Powered By Blogger

3. 11. 2013.

„Луд„ Пелистер за сензација на „Кукуш„


ВТОРА ГОСТИНСКА ПОБЕДА И ПО ЧЕТИРИ КОЛА БЕЗ ТРИУМФ, ПЕЛИСТЕР СЕ „БУДИ„ КРАЈ СТРУМИЦА
Прва фудбалска лига - 14 коло
Хоризонт Турново - Пелистер 0:2 (0:1)

Стадион „Кукуш„ - Турново. Гледачи: 500
Главен судија: Марјан Ецкоски
Асистенти: Жарко Тодоровски (Охрид) и Ацо Мацески (Струга)
Делегат: Иван Путилин (Скопје)
Стрелци: Љубенов во 37 и Стенио Жуниор во 75 минута за Пелистер
Жолти картони: Мутафчиски, Својиќ (Хоризонт Турново) Анастасов, Трајковски, Драгарски, Мојсов, Љамчевски (Пелистер)
Црвени картони: Мутафчиски во 71 минута за Хоризонт Турново

Хоризонт Турново:
Димовски, Ташев, Мутафчиски, Митрев, Стоилов (од 46м. Најденов) , Блажевски, Наумчевски, Својиќ, Ејупин (од 60м. Ристовски), Пандев (од 77м. Мавров), Вареловски

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Драгарски, Мојсов, Миленковски, Анастасов, Љамчевски (од 90. Велевски), Љубенов, Tрајковски (0д 84м. Георгиев), Стенио Жуниор, Алтипармаковски

Играч на натпреварот:
Стенио Жуниор (Пелистер)
            Со видно изменет тим без повредениот Ковачев и казнетите Китановски, Христов и Елмазовски, тренерот на Пелистер Драган Бочевски ја трансформираше одбраната и средниот ред. Го придодаде Ѓорѓи Мојсов до Драгарски како централен дефанзивец, го врати Миленковски како лев бек, а во средниот ред во меч за бодови дебитираше 17 годишниот Јовче Трајковски. Во 10 минута бугарскиот интернационалец Љубен Љубенов од слободен удар само ги местеше нишанските справи – биеше за малку крај десниот дирек на Димовски. На идентичен начин возврати Дејан Блажевски во 15 минута, но на патот до мрежата топката го погоди Ејупи и го амортизира ударот. Четири минути подоцна по центаршутот на Ташев, највисоко скокна Музафер Ејупи, убаво биеше со глава, но Пашовски одби во корнер. Најзрелата шанса турновци ја имаа во 25 минута, кога гостинската одбрана лошо процени една висока топка од Вареловски од десната страна, па Блажевски изби сам пред Пашовски, можеше да бира каде ќе бие, но Пашовски му го одбрани централниот шут. Најубавиот момент во мечот се случи во 37 минута кога Љубенов „расплали„ од 30 метри, ниту мрдна немоќниот Димовски и битолчани поведоа. Одговорот на турновци стигна во 39 минута кога бугаринот Мутафчински со глава биеше по центаршутот на Пандев, но ударот заврши за малку крај голот. Првиот дел заврши со слободниот удар на Дејан Блажевски и интервенцијата на Пашовски во корнер во 43 минута. Искусно и мудро одигран првиот дел на екипата на Бочевски.
           
На почетокот на продолжението, домашните бели жестоко го притиснаа Пелистер во неговиот казнен простор, но недостигаа зрелите шанси. Сашко Пандев се обиде директно од корнер, но Горан Пашовски избоксува во поле. Во 57 минута од неколку метри Пандев пак имаше можност, но Мојсов му влезе во шутот и спречи голема опасност. Се играше 64 минута кога по центаршутот на Блажевски, со глава биеше Митрев, но над голот. Одлуката ја донесе бразилецот Стенио Жуниор во периодот меѓу 71 и 75 минута. Најнапред по убавата топка во празно од одличниот Анастасов му побегна на Мутафчиски, кој го сруши и главниот судија на бугаринот му покажа директен црвен картон. Четири минути подоцна истите актери придонесоа за вториот гол на зелените. Анастасов во празно го најде Стенио Жуниор, кој изби пред Димовски, го мина и ја смести топката во небранетата мрежа. Трет гол во шампионатот на бразилецот, кој играше променливо во претходниот период. До крајот пелистерци имаа уште три шанси за трет гол. По акцијата на Љубенов, Марјан Алтипармаковски убаво мина и биеше по земја, но Димовски одби во корнер. Во 78 минута по корнерот на Љубенов, со глава шутираше Драгарски, но неговиот шут заврши за малку крај дирекот. Во 90 минута одличниот Љубен Љубенов пак го најде Алтипармаковски кој се направи како што треба, бише дијагонално, но за малку крај дирекот. Со десеткуван тим, Пелистер стигна до значајни три бода на „Кукуш„ и ја прекина серијата од еден месец без победа во меч за бодови.      

Нема коментара:

Постави коментар