25.04.2014.

Загрижува коленото на Воденичаров

БИТОЛЧАНИ ДИСКРЕТНИ ОПТИМИСТИ ВО ПРЕСРЕТ НА ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ КОЛА ОД ШАМПИОНАТОТ
Тешките натпревари во краток временски интервал и напорот по дождливото време во средата, оставија последици врз фудбалерите на Пелистер. Голем дел од нив се жалат на умор, а најсериозно делува коленото на Димитар Воденичаров.
Најдобриот клубски стрелец оваа пролет ќе биде дозиран на тренинзите до мечот со Работнички в сабота, бидејќи зелените имаат сериозни недостатоци во офанзивната линија и неизвесно е дали ќе имаат здрав напаѓач. Со екипата се врати во тренажен процес Благојче Марковски, кој се повреди со Еуромилк, но има мали опции да настапи. Благојче Главевски има само 15 минути оваа сезона и нема ритам на натпревари, па веројатно не е во комбинација за почеток на средбата. Против Работнички, пелистерци се силно мотивирани да возвратат за убедливиот пораз од 4:0 во првото пролетно коло, во мечот во кој зелените одиграа најслабо оваа сезона.

Демиќ тренира под Тумбе кафе

Подзаборавениот интернационалец од БиХ, Ријад Демиќ кој оваа сезона има само 64 одиграни минути во дресот на Пелистер, повторно е во Битола. Имено офанзивниот фудбалер за врска, се повреди во третото коло на мечот со Хоризонт Турново во Битола, во меч кој заврши 0:0 и беше опериран заради скинати вкрстени лигаменти. Тој го мина процесот на рехабилитација, инвидуално тренираше во Мостар, а од денес се приклучува кон групата на Бочевски, но не постојат шанси за негов настап во последните четири кола. Негова цел е да се опорави и да биде фит за новиот шампионат 2014/15. Со оглед на тоа што договорот со Пелистер му истекува на крајот на овој шампионат, неизвесно е каде Демиќ ќе ја продолжи кариерата.   

Нема коментара:

Постави коментар