Powered By Blogger

17. 10. 2014.

Пелистерци без калкулации и со најдобриот тим против Хоризонт Турново

„СКЕНИРАН„ ПРОТИВНИКОТ И СО МАКСИМАЛНА ПОСВЕТЕНОСТ, МОМЦИТЕ НА СЕКУЛОВСКИ СЕ НАСОЧУВААТ КОН ПРЕДИЗВИКОТ НАРЕЧЕН ХОРИЗОНТ ТУРНОВО
Саботниот меч со Хоризонт Турново е единствена тема на дневниот ред во битолскиот прволигаш. И покрај позитивните промени, фудбалерите се силно концентрирани на наредниот ривал, а тренерот Марјан Секуловски го има скоро целиот ростер на располагање. Петар Љамчевски се врати во стројот, а Благојче Главевски по два гола за Б екипата се наметнува за настап и на мечот со турновци:
„Работиме напорно, знаеме што сакаме, а сега со решениот статус во клубот сите можеме да здивнеме. Што се однесува до мене, мислам дека полека го достигнувам потребниот ритам на натпревари и доколку добијам шанса за настап, подготвен сум да одговорам на предизвикот„ вели Главевски. Засилувањето Бошко Ступиќ се наметна и со одлични партии од почетокот на шампионатот, беше стартер на скоро сите 12 официјални натпревари за зелените. По два пропуштени натпревари на позицијата лев бек се враќа Филип Миленковски и ќе биде во комбинација за наредните мечеви, иако добро го менуваа и Миле Петковски и Кирил Динчев. Радува што конечно настапи и Горан Ганчев и како го подобрува континуитетот на тренинзи и натпревари, ќе биде уште подобар. Со само четири примени гола, битолската одбрана е најдобра во лигата, но на последните четири меча од шампионатот или Купот, зелените не постигнале гол и тоа мора да се промени, ако момците на Секуловски сакаат радост в сабота. Пелистерци најавуваат дека нема да калкулираат со Куп натпреварот со Работнички кој се игра три дена подоцна, бидејќи секогаш најважен е првиот меч кој следува. Во второто коло на „Кукуш„ со голот на Љамчевски, Пелистер ја забележа првата од две гостински победи и токму од тој меч започна серијата на зелените која донесе само еден пораз во 10 мечеви од домашните натпреварувања. Во меѓувреме клубот со серија на акции од организационен карактер ќе се обиде да ги перфекционизира домашните мечеви, а во иднина ќе работи и на имиџот и маркетингот на клубот.

Нема коментара:

Постави коментар