Powered By Blogger

10. 7. 2014.

Сакаме А, а не Б светско првенство!

НА ДВА МЕЧА ДО КРАЈОТ НА НАСТАНОТ НА ГОДИНА, СКОРО НИКОМУ НЕ МУ Е ЖАЛ ШТО МУНДИЈАЛОТ ЗАВРШУВА
Полека зад нас го оставаме веројатно најлошото и најмалку квалитетното светско првенство во модерната ера. Можеби само мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година може да се парагонира со овој фудбалски ужас кој цел еден месеци ни креира лажни или скриени вредности, нерегуларности колку што сакаш, лоша организација, поднаместена и пилотирана ждрепка, нарачано лоша арбитража и слично.
До овој момент на два натпревари до спуштањето на завесата главни обележја на шампионатот се блесокот на колумбиецот Родригез, голеадата на Германија против Бразил и шегите од минатиот век на Дарко Панчев, за кои само сеирџиска публика се радува. Каде лежи причината што мундијалот над мундијалите кој го чекавме со години, во најфудбалската земја е вистинско промашување скоро од секоја гледна точка. Се разбира најголемиот виновник е тој кој го организира или се обидува да го организира овој Б светски шампионат - ФИФА и Бразилската конфедерација. Прво несватливо е дистанцата меѓу крајот на клубската сезона и почетокот на мундијалот да биде три недели. Никогаш не било така. Па уште не се вратив од финалето на Лигата на шампионите во Лисабон, а мундијалот изненадно ми дојде мене како гледач, новинар, љубител, а како им е на фудбалерите кои по 60,70 натпревари во сезоната мораа да играат уште 6,7 и тоа на друг континент, во други атмосферски услови и најнелогично многу често во 13:00 часот. 
ФИФА мора да ни го врати стариот мундијал. Оној кој го чекавме 4,5 недели, на кој убаво му се доближуваа корисни пријателски натпревари, а не како денес пилотирани или резултатски наместени. Во три недели дистанца од кои една недела мора да се аклиматизираат на климата во Бразил и доаѓаат порано, фудбалерите немаат време за ништо поконкретно. Селекторите не ни тренираа, само освежуваа. Оние кои имаа напорна сезона до средината на мај, минаа катастрофално, а од европските репрезентации единствено Германија имаше здив заради прерано освоената титула на Баерн и навремената подготовка на фудбалерите на Јоаким Лоу од таа причина. Повторувам, не постои логика осминафинале или четвртфинале на мундијал да се игра во 13 часот на преку 30 степени и огромна влажност само заради европските ТВ права и парите кои ФИФА ги добива од телевизиите. Дури и во 5 по полноќ во Европа, фудбал може да се гледа зошто ќе биде поквалитетен, побрз ритам, повеќе свежина. Вака сакале ние да прифатиме или не, ова што го изгледавме беше повеќе Б одколку А светско првенство. Првенство без Ројс, Рибери, со Роналдо на половина сили, без Монтоливо, Широков, Бентеке, Волкот, Ван дер Варт, Карлос Вела и уште многу несудени актери. Организаторот беше лош, дилеми нема. Лоша организиона мапа, фудбал дури и до џунглата во Амазонија, лоши терени, за некои селекции и сместувачки проблеми, со еден збор светлосни години зад Германија 2006 - до овој момент најдобриот мундијал. Милион принципи беа прекршени со јануарската ждрепка по која исфорсирани беа неколку модели на првенството. Колумбија и Франција како носители, Италија, Англија и Уругвај во иста група, па една репрезентација која ќе мине 1000 а друга 14.000 километри во групната фаза се почетнички грешки, кои ФИФА сакаше да ги направи, а не му се случија. Судењето има посебно место на црната листа. И тука конкуренцијата за најлошо одсуден мундијал е потесна со првенството во 2002 година. Самото делегирање, па континенталните поделби, широкото толкување на правилата, разликите со УЕФА и во критериумите за пласман направија преголема збрка. Гледачот бара јасна слика. Не може под УЕФА да има предност меѓусебниот скор, а под ФИФА гол разликата, па дури и паричка да одлучува. Кај едните меч со пет судии, кај другите магичниот спреј и воведувањето на технологијата. Потребна е унифицирана платформа со правила, како и унифициран критериум на судење. 
За квалитетот не би навлегувал во детали. Гледлива групна фаза, но никако и квалитетна и катастрофална и многу негледлива нокаут фаза со уште помал квалитет. Како Лига Европа, а не Лига шампиони. Такво Светско првенство гледавме цел еден месец. Единствена тактичка новост е враќањето во мода на одбраната со 3 члена и на системот 3-5-2 (или во зависност од страничните фудбалери 5-3-2) која солидно ја применуваа Холандија, Мексико, Костарика и уште неколку репрезентации. Безброј репрезентации без или со мали вредности доживеаа слава. Но често слично било и во минатото. Аргентина кога била организирана, гледлива, спектакуларна секогаш испаѓала рано. Сега кога е старомодна, практично без селектор, без капацитет за трчање, со скромни идеи и секако многу одбивна за гледање може да стане и светски првак. Исто како и во 1978 и слично како 1990 година кога од една лоша, груба и грозна репрезентација стана скоро па светски првак. Но не е исклучена можноста да стане и светски првак, бидејќи во еден меч во фудбалот како во ниту еден друг спорт, помалку квалитетниот може да го совлада поквалитетниот. За парадоксот да биде уште поголем покрај Аргентина и Бразил, останатите селекции од Јужна Америка беа конкретно организирани, одлично програмирани, но неискусни да го направат одлучувачкиот чекор и од морални победници да станат вистински победници. Затоа и овој смешен Бразил или лимитирана Аргентина на крај подобро котираа од Колумбија, Чиле, Мексико. За Европа да не трошам зборови. Многу лош мундијал за скоро сите европски репрезентации со исклучок на Германија, до некаде Холандија заради максимумот кој го изваде Ван Гал од една скромна селекција и можеби Франција која постави контури да биде многу посилна во иднина. Публиката си го сака назад стариот добар мундијал, кој со душа се чека и кој пише златни страници за сите кој ја сакаат оваа игра. Во Русија 2018 година не може да биде полошо...

Текстот со предвидувањата во пресрет на мундијалот можете да го погледнете ТУКА:
http://zoran-misevski.blogspot.com/2013/11/blog-post_9464.html

ЗОРАН МИШЕВСКИ

Нема коментара:

Постави коментар