Powered By Blogger

1. 5. 2013.

Жозе Моурињо?....Не, благодарам

Веќе подолго време ми се плетка низ компјутерот еден сосема поинаков коментар, една теза која во главата ја имам од пред три години кога се случи злогласениот трансфер. Но добро, денес е денот. Денес е вистинскиот момент да замине во етер. Затоа што судено беше да биде баш така. Затоа што бракот Моурињо - Реал Мадрид однапред беше предодреден да неуспее.
Затоа што во животот има компитабилни и некомпитабилни работи, луѓе, дејствија. Затоа што ова е приказна за еден таков контраст. Еден голем, огромен, најголем клуб и еден врвен тренер кој мисли дека е поголем од клубот. И песната се знаеше. Happy-end не може да има како во некој холивидски филм, затоа што не може да се прескокнат некои работи кои не одат по природен пат. Барем не во оваа приказна. Но одиме од почеток. Жозе е голем тренер, пасиониран, посветен 200%, темелен и каризматичен. Но, тоа го знаевме уште кога со Порто направи голема своја и клубска промоција. Кога стана шампион на се и сешто, со огромен труд и со играчки кадар потенок од многу гиганти. И со Валентин Иванов и Маркус Мерк, ама тоа е сега друга приказна и ја знаат само некои како мене со меморија како на слон или како Моурињо кои презентираат само што им одговара или кога им одговара. Но од тој млад, феноменален тренер, до сегашниот самопрогласен The special one има разлика како небо и земја. До душа таа промена му донесе многу пари, поинаков третман на колегите тренери и менаџери, неверојатна медиумска пропаганда и арогантен стил кој или го сакаш или не го сакаш. Но има и средина. Моурињо како тренер е фантастичен, сигурно во групата на најдобри во последните 20 години, но во категорија тренери визионери, кои оставиле трага во играта, кои ќе се паметат, кај него нема ништо, или има многу малку. Целата приказна започна со јазолот со менаџерот Хорхе Мендез кој со години интерпретира свој стил, своја стратегија. Не е погрешна, но би успеала во Интер, во Челзи тоа ДА, ама во Мадрид или во Барса ни под разно. Затоа што таму трага остави повеќе надвор од теренот, на прес-конференциите, со гестикулациите и португалскиот синдром на вечна жртва, отколку на теренот. Затоа што таму трага оставија Кројф, Висенте Дел Боске, Ван Гал, Пеп. А и баш не се сеќавам на некој прес на споменатите. А се сеќавам на серија на натпревари, детали, фудбалски изуми. Имам видео архива од тие епохи кои секогаш ќе останат добро четиво за секој кој ја сака оваа игра. А по 20 години што ќе остане од ерата на Жозе во Мадрид? Прстот во окото на Тито или фамозното Pour que на пресот после Барса. Реал Мадрид е нешто друго. Но и тој голем Реал Мадрид кога ќе западне во агонија во споредба со лутиот ривал, посегнува по солуција во стилот било кој и да е, само да ја прекина серијата на Барса. Така беше со Капело и тоа на два пати, а така е и со Моурињо. И ако тоа беше целта, тогаш Моу до некаде и успеа. Само што во Мадрид, се бара многу, многу повеќе. И тоа повеќе да биде со стил. А стилот остана во Порто кога беше само Жозе Моурињо, а не The special one. Предизвикот Реал Мадрид го натера Жозе да одбере клуб кој во ништо не е сличен како неговите претходни. Затоа што Реал не е Интер, не е Челзи, ни одблиску не е Виторија Сетубал. Затоа што во Мадрид има јасна хиерархија која Моу не ја почитуваше и неговите каприци наместо милиони Перез го чинеа оддалечување на Валдано, намалување на ингеренциите на Зидан, менување на лекарската служба, наредни веројатно ќе беа куварите. Но јазолот кој го врзаа Моурињо и Мендез вреди десетици милиони евра и полесно е да се отпушти првиот соработник, одколку да се испразни касата само за предвремен раскин на тренерот, па макар се викал и Моурињо. Полесно е да се трпи лошиот однос на тренерот со близу 15 професионалци во клубот, одколку да се покаже излезната врата. Затоа што сите, па и Флорентино знаеа дека кога-тогаш ќе дојде овој момент. Момент на европски неуспех и спогодбен договор за заминување пред истекот на договорот. 
А кој е виновен за неуспехот? Кој е првиот виновник што Реал три години е само полуфиналист? Приказните на Моу дека кога дошол Мадрид не бил ни носител, нема да ги проголта ни малолетен навивач на „кралевите„  Затоа што Моу наследи екипа вредна милијарда евра, убедливо најскапа на планетата и имаше трезор од Реал Мадрид Кастиља, кој не можеше или не сакаше да го види. Затоа што Флорентино и Валдано му дадоа в раце тим составен од најдобриот во Англија - Кристијано, најдобриот во Италија - Кака, најдобриот во Франција - Бензема, најдобриот во Германија - Озил, најдобриот во Португалија - Ди Мариа, плус Чаби Алонсо, Модриќ, Кедира, Арбелоа, Варан, Коентрао, Есјен, Сахин, Каљахон, Диего Лопез и уште десетици милиони евра. Затоа што виновник за сите три полуфинални порази е токму тој. И не е Пепе со Барса или Кристијано, Кака и Рамос кој промашија пенали со Баерн или Варан и катастрофалниот Есјен со Борусија, туку тој Жозе Моурињо. Зошто? Затоа што со Барса излезе да не игра ништо, да игра на 0-0 кога можеше секако, само не така. А и иднината покажа дека може да игра со лутиот ривал Барселона. Дека со Баерн можеше да донесе посвежа екипа која ја истроши играјќи со истите 11мина во една недела на два меча со Баерн и еден со Барса. Или оваа година кога во Дортмунд го згреши тимот во скоро сите линии и тандемот Пепе - Варан нема да го извади повеќе никогаш, кога против себе има брз и поткован напаѓач како Левандовски. Затоа што на десен бек игра кој ќе стигне а не тој кој сигурно требаше да игра ако работите одеа како што треба - Карвахал, кого Моурињо го продаде во Баер Леверкузен, а денес е најдобар десен бек во Бундеслигата. А слично ќе беше ако Марота, Начо или Хесе имаа нормален развој наместо да се купуваат разни Каљехон или Сахин или играчи под авторизација на Хорхе Мендез како Есјен, а нив ги има 8 во сениорската и 13 во втората екипа Реал Мадрид Кастиља, плус стручниот штаб. Па вкупно доаѓаат 25 лица чиј, менаџер е Мендез. Кој е тука газдата на Мадрид - Флорентино или Хорхе Мендез.
Приказната се развива со најчесто споменуваната фраза. Сите негови бивши играчи зборуваат добро за Моурињо. Па каде го објавиле тоа. На португалската ТВ? Па и таму има „крвници„ од Бенфика на кои не им се допаѓа. Затоа што Жозе или го сакаш или не го сакаш. Во сегашниот тим на Мадрид 14-16 фудбалери имаат лош, не нормален, туку баш лош однос со Моурињо. Читајте ја автобиографијата на Мекелеле, па видете како беше во Челзи. Или можеби најмногу работите ќе ви бидат јасни после изјавата на Педро Леон. „Мислев дека е само строг или така се прави. Но кога пред еден Куп натпревар со второлигаш ми рече: И авионот да ни падне со сите фудбалери, ти нема кај мене да играш....Од тогаш знам дека не е како сите други. И не само заради тоа што е португалец„ Но добро, еден производ продадаваат DIARIO AS (со кого соработувам 8 години) и DIARIO MARCA, а сосема друг MUNDO DEPORTIVO и SPORT. A јас му верувам само на личните познанства и добриот избор на соработници. Само така кругот е комплетен. А историјата ги памети визионерите. Еден од нив лекција им одржа на сите останати тренери и тоа во најкраток можен период. Борусија  со стартниот тим вреди 40,5 милиони евра. А еве и како вреди фудбалер по фудбалер...
1. Вејденфелер дојде во клубот во 2002 година
2. Пишчек пристигна во 2010-та без отштета
3. Суботиќ стигна во 2008 од Мајнц за 4,5 млн
4. Хумелс стигна во 2009 од Баерн за 4,2 млн
5. Шмелцер ја почна кариерата во Борусија
6. Гундоган стигна во 2009 од Нинберег за 5,5 млн
7. Свен Бендер стигна Минхен 1860 за 1,5 млн
8. Блажиковски стигна во 2007 од Висла Краков за 3 млн
9. Геце ја почна кариерата во Борусија
10. Ројс стигна во 2012 од Борусија Менхенгладбах за 17 млн
11. Левандовски стигна во 2010 од Лех Ползнањ за 4,8 милиони евра.
Затоа што на пример овој млад тренер, кој потсеќа на првиот Жозе кој беше само еден добар млад стручњак, работеше со своја глава. Создаде нова димензија во евро-фудбалот, ги смени методите за тренинг, младинската школа на клубот ја изгради на многу повисоко ниво и ќе остане во историјата со својата рака. Како Михелс, како Кројф, Саки, Ван Гал, Хицфилд, Липи, Капело, Сер Алекс и Венгер, Пеп и уште многу други кои имале друга фудбалска визија. Кои ги направиле своите фудбалери и клубови подобри од тоа што претходно биле. Тие кои вовеле нов фудбал, исто како да измислиле нов хемиски елемент. Па дури и декадентниот стил на Рехагел со Грција остави каква-таква трага, ама на теренот, а не на насловните страни или во салата за прес-конференции. Таму каде му нема равен на Жозе, како што велеше Пеп, затоа што е поинтелегентен од цел овој свет, затоа што ни еден изговорен збор не му е случаен, затоа што се му е испланирано. Исто како што сака да предвиде се во текот на еден фудбалски натпревар, а тоа до сега никому не му успеало, затоа што ова не е комјутерска игра или play-station. Затоа што ова е непредвидлива игра 11 против 11, во која своја улога имаат и судиите (во последно време и тоа како) публиката, медиумите и надворешните фактори. Затоа што нема друг кого не го сакаат во сопствениот клуб, сопствените медиуми, па и дел од сопствените навивачи. Затоа што Реал Мадрид е таков. Не треба само да се победува, треба да се има и стил, да се победува со стил, да се интерпретира играта како што традицијата налага, да се цени секој еден член во семејството Реал Мадрид. Веќе ни недостига тој Реал Мадрид. Мадрид на вистинските вредности, Мадрид кој не ги коментира судиите, на кого не му смета високата трева, лошиот календар на натпревари, напумпаните топки и уште мал милион глупости. Ни недостига тој Мадрид во кој тренерот ќе ја стегне раката на противникот, а не да го пикне прстот во неговото око. Затоа што ни недостига тренерот кој наместо да ја превзема одговорноста, секогаш виновник бара на друга страна. Затоа што не значи дека ако некој не гласал за него (Горан Пандев), се е една завера против него. Или не знам зошто толку на навивачите на Реал Мадрид му смета најавеното заминување на Моу? Заради тоа што губат еден голем тренер, или заради тоа што секогаш кога заминува од еден клуб, Моу остава пустош зад себе...И за крај на оваа приказна без крај, денешната анегдота. Јирген Клоп пред камерите на MEDIASET PREMIUM го забележа Ариго Саки во студиото и јавно му аплаудираше заради стилот на игра на неговиот Милан, кој 100% го пресликал во оваа Борусија. Па на тоа, времешниот Ариго реагираше емотивно, исполнето, задоволно затоа што тоа е најголем негов трофеј во кариерата. Трофеј кој вреди исто колку и тие освоени со Гулит, Ван Бастен, Рајкард. Ќе доживееме ли некој по 20-30 години да го спроведе стилот на Моу? Кој е тој стил впрочем? Како изгледа стилот Моурињо? Затоа, друг пат Жозе Моурињо во Реал Мадрид?....Не. благодарам.                                                                        

2 коментара:

  1. e sho ? sho ne go napisa ova vcera pred natprevar? od ko izgubi real sega site znajme da kazime site sme profi novinari...

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Tekstot e napisan pred 15 meseci, a tempriran e da izleze bas denes. A vcerasniot mec skoro i da ne e spomnat. Zatoa se spomnati mnogu drugi detali za koi MKD javnosta ne znae... Profi sto poprofi ne moze da bide... A i ne mozat site da bidat sportski novinari...

      Избриши