Powered By Blogger

29. 11. 2013.

Потврда или прекинување на серијата на зелените во Тетово?


ПО ЧЕТИРИ ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ ПОБЕДИ, ПЕЛИСТЕР ПРОТИВ ШКЕНДИЈА БРКА РЕКОРД И ЗАЧУВУВАЊЕ НА ВРВОТ
Во период на еуфорија за добрите резултати и лидерското место на табелата, Пелистер се насочува кон последната недела од есенската полусезона, во која има три силни теста на зрелоста на младата екипа на Драган Бочевски.
Почнувајќи од гостувањето кај Шкендија, преку реванш Куп мечот со Работнички и гостувањето на незгодниот за битолчани, Напредок ќе се знае колкав е карактерот на битолскиот тим. Серијата од четири последователни победи обврзува и во Тетово, зелените да играат на победа. Настинката на Стенио Жуниор е најголем проблем за стручниот штаб, но во стартниот тим се враќа Томе Китановски. Пелистерци добија слободен ден во четвртокот, а од денес почнаа да ја „коваат„ стратегијата за мечот со тетовските црвено-црни. Во првиот дел од шампионат Шкендија беше поразена под Тумбе кафе со 1:0 со голот на Мартин Ковачев, кој се опорави по повредата и на Автокоманда и по снежниот терен со Гостивар, беше диригент на одбранбениот ред. Во континуинтет добри игри прикажува и Александар Анастасов, кој оваа есен направи голем исчекор во својата кариера: „Ние направивме голема работа овој месец, но тоа дополнително не мотивира да ја завршиме работата. Шкендија е предизвик, а изгледот на табелата не говори реално какви поединци има оваа екипа. Веројатно ќе играме со најтешкиот можен противник во овој момент. Но начинот на кој ги подготвувавме претходните средби, пристапот и борбеноста се рецептот како треба да играме и во Тетово. Впрочем на теренот во Тетово веќе еднаш славевме кога игравме со Ренова„ заклучи младиот фудбалер за врска на Пелистер. Утре на последниот тренинг Бочевски ќе го одлучи тимот кој ќе му се спротистави на Шкендија в недела, а постои можност шанса да добијат Воденичаров и Љубенов, а со враќањето на Китановски ќе има мало поместување и во одбранбената линија. Битолчани како и на гостувањата кај Хоризонт Турново и Металург, уште во сабота патуваат во карантин во градот кај ќе се игра средбата, за да го избегнат долгиот пат пред самата средба и да го зацврстат тимскиот дух.

Нема коментара:

Постави коментар