Powered By Blogger

25. 11. 2013.

Нов еуфоричен бран во „зелената„ Битола

ПОБЕДАТА НАД МЕТАЛУРГ ОТВОРА НОВИ ХОРИЗОНТИ ВО ПЛАНОВИТЕ НА ПЕЛИСТЕР ОВАА СЕЗОНА
Како се доближува крајот на полусезоната, Пелистер влегува во се подобра форма и веќе го направи тоа што на никого не му успеа оваа есен. Ги совлада Хоризонт Турново и Металург и тоа во гости и пак се приклучи во водечката група, откако пред четири недели падна на делба на седмото и осмото место.
Малкумина веруваа дека поразот од Ренова може да биде пресвртница, зелените да се мобилизираат и без неколку стандардни првотимци да нанижат три победи. Со импровизирана одбрана во која често недостигаа и Драгарски и Ковачев, тренерот на битолчани Бочевски најде рецепт како да ја задржи екипата компактна и ги менуваше Мојсов, Китановски, па и Брдаровски на позиции на кои тие не играат вообичаено. Како резултат на таквата мобилизираност, Пелистер покажа карактер кога можеби сите го отпишаа „Мислам дека го достигнавме потребното ниво на игра, кога сезоната доживува најбитни натпревари. Одигравме многу зрело и тоа ме тера да се надевам дека ова е вистинската сезона за блесок на Пелистер во домашниот шампионат. Сите знаеме дека не сме направиле ништо ако не ја завршиме нашата работа во преостанатите четири средби оваа есен. Ако не го совладаме Гостивар в среда во Битола, нема да му дадеме значај на трите бода од Автокоманда„ ни рече Ѓорѓи Мојсов, кој е еден од ретките кој беше во ростерот кога Пелистер последен пат играше во Европа. А како што тогаш Битола го славеше Адриано Миранда, сега го слави Стенио Жуниор, кој го достигна потребното ниво на форма како сезоната одминува. Четирите негови гола против Металург се показател и за квалитетите и за карактерот на 22 годишниот бразилец. Вчера екипата тренираше под Тумбе кафе без Илир Елмазовски, кој превентивно одмараше, но би требало да му се стави на располагање на Бочевски за мечот со Гостивар. За тој меч се враќаат и Драгарски и Николај Христов, но заради пет жолти картони нема да настапи Томе Китановски. Така со видоизменет тим, пелистерци ќе мора да се спуштат на земја по сите комплименти во последните неколку недели. Кога последен пат играа со Гостивар во Битола, славеа со 2:0 во Втората лига, а во првиот дел од шампионатот, мечот на овие две екипи на теренот на новиот прволигаш заврши 1:1. И покрај ладното време и можноста за врнежи од дожд и снег, битолските симпатизери и „Чкембарите„ се подготвуваат во голем број да го дочекаат овој меч сред недела и да му дадат дополнителен „ветер в грб„ на битолските фудбалери на презимат на самиот врв на првенствената табела.
Чкембарите и Пелистер - нераскинлива врска

Победата над Металург во Скопје значеше прекинување на црната серија во меѓусебните дуели со скопските зелени и по четири години повторно радост на битолчани на стадионот во Автокоманда. Ниту ладното време, ниту дождот, не ги спречи битолските навивачи „Чкембарите„ во неделата околу 19 часот по мечот, да се соберат во голем број и во центарот на Битола да ги пречекаат фудбалерите и стручниот штаб по враќањето од Скопје. Скоро еден час тие ги скандираа имињата на фудбалерите, ги пееа препознатливите чкембарски песни, а најизвикуван беше Стенио Жуниор. Треба длабоко да се побара во историјата за да се пронајде податокот кога последен пат еден фудбалер на Пелистер постигнал четири гола на еден гостински меч на битолскиот клуб. Стенио Жуниор на коленици низ главната улица го вееше зеленото знаме, а потоа се фотографираше со најверните навивачи и најмладите. Битолчани се прашуваат како ли ќе изгледа нивниот град на нешто поголем подвиг од една обична првенствена победа.

Нема коментара:

Постави коментар