08.07.2014.

Пелистер и Општина Битола не се откажуваат од „Тумбе кафе„

БИТОЛЧААНИ ВЕРУВАТ ДЕКА ЌЕ ГИ САНИРААТ НЕДОСТАТОЦИТЕ НА СТАДИОНОТ ПОД ТУМБЕ КАФЕ
Битолскиот прволигаш Пелистер не се откажува од својот стадион „Тумбе кафе“ и покрај тоа што со последната одлука на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на овој стадион не може да се игра прволигашки фудбал.
Од општина Битола, која е сопственик на клубот, информираат дека се запознати со ситуацијата веќе неколку недели и веќе работат на отстранување на недостатоците за да има минимални услови за одигрување на прволигашки натпревари под „Тумбе кафе“. Општината е оптимист дека ќе ги санира недостатоците до почетокот на првенството. Главен проблем се соблекувалните, подтрибинскиот простор и влезот на стадионот. Пред неколку години беше направена санација на стадионот, но сега е потребна нова. УО на ФФМ на својата последна седница го прифати извештајот на Телото за инфраструктура, според кој стадионот во Битола не е прифатлив за одигрување прволигашки средби и треба да се направи „комплетна реконструкција на просториите во подтрибинскиот простор, да се постават столчиња на трибината и да се уреди пристапот кон стадионот“. Покрај на „Тумбе кафе“, натпревари од Првата лига не може да се играат ниту на „Градскиот стадион“ во Тетово, како и на „Железарница“ во Скопје.

Нема коментара:

Постави коментар