Powered By Blogger

18. 10. 2014.

Битолчани промашуваа, па ново реми без голови под Тумбе кафе

НОВО РЕМИ НА ПЕЛИСТЕРЦИ ПРОТИВ ЖИЛАВИОТ ХОРИЗОНТ ТУРНОВО
Прва фудбалска лига - 11 коло

Пелистер - Хоризонт Турново 0:0

Градски стадион под Тумбе кафе - Битола. Гледачи: 700
Главен судија: Стевче Шулески (Охрид)
Асистенти: Жарко Тодороски (Охрид) и Ацо Мацески (Струга)
Делегат: Дане Матеничаров (Дојран)
Стрелци: нема
Жолти картони: Најденов, Харизанов, Стојчевски (Хоризонт Турново)
Црвени картони: нема 

Пелистер:
Пашовски, Петковски, Крстески, Степановски (од 46м. Главевски), Миленковски, Анастасов, Мустафов, Ристевски, Брдаровски, Љамчевски (од 68м. Магловски), Ступиќ

Хоризонт Турново:
Захов, Илиев, Харизанов, Стојчевски, Мавров, Кочоски (од 71м. Долапчиев), Ѓорѓиев (од 87м. Ковачев), Иванов, Пандев (од 90м. Ташев), Вареловски, Најденов

Играч на натпреварот:
Филип Миленковски (Пелистер)

По прекрасно време под Тумбе кафе, пелистерци почнаа мотивирано и по центрашутот на Анастасов, со глава се закани Петар Љамчевски по само 4 минути игра, но неговиот удар заврши преку голот. Гостите возвратија 7 минути подоцна, кога по невниманието на Миленковски, од зад грб Валентин Кочоски му ја украде топката, но биеше млако и централно, па Горан Пашовски без проблем одбрани. По три последователни корнери на домаќините кои не донесоа директен удар кон Захов, гостите се заканија со контранапад. Пандев му побегна на домашната одбрана и се одлучи да лобува, но не ја зафати најдобро топката и во неврат отиде ветувачка можност на турновци. По прекините и притисокот врз последната линија на гостите, момците на Секуловски беа опасни и неколку пати внесоа немир кај гостинскиот последен ред. Сашко Пандев се обиде од свртување во 36 минута, но пак биеше по средината и Пашовски одбрани. На една минута од одморот пелистерци ја имаа најзрелата шанса. Анастасов изведе слободен удар, по кој Методија Степановски одлично биеше со глава, а Константин Захов од под пречка со парада интервенираше спасувајќи сигурен гол. Така претпазливо заврши првиот дел, оскуден со зрели шанси и интервенции на голманите Пашовски и Захов. На почетокот од вториот дел во соблекувалната на битолчани остана Степановски заради повреда, а во игра влезе Благојче Главевски. Така на местото на централен дефанзивец домашниот стручен штаб го врати напаѓачот Бошко Ступиќ. Само што влезе во игра Благојче Главевски во 51 минута беше повлечен во скокот на 7-8 метри од Захов по корнерот на Анастасов. Охридскиот судија Шулески покажа на белата точка за зелените, но ударот на Владица Брдаровски заврши во стативата на веќе совладаниот Захов. Возврати Кристијан Иванов со удар по земја во 56 минута, но неговата дијагонала заврши неколку метри во гол-аут. Две минути подоцна и Ѓорѓиев се охрабри со удар од дистанца, но шутот заврши во блокот. Во послдните 21-22 минути, Пелистер го насочи тимот поофанзивно со ввчегувањето на Магловски на местото на Љамчевски, со што Ступиќ се врати со Главевски во шпицот на нападот. Мустафов преоптимистички се обиде од слободен удар од мртов агол, но биеше преку голот на гостите. Александар Анастасов со удар по земја во 79 минута го најави последниот бран од напади на зелените. Домаќините бараа уште еден пенал по стартот врз Ступиќ, но Шулески овој пат не покажа на белата точка во 83 минута. По убавата акција на Ристевски и Миленковски, со глава се обиде и Главевски во 85 минута, но биеше крај дирекот. Најзрелата шанса во целиот натпревар ја имаше Ступиќ во 87 минута. По акцијата на Главевски и центаршутот на Миленковски, со глава шутираше центарфорот од само 3-4 метри, но за малку крај голот. И покрај поактивната игра и позрелите шанси, меѓу кои и нереализиран пенал, битолчани не го „скршија„ отпорот на Хоризонт Турново, кој дојде по бод и со доза на спортска среќа го однесе од Битола.       

Нема коментара:

Постави коментар