15.10.2014.

За Пелистер најважен е секогаш наредниот натпревар

ПРЕД ГУСТИОТ РИТАМ НА НАТПРЕВАРИ, НОВИОТ ПЕЛИСТЕР МИСЛИ САМО НАТПРЕВАР ПО НАТПРЕВАР
Пелистер сврти нова страница и по месеци на исчекувања и нагаѓања, клубот веќе се организира и продолжува во втората половина од есенскиот дел од шампионатот со нови сили. Имено пред 9-10 дена официјално беше потпишан договорот на оштина Битола со компанијата „Цермат„ за влез на капитал, со кој оваа компанија ќе го добие доминантниот пакет на акции.
Пред два дена новите сопственици го претставија управниот одбор и луѓето кои ќе го водат клубот во иднина. Главно познати ликови ќе го раководат Пелистер, како претседателот Шеровски, но ново име е спортскиот директор од Србија, Милош Манјловиќ. Овој млад фудбалски работник веднаш започна со работа, најнапред да го запознае амбиентот, фудбалерите и нашето првенство, а потоа и детално да ги спроведе своите идеи како клубот да функционира. Во таа насока, Манојловиќ има потполна доверба од сопствениците и слобода околу одлуките во спортскиот дел. „Можам да ви ветам дека професионализмот и сериозноста се начелата на кои јас и цел тим на соработници тука во Пелистер ќе инсистираме да бидат наше секојдневие. Мора да се концентрираме сите заедно на саботниот натпревар со Хоризонт Турново и на ништо друго. Премногу ни е важен овој меч за да размислуваме на било што друго„ им се обрати новиот спортски директор на фудбалерите. Тој и на вчерашниот тренинг разговараше со сите членови на сениорската екипа, а и со останатите членови на управниот одбор ги дефинира сите важни детали за мечевите до крајот на полусезоната. Исто така и покрај шпекулациите, од Пелистер не размислуваат за тоа каков ќе биде тимот во вториот дел од шампионатот, туку мора да соберат што е можно повеќе бодови. Исто така новиот управувачки тим не дава никакви ветувања околу целите на клубот веќе во тековниот шампионат, иако организацијата и самиот буџет наведува дека Пелистер треба постојано да се бори за излез во Европа. Во меѓувреме екипата се подготвува за мечот со Хоризонт Турново в сабота под Тумбе кафе. Овој меч одпочнува една нова серија на мечеви меѓу првенството и Купот во кој зелените треба да покажат дека добриот почеток на сезоната не е случајност. Петар Љамчевски се врати во стројот, Мустафов по 20 одиграни минути за младинската репрезентација пак е со групата и полека тренерот Секуловски ги „склопува коцките„ за мечот со турновци.

Редовната исплата не е спорна со новите сопственици

Според стратегијата и на компанијата и на клубот со новите сопственици нема дилеми дека редовно ќе се исплаќаат платите на фудбалерите и вработените во клубот. Првите луѓе во клубот  исто така прецизираа дека ќе дадат се од себе да ги покријат сите заостанати плати и премии на фудбалерите во овој период од стартот на сезоната. За брзо ќе биде изготвен нов правилник за наградување на фудбалерите. Раст од сезона во сезона е главната цел на клубот, кој треба и организационо да се издигне, па во таа насока новата управа на клубот предвидува и многу работа на клубскиот имиџ, маркетингот и комуникацијата со навивачите и приврзаниците.

Зелените добиваат и нова опрема


Денес клубот ќе одлучи со кој познат бренд за спортска опрема ќе биде потпишан договор и пелистерци за многу краток период ќе добијат нова опрема со која ќе настапуваат во продолжението од сезоната. Со оглед на силниот ритам и 5-6 меча во три недели, во овој момент сите планови на новиот управен одбор се насочени кон овие мечеви, а сите долгорочни планови се поместени за наредните месеци.  

Нема коментара:

Постави коментар