Powered By Blogger

4. 11. 2014.

Приказна за човекот кој има само една маана - тежок е за давање пари!

СТОРИЈА ЗА ЧОВЕКОТ КОЈ ГИ МИНА СИТЕ СТАДИУМИ ВО РК ПЕЛИСТЕР: ОД ДНОТО ДО ВРВОТ И НАЗАД - ГОЦЕ ГРОЗДАНОВСКИ - МОЦАРТО 

Ако некој добро го познава Пелистер и битолскиот ракомет низ годините тоа сигурно е Гоце Гроздановски - Моцарто. Човек кој по 59 години во спортот на крајот на претходната сезона замина во заслужена пензија, иако и натаму е на располагање за помладите на кои им требаат неговите совети. Гроздановски кој денес има 75 години и натаму ги следи сите ракометни новини, сите натпревари на Пелистер и се сеќава на многу детали од минатото. Човекот минал и играчки и организиони денови и години со најдобрите македонски ракометари, бил дел од победнички тимови, но и во последните 8-9 години во период на општа криза на надалеку познатата школа на Пелистер и ракометна Битола.


Моите први сигнали со спортот беа уште во средношколските денови, кога напоредно помагав како економ во фудбалскиот клуб. Тогаш Пелистер играше во четврта зона, а тренер се сеќавам беше Звекановиќ. Но наскоро забележав дека ме влече кон ракометот. Почнав во Работник и како левак играв добро, во тие први години на ракометот во Битола и во целата наша земја. Во 1955 година дојде во официјално формирање на клубот Работник, во кој до тогаш само трениравме и со огромен ентузијазам учевме ракомет. Клубот се формира во склоп на ФК Работник и прв претседател беше Јонче Андоновски. Во тој момент Битола имаше два клуба, Пелистер и Работник. Клубот Пелистер полека растеше и дојде до шанса да влезе во Втора лига. Во 1961 година беше првак на Македонија и играше квалификации за влез во втора лига заедно со екипи од Србија и Црна гора. Но знаевме дека и покрај ривалството и отпорот двете екипи ќе мора да направат фузија за да добиеме еден силен клуб. Таа долго очекувана фузија се случи во 1966 година и новиот клуб го доби името Пелагонија. Веднаш во сезоната 67/68 стана првак на Македонија и учествуваше во квалификации за влез во Прва сојузна лига. Противници беа клубови од Србија, Војводина и Црна гора. Паметам игравме во Плевље на отворен терен и ние заедно со Бечеј бевме најквалитетната екипа. Но судиите ги туркаа домаќините и Плевље влезе во повисок ранг, раскажуваше како вчера да било чичко Гоце.

Од сезоната 1968/69 Гроздановски станува технички раководител и учествува во сите поважни моменти од историјата на битолскиот ракомет.

И таа година бевме прваци на Македонија и и учествувавме на квалификации во Загреб, водени од Љубо Христовски. И тогаш не успеавме. Секогаш домашните екипи беа мнигу форсирани. И наредната година во Лесковац беше слично. Бевме силни, но во Прва лига влезе Дубочица. Конечно во сезоната 1970/71 година дојде време и ние да организираме квалификации во Битола. Три дена во Битола беше ракометен празник. Се сеќавам се играше на ракометното игралиште и сите три дена беа продадени по 6.000 влезници. И тогаш сите плаќаа билет, а се сеќавам дека билетот не бепе ефтин - нешто како 400 денари денес. Скоро 20.000 луѓе во 1971 година гледаа ракомет во Битола. Пак беше тешко, но против Ловчен, Ровињ и Партизан и со нашата публика, со Мате Шундовски кој го водеше навивањето, не можеше да потфрлиме. Станавме трета македонска екипа по Работнички и Борец која играше во Првата сојузна лига. Тоа беше празник во Битола. Паметам наредната 1971 година во Првата лига во Битола гостуваше Медвешчак со најдобриот светски ракометар во тоа време, Жагместар. Дојдоа 5.000 луѓе да го гледаат само него. Таа година ракометниот сојуз ги правеше првите обиди да го внесе ракометот во сала. Така донесено беше правило два меча во пролетниот и два во есенскиот дел да се играат во сала. Никогаш до тогаш нашите играчи не играле во сала, а камо ли да бидеме домаќини во сала. Моравме еден магацин за резанец во старата битолска Шеќерана во само 15 дена да го средиме и приспособиме за ракометен натпревар. Така се сеќавам за многу брзо време го асфалтиравме и импровизиравме сала со монтажни трибини за 500 гледачи. Преку ноќ создадовме услови за мечот со Црвенка. Таа 1971 година за прв пат се играше во сала во Битола. Но таа година со одлуките на сојузот и на судиите имавме многу проблеми и ни наредија со Партизан Бјеловар да играме во Скопје. Ние тоа не го прифативме, не одпатувавме и испаднавме од лигата. Наредната 1972 година во Битола почна да се гради спортската сала „Младост„ и редовно трофејот на Југославија се играше во Битола. Во тој период клубот, кој веќе го доби името Пелистер место Пелагонија, растеше и цел град се поистоветуваше со ракометниот клуб. Во 1974 година во Битола пристигнаа првите странски ракометари. Фестиќ и Божиновиќ дојдоа од Сараево, заедно со првиот професионален тренер кој работел во Битола, Родин Бартал. Се сеќавам дека Силјан Мицевски кој цело време е дел од ракометниот спорт во Битола како и јас, беше во Сараево и ги договори сите детали. Цело време играме во Втората југословенска лига, која во тоа време беше многу силна. Во 1977 година во Битола дојде Анте Костелиќ за тренер и не остана долго, само една година, но работеше добро и во Битола на Пелистер првите скијачки чекори ги направи неговата ќерка Јаница. Минуваа годините и сонот за Првата лига беше уште посилен и посилен.

Како еден од најсветлите моменти и во ракометната кариера на Моцарто и на битолскиот ракомет е 1985 година и промоцијата во највисок ранг. Период кој важи и за почеток на организираното навивање во Битола и формирањето на навивачката група „Чкембари„ – најстара навивачка група во Македонија

Дојде историската шанса за промоција во прволигаш, но моравме да победиме на квалификациите во Белград на Бањица. Се сеќавам дека Вардар и Борац Урошевац беа суспендирани заради некои сомнително високи резултати и остана да се игра само еден меч за влез во Првата југословенска лига, Пелистер против Партизан од Бјеловар. А тогаш Бјеловар беше бивш европски првак, силна екипа, фаворит. Успеавме да организираме 18 автобуси од Битола да заминат во Белград да го бодрат Пелистер и да му помогнат да влезе ранг погоре. Беше тешко, но една сплотена екипа со Иво Мунетиќ на клупата успеа да го исполни сонот. Во Битола долго се славеше и имаше причина. Пелистер стана постојан и важен прволигаш од 1985 до 1991 година, додека се играше лигата на обедината Југославија.

Како два моменти кои се за издвојување во најсветлиот период, Гроздановски го издвои првото излегување во Европа и пропуштената шанса за првата ју-титула

Пелистер беше многу силен. Имаше најдобри домашни ракометари Јовановски, Јусуфовски, Манасков и добри странци и веднаш се бореше за титулата. На клупата дојде Касим Каменица и се прослави. Најнапред беше помошник на Рогановиќ, па го промовиравме како прв тренер и тоа се поклопи со една прекрасна генерација. Долго остана во Битола. Се заљуби и во градот, како и сите кои доаѓаа. Дојде мечот со Металопластика и во Битола тоа беше незапамтен празник. Се беше на наша страна, дури и судиите. Во игра беше титулата. Ако победиме знаевм дека сме прваци на Југославија - на најсилната лига во светот. Но не знам дали планирано или не, Вујовиќ и останатите исценираа инцидент, на кој нашите играчи наседнаа и мечот го загубивме на зелена маса. Поинаку не можеше. Тоа беше тим кој играше рамноправно и подобро со европскиот првак. Тоа е еден од непреболените моменти за битолчани. Тогаш имаше и најголема посета во спортската сала „Младост„ близу 7000 луѓе. Во септември 1987 година за прв пат една македонска екипа играше европски меч. Во Битола дојде шпанскиот Атлетико Мадрид, со најдобриот голман во тоа време Лоренцо Рико. Во Битола не се говореше за ништо друго со недели. Пелистер беше одличен, но недоволно да се елиминира Атлетико. Од тогаш постојано сме во Европа со децении. На тренерското место се менуваат Јевремовиќ, Боби Гроздановиќ, кратко и Ристо Магдинчев. Пелистер се зацементира како најголем македонски клуб и сите сакаа да играат за нас.

Популарниот Моцарт се сеќава како Пелистер ги ангажираше најталентираните ракометари од Македонија, кои подоцна го прославија клубот и нашата репрезентација

Во 1984 година судии од Битола ми сигнализираа дека во Велес има некое високо момче кое игра одлично ракомет и дава по 9,10 гола по натпревар. Не отидовме да го гледаме, туку договоривме во Купот, Борец да игра во Битола и така ќе можеме да го гледаме кога ќе дојдат. Така и беше. Дојде Борец со млада екипа и едно високо момче кое се вика Пепи Манасков и кое ни даде 10 гола. Од тогаш знаевме дека не треба да дозволиме некој друг да го ангажира. Се сеќавам дека не беше лесно да го убедиме Пепи да дојде во Битола. Ни успеа дури во вториот обид. И во Битола дури по неколку месеци Пепи се навикна и од тогаш почна немилосрдно да ги „кине„ мрежите. Во тоа време од Скопје ги доведовме и Драган Маринковиќ и Аце Станковски. Се сеќавам дека кога бев во Скопје никој не ми веруваше дека се наши играчи. Сите иронично се смееа, а јас ги имав договорите в џеб. Пепи беше „дијамантот„ на таа многу силна екипа. Беше и повикан за Б репрезентацијата на Југославија во Тбилиси. Тогаш прв пат го забележаа и странските менаџери. Пепи во најсилната лига во светот беше меѓу најдобрите играчи и стрелци. Стигна понуда од Франција. Се сеќавам луѓето платија 90.000 марки обештетување. Парите стигнаа во торба и ги чувавме во клубската канцеларија. Подоцна и трансферот на Лазаров беше одличен, со многу пари за тоа време.

Почетокот на македонското првенство за Пелистер беше продолжување на доминацијата почната во Ју-шампионите

Се сеќавам дека скоро без пораз бевме прваци во првиот шампионат. Екипата ја водеше Цане Крстевски и работеше одлично. Имаше среќа што претходно беше тренер на младинската екипа и низ негови раце поминаа многу добри ракометари. Се редеа титулите, големите европски мечеви, одлични генерации. Со Зечевиќ како тренер бевме блиску до финале на Купот на куповите во легендарното полуфинале со Лемго. Тогаш знам дека имаше многу фалсификувани билети и салата беше преполна. Испуштивме неверојатна шанса. И по две години со Фленсбург со Цане Крстевски имавме одличен тим, можеби и најдобар. Победивме на првиот меч и водевме на полувреме во Германија, но пак не успеавме.

Од големите ракометни имиња кои поминале во Пелистер и кои соработувале со Гоце Моцарто сите знаеле да кажат, а најпрецизно Каменица: „Гоце е добар, одличен, ама за давање пари некако е многу тежок„ Гроздановски знаеше добро да ја менаџира екипата. Од играчите кои оставија трага тој издвои неколку имиња

Боне Трајковски кој заедно со Кице Атановски беа голмани во генерацијата 1971 година која влезе во првата лига ,беше најдобриот голман. Подоцна и Ванчо Јовановски, Кимевски, Стевче Стефановски, па Дејан Периќ кој дојде како млад покрај неговиот татко Богослав, па и Шандор Ходик. Пеце Димитровски од генерацијата во седумдесеттите беше голем играч, за Пепи и Кире да не зборувам сите знаете. Абдула Јусуфовски и Боро Чурлевски исто така беа големи ракометари. Целото семејство Чурлевски беше дел од ракометот и тоа му помогна дополнително. Одлична млада екипа имавме и со Маковеј и Стефановски во 2000 година кога игравме финале на Челинџ Купот. Додека сум во Пелистер се сменија 18 претседатели и 20 тренери. Се сеќавам најкратко како тренер остана босанецот Раца од Сараево - само два меча.

Голем удел во влијателноста на Гоце Гроздановски во сите структури на македонскиот и југословенскиот ракомет беше неговото искуство како ракометен судија

За сојузен судија положив 1958 година и судев скоро 20 години во првата лига. Судев во тандем со Силјан Мицевски и се сеќавам дека еднаш дури до Подгорица моравме да патуваме со фичо за навреме да стигнеме на мечот од женската лига помеѓу Будучност и Раднички Белград. Подоцна станав делагат и контролор, една година бев и меѓународен делегат, но се откажав откако одговорноста како технички раководител во Пелистер стануваше се поголема. Сите судии сакаа да судат во Битола. Имавме и големи привилегии. Силјан Мицевски е најзаслужниот човек за скоро сите успеси на клубот низ годините. И денес без него клубот не би фунционирал, кој знае дали би постоел. Никогаш нема да заборавам кога во една прилика во Белград легендарниот Тута Живковиќ низ солзи ни рече: „Не знам дали ќе ми се исполни желбата да бидам тренер во Битола. Бев насекаде, но моја дамнешна желба е да бидам тренер на Пелистер„

На последниот натпревар од претходниот шампионат, РК Металург му додели посебно признание на Гроздановски за развој и придонес во ракометот и битолчанецот е презадоволен од гестот на конкурентниот клуб

Ме изненадија Лино Червар и Левче Китевски и од срце им благодарам за признанието. Разговаравме дури и во шега ме повикаа во Металург, но тоа е голем напор за мене во овие години, а и Пелистер е мојот клуб. За овај клуб секогаш ќе бидам тука, иако време е помладите да ме заменат. Имаме талентирани млади ракометари, верувам дека и во иднина од овој клуб ќе излегуваат бисери кои ќе ја прослават Битола и Македонија.

Тешко дека постои човек кој во еден здив без многу потсетување ќе ви ги раскаже сите детали од 59 години кариера поврзана со ракометот и ракометна Битола. Малкумина веруваат дека чичко Гоце ќе мирува и дека нема да го следи својот клуб. Многу веројатно и сега размислува како Пелистер да биде посилен, поорганизира и до година кога по две сезони битолскиот клуб ќе се врати во европските купови.   

     

Нема коментара:

Постави коментар