Powered By Blogger

6. 5. 2013.

Џандари, плавуши и Интер...

Помина 5 мај, датумот кој сите интеристи сакаат да го нема во календарот. Мина денот кој ако можат да го заборават сите сино-црни, би платиле, само некои детали од историјата да не се случеа. Но Интер како на сите да ни стана некако близок. Дали заради Панчев, дали заради Пандев, дали заради тоа што некако сите долго време го сожалувавме „бродот„ на Морати кој долго време пловеше низ немирно море.
Мене искрено понекогаш ми доаѓа да навивам за Интер заради оваа последна причина. Заради огромната посветеност, која многу често на Морати му носеше тапкање по рамо и по некоја благодарница, а за титули мораше да чека преку 20 години. Но добро, упорен бил човекот и опстанал во време во кое само Берлускони и Ањели уште живеат во фудбалскиот свет на „чизмата„, а одамна заминаа Крањоти, Сенси, Чеки Гори и уште многу, многу други. Во летото 1995 година Масимо дојде на претседателското место заменувајќи го  Ернесто Пелегрини. Како нафтен магнат „полн како брод„ инспириран беше најмногу од историјата, која вели дека неговиот татко Анџело во ерата на Хеленио Херара, освои се што може да се освои и го прослави сино-црниот дел од Милано. Пристигна Морати во полна финансиска моќ на неговите компании, на вториот главен акционер во клубот Марко Тронкети Провера (првиот човек на Пирели) кој и ден-денес е во клубот и мораше да бира соработници. Но тоа добро да избере никогаш не било добра страна на Морати. Често им верувам на погрешни луѓе, многу почесто бил сентиментален и влегувал од грешка во грешка. Како поинаку да се објасни парадоксот дека еден ист човек или клуб ги довел Роналдо, Фиго и Ибра а воедно ги одбрал и Греско, Окан и Феранте. Како тоа да му го објасните на интеристите. Една од првите операции на Морати беше продажбата на нашиот Панчев во Фортуна Дизелдорф за близу 600.000 евра, а претходно Пелегрини го купи од Црвена Звезда за 13 милиони евра. А се започна така добро, така ветувачки. Се сеќавам тоа лето 1995 година коментирав натпревари од Copa America во Уругвај. На тој турнир „експлодираа„ неколку екстра квалитетни млади фудбалери, а најдобрите два ги купи токму Интер. Хавиер Занети и Роберто Карлос дојдоа на „Џузепе Меаца„ првиот за 7, а вториот за 4,5 милиони евра. Суми кои доволно покажуваат дека Интер ја победил конкуренцијата и тоа го направил многу евтино. 
Јавна тајна е дека скаутите на Интер заминале во Аргентина да ги „снимаат„ Ортега, а се вратиле со Занети во бележникот и во главата. Но ако Занети и денес е мит на неро-азурите, Карлос по само шест месеци замина за Шпанија. Зошто? Затоа што тогашниот тренер Рој Хоџсон изјави дека таков лев бек може да се најде во било кој италијански второлигаш. Така рече и преживеа. А најлошо од се Морати и Леле Ориали му поверуваа и го испратија во Мадрид за нешто поголема сум од 7 милиони евра. Подоцна ја знаете сторијата за еден од најдобрите и сигурно најтрофејниот лев бек во историјата. Дури и анонимниот бразилец Кајо и англичанецот Пол Инс тоа лето чинеа повеќе од тандемот Занети-Карлос. Двајцата дојдоа како најголеми засилувања таа сезона од Сао Паоло и Манчестер Јунајтед, но брзо ја фатија вратата и нормално по ниски цени за да се потврди првиот неуспех на триото Морати - Ориали - Хоџсон. Како многу често, првиот човек на Интер мораше да менува тренер. А менуваше и играчи. И најчесто купуваше и едно и друго. И екстра засилувања во вистинска смисла на зборот и промашувања за кои уште му се смеаат. Наредната сезона Луческу погоди многу од играчите кои ги побара (Џоркаеф, Симеоне, Кану) но трансферот на Сфорца од Баерн за 4 милиони евра наредното лето ја доби наградата „златна канта„ која во Италија главно ја добива најголемото промашување во сезоната. Купувањето на Алваро Рекоба во Италија важи за еден од ретките трансфери кои се реализирани од видео снимка. И тоа лично од Морати. Толку се заљубил во уругваецот што веднаш наредил да се ангажира од Национал Монтевидео за 17 милиони евра обештетување и годишна плата од 9 милиони марки. И плус со Рекоба дојде со фалсификуван пасош, за што Интер можеше скапо да плати, а му се прости, како што му се простува на овој кој најчесто, скоро секогаш губи. Како подножичка. Но Рекоба влезе во проектот на Џиџи Симони во кој или имаше големи шампиони, или играа играчи кои во Интер можеби заслужуваат да играат, ама Интер Турку од Финска, а не од Милано. Значи екипа која го анагажира Луис Назарио де Лима Роналдо, Паоло Соуса и Иван Заморано, остави одбраната да ја водат Вест, Галанте, Миланезе, Сартор. Така во Италија не може. Таму одбраната е најважна. Одбраната и начинот на кој екипата колективно се брани. 
Затоа Симони го освои Купот на УЕФА во Париз против Лацио, а во првенството заврши втор ад Јуве. Во првенството во кое најмногу се памети судијата Пјеро Чекарини и дуелот Јулијано - Роналдо, Интер не можеше да парира најмногу заради таа одбрана, а не заради други фактори. Зошто Јуве ги имаше Ферара, Монтеро, Јулијано и на голот Перуци, а не интеровиот погрешен избор. Но добро, Морати многу често купуваше на квантитет, а не на квалитет, па често стигнуваа фудбалери кои не оставија трага на теренот, но и тоа како оставија во клубската каса. Беноа Кое и Нелсон Вивас беа погрешните инвестиции тоа лето. Сезоната 98/99 Интер преодниот рок го заврши со дебел минус од 72 милиони евра. А преодниот рок гледан од денешна перспектива му беше ужасен. Сите пари беа потрошени за Никола Вентола, Дарио Шимиќ, Осман Дабо, Себастијан Фреј, Микаел Силвестре, бразилецот Жилберто. Но сите тие фрлени пари можеа да се премолчат ако добро се проценеше еден млад талент кој скоро за без пари дојде од Бреша - Андреа Пирло. Дојде кај Симони, беше пратен на одстапка во Реџина под Марко Тардели, а одлуката за неговата иднина требаше да ја донесе самиот Морати пред да го назначи Марчело Липи. А тоа лето Морати направо „фараонски„ преоден рок носејќи ги Вјери, Зидорф, Панучи, Перуци, Кордоба, Муту, но се ослободи од Пирло. И го засили најлутиот ривал Милан. До душа за добри 18 милиони евра, но тоа испадна како најдобра можна медицина за издигање на црвено-црниот комшија. И да се вратиме на фараонскиот преоден рок. Пак генијалци, створен тандем за страв на противничките одбрани Вјери - Роналдо и пак груби грешки во валутацијата и серија на малери. Незгодите никогаш не доаѓаат сами. Микеле Серена како трета неуспешна замена за продадениот Роберто Карлос, па Григориос Горгатос, па Сирил Доморо, па времешниот Лоран Бланк и пак ранлива одбрана. Но и така работите одеа како што треба до 7 коло. Фантастичниот Липи личеше на тренерот кој го воскесна Јуве. Но потоа во октомври ги загуби заради повреда И Роналдо и Вјери (кои подоцна ги шпиуннираа заради бурниот живот), настана лоша клима во соблекувалната и во мај наредната година на мала врата ангажираниот Роберто Баџо го внесе Интер во Лигата на шампионите како четврт, а од титулата ниту мирисот. Се скрши односот на Липи со групата и дојде Хектор Раул Купер од Валенсија со одлично минато во европскиот фудбал. Мајорка и Валенсија му беа повеќе од добра препорака. Но веќе го немаше Роналдо, барем не здрав Роналдо. Се потпре само на Вјери, но многу повеќе внимание посвети на одбраната. Но во преодниот рок ниту тој не се прослави. По само една сезона го трампаше Зидорф со Милан, за да добие малку или скоро ништо. Интер го доби Коко плус пари, а Милан триеше раце со среден ред кој му го подари Интер и тоа на распродажба. 
Во летото 2000 година Масимо Морати го донесе ирецот Роби Кин од Ковентри Сити за 22 милиони евра. Неколку години подоцна призна дека го анагажирал само заради инсистрирањето на неговиот син. Попаметно ќе му беше да му купи Ферари на синот, а не да добие нова „златна канта„ со Интер. Наредното лето за 8 милиони евра помалку, го врати на островот во Лидс Јунајтед и пак погодуваше редовно, но разликата во стилот на фудбал на Италија и Англија е огромна, за Роби Кин недостижна. Бисерите на Морати под Купер продолжија, само што сега исти ингеренции како Купер имаше и новиот спортскиот директор Марко Бранка - бивш играч на Интер, кого го купи баш Морати. Хакан Шукур од Галатасарај за скоро 10 милиони, Фаринос од Валенсија за 17 милиони, Бруно Чирило од Рецина за 8 милиони, Вратислав Греско како нов лев бек од Баер Леверкузен за 6 милиони евра и за крај дури и Броки и Феранте. Контрастот на фудбалери кои треба да го носат дресот на Интер и оние кои не беа ни блиску до него, продолжи. Уште 70 милиони евра му даде Морати на Купер во летото 2001 година. Целта беше барем едно скудето, зошто полека трпението го губеа и навивачите. Толдо од Фиорентина за 29 милиони евра, Консеисао од Парма за 20 милиони, Матераци од Перуџа за 12 милиони евра беа операции кои се покажаа камо добри инвестиции. Но за идеалниот преоден рок да не биде идеален требаа само неколку дена во август, пред крајот на преодниот рок. Дојде императорот од Бразил Адриано и во Интер мислеа дека го имаат новиот Роналдо, кога веќе стариот се опоравуваше од втората операција на лигаментите на коленото. Посебно по голот на трофејот „Бернабеу„ Морати веднаш си најде нов љубимец, си најде нов Рекоба. Адриано секогаш беше добар кога не играше за Интер. Одличен во Парма, во Фиорентина, одличен за Бразил на Купот на конфедерации, но во Интер... Во Интер беше лош, статичен, некомпитабилен со Вјери, често со вишок на килограми. И не беша само Адриано. Дојдоа и Сорондо и Калон и Умит Давала и Томас Хелвег. Нов многу лош микс и пред се нови промени. Единствено добро беше што Купер остана подолго од една сезона. Полуфиналето на Лигата на шампионите беше само најава за она што требаше да дојде во 2002 година. Но ја знаете сторијата за 5 мај 2002 година и прокоцканата предност пред Јуве за која нема ниту алиби, а ниту други виновници, само Купер, Морати и фамилијата Интер. Дури беше опоравен и Роналдо за последните 3-4 кола и за мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја. И парадоксот да биде поголем, Интер го врати во живот, а Роналдо побара трансфер во Реал. И го доби за 46 милиони евра. А го имаше и Батустута на залез на кариерата, го имаше и Креспо и Фабио Канаваро и Матијас Алмеида, па и младиот Бернардо Коради, но таа 2002 година кога сите го видео скудетото во „Апјано Џентиле„ не било за да биде. И пак нова револуција. Купер остана уште многу малку, а промашувањата на трансфер пазарот немаа крај. Во 2003 година дојде Станковиќ, но скоро колку цената за него беше платен Енди Ван дер Мејде од Ајакс. Холанѓанецот подоцна изјави дека периодот од Интер и подоцна од Евертон, главно го памети по алкохол, дрога и нездрав живот. Беа купени нови лажни феномени како Калулу Фадига од Оксер, Џереми Бреше од Лион, Лусиано (екс Ериберто), Пачеко, Вампета. 
Заврши ерата на Купер, дојде Манчини како надоаѓачки млад тренер од Лацио. Големо промашување беше обидот да се доведе Едгар Давидс од Барса. Холанѓанецот не беше компитабилен со стилот на Манчо и брзо замина во Тотенхем. Зе Марија, Фавали, Чутос, Карини, Окан, Карагунис се придружија на групата на купувања за ништо и без ништо. Но Манчини донесе и нешто свое, нешто добро. Од своите соиграчи во Лацио и Сампдорија кај неро-азурите дојдоа Верон, Михајловиќ, Камбиасо, Бурдисо. Но таа сезона ќе се памети во „пареџитисот„ на сино-црните. Серија на нерешени резултати и само обично место во Лигата на шампионите и пак голема сенка зад Јуве и Милан. Се чинеше дека Интер го формира тимот за титула под Манчини. Во 2005 година по некој освоен Куп и Супер-куп дојдоа Самуел, Солари и Пизаро (кој брзо влезе во конфликт со Манчини и беше продаден). Дојдеа и една бивша златна топка - Луис Фиго и една златна канта - Пјер Воме. И како цела една епоха на Морати. Или феномен или недораснат. Така му било судено на Морати. Најголемото засилување му се случи во летото 2006 година. Искрсна „Калчополи„ Страдаа скоро сите големи клубови, само не Интер. Напротив Морати го собра најдоброто од тие „ранети„ гиганти и одеднаш преку ноќ Морати не купуваше повеќе лошо. Ибрахимовиќ, Вјера, Мајкон, Хулио Цезар, Креспо, Дакур, Гросо. Со оглед на конкуренцијата следуваше првенство без првенство. Но и така Ибра во последното коло ги извади „жешките костени„ во Парма. Ја знаете потоа сторијата за Манчини и Моурињо во која имаше екстра операции на пазарот и по некоја грешка, но Серие А веќе не беше иста. И тоа што го имаше Интер беше доволно. Зошто плус Киву, Ето, Милито, Снајдер, Лусио, Тиаго Мота, Пандев и тоа беше доволно за гренд-слем. За првата доминација на Интер на Морати. Имаше и глупости како Маниче, Мунтари, Манчини, Кварезма, Марига, Хименез, но кога се победува брзо се заборава. Мина периодот на Манчини и Моурињо и се вратија импровизациите. Дојде Леонардо, па Раниери, Гасперони, Страмачани. Ниту еден ги немаше „кормилото„ цврсто в раце. И продолжија купувањата без врска и резон. Инвестирањето во Коутуњо и Биабиани, Интер не го препозна, го препознаа други. Па Каржа, Нагатомо, Форлан, Џонатан, Зарате, Кастањос, Переира, Скелото, Мудингаи, Гаргано, Силвестри и уште многу други. 
И сегашната сторија ја знаете. Морати втора година остана без Лигата на шампионите и цената ќе ја плати спортскиот директор Марко Бранка. Се бара новиот оперативец на пазарот. Новиот визионер. Но сега нема повеќе полна каса, нема прилив од УЕФА, но пак ќе ги има желбите и милениците на Морати, можеби сеуште и на неговиот син. Ја научи ли лекцијата големиот газда? Еден од ретките кого го почитуваат скоро сите заради човечките вредности во Италија, но му недостига и тоа како позитивната дрскост да плива со другите „големи риби„ Ако со децении виновните беа сите кои го опркужуваат, само не тој и неговите соработници, овој пат Морати знае каде и кога грешел. Мина цела една генерација, оваа мојата, во која вицеви кажувавме за џандари, за плавуши и за Интер. Време е таа улога да ја превземе некоја друга генерација. Зошто Морати и натаму ќе остане џентлмен, но тоа што има повеќе промашувања на пазарот одколку што на пример Џејмс Дин имал девојки или Ролинг Стоунс концерти, тоа ќе стои. Што е многу, многу е. Време е за низок профил. И можеби смена на името. Наместо Интернационале, повеќе национале, или во превод повеќе внимание на школите на клубот. Тие сигурно не можат да бидат во ништо полоши од работата на Морати и соработниците со децении и децении.          

Нема коментара:

Постави коментар