Powered By Blogger

27. 10. 2014.

Сложувалката на Карло и лажниот авторитет на Лучо

1000 ЗОШТО И 1000 ЗАТОА ПО МЕЧОТ НАД МЕЧЕВИТЕ
Најчесто мојата теорија, која меѓу другото и теоретски докажана, е дека тренерот е многу важен во филозофијата на еден успех на фудбалски тим, но никогаш не е поважен од трудот на професионалните фудбалери. Но таа теза главно се кристализира во анализа на еден подолг период, на еден турнир, еден шампионат. Нема дилеми дека тренер може да добие меч, да биде одлучувачки фактор, па кога се работи за 90 минути, дури и повеќе од фудбалерите. 

Да бидеме реални, секогаш е полесно да се зборува по одиграниот натпревар, но кога тезите се очигледни и држат „вода„ тогаш кога и да се кажани, имаат своја тежина. Така најтешките одлуки на тренерите се оние наједноставните. Колку одлуките се покомплицирани, толку повеќе боли глава. Затоа најтешко е да се намести сложувалката, а кога фали некој дел, само ќе го замените делот, нема да ја менувате сложувалката. На пример, повреден е Бејл, нема менување радикално на системот, на карактеристики на тимот, нема ништо сложено, само Иско ќе влезе во тимот место него и иако со поинакви карактеристики, ќе го задржи балансот на екипата. Бидејќи во една од најсуетните професиите на светот, тренерскиот занает, ретко кој тренер јавно ќе каже дека згрешил. Тие се знаат, тренерите никогаш не грешат. Но кога некој како Карло, неколку месеци по загубеното „Ел Класико„ ќе каже: „Можеби погрешив што го ставив Серхио Рамос„ пред одбрана, тогаш ќе ви „светне„ - Карло не е од тие сезнајковци, кои арогантно се чукаат во гради и ги собираат комплиментите по успехот. Денес се поважно е водењето на тренерот на самиот меч. Во 90 минути со таков интензитет како последното „Ел Класико„ доволно е да имате луцидна глава(и) на клупата. Барем да ја задржи смиреноста на групата, и тактичка и ментална, кога по 3 минути ќе губите со 0:1, па и кога ризикувате 0:2 и 0:3. 
Но денес ништо не е случајно. Анчелоти, дефанзивниот блок со 4-4-2 во фаза на одбрана и брза трансформација во напад без класичен шпиц, со движечки Роналдо и Бензема, ја подготви со Ливерпул. Уште тогаш покажа игра која не му дава референца на противничката одбрана и со неиграњето на Бејл, полесно му беше да состави среден ред на „квалитет„ но и на жртвување на некои од тие звезди како Модриќ и Крос, кои положија и тоа со висока оценка. Но има и друга страна на приказната. Кога сте веќе тренер на великан како Барселона, треба во својата ДНК да имате машкост да донесувате тешки одлуки. Не може секогаш сите да бидат задоволни. Се сложувам дека Барса има можеби и најсилен и најразновиден ростер во Европа, но тешките одлуки Луис Енрике не ги донесе. Можеме да нагаѓаме зошто: Дали ќе му простиме зошто му е прво „Ел Класико„ дали беше импресиониран? Дали му недостига искуство? Дали немаше храброст да им каже на Пике, Чави и на уште некој, повелете и клупата не е казна. Или сепак толку се неговите тренерски лимити? Рано е да му се суди, да се обвинува тренер после првиот пораз, но велат три индиции се веќе доказ. А по Малага и Париз, оваа презентација на Барса е веќе доказ, а сите имаат едно име како виновник - Луис Енрике Гарсија Мартинез. Пак можеби ќе кажете ако Меси и Нејмар погодеа за 0:2, па и 0:3, немаше да има ништо од оваа серија од обвинувања. Но натпревари не се добиваат со АКО, бидејќи со АКО и Бензема имаше в џеб 1:1, а Маскереано спаси 4:1, 5:1 и 6:1 подоцна. Каде му побегнаа деловите од сложувалката на Лучо. 8 меча во Ла Лига без примен гол со Маскерано и Матје како прв избор на централни дефанзивци. Без и сеуште сум скептик за вредностите на Матје како штопер, но не може никој да му одземе дека игра дисциплинирано, квалитетно и полетно до овој момент. И помалку е важно дали игра со Елче, Ејбар или Реал Мадрид. Каде и како се роди идеата да игра Пике, а да одпадне „мотор„како Алба и денес е несватливо. Јасно е само дека Пике надвор од форма и со карактеристики најлоши од цел ростер за игра против најбрзата транзиција во светот, не може и не смее да биде на терен. Па макар било и 0:3. Тогаш на површина излегува персоналитетот. Тука доаѓа приказната за тешките одлуки. За лажната строгост на Луис Енрике на помалку важните мечеви, кога на цела „градинка„ му даде шанса да игра мечеви за бодови, а го сецкаше ритамот на некои клучни членови во тимот. 
Затоа наједноставно беше - Пике на клупа. Па дури и Бускетс, но од други причини. Тој е незаменлив, веројатно тактички најинтелегентен дефанзивен играч за врска во светот. Но пропушти два тренинзи пред „Ел Класико„ и јасно беше дека не е 100%. И втората тешка одлука, Лучо не ја донесе. Ја турна под тепих, колку да помине. Начинот на кој клубот и тренерот го водеше случајот - Чави беше во најмала рака чуден. Од џокер и фудбалер од помош за групата, наеднаш исплива во преден план за сметка на Ракитиќ. За сметка на истиот Ракитиќ кој одлично почна и дури во континуитет и оценки има подобар старт на сезоната од колегите од Мадрид, Крос и Модриќ. Но со Чави како стартер веќе имате една калкулирана замена, бидејќи тешко дека можете да сметата на Чави кој игра 90 минути во саботниот ритам. И Чави беше одличен во тие 60 минути, но замената со Ракитиќ не донесе ништо. Хрватот беше изгубен, не се виде ефектот од неговата креација. Напротив, се виде контраефектот, лошите пасови, корнерите кои носат контра на Мадрид и слично. И во неговиот и во случајот на Педро, не се виде раката на тренерот. Не се виде идеата како ќе игра и ќе реагира екипата по двата примени гола по груби инвидуални грешки. И збрканоста на идеите на Лучо се виде и во случајот Суарез. По 4 месеци и веднаш стартер, како да изгледаше дека уругваецот мора да игра од комерцијални и нефудбалски причини, одколку од тоа колку и како е потребен во тимот. Да не говорам дека и овој потег носи скоро сигурно замена, заради недостатокот на ритам и натпревари на Луис Суарез. Друга приказна е како ќе игра звезденото трио понатаму со Луис Енрике. За нивната функционалност и можноста овој тренер да извлече максимум, имам многу дилеми. Дај боже да се лажам. И да се вратам на Анчелоти. Не треба да се биде паметен да се констатира дека Карло е сеуште професор за Енрике и дека со многу потези тоа може да се забележи. Но тоа не значи дека во Мадрид се е бело, а во Барса се е црно. Во ролјата на Пике, многу лесно може да се најдат скоро сите дефанзивци на Реал кои се неповерливи и подложни на тактички и инвидуални грешки. Во оваа четворка од дефанзивци лесно може да го ставите и Икер, но можеби мечот во саботата ќе му ја крене самодовербата, инаку изгледа како да не му е до фудбал, бидејќи со години е смешен, а не одлучувачки како што беше претходно. Но шпанските новинари минатата сезона точно избројале дека Анчелоти во своите изјави преку 250 пати го спомнал зборото „equilibrio„ или баланс. И тактички (пред се тактички), но и ментален баланс. Бидејќи ако Мадрид сега помисли дека е нешто многу посилен и подоминантен од Барса, може тоа да му се одбие од глава. Сепак ова е само прва победа во петтото првенствено дерби на Реал на Анчелоти против Барса или Атлетико, откако дојде Карло место Жозе. Но она што најмногу ме радува, иако ретко се радувам на победа на Мадрид, е тоа што конечно по можeби една деценија Реал ја победи Барса а не го направи тоа валкано, лигаво, на сила, со ќотек, со психолошка војна, со плачење кај судиите, со сите мали трикови на претходникот на Карло. Но конечно и Реал има тренер каков што заслужува. А не дека не беа агресивни, позитивно дрски. Чудно е да се види Реал со 1 а Барса со 4 жолти картони, иако Модриќ заслужи најмалку 3 жолти, а мечот го заврши без ниту еден. Но судењето беше одлично. За млад судија, кој суди прво класико, дури и над очекувањата. Но каде оди оваа приказна. Анчелоти има во главата идеа да создаде во Крос нешто помеѓу Пирло и Чаби Алонсо, што до сега солидно му успева. И на сето тоа да го додаде Модриќ со повеќе тактичко жртвување за сметка на Хамес, кој треба да има повеќе слобода во играта во напад. Единствено од сложувалката може да му побегне одбраната која е далеку под нивото на останатите делови од тимот. 
Барса се движи по друга линија. Грешката со тимот во Малага, кога ротацијата на Луис Енрике доведе непотребно да игра „градинката„ и дебитантот Даглас и да не удрат ни еднаш на голот, тренерот не смее да ја повтори. Бидејќи има мечеви за ротација и мечеви каде треба да се „нагази„. Но тоа е обично грешка на тренер, кој не си ја познава добро својата екипа. Тој што знае како дише тимот, знае кога и со кого може да се победи Елче и Ејбар на „Камп Ноу„ а кога треба да се влезе со 100% на „Ла Росаледа„. Или вечната болка, прекините, кои требаше да бидат опомена во Париз, каде Барса прими два гола по прекини, а пак заради бранење на зона, а не на човек или комбинирана маркација, прими гол и од Пепе. Кога три обвинувања се веќе доказ, тогаш Луис Енрике ги има има првите симптоми на погрешен човек на погрешно место. Но и Гвардиола почна со пораз во Нумансија и реми со Расинг на домашен терен, па ги допре звездите. Па зошто таму да не дојде и Луис Енрике, посебно ако ја тргне суетата и лажниот авторитет и се соочи со грешките во сложувалката.      

Зоран Мишевски

1 коментар: