11.12.2014.

Хаџиевски: „Пелистер ќе донесе 7 до 10 новајлии, на пролет ќе парираме секому„

НОВИОТ ТРЕНЕР НА БИТОЛЧАНИИ ОТКРИ ДЕЛ ОД ПЛАНОВИТЕ НА ПЕЛИСТЕР ОВАА ПРОЛЕТ
Во интервјуто за СПОРТМЕДИА, тренерот на Пелистер Ѓоко Хаџиевски објасни како ја донел одлуката да се врати на клупата на Пелистер, а се осврна на неговиот поранешен клуб Вардар: „Со луѓето од Пелистер се знам од порано и соработката дојде спонтано во комуникацијата. Тие се во таква ситуација и ги планираа најдобрите опции. Немав некоја определба дека ова би била мојата следна дестинација, бидејќи имав контакти од надвор.
Но, кога разговаравме по вторпат, третпат, се отвораа нови опции, нови можности и перспективи и увидов дека сериозна е работата. Инаку, би бил преголем ризик да се вратам во некоја несигурна ситуација, зашто сум тренер во полна сила, не сум на залез на кариерата. Но, како што стојат работите, подобро да бидам дома, меѓу свои луѓе. Пелистер е клуб со традиција и би било позитивно и јас сум сигурен дека ќе се направи нешто големо. Убеден сум дека тоа ќе биде добро и за македонскиот фудбал, бидејќи ќе се завртат повеќе квалитетни играчи и ќе се зголеми квалитетот, а градот се запали и има многу повеќе публика од порано. Пелистер ќе парира на сите, но во моментов не сме оптоварени со пласманот, единствено што е важно е да обезбедиме опстанок, да направиме добра екипа, да играме добар фудбал и на секој меч да одиме на победа, дали дома или на гости, бидејќи ќе имаме 7 до 10 нови играчи. Овде имам одврзани раце да направам екипа како што мислам, управата има доверба во мене и знаат дека мојот авторитетот отвора многу врати и народот доаѓа на стадион, бидејќи верува во она што можам да го направам јас. Вардар со оваа игра не може да се надева на ништо, тоа го реков јас и во едно интервју пред месец и пол, кога Вардар бегаше десетина бода на врвот на табелата. Со таков фонд на играчи да победуваш во последни минути е несфатливo. Со такви услови, потенцијал и имиња треба да биде класа пред сите. Колку пари дава Работнички, а колку Вардар, а разликата меѓу нив на табелата е само три бода. По методологијата на работа се гледаше дека екипата нема да може да издржи да игра во таа форма. Вардар со овој тим и услови треба да е на ниво на екипи кои играат во Европа, а ако два-три месеци не го чувстуваш прогресот, јасно е дека нешто не е во ред таму, не треба за тоа да се чека цела година. Нефудбалски работи беа во прашање што заминав од Саудиска Арабија. Тоа е очигледно бидејќи кога бев јас бевме трети на табелата, а сега се петти. Не беа резултатите, друга беше причината. Играчите демек имале отпор спрема мене, сум бил престрог, но потоа се дозна вистината, дека управата чекала пари од големите клубови Ал Хилал и Ал Ахли и очекуваа дека со тие пари ќе платат поскап тренер, бидејќи јас бев најскап во Втората лига. Но, кога не дојдоа парите неколку месеци, се бараа други причини за да се разделиме. На крајот подобро беше да се вратам дома“ објасни Хаџиевски.

Нема коментара:

Постави коментар