Powered By Blogger

12. 2. 2014.

Петрески: „Школата е мотор на целиот клуб„

РАЗГОВОР СО ТОМЧЕ ПЕТРЕСКИ НА НЕПОЛН МЕСЕЦ ПРЕД СТАРТОТ НА ПЛЕЈ-ОФОТ ВО СУПЕРЛИГАТА
Сите претходни тренерски обврски во Прилеп, на Косово, на кратко со Битола и со женската екипа на Пелистер заедно, не претставуваат ни одблиску таков голем предизвик каков што за тренерот Томче Петрески што значи доаѓањето во машката екипа на Пелистер како тренер. По блескавата кариера која од Пелистер го лансираше во Франција, каде одигра империсивна деценија, прилепчанецот веројатно сега од Пелистер треба да почне една нова светла страница во својата кариера - онаа тренерската.
Враќањето во неговиот клуб, за Петрески е убава можност да ги пренесе своите идеи, да го издигне клубот и екипата на повисоко ниво и во еден проект од неколку години, да го врати Пелистер во Европа, па ако е можно во регионалната лига, за да пораснат амбициите и се врати стариот жар во најракометниот град.
Како го оценувате турнирот  во Србија и првата ваша активност по превземањето на екипата?

За нас најважно е што ги обновивме контактите и познанствата со нашите пријатели од овој дел на Балканот. Со години неучество, неповикување на вакви турнири и луѓето не забораваат. За почеток на подготовките, за ростер со шест нови ракометари и со нов тренер и ова не е така лошо. Моравме да им излеземе во пресрет на нашите пријатели од Србија и да одиграме контролни мечеви. За нас турнирот дојде прерано, практично со само неколку тренинзи моравме да играме пријателски средби од овај калибар. Но со оглед на тоа што за српските екипи првенството почнува порано, одлучивме да учествуваме. Мора да потенцирам дека организаторот изворедно го организираше турнирот, дочекот и деталите беа фантастични. Нас турнирот ни послужи да ги видиме новите ракометари, да се запознаеме сите заедно во нашиот нов проект и да зацртаме што и како сакаме оваа сезона.

Какви се првите впечатоци за екипата која ја имате на располагање?

Рано е за некој подетален впечаток, сепак сме на дури еден месец до почетокот на вториот дел од првенството. Ќе се подобруваме во сите елементи на играта како времето ќе одминува. Ако мора да издвојам каде нешто ни недостига, тоа секако е позицијата организатор на играта. Ни фали ракометар кој знае да игра, мотор на тимот кој ќе прави разлика на терен. Сепак ракометот е колективна игра и сите ќе добијат шанса да се истакнат. Претпочитам брз ракомет, брза игра и ќе се обидам да ја наметнам на екипата која ја имам на располагање.

Како ви изгледааат новајлиите и колкав е притисокот врз нив?

Па, првиот впечаток е дека одлично се вклопија во нашиот процес на создавање на група. Ќе инсистирам да нема преголем  терет врз нив. Долго време беше загубен квалитетот, па создаваме еден нов Пелистер, на здрава основа и атмосферата ни е најважна. Секако и квалитетот.

Како ќе го минете овој втор дел од подготовките?

На сите ќе им се даде шанса. Квалитетот е изедначен и ни фалат многу тренинзи за да имаме брза топка како што јас посакувам.  Ја реализиравме првата фаза. Деновиве ќе ги дефинираме и наредните пријателски мечеви. Во предвид доаѓаат Охрид или Преспа, како и грчките клубови. Имаме четири недели до официјалните мечеви и оптимист сум дека подготвени ќе го дочекаме почетокот на март и мечевите за бодови. Ќе одиграме и неколку тренинг натпревари од затворен тип, кои многу ќе ни значат.

Ако може да зацртате, која ќе биде целта на овој Пелистер во новата година?

Имаме многу работа и треба да одиме меч по меч. Првата цел ќе е да се влезе во плеј-офот. Мора да го подигнеме нивото, да ја вратиме публиката и со тоа да се наметнеме за едно место кое води во европските купови. Се сеќаваме на познатите европски ноќи во Битола. Со екипата работат неколку младински ракометари и токму од нашата школа започнува процесот на враќање на Пелистер во ракометниот врв. Школата мора да биде мотор на целиот клуб и на целиот проект.


Нема коментара:

Постави коментар