Powered By Blogger

4. 12. 2013.

Кобни последни 15 минути за пелистерци во Купот

СЛИЧНО КАКО ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ, ПАК РАБОТНИЧКИ КОБЕН НА ПАТОТ КОН КУП ТИТУЛАТА ЗА БИТОЛСКИ ПЕЛИСТЕР
Куп на Македонија - Четвртфинале (втор натпревар)
Работнички - Пелистер 2:0 (0:0)

Национална арена „Филип втори„ - Скопје. Гледачи: 500
Главен судија: Горан Спиркоски
Асистенти: Илчо Јорданоски и Зоран Костоски (сите од Прилеп)
Делегат: Марјан Стојкоски (Прилеп)
Стрелци: Имери во 77 и К. Велковски во 86 минута за Работнички
Жолти картони: Петровиќ, Силјановски (Работнички), Драгарски, Миленковски,Елмазовски, Китановски  (Пелистер)
Црвени картони: нема

Работнички:
Зечевиќ, Тодоровски (од 90м. Најдоски), К. Велковски, Силјановски, Д. Велковски, Сулејманов (од 61м. Маркоски), Петровиќ, Милушев, Трајчевски (од 61м. Имери), Зајков, Илиевски

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Драгарски, Ковачев, Китановски,  Христов, Мојсов (од 84м. Љамчевски), Елмазовски, Анастасов (од 46м. Љубенов), Миленковски (од 89м. Воденичаров), Алтипармаковски

Играч на натпреварот: 
Демир Имери (Работнички)
По сончево време на националната арена „Филип Втори„ Работнички и Пелистер мораа и без најдоброте напаѓачи Маневски и Стенио Жуниор, кои заради повреди го пропуштија овој најважен меч во полусезоната. Првата закана ја имаше Марјан Алтипармаковски кој од мртов агол во 3 минута, не пронајде начин како да го матира Златко Зечевиќ. Работнички возврати со два удари од аголот, а по еден од нив Благоја Тодоровски наместо центаршут, директно биеше, Пашовски со врвот на прстите ја допре топката и таа од пречката се одби во поле. Се играше 21 минута кога од десната страна центрираше Илиевски до главата на Дарко Велковски, кој биеше крај левиот дирек на битолчани. Во 31 минута по четвртиот домашен корнер, центрираше Милушев, највисоко скокна Ѓоко Зајков, но ударот со глава не беше закана за Пашовски. Херметички затворениот тим на Пелистер, ги неутрализираше дебармаалци, кои имаа постојан посед на топката, но главно хоризонтално и без закани и директни удари кон битолскиот гол. Зелените најзрелата шанса ја имаа во 42 минута, кога Илир Елмазовски изведе скратен корнер, Драгарски постави глава, но за малку го префрли голот на Работнички. Последната шанса пред одморот ја имаше Душко Трајчевски, кој по петтиот домашен корнер, одлично биеше со глава, за малку крај десната гостинска статива. Мудро прво полувреме на момците на Бочевски и позитивна нула на одмор.
На стартот на вториот дел, бугаринот Љубенов влета во средниот ред на местото на повредениот Александар Анастасов. Во 55 минута по слободниот удар на Петровиќ, топката среќно стигна до Крсте Велковски, кој веднаш шутираше, но Христијан Драгарски му влезе во ударот и спречи голема опасност. Ангеловски ги внесе во игра Имери и Маркоски за да ја засили иницијативата и домаќините имаа неколку опасни ситуации, но одбраната на битолчани беше на висината на задачата. Во 69 минута од позиција на мртов агол Илиевски „фати„ волеј, но биеше високо преку голот. Притисокот на бело-црвените стануваше се посилен и посилен и епицентарот на возбудувањата главно беше на 20-30 метри од голот на Пелистер. Во 75 минута, фудбалерите на Работнички ја изведоа најубавата акција во мечот, на која му недостигаше само прецизен завршен удар. Дарко и Крсте Велковски комбинираа, топката брзо дојде до Демир Имери, кој биеше од 10-12 метри од десно, но неговата дијагонала заврши крај голот. Но затоа во 77 минута од левата страна топката по земја ја упати Силјановски, ја промашија сите дефанзивци на Пелистер и на Имери му се укажа зицер од само 6-7 метри, кој го искористи и го отвори резултатот. На 13 минути пред крајот, дебармаалци го израмнија скорот од првата средба. Во 82 минута од преку 30 метри распали Дарко Велковски и Горан Пашовски со крајни напори ја исфрли топката во корнер. Минута подоцна и Имери шутираше со левата нога од тработ на казнениот простор и пак Пашовски интервенираше, исфрлајќи во корнер. Иницијативата на домаќините комплетно го сврте резултатот на четири минути до крајот. Имери пак центрираше од десната страна, Дарко Велковски врати на пеналтикот, каде Крсте Велковски не се двоумеше и со силен удар го принуди Пашовски на капитулација. Бочевски го внесе Воденичаров, но преостанаа само уште 7-8 минути, во кои и покрај напорот Пелистер не успеа да го постигне толку посакуваниот гол за полуфинале. По Металург, Брегалница и Тетекс, скопски Работнички е последниот полуфиналист во Купот на Македонија.          

Нема коментара:

Постави коментар