекаат додека не уловат цела една генерација суперталентирани момци, околу неа да изградат империја која ќе биде најдобра во земјата. А дури потоа да се мерат со трите во овој момент посилни и подобро организирани национални првенства. Како приказната за желката која бавна е на прав пат, а камо ли на нагорнина.    

Нема коментара:

Постави коментар