06.12.2014.

Хаџиевски: „Убеден сум дека публиката ќе се врати под „Тумбе кафе„

НОВИОТ ТРЕНЕР НА ПЕЛИСТЕР, АКЦЕНТ ФРЛА ВРЗ КЛУБСКАТА АКАДЕМИЈА, ВРАЌАЊЕТО НА ПУБЛИКАТА И ПРОЕКТОТ НА ДОЛГ ПЕРИОД
Во опширното интервју за весникот „Македонски спорт„ новиот тренер на Пелистер, Ѓоко Хаџиевски ги пренесе сите свои очекувања од новиот проект и облодени како пристигна пак во Битола по 24 години.

По долг работен стаж во странство, по вторпат во оваа година се враќате во Македонија. По краткиот престој во Вардар како спортски директор, сега го прифативте тренерскиот предизвик. Зошто Битола, зошто Пелистер? 

„Моите контакти со луѓето во клубот почнаа во периодот додека го преземаа клубот и ги средуваа работите. Во нивните планови беше и избор на тренер покрај желбата и намерата за подобрување на инфраструктурата. Можеби во прво време ме побараа да испитаат пулс иако во тие моменти не планирав дека ќе одам во Пелистер. На нив гледав како пријатели што се обраќаат за совет, за помош, за што јас од старт се ставив на располагање. Заеднички гледавме натпревари во домашното првенство и во Битола и во другите градови каде што гостуваше клубот, бевме заедно и во натпреварот на репрезентацијата на Македонија против Словачка. Тогаш бев, речиси, одлучен за нов ангажман во странство, но како одминуваше времето дружењата добиваа на конкретност, што ми помогна да сфатам дека сум помалку и заморен од работа по светот, дека сум им потребен на децата тука. Веројатно и самите препознаа здрава работа во мене, а јас дека ситуацијата е сериозна. Па, си реков ако е така зошто да не. Битола е убав град, Пелистер има традиција, потенцијал, клубот има позната школа и публика што го сака фудбалот“.

Го преземавте клубот по незавидната ситуација што ја имаше во есенската полусезона на играчки и на резултатски план. Какви се амбициите во битолскиот фудбалски проект?

„Не сакам бомбастични најави и помпи. Со резултат не се оптоваруваме. Наш таргет не е освојување на трето, четврто, петто место. Наш таргет е играта и таа ќе биде во преден план. Диференцирање на препознатлив стил на текот на подготовките ќе биде во фокусот на зимските подготовки. Ќе одиме во Анталија каде покрај тренинзи ќе одиграме и неколку контролни натпревари со силни противници. Ако успееме во основната интенција, верувам дека и резултатите ќе дојдат. Притоа се мисли и на секој детаљ што е придружен дел од фудбалските клубови. Целта е јасно дефинирана. Клубот има поддршка и од локалната самоуправата за што говори и самото присуство на градоначалникот при мојата промоција. Наше е да се посветиме на работата, да ја оправдаме довербата и да ги реализираме зацртаните цели“.

Општ впечаток е дека многу нешта треба да се менуваат во Битола. Од инфраструктурни, организациски, кадровски. Каков е вашиот првичен по промоцијата? 

„Верувам дека работните услови ќе бидат европски за европски Пелистер. Ќе се води сметка за сè и нема ништо да недостасува. За почетокот на наредната година се планирани зафати на стадионот, отпочната е реконструкција на соблекувалните, затворено е прашањето за сместување на фудбалерите, превоз, обезбедена е опрема. Суштината на проектот е длабока. Ќе се обрне внимание на односите кон јавноста со цел сите коцкички во мозаикот да бидат европски поставени“.

Битолската публика со години мечтае за титула, за европски настапи, за квалитетен фудбал. Стравувате ли притоа од нешто?


„Воодушевен сум. Овие денови може да ги препознаам луѓето дека им е драго што се вратив во средината од која излегов и почнав да се афирмирам. Ништо не ме плаши. Имам име и репутација и искуство што ќе го преточам во клубот. Одиме чекор по чекор и работите се така поставени од првиот ден. Не се оптоварувам што ќе рече некој. Не се оптоваруваме колку бодови ќе собереме, една од целите е да играме, да победуваме и на домашен и на гостински терен и да го подигнеме нивото од ритамот што е присутен во Македонија. Убеден сум дека публиката ќе се врати и дека Пелистер ќе игра пред полни трибини. Од нас зависи дали ќе ја задржиме или ќе ја испуштиме“.    

Нема коментара:

Постави коментар