Powered By Blogger

31. 12. 2014.

Какви последици остави заминувањето на привремената управа на РК Пелистер?

НА ПОСЛЕДНИОТ ДЕН ОД ГОДИНАТА, РК ПЕЛИСТЕР ЈА ОБЈАСНИ СИТУАЦИЈАТА И ПРИЧИНИТЕ ЗА ГОЛЕМАТА И ДОЛГА КРИЗА
Со цел да ја појасни ситуацијата во која се наоѓаше и се наоѓа во овој момент РК Пелистер, клубот на последниот ден од2014 година објави соопштение во кое ја отслика ситуацијата во која се наоѓа трофејниот битолски клуб.

Веќе е крај на 2014 година, а нас ни е должност да се обидеме да ја пренесеме објективната ситуација во која се наоѓаше и се уште се наоѓа ракометниот клуб Пелистер 08 - Битола во изминатава 2014 година. Почнувајќи од самото Собрание на клубот кое се одржа во август 2013 година, а на кое се донесе едногласна одлука за трансформација на клубот во акционерско друштво чиј 100% сопственик на акциите се пријави да биде ГП Пелистер од Битола, до ден денес од нејасни причини клубот не ја реализира законската обврска за трансформација, односно ГП Пелистер од Битола се откажа од процесот на трансформација на клубот. Оваа нивна одлука беше соопштена пред почетокот на натпреварувачката сезона 2014/2015, односно во месец август, кога скоро цел тим на РК Пелистер 08 веќе го имаа напуштено клубот. За периодот кога се одвиваше т.е. кога требаше да се одвива процесот на трансформација клубот, односно потенцијалниот акционер и сопственик ГП Пелистер од Битола си имаше назначено вршител на должност - претседател, членови на управен одбор и членови на надзорен одбор. Во тој период клубот функционираше под раководство на луѓето кои ги имаше назначено ГП Пелистер. Од август 2013 година до мај 2014 година во клубот беа донесени засилувања со кои се претпоставуваше дека ќе биде подобрен играчкиот кадар на клубот и дека ќе можат да се постигнат подобри резултати. За квалитетот на засилувањата воопшто не треба да коментираме, бидејќи ракометна Битола, а и Македонија го виде нивниот потпросечен потенцијал. За иронијата да биде поголема овие засилувања имаа високи плати, кои беа издејствувани од страна на нивните менаџери. Заклучно со 31.05.2014 година, странските играчи беа исплатени до последен денар, а оние кои беа домашни, за возврат не добија ништо, односно клубот им остана должен. Покрај долгот кон играчите, клубот наследи и долгови кои беа направени од привремената управа која ја назначи потенцијалниот акционер ГП Пелистер - Битола. Со нивното откажување од процесот за трансформација и нивната колективна оставка, во клубот останаа тренерите, дел од играчите и уште тројца членови на административниот дел на клубот, кои со огромна и единствена помош на Општина Битола и градоначалникот д-р Владимир Талески, успеаа на некој начин да го одржат клубот во живот и со скромни финансиски средства да го доведат во позиција да се бори за плеј-оф натпреварувањето, кога веќе поголемиот дел од спортската јавност согледувајќи ја ситуацијата што е во клубот, го имаа отпишано и од борбата за опстанок, односно предвидуваа негово крахирање и исчезнување од ракометната мапа. Долговите кои беа наследени од привремената управа, оставија трага во нормалното функционирање на клубот, при што клубот во два наврати беше санкциониран од извршители кои ги наплаќаа долговите кои ги имаше клубот кон одредени правни субјекти. Наместо плати за ракометарите, клубот беше доведен во позиција да исплаќа барања на извршители. Токму поради ова се дојде во една ситуација на вакум простор, кога објективно се доцнеше со исплата на плати и со подмирувања на одредени тековни трошоци кои ги има клубот. Клубот се доведе до ситуација со крајни напори и тешкотии да обезбедува превоз и по еден оброк за ракометарите. Натпреварите и нивното одигрување беше доведено под знак прашалник заради немањето на финансиски средства со кои треба да се регулираат обврските кон официјалните лица за еден натпревар. Учеството во Челинџ купот и сертификатите за двајцата интернационалци и сите останати трошоци ги подмири Општина Битола. Одговорно тврдиме дека во овој изминат период единствено Општина Битола е таа која има полно разбирање за ситуацијата во која што се наоѓа клубот. Ниту една фирма, компанија, бизнисмени, на кои во изминатиов период им се обраќавме во неколку наврати, не најде прилика, можност или начин да го помогне опстојувањето на клубот, при што за таа цел им беше понудено истите доколку се нафатат да раководат со клубот, самите да бидат во позиција да си ги одредат луѓето кои ќе сакаат и за кои сметаат дека треба да го водат клубот. За овие наши тврдења изнесени преку ова соопштение, во клубот постојат соодветни документи со кои недвосмислено се потврдува она што претходно го кажуваме. Препуштени сами на себе и на Општина Битола, се бориме максимално со тренерите, играчите и останатиот стручен штаб, клубот да успее да се извлече од оваа летаргија во која е западнат и  што е можно поскоро да се најде некое излезно решение и со тоа да се обезбеди едно нормално функционирање на ракометниот клуб. Веќе 10 години, овој клуб е во тешка финансиска ситуација, но приказните дека дел од управата, поранешна, сегашна, некои персонални решенија или слични интриги кои се пласираат во јавноста дека тие и само тие не го оставаат клубот и заради нив истиот неможе да биде трансформиран и нормално да функционира, едноставно паѓаат во вода. До ден денес иако имаше неколку јавни понуди клубот да го преземе некој кој соодветно ќе се грижи за него,  ниту една фирма, бизнисмен, компанија и слично не пројави интерес, волја и желба да го преземе клубот. Исто така сакаме да го потенцираме фактот дека на бизнисмените и локалните моќници им беше понудено доколку не се во состојба сами да се грижат за клубот, да го пресликаат германскиот модел на функционирање на дел од ракометните клубови, каде што повеќе фирми и компании се здружуваат и заеднички го водат клубот, со јасна поделба на улогите и одговорностите во истиот. Во оваа прилика сакаме уште еднаш јавно од името на сите оние кои останаа во ракометниот клуб Пелистер 08, да му се заблагодариме на Општина Битола за тоа што не дозволи клубот да пропадне. Искрено се надеваме дека во иднина ќе се најде некое решение и ќе престене оваа неподнослива ситуација и дека конечно клубот ќе почне нормално да функционира, онака како што доликува за еден клуб како Пелистер и за еден град како што е Битола. Во оваа прилика сакаме од името на РК. Пелистер 08 - Битола на сите граѓани на Битола и на Република Македонија да им ги честитаме новогодишните и божиќните празници, со желба за добро здравје и успех на сите полиња

Со почит

РК. ПЕЛИСТЕР 08 - БИТОЛА

Нема коментара:

Постави коментар