Powered By Blogger

5. 12. 2013.

Заморот и повредите ги стигнаа пелистерци, кога најмногу требаше


ПО 25 АВГУСТ И ПОРАЗОТ ВО ШТИП, ПЕЛИСТЕР НА ПОСЛЕДНОТО ГОСТУВАЊЕ ВО 2013 ГОДИНА, ПОВТОРНО ПОРАЗЕН
Елиминацијата од националниот Куп за сметка на Работнички е првиот голем удар за Пелистер во периодот на серија на позитивни резултати. Како и пред четири сезони, минималната победа од 1:0 во Битола, не беше доволна да се обезбеди полуфиналето.
Серијата на тешки натпревари, по невозможни услови за игра си го стори своето и Пелистер во најважниот меч есенва, не беше максимално физички и ментално подготвен. Уморот и повредата на Стенио Жуниор си го сторија своето и Бочевски скоро и да беше принуден да игра со еден напаѓач, затворено во поголем дел од средбата и со малку доза на ризик. И ако во првото полувреме тој систем на игра делуваше мудро, тактички дисциплинирано и ги лимитира противничките напади, во продолжението физичкиот пад беше евидентен. Наместо на 35-40 метри од голот на Пашовски, акциите на Работнички се одвиваа многу поблиску, близу казнениот простор, а посебно по влегувањето на Демир Имери притисокот стана се поголем. Капитенот Горан Пашовски знае дека тој и соиграчите дадоа максимум на националната арена „Филип втори„ „Мислам дека не стигна уморот по серијата на тешки мечеви во кои главно игравме со истиот состав. Многу мои соиграчи играа повредени, ровити и евидентно беше дека нашиот ритам падна во второто полувреме. Штета што бевме многу блиску до полуфиналето, но не успеавме. Сепак против нас имавме квалитетен противник, кој во средата мора да се признае посебно во вториот дел, не надигра. Мора да се рекуперираме што е можно подобро, бидејќи в недела со Напредок, кого добро го познавам, воопшто нема да ни биде лесно„ заврши искусниот голман. Пелистер покрај уморот в недела ќе мора да се справи и со изостаноците. Николај Христов има пет жолти картони, Стенио Жуниор ја заврши својата полусезона, а Анастасов се пожали на повреда на мускулот во финишот на првиот дел од мечот со Работнички и е неизвесен.
Стенио Жуниор на пат за Бразил

Повредата во раната фаза од мечот со Шкендија во неделата ја спречи можноста бразилецот за прв пат да настапи на националната арена „Филип втори„ Неговата повреда не е наивна и ќе ја лекува во Бразил. Се предвидува дека за 2-3 недели ќе биде во можност да започне со тренинзи. Утре преку Софија, Амстердам и Лисабон, Стенио Жуниор се враќа во Форталеза (Бразил) каде ќе го почне својот едномесечен одмор. За него голем ден ќе биде 13 декември, кога ќе „рипне во тавче„ и неговото враќање во татковината беше искалкулирано и пред да се повреди.  

Нема коментара:

Постави коментар