Powered By Blogger

16. 9. 2014.

И сред клубска „бура„ Пелистер го склопи мозаикот

ПО ТРИ ПОБЕДИ НА ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ СРЕДБИ, ПЕЛИСТЕР КАКО И МИНАТАТА ЕСЕН ГО БРКА ЕПИТЕТОТ ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА СЕЗОНАТА
Пред две недели кога Пелистер во судиското надополнување прими гол во Кратово и загуби два бода, работите не изгледаа најдобро за момците на Секуловски. Ремито ги однесе повредениот Марковски и казнетиот Трајковски, клубот и натаму не го решил статусот околу продажбата, а фудбалерите бараат привремена управа. Но на теренот пелистерци се однесуваат и играат како да го даваат најдоброто од себе. Против Тетекс и без неколку првотимци, зелените покажаа квалитет, добар пристап и жртвување за клубските бои.
Како награда за тоа стигнаа трите бода, најдобрата партија есенва и второто место на табелата. „Се надевам дека конечно ќе се реши околу статусот на клубот да бидеме уште помирни и да исчезне неизвесноста околу нашата иднина. Можам да потврдам дека напорно работиме и од ден на ден надополнуваме се што пропуштивме во подготвителниот период. Оваа екипа создава препознатлив стил на игра и тоа е добра работа за сите нас. Не респектираме премногу било кој од ривалите во нашата лига, но знаеме дека сеуште не сме направиле ништо. Шкендија е нашиот нов предизвик и знаеме каков противник не очекува в недела. Само со истите карактеристики кои ги покажавме на мечот со Тетекс, можеме да очекуваме позитивен резултат против екипа како Шкендија„ истакна Владица Брдаровски, кој и на позицијата во средниот ред одговара многу добро и зад себе ја остави повредата која го оддалечи 40 дена од фудбалските терени. Но факт е дека и сред клубска „бура„ Пелистер ги погоди засилувањата ова лето и скоро сите новодојдени фудбалери играат одлично, со простор за уште поголем напредок. Крстески и Степановски создадоа одбранбен зид и со само 3 примени гола на 8 меча во шампионатот и Купот, Пелистер има најдобра одбрана во Македонија. Ако минатата година Пашовски беше сигурен со Ковачев и Драгарски пред него, сега истото може да се каже и за новиот тандем централни дефанзивци. Исто така Бошко Ступиќ со квалитетот и искуството успеа да му донесе многу бодови на зелените, а Анастасов има четири директни асистенции и одлично се снаоѓа на позицијата пред одбраната, на која играа од оваа сезона. Повредата е минато и за Миле Петковски кој се зацврсти на бековската позиција, а напредокот на младите Мустафов и Трајковски доведе овој првиот да дебитира за селекцијата до 21 година. По подолг период меѓу стрелците се запиша и Диме Ристевски, а Петар Љамчевски е додадена вредност на овој тим и максимално ги користи минутите кои му ги пружа тренерот Секуловски. Но пред нас е недела на одговори. Дали Пелистер конечно ќе биде продаден и кому и дали и со Шкендија, битолчани ќе изгледаат хомогено и организирано како до сега?


Нема коментара:

Постави коментар