Powered By Blogger

28. 11. 2013.

Пелистер се надмина себеси оваа есен

ТИМОТ ВО МОДА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ ГИ НАДМИНА И НАЈГОЛЕМИТЕ ОПТИМИСТИ ОВАА ПОЛУСЕЗОНА
На само две кола до крајот на фудбалската есен и точно на половина од целата сезона, Пелистер може дефинитивно да се окарактеризира како најпријатното изненадување во сезоната. Не само заради скокот од екипа која преку бараж обезбеди опстанок, до ко-лидер на табелата, туку и заради начинот на кој стигна до врвот.
По поразот од Ренова во 13 коло, Пелистер беше поблиску до дното отколку до врвот. Тогаш екипата на Бочевски покажа неверојатен карактер и врза четири последователни победи, што оваа екипа не го направила одамна, па дури ни во Втората лига. Подвигот е уште поголем ако се знае дека Пелистер на скоро секој меч беше со дефанзивни проблеми, заради повредите на Ковачев и суспензиите на Драгарски и Китановски. Она што на никој не му успеало во интервал од две недели го направија битолските зелени. Победите на „Кукуш„ и во Автокаманда се вистинска реткост за секој клуб во нашата земја, а Пелистер ги оствари на убедлив начин. Посебно тешки беа 90 снежни минути против Гостивар, каде пелистерци имаа серија на проблеми да го најдат патот до водството и победата. И тогаш на најфудбалскиот начин со прекрасна комбинација на Брдаровски и Воденичаров, успеаа да го направат тоа што не им успеваше по серија на удари од дистанца, мешаници, гужви по корнери и слично. По мечот битолските симпатизери и стручниот штаб им се „поклонија„ на фудбалерите за ангажманот, желбата и континуитетот. Но Пелистер се наоѓа на половина од пеколниот ритам на крајот на ноември и почетокот на декември. Неделното гостување кај Шкендија во Тетово е враќање на местото каде екипата на Бочевски ја забележа првата победа во гости во првенството. Таму Бочевски ќе може да смета на Томе Китановски, кој заради акумулација на картони не играше со Гостивар. Заради важноста на тој меч, но и на оној кој следи три дена подоцна со Работнички во Купот, битолчани не можат многу да ротираат, иако заради трудот по снежниот терен и напорите на мечот со Гостивар, постои можност од неколку замени или освежувања во стартниот тим. Полусезоната зелените ќе ја завршат против Напредок наредниот викенд, каде најверојатно ќе играат без Стенио Жуниор, кој заради приватни причини ќе мора неколку дена порано да се врати во Бразил. Токму тој, одличниот Жуниор за прв пат во кариерата играше на снег во средата и покрај тешките услови ја потврди добрата форма и хемијата во екипата на Бочевски. И бугарските засилувања донесоа плодови оваа пролет. Ковачев беше автор на единствениот гол со Шкендија во Битола, Љубенов го отвори резултатот во Турново, во средата од клупата човек на одлука беше Димитар Воденичаров. Каков ли ќе биде Пелистер на пролет со Диме Ристевски и Благојче Главевски кои ќе бидат првите засилувања во 2014 година, откако се наоѓаат во завршна фаза на рекуперација по повредата. За да не биде само есенски хит, Пелистер ќе мора во последната недела од полусезоната да ја потврди формата која на своја кожа ја почуствуваа Хоризонт Турново, Брегалница, Металург и Гостивар.

Нема коментара:

Постави коментар