Powered By Blogger

23. 2. 2014.

Бесараб: „Со нетрпение ги чекам натпреварите и „Чкембарите„

ЗАПОЗНАВАЊЕ СО НОВИОТ ПЛЕЈМЕЈКЕР НА ПЕЛИСТЕР, КОЈ ДОАЃА ОД УКРАИНСКИОТ ГРАД ЗАПОРОЖЈЕ
Играта на новиот Пелистер на Томче Петрески треба да ја организира засилувањето од Украина, 26 годишниот Сергеј Бесараб. Во моментите кога во неговата татковина на повидок е граѓанска војна, не е лесно да се остане фокусиран и да се мисли на ракометот.
Секако најважни се најблиските, семејството, сопругата и децата кои Сергеј ги остави во Запорожје. Бесараб е продукт од школата на ЗТР Запорожје, но морал по заобиколен пат да ја бара својата минутажа и играл во неколку национални првенства ширум Европа. 
Сергеј ни го раскажува својот развоен пат се до доаѓањето во Битола пред еден месец: „Јас пораснав во школата на ЗТР, која е меѓу најдобрите во Украина. Кај нас фудбалот е убедливо на прво место, а ракометот не е спорт на кој се посветува најмногу внимание. Има неколку професионални клубови, но на пример во Македонија е многу подобро. Настапував во Политехника од Доњецк, каде фудбалерите на Шахтар се вистински звезди. Тука се оформив како ракометар, а подоцна заминав во Динамо Полтава. Имав можност да настапувам и во романската Сучава и во молдавскиот Олимпус од каде пристигнав во Пелистер. Играм како среден бек и во текот на целата моја кариера тоа е мојата позиција„ вели Басараб. 
Физички не премногу силен, Басараб е висок 188 сантиметри и до сега одигра 4-5 меча за Пелистер во подготвителниот период: „Во Србија игравме без да не интересира резултатот. Беше старт на подготовките, а ние наутро трениравме, а попладне игравме натпревари. Тренерот ни зададе задачи и работевме на физички план, а и се запознававме меѓу себе. Можам да кажам дека има одлична работна и другарска атмосфера во нашата соблекувална. Исто така ми остави впечаток што има многу добри млади ракометари. Кај момчињата од 18,19 години овде се посветува големо внимание, што не е случај во Украина„ ни рече Бесараб. Тој ги пофали методите на тренерот Петрески и битолските навивачи кои со нетрпение ги очекува: „Можам да кажам дека тренерот е мнигу поинаков од сите тренери со кои сум работел претходно. Тие беа главно руска школа, а нашиот тренер е поинаков. Тренинзите се многу динамични и забавни. Работиме многу на комбинаторика и на физички план. Можам да кажам дека сум задоволен со новините со кои се соочувам во Битола. Знам дека екипата има за цел да влезе во плеј-офот и да се бори за третото место. Деновиве на интернет ги гледав навивачите и можам да кажам дека со нетрпение ги очекувам во салата. „Чкембарите„ изгледаат импресионирачки„ заклучи украинецот, иако овој Пелистер е многу поинаков од тој кој може да се види на интернет, од најдобрите денови на клубот. Но точно е - навивачите се истите. Ако не и помногубројни и помотивирани по сушата од осум години без некој позабележителен резултат. Барем враќање во Европа по една година пост би бил добар почеток.
Бесараб го издвои бекот Филиќ и кружните напаѓачи, како ракометари кои му оставиле силен впечаток, а од македонските ракометари се разбира го знае Кирил Лазаров, а во Романија настапувал и против Бранислав Ангеловски. Исто така се наврати на последните два контролни меча со Охрид и Пролет минатата недела: „Во Охрид игравме добро, но судењето ни создаваше нервоза, бидејќи не беше објективно. Против Пролет го имавме мечот под контрола и мислам дека одигравме многу авторитетно„ заврши Сергеј Бесараб, кој е презадоволен од градот и амбиентот и како и сите на кои Пелистер им е при срце, ги чека мечевите за бодови, по кои ќе се знае до каде е новиот Пелистер.     

Нема коментара:

Постави коментар