Powered By Blogger

27. 11. 2013.

Воденичаров поумешен од снегот и од Гостивар

ГОЛОТ НА РЕЗЕРВИСТОТ ВОДЕНИЧАРОВ, ГО ЗАДРЖА ПЕЛИСТЕР НА ВРВОТ НА ПРВЕНСТВЕНАТА ТАБЕЛА
Прва фудбалска лига - 17 коло
Пелистер - Гостивар 1:0 (0:0)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 400
Главен судија: Симеон Стефков
Асистенти: Тони Стојановски и Џенан Хајдари (сите од Скопје)
Делегат: Горан Михајловски (Скопје)
Стрелец: Воденичаров во 77 минута за Пелистер
Жолти картони: Брдаровски, Алтипармаковски (Пелистер), Хоџиќ, Ибраими, Лога (Гостивар)
Црвени картони: нема

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Драгарски, Ковачев, Миленковски, Христов (од 90м. Трајковски), Мојсов, Анастасов (од 67м. Воденичаров) , Елмазовски, Стенио Жуниор, Алтипармаковски 3 (од 87м. Љамчевски)

Гостивар:
Незири, Демири, Дамир, Дехари, Лога, Велија, Белули, Шаини, Цветановски, Џафери (од 54м. Саљиу), Хоџиќ

Играч на натпреварот:
Владица Брдаровски (Пелистер)
            Во полурегуларни услови на терен покриен со снег и без циркулација на топката како што е вообичаено, Пелистер и Гостивар покажаа витештво и голема борба. Зелените преку Марјан Алтипармаковски во првите 10 минути два пати се заканија, но недостигаше завршен удар. Во 13 минута првата голема шанса ја имаа гостите. По акцијата на Шаини по левата страна, топката среќно стигна до Лога, кој пласираше од 16 метри, но топката заврши за малку над пречката. Илир Елмазовски се обиде од слободен удар во 19 минута, но шутот во голмановата страна, Незири без проблем го одбрани. Во 27 минута во центаршутот на Елмазовски, гостинскиот голман Незири успеа да избоксува во петерецот. Се играше 31 минута кога Филип Миленковски се охрабри и биеше од 30 метри, но централниот негов шут лесно го прифати Незири. Во 36 минута еден од најактивните, Илир Елмазовски шутираше од работ на казнениот простор, но ударот заврши над пречката. Најзрелата шанса ја имаше Мартин Ковачев, кој распали од слободен удар во 41 минута, но Незири пантерски од под пречка ја исфрли топката во корнер. Минута подоцна Алтипармаковски мина по левата страна, но му недостигаше луцидност при завршниот центаршут. Видлива беше желбата на битолчани и покрај тешките услови да го отворат резултатот, но гостиварчани организирано се бранеа и го имаа расположениот Незири. Црвените во последните секунди од првиот дел се заканија преку Џафери кој малку недостигаше да го мине Пашовски и да ги изненади домашните дефанзивци.
            Вториот дел започна со уште поголема желба кај пелистерци да ја втурнат топката во гостинската мрежа. Николај Христов млако биеше во 59 минута, но централно право во рацете на гостинскиот голман. Тренерот на Гостивар Мите Мирев го внесе Саљиу на место на Џефери да го освежи средниот ред на новиот прволигаш. На половина од вториот дел, Ѓорѓи Мојсов одлично шутираше од слободен удар од работ на шеснаесетникот, но Незири по втор пат ја извади топката од под пречката и спречи сигурен гол. Минута подоцна и Гостивар имаше голема шанса по контранападот, по кој Лога за малку биеше крај дирекот на Пашовски. Моментот на одлука се случи во 77 минута, кога Брдаровски со одлична топка го лансираше Воденичаров сам пред Незири и со силен шут по земја го отвори резултатот. Пелистерци знаеа како да го чуваат минималното водство. Бочевски ги внесе Љамчевски и Трајковски, го згусна средниот ред и битолчани прокнижија битна четврта по ред победа во државниот шампионат.  
Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)
            Сакам да им честитам на фудбалерите на двете екипи кои на невозможниот терен одиграа максимално борбено, со многу трчање и витештво. Имавме повеќе умешност и среќа и стигнавме до бодовите што и беше наша цел, бидејќи во вакви натпревари само резултатот е важен.
           

Мите Митев
(тренер на Гостивар)
            Видовте како игра мојата екипа и можам слободно да кажам дека домаќинот со многу среќа успеа да не победи. Имавме и ние свои моменти и штета што не успеавме да постигнеме гол. Сепак убеден сум дека со ваква игра ќе опстанеме во лигата. Честитки за Пелистер за одличниот прием и организација. 
           
            .          
             

Нема коментара:

Постави коментар