Powered By Blogger

24. 11. 2013.

Охриѓани до реми во драматичен финиш

ИАКО НА КРАЈОТ МОЖЕШЕ ДА ИЗЛЕЗЕ СЕКОЈ МОЖЕН РЕЗУЛТАТ, ОХРИД И ПЕЛИСТЕР РЕМИЗИРАА ВО САЛАТА „БИЉАНИНИ ИЗВОРИ„ 
Охрид - Пелистер 22:22 (11:10)

Охрид:
Пецаков (2 одбрани), Китевски, Костески (11 одбрани), Анѓелкоски, Томоски, Андоновски 1, Б. Белевски 1, Мирков, Николовски, Трифуноски 4, Тасески, Поп-Стефанија 3, Соколов 3, Крстески, В. Белевски 3, Димитриоски 7

Пелистер:
Нкуингуа (12 одбрани), Талевски, Игнов, Дрогришки 5, Блажевски 4, Димитриовски 3, Босеовски 1, Рајатовски, Вешовски 5, Димитриески 2, Стефаноски, Нечков, Митревски, Чурлески 2, Божиновски, Печенковски
Со погодокот на пивотменот Атанас Поп-Стефанија на пет секунди од крајот на мечот охридските сини освоија бод со Пелистер, ремизирајќи 22:22 (11:10) во 11 коло од Супер лигата. Со второто реми на домашен терен избраниците на охридскиот стратег Горан Андоновски ставија точка на серијата од четири порази во низа. Натпреварот во „Билјанини Извори“ охриѓани не го започнаа најдобро, особено во нападот каде по 13 минути игра имаа постигнато само два погодоци, а на семафарот стоеше (7:2) за гостите. По минутата одмор „гладијаторите“ влегоа во гол серија која до 22-та минута ги донесе до „егал“ 8:8, а со голот на Трифуноски и до прво водство од 9:8. Тоа домашните ракометари знаеаја како да го сочуваат до крајот на првиот дел и на одмор заминаа со плус еден 11:10. На стартот од вториот, охридските ракометари стигнаа до предност од два погодоци, но, место да продолжат тие подзастанаа, а „зелено белите“ возвратија со серија која им донесе нова позитива овој пат од 16:14. Тогаш се разбуди охридската публика која не ги остави на цедило домашните ракометари. Поддршката од целата сала им даде дополнителен мотив на охриѓани кои го анулираа водството на битолчани и влегоа во драматична завршница. Во последната минута нападот им припадна на домашните ракометари кои преку Димитриовски не успеаја да ја погодат целта, а тоа го направи Димитриески од гостинскиот табор. На семафорот стоеше (59:55) кога пивотменот“ Поп-Стефанија со погодок ја круниса маестралната асистенција на Бојан Белевски и донесе историски бод за охридскиот состав. Со бодот против Пелистер ракометарите на Охрид стигнаа до 11-от сезонава и тоа сите освоени во „Охридската тврдина“.
Андоновски: „Голем ден за ракометот во Охрид“

Без победник 22:22 заврши дуелот меѓу Охрид и Пелистер во 11 коло од Супер лигата. Предводникот на „сините“, Горан Андоновски е задоволен од играта на своите избраници, а крајно револтиран од судискиот тандем Николов - Начески „Ова е голем ден за ракометот во Охрид. Никој во градов не очекуваше дека ќе успееме да останеме непоразени на мечот со Пелистер. Евидентно е дека работиме напорно и може само да биде подобро. Со едно засилување во нападот добивме повеќе опции и ветуваме тешка борба за опстанок до крајот на сезоната. Воопшто не сум задоволен од арбитражата на судискиот двоец Николов - Начески кои се меѓу десетте најдобри во Европа. Јас барам да имаме вакво судење кога играме надвор од Охрид, а не како против Преспа кога на домаќинот му се дозволуваше напад по пет минути рече охридскиот тренер Горан Андоновски.
Костадиновски: „Не очекувавме ваков отпор од домаќинот“

Само пет секунди ги делеше битолските ракометари од победа во Охрид и освојување на целиот плен. Радоста им ја скрати охридскиот пикер, Атанас Поп-Стефанија, кој погоди за егал на пет секунди од истекот на 60-те минути „ Наивноста и неискуството на ракометарите во последните секунди од крајот на натпреварот не чинеше победа. Со еден тактички фаул, ќе ја заправме играта и немаше да има време за напад кон нашиот гол. Бодот на крајот е реален исход и морам да кажам дека изненаден сум од отпорот на охридскиот состав кој ни го пружи„ рече стратегот на битолчани, Ристо Костадиновски.

Нема коментара:

Постави коментар