15.08.2014.

Дуелот на „зелените„ под Тумбе кафе без фаворити

ДВЕТЕ ЕКИПИ КОИ ИГРААТ НАЈНЕПРЕДВИДЛИВО ВО МЕЃУСЕБНИТЕ ДУЕЛИ В НЕДЕЛА СЕ СООЧУВААТ ПОД ТУМБЕ КАФЕ
Победата во Турново на пелистерци им даде посакуван мир и цела една спокојна недела да го подготват мечот со Металург.
Но од клубските лекари нема добри вести за опоравување на повредените Брдаровски и Тодоровски. Првиот со повреда на скочниот зглоб, а вториот со мускулна повреда, не брзаат со враќањето како не би се повредиле посериозно. Така тренерот на зелените Марјан Секуловски ќе го има на распологање истиот ростер од мечот на „Кукуш„ само што овој пат веројатно ќе има една-две замени во стартниот тим. Играчите кои влегоа во игра во второто полувреме против Хоризонт Турново се наметнуваат овој пат да добијат доверба од првата минута. Напаѓачот Благојче Марковски смета дека трите бода во претходното коло драстично ја сменија климата со соблекувалната на Пелистер. Не дека поразот со Вардар беше сватен како трагедија, но многу е полесно екипата да расте со позитивни резултати, отколку со порази. „Мислам дека полека надополнуваме тоа што доцна почнавме со тренинзи, што не направивме вистински подготовки. На двата натпревари видов компактен Пелистер, против кој не е лесно да се игра. Со Металург сите мечеви ни се неизвесни и предноста на домашниот терен во последните сезони ништо не значи. Затоа сега верувам дека ќе се извадиме за лани, кога очајно ни требаа бодови за Европа, а ние потклекнавме под Тумбе кафе„ вели искусниот напаѓач. Токму Марковски кандидира за место по левата страна покрај Бошко Ступиќ во нападот на Пелистер, а десно ќе биде потврден Јовче Трајковски. Во одбраната дилеми се бековските позиции, а Љамчевски или Мустафов е најголемата двојба на стручниот штаб. Лани во три натпревари помеѓу овие две екипи имаше по една победа на Пелистер и на Металург и едно реми. 

Нема коментара:

Постави коментар