17.03.2014.

Совладани мак-надежите како најава за „соколите„ в сабота

ВО ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ОД 17 КОЛО, ПЕЛИСТЕРЦИ ПОДОБРИ ОД МЛАДИНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Пелистер - Младинска репрезентација 110:93 (21:25, 31:17, 28:18, 30:33)

Кошаркарите на Пелистер ги зајакнаа своите амбиции за опстанок во Првата лига со победата над младинската репрезентација на Македонија, издвојувана потешко од предвиденото.
Репрезентацијата започна подобро и првите 10 минути ги одигра во еден здив. Стамиќ и Крстевски ги предводеа нашите надежи до првата предност од +7. Но зелените се разбудија и одиграа многу позитивна втора и трета четвртина и се одлепија до недостижни +20. Радисављевиќ се надмина себе си и со мајсторски влезови и две тројки на полувреме ги однесе битолчани со предност од 52:42. Кога на тоа ќе се придодаде и доминантната улога под кошот на Голубовиќ и Захариевски, победникот беше решен. Србите Мико Голубовиќ и Миљан Радисављевиќ го завршија третиот период со шест неодговорени поени за 80:60. Младата репрезентација одигра рамноправен последен период, но не можеше да влијае на ништо повеќе од чесен пораз. Трета победа во сезоната за момците на Печалов, но со оглед на тоа што победите со младинската репрезентација не се бројат во финалната табела, за опстанокот Пелистер ќе мора многу повеќе. Во победничката екипа Радисављевиќ со 34 поени и индекс на успешност 42, беше прво име на средбата. Мико Голубовиќ додаде 25, Апцев 15, а Даниел Захариевски и Атанасовски по 11 поени. Во таборот на младинската репрезентација Стамиќ и Арсовски со по 15 и Младеновски со 13 поени, оставија добар впечаток. В сабота во Скопје, Пелистер на Благој Печалов игра клучен натпревар за опстанок во лигата со екипата на Карпош Соколи на Александар Петровиќ.      

Нема коментара:

Постави коментар