Powered By Blogger

9. 12. 2013.

Есенски подвиг на Пелистер и Бочевски

НАСМЕВСКИ, ЗАДОВОЛСТВО И ИМПРЕСИИ ПО НАЈДОБРИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ НА ПЕЛИСТЕРЦИ ВО КЛУБСКАТА ИСТОРИЈА
Со победата од 4:0 против Напредок во неделата, Пелистер зад себе ја остави најплодната есен во однос на освоени бодови, а и ретко кога можел да се пофали со така високо место на првенствената табела.
Со 34 освоени бода по 19 кола, од кои 20 под Тумбе кафе и 14 на гостувањата, екипата на Бочевски постави сопствен рекорд, а охридскиот стручњак дури и го подобриот есенскиот дел од претходниот шампионат со Напредок. Ако минатата сезона, зелените по 33 кола имаа 38 бода и преку бараж го обезбедија опстанокот, сезонава видлив е напредокот и тоа во сите структури на клубот. Иако Пелистер организационо треба сеуште да расте, квалитативно тимот од Битола има многу повеќе опции за разлика од претходните сезони. Бразилецот Стенио Жуниор и бугарските интернационалци ги оправдаа очекувањата, искусните Пашовски и Мојсов со враќањето во старото јато ги поведоа помладите во одличен микс, кој донесе две многу позитивни серии. Одличниот старт со 11 бода од првите 5 кола и завршницата во која зелените забележаа 5 победи од последните 6 средби. Веројатно клучен фактор беше надминувањето на комплексот од гостувањата. За разлика од претходните сезони, Пелистер загуби само еднаш од девет гостувања (во Штип) и успеа да добие на терените каде оваа сезона, а многу ретко и во минатите, никој не победувал (во Турново и на Автокоманда) Одлична полусезона имаше Александар Анастасов, кој веројатно е фудбалерот со најголем континуитет во екипата, по шесте месеци на одстапка во прилепски Корзо минатата пролет. Веројатно битолчани ќе имаа и некој бод повеќе ако не им се случија серија на малери во повредите на Демиќ и претходно Ристевски и Главевски или ако имаа повеќе среќа со судиските одлуки. Но тоа им се случува на сите екипи во лигата, па грешките на крајот се поклопуваат кај сите прволигаши. Пелистер деновиве ќе го дефинира буџетот за втората полусезона и воедно за цела 2014 година и потоа ќе се знае процесот на зацврстување на кадарот за пролетта. Целта е да се потврди групата која стигна до врвот, а први засилувања ќе бидат капитенот Диме Ристевски и голгетерот Благојче Главевски, кои веќе тренираат и од средината на јануари ќе ги започнат зимските подготовки со остатокот на екипата. Исто така во планирањата на битолчани се враќањата на Апостоловски, Магловски, Мустафов и Дуков кои беа пратени на одстапка да соберат драгоцено искуство. Поинаков е случајот со Лескароски кој во Еуромилк го потврди своите квалитети, со кои се наметна минатата сезона и во Пелистер. Неколку фудбалери кои оставија трага оваа есен се на цена и нема да биде лесно Пелистер да ги задржи во зимскиот преоден рок. Прв на листата е Стенио Жуниор за кого има понуди од сите страни, од домашните клубови и од странство. Половина од правата врз фудбалерот ги поседува бугарскиот Литекс, чија проценка да го прати во Битола беше исправна. Бразилецот со 7 првенствени и 1 куп погодок, најдобар е стрелец за пелистерци оваа полусезона. И ако со водечките на табелата имаат одличен скор, битолчани ќе мора да го подобрат скорот со екипите од долниот дом со кои загубија многу бодови во првите 19 кола. Веројатно единствен кикс, ако може така да се нарече, е елиминацијата од националниот Куп во четвртфиналето од Работнички. Можеби возвратниот меч дојде во незгоден момент и битолчани заради серија на објективни и субјетивни причини не успеаа да го дадат својот максимум. По шест години можноста да ја видат Европа, ќе мора да ја потврдат во 14 пролетни мечеви, во кои Пелистер повеќе нема да биде моментален хит, туку македонска фудбалска реалност.

Нема коментара:

Постави коментар